Капитал низ тунелите и преку вијадуктите на автопатот Демир Капија – Смоквица
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА
Автопатот се гради со полна пареа. Завршен е првиот од шесте големи моста како и четирите витални тунели. Веќе се асфалтирани и првите километри од трасата на автопатот, а и на останатите мостови се работи интензивно и се очекува нивно скорешно завршување. Помеѓу изведувачите на градежните работи се дебатира околу евентуално одложување на пуштањето на патот неколку месеци после крајниот рок (август 2016), но според многумина се уште е возможно патот да биде завршен и навреме. Градежниците уште од сега го оценуваат автопатот како еден од најтешките кој воопшто го изведувале, а проценките велат дека тој двојно ќе го скрати патувањето помеѓу Демир Капија и Гевгелија.

Завршен е првиот од шесте големи моста на новиот автопат Демир Капија-Смоквица како и четирите витални тунели кои треба да го комплетираат македонскиот дел од Kоридорот 10. Веќе се асфалтирани и првите километри од трасата на автопатот, а и на останатите мостови се работи интензивно и се очекува нивно скорешно завршување. Ова новинарот на Капитал успеа да го констатира на лице место од градилиштето каде што се привршува еден од најсложените инфраструктурни проекти во Македонија, а истовремено и помеѓу најзначајните за земјава и за регионот.

Околу 30 километри низ карпи, реки и долини

„Мајка на сите инфраструктурни проекти“. Така Светлозар Дотчев, тим-лидерот на екипата за надзор од меѓународната компанија Егис Интернационал ја опишува комплексноста на овој проект.

„Во мојата 30 годишна кариера сум бил надзор на многу патишта. Некои биле рамнински некои планински и во зависност од тоа сме граделе соодветна придружна инфраструктура како мостови, тунели, надвозници, подвозници или што год други да било потребно. Е сега ретки се случаите каде што на малку километри е потребно сето тоа заедно. Таков е случајот со Демир Капија Смоквица каде што на нецели 30 километри имате шест големи моста, четири долги тунели и 12 надвозници и подвозници, две клучки и сообраќаен контролен центар.Во секој случај ова е еден од најкомплицираните проекти со кои сме се соочиле“ вели Дотчев.

Неговите наоди имавме можност да ги потврдиме и на самиот терен. Турата ни започна низ стариот германски тунел ископан уште 1916 година низ една од масивните карпи во Демиркаписката клисура веднаш до брегот на надојдениот Вардар. Од тука имавме можност да го видиме почетокот или најинтересниот и најкомплициран дел од градбата. Имено за да се спои постоечкиот автопат Скопје Демир- Капија со новата траса се изградени два долги моста од двете страни на античката тврдина Просек, околу која тече Вардар, а самата карпа е пробиена со два тунели од по 1,3 км.
Понатаму имавме можност да ги видиме сите шест големи мостови од кои најдолгиот е со големина од 600 метри, а највисокиот се издига над 70 метри над една навистина остра долина.

Заменикот на одговорниот инженер Велизар Томов од компанијата Егис Интернешнл ни кажа дека во изградбата на мостовите е користена најсовремената техника која во моментов постои во светот- техниката на „кантар“.

„Многу слично на старите кантари за мерење кои се користеа по пазарите и апотекита, така и оваа техника ја користи сопствената тежина балансирана преку гравитацијата за да пренесува и поставува блокови тешки и по 100 тона. Ова е досега најпрактичниот и најбрз начин во изградбата на мостови но кој бара големо познавање, современа техника и многу внимание“, вели Томов.
Сепак, не е се така современо во изградбата на овој автопат. Тунелите на пример се пробивани со застарената техника на минирање, бидејќи современите форми со помош на ротациони машини од изведувачот и инвеститорот се оценети како премногу скапи. Бидејќи минирањето e одамна завршено ние имавме можност да го видиме одблизу поставувањето на изолацијата и бетонирањето на вториот горен и завршен слој на тунелите. Секако најинтересен дел беше разговорот со самите работници кои работат по тунелите.
„Иако вам сето ова ви изгледа мрачно клаустофобично и чудно, за нас не е многу различно дали ќе работиме на самата траса која е под ведро небо или, пак, неколку стотина метри под земја каде што се протегаат тунелите. Можеби би било страшно ако седиме тука со денови, но ние сепак после завршувањето на смената се враќаме на површината и се е нормално. Со градбата на високите мостови е сосема друга работа. За таму се одбираат луѓето кои немаат висинска болест, бидејќи во спротивно последиците би можеле да бидат фаталн“, вели еден работник од Грција кој го сретнавме на работното место во средината на еден од четирите големи тунели.

Има шанси автопатот да биде готов во август 2016?

Автопатот Демир Капија-Смоквица е планирано да биде пуштен во употреба во август 2016 година. Околу реалната остварливост или неостварливост на овој рок во јавноста досега многу пати се коментираше. Факт е дека поради аферата со главниот изведувач Актор изградбата паузираше две недели, а во неколку наврати низ четирите години градба работата од технички или нетехнички причини паузирала со денови и недели.
Според градежниот инженер од Актор Христос Заркадис, кој вели дека во градежништвото е од своите 13 години, во секој ваков голем проект кој трае неколку години логично е да се очекува доцнење од неколку месеци до половина година.

„Во долг период од четири години нормално да се случат некои работи или да искрснат пречки кои ќе ја одложат градбата. Конкретно за овој автопат реалната проценка е дека е можно да доцни најмногу половина година. Но, се уште не се знае. Можно е и работите да се забрзаат“, вели Заркадис.

Надзорникот Светлозар Дотчев, кој делумно се согласува со оваа проценка, вели дека сепак се уште има простор автопатот да се заврши навреме.
„Роковите се уште не се пробиени. Во зависност од стабилноста на финансирањето и од тоа дали ќе има дополнителни пречки, моја проценка е дека автопатот сепак може да се заврши навреме. Но, и да се одложи неговото пуштање за неколку месеци, мислам дека тоа нема да направи голема разлика во крајниот исход“, вели Дотчев.

Кој, како и за колку пари го гради автопатот?

Финансиската конструкција за целиот проект Демир Капија-Смоквица е тешка 271 милиони евра од кои 130 милиони евра се од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се ИПА грант на Европската унија, 107 милиони евра се од Европската банка за обнова и развој и шест милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

Главен изведувач на автопатот е грчката градежна компанија Актор, а надзорот на целата операција ја прави мултинационалната компанија Егис Интернационал. Според официјалните податоци за да ја расчистат целата траса, машините и градежниците отстраниле 600 милиони кубни метри земја.
Во моментов во изградбата се вклучени 700 градежници – 200 од Грција, односно од главниот изведувач Актор, и 500 од Македонија. Голем дел од нив се сместени во двата кампови крај Демир Капија кои се како вистински мали населби.

Со завршување на оваа делница од Коридорот 10 тој ќе стане модерна делница во согласност со европските стандарди. Главна цел за изградбата е намалување на патните трошоци и заштеда на време и побрз проток на возила што позитивно ќе влијае на зголемување на транзитот на лица и стоки и подигање на нивото на трговската размена меѓу земјите. Коридорот 10 е најзначајниот елемент на централната транспортна мрежа која ги поврзува Република Грција со Австрија. Неговата должина изнесува 1,451 км. Проценките говорат дека патот до грчките плажи и гевгелиските казина ќе се скрати за 8 километри, а до нив ќе се стигнува и до 30 минути побргу. Тогаш и старата делница Демиркаписката клисура ќе стане само регионален пат кој ќе ги поврзува околните населени места.

One thought on “Капитал низ тунелите и преку вијадуктите на автопатот Демир Капија – Смоквица

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×