„Капитал “ во Берлин: Како Германците се грижат за човековите права во бизнисот?
Објавено на од во Економија
Невладината организација „Конект“ во соработка со македонската Бизнис Конфедерација, а во рамки на проект финансиран од ЕУ, организираше студиска посета на Берлин, Германија, со цел запознавање со тамошниот екосистем на општествената одговорност, конкретно почитувањето на човековите права во бизнис секторот. „Капитал“ имаше ексклузивна можност на лице место да се запознае какви практики во оваа насока спроведуваат компаниите од најголемата европска економија, во синергија со сите останати засегнати страни.

Berlin-1Exclusive: „Капитал“ во студиска посета на Берлин

 

Веројатно секој сопственик на електрично возило во светот – се разбира, најголемиот дел живеат во развиените земји поради нивната се’ уште висока цена – го вози својот миленик на четири тркала со особена гордост и престиж: прво, затоа што на некој начин го истакнува својот општествен статус, и второ, покажува дека е еколошки освестен и се грижи за зачувување на животната средина. Но, исто така, веројатно е и дека мал дел од возачите на електрични автомобили, а и сите останати активисти и поборници за нивна поголема примена во сообраќајот, знаат дека клучен елемент за изработка на батериите за електричните возила е кобалтот, метал со сребрено – сивкава нијанса од којшто 70% од светското годишно производство доаѓа од африканската земја Конго, инаку пребогата со руди.
И тука не би имало нешто особено спорно, доколку сето ископување на кобалтот се случува во рудниците на светските рударски корпорации (иако и тие не се “цвеќиња за мирисање“ кога станува збор за форсирање на профитот пред безбедносните стандарди, на пример), а не и од рацете на малолетни деца во Конго, десетици илјади, за коишто се знае дека учествуваат на т.н. неформална страна на снабдување со драгоцениот метал. Некои од овие дечиња имаат и по 5-6 години, а голем дел од нив умираат беспомошни поради суровите услови во коишто работат. Уште поголем станува ужасот од ова сознание, кога ќе го додадеме и фактот дека кобалтот е составен дел и на батериите за мобилните телефони и лаптопите што секојдневно ги користиме – што значи дека нашиот живот олеснет од развојот на технологијата си го зема “данокот во крв“ за којшто ние и не сме свесни. Па, и да сме, најголемиот дел од нас немоќно би одмавнал со главата со помислата, па што можам јас тука, да не користам ли сега мобилен телефон?! А, и оној помалиот дел на поединци што сакаат да живеат колку што е можно повеќе почитувајќи ги сите аспекти на општествената одговорност, вклучително и одговорното производство на стоки и услуги, сфаќаат дека многу тешко е да го постигнат тоа доколку живеат во модерната ера на консумеризам.
Тешко е и за денешните корпорации, и тоа оние што се „шампиони“ во спроведувањето на општествено – одговорни практики, да не се слизнат во некој чекор, затоа што во услови на глобализација, комплексно производство и синџири на снабдување составени од десетина слоеви, практично е невозможно да имате увид дали секое делче во вашиот производ доаѓа по патека каде што се запазени принципите на општествена одговорност. Токму тоа сакаше да го истакне и претставникот на голема автомобилска групација (не го споменуваме името на компанијата на инсистирање на менаџерот, затоа што беше неформален брифинг, н.з.) пред група слушатели, професионалци од различни сфери од Македонија – индустрија, медиуми, НВО сектор, итн. – за време на неодамнешната студиска посета во Берлин, на која имаше чест и привилегија да биде учесник и „Капитал.
Berlin-2„Во насока да ги минимизираме сите ризици за евентуално загрозување на човековите права, нашата компанија има донесено Кодекс на однесување што мора да го почитуваат сите бизнис партнери што сакаат да соработуваат со нас, односно да бидат во нашиот синџир на набавки. Така, на пример, во делот на набавка на суровини, нашите снабдувачи мора да направат длабинска анализа на тоа од каде сe’ стигнуваат нивните материјали, односно да се избегнуваат набавки на минерали од подрачја во воена состојба, каде што има употреба на детски труд (тука повторно доаѓаме до моментот со кобалтот вграден во батериите на електричните возила и уреди, н.з.), модерно ропство, итн. “, објасни нашиот соговорник на презентацијата во прекрасно уредената сала на берлинскиот Краун Плаза хотел.
Инаку, студиската посета на со работен наслов „Бизнисот и човековите права“ ја организираше здружението „Конект“ од Скопје, невладина организација посветена на промовирање на концептот за општествена одговорност во македонската економија и општество, во соработка со македонската Бизнис Конфедерација, а во рамки на проектот поддржан од Европската унија.
Попуста е општествената одговорност на една компанија, доколку во нејзиниот синџир на набавки се случуваат прекршувања на човековите права
Менаџерот на германскиот автомобилски гигант објасни и дека во Кодексот за однесување за бизнис партнерите, дефинирани се уште три клучни области во контекст на одржливоста и општествената одговорност во синџирите на набавка, покрај набавката на суровини и репроматеријали, а тоа се заштита на животната средина; социјалните аспекти; и почитување на правната регулатива. Во рамки на овие области, меѓу другото, се води сметка добавувачите да се придржуваат кон принципите на недискриминација, почитување на работното време; договорените плати; заштита при работа; избегнување на конфликт на интереси; борба против корупција; борба против перењето пари; активно справување со еколошките предизвици, итн.
Во рамки на посетата, се сретнавме и со претставници на организацијата Econsense;германската подружница на Global Compact мрежата; бизнис комората GIZ; NAP Helpdesk; германското Министерство за надворешни работи; Германскиот институт за човекови права, како и Ресурсниот центар за бизнис и човекови права, при што имавме прилика да се запознаеме со политиките и практиките што ги спроведуваат германскиот владин, бизнис и невладин сектор, во насока на развивање одржливи општествено одговорни бизниси.
Econsense e Форум за одржлив развој на германските бизниси, инаку иницијатива на Федерацијата на германски индустрии (BDI), најголемата бизнис комора во земјата, со преку 100 илјади членки компании од 40 –тина индустриски асоцијации, коишто имаат меѓународна активност. Како што ни рече г-ѓа Лаура Франкен, проект менаџер во Econsense, целта на оваа организација е да им помага на овие компании да постигнат одржливост во оперативната пракса, во стратешка смисла, но и во рамки на целокупниот синџир на набавки.
„Покриваме различни области: известување и рангирања; цели за одржлив развој; одржливост во рамки на синџирот на набавки; комуникација околу одржливоста; одржливо финансирање, итн. Активни поддржувачи сме на германскиот Национален акциски план за бизнис и човекови права (NAP), при што правиме и мониторинг на спроведувањето на овој акциски план. Целта на мониторингот е да утврдиме дали најмалку 50% од сите германски компании со повеќе од 500 вработени ги имаат инкорпорирано елементите на т.н. due diligence за човековите права во нивните бизнис процеси до 2020 година.“, објасни Франкен.
Berlin-3Германија усвоила Национален акциски план за човекови права во бизнисот
Инаку, кога сме кај NAP, во Агенцијата за бизнис и економски развој, која што пружа консултативна помош за спроведување на политиките и целите од овој акциски план, ни објаснија дека тој е усвоен од германската влада кон крајот на 2016 година после двегодишни консултации со граѓанските организации, бизнисот и владините тела.
„Ефективното имплементирање на НАП значи дека компаниите треба да дефинираат јасна посветеност кон политиките за човекови права. Вториот клучен елемент подразбира процедури за откривање на тековни или потенцијални негативни ефекти врз човековите права, односно проценка на ризиците. Следат мерки за минимизирање на овие потенцијални ефекти и анализа на нивната ефективност. И на крајот, компаниите треба јавно и транспарентно да известат за сето ова, на разбирлив и соодветен начин кон засегнатите страни, да го интегрираат сето ова во посебни формати или во постоечките извештаи за општествена одговорност.“, истакна Малте Друс, советник во NAP Helpdesk.
Од разговорите што ги имавме со останатите институции во рамки на нашата агенда во Берлин, ми се наметнува заклучокот дека колку и да е развиена една економија и општество, секогаш постојат предизвици и слабости што треба да се надминуваат. Kако што имавме прилика да се увериме, и во самата Германија постојат примери каде што не е идеална ситуацијата со човековите права. Работите не можат секогаш да се гледаат црно и бело и строго да се повлече линија, особено кога се работи за чувствителни аспекти како човековите права, кога во игра се мноштво фактори (социјални, историски, културолошки, економски, географски, климатски, итн.) и повеќе засегнати страни.
Поуката е дека треба да се работи на унапредување на оваа проблематика, да се детектираат слабостите, да се гради свесноста за нив кај сите засегнати страни и заеднички да се бараат решенија. За да не остане на крајот, дека кобалтот повторно ќе го копаат некои мали деца во некоја земја од третиот свет, за да некој „еколошки освестен“ возач од богатите земји го вози своето електрично возило. Ова е типичен пример каде што проблематиката на општествената одговорност е повеќеслојна и не може да се дефинираат работите на едноставен начин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×