Карстен Бек: Колку повеќе нови вештини ќе стекнете, толку помала шанса роботите да ви ја земат работата!
Објавено на од во Интервју

 

Carsten Beck WEB 950Карстен Бек
директор, Институт за футуролошки студии, Копенхаген

“ И понатаму ќе биде потребно да имаме некакво формално образование, факултетска диплома, магистерска и сл., но нивното значење во новото дигитално време ќе биде многу помало одошто досега.  Ако сте спремни покрај основните задачи да учите и нови работи, примената на новите технологии и сл., тогаш поспокојно ќе ги дочекате сите промени што може да влијаат на сигурноста на вашето работно место во иднина. Доколку пак, сте решиле да се фокусирате на некоја струка што бара поедноставни мануелни операции, без поголема додадена вредност од технологијата, тогаш вашето работно место многу брзо може да го земе некој робот.“

 

Карстен Бек е мошне среќен човек, или барем јас како еден од слушателите на неговата презентација на неодамнешниот Самит100, во тоа бев убеден. Човекот работи како директор за истражување во Институтот за футуролошки студии, всушност, научна  организација што се бави со проучување на иднината. Си реков, поинтересна работа, здравје. Неговото излагање беше околу тоа како дигиталните технологии го обликуваат нашиот живот и какви промени се случуваат и допрва ќе се случуваат во нашето секојдневие заради дигитализацијата. Со задоволство ја прифати поканата за интервју во Капитал, и во контекст на новинарството и медиумите, првата работа  што го прашав беше дали роботите ќе ни ја земат работата нам, новинарите. “Не се секирајте, нема да ја загубите работата заради роботите“, одговори Бек, со широка насмевка. “Ќе имате нови средства, технологии, геџети и сл., но работата нема да ја загубите, барем не целосно, хаха…“  “Добро е, ми олесни, може да продолжиме со интервјуто“, реков јас.

За почеток, да ви кажам дека ви завидувам на вашата работа, се чини возбудливо да заработувате од тоа што им кажувате на другите каква ќе им биде иднината на индустриите во коишто работат, трендовите и сл…

Да, во Институтот ни е мошне интересно, не се жалиме, хаха…

Објаснете накратко за нашите читатели, што всушност работи Институтот за футуролошки студии од Копенхаген?

Како што кажува самиот назив на организацијата, ние се обидуваме да ја проучуваме иднината, да дадеме прогноза за тоа што може да се случи во одредена индустрија, економија, држава, со помош на научни дисциплини како статистиката и сл., и тие наоди да им помогнат на нашите клиенти во подготвувањето на нивните стратегии за иден развој. Ние го користиме нашето знаење од повеќе специфични области за да креираме повеќе сценарија за тоа како ќе се развиваат одредени мегатрендови, како на пример дигитализацијата, роботизацијата, вештачката интелигенција, и како тие може да влијаат врз развојот на конкретна индустрија, или пак поедина корпорација, организација, или пак држава.

Значи ли тоа дека обично ваши клиенти се корпорации и влади? Што бараат тие најчесто од вас?

Да, тоа се обично корпоративни клиенти, иако имаме и политички и неполитички организации, влади на држави и сл. Иако некој може да помисли дека ние имаме некаква “кристална топка“ во која што на нашите клиенти ќе им покажеме што ќе се случува следните 5 или 10 години во нивниот сектор на интерес, ние не го правиме тоа. За жал, или за среќа, хаха… Ние инсистираме да разговараме со нив околу сценаријата што ги развиваме за тоа што ќе се случува, од најлошото до најдоброто можно сценарио. На пример, многу работиме со клиенти од Норвешка, тие ни се во соседството, се разбира, и меѓу другите и тамошната влада сакаше од нас да ѝ направиме неколку сценарија за тоа што ќе се случува доколку цената на нафтата падне на 30 долари за барел, на пример. Претпоставувам знаете, силниот економски подем на Норвешка изминативе децении се темелеше во голема мера на богатите наоѓалишта на нафта во нејзините територијални води, но тие беа свесни дека тоа нема вечно да трае, и добар дел од заработените пари ги тргаа во специјален државен инвестициски фонд. Но, сепак, сакаа да имаат и анализа на тоа што би се случило доколку цената на нафтата нагло падне за кусо време, што и се случи пред извесно време, нели. Врз основа на тие проекции, тие подготвуваат неколку опции за понатамошно инвестирање со парите од Фондот, но и други стратешки чекори на државата. Да бидам јасен, ние никогаш не им сугерираме на нашите клиенти да инвестираат во конкретни акции, да развијат ваков или онаков продукт, да продадат или купат компанија и сл. Ние само им даваме поширока слика на она што ќе се случува, на глобалните трендови што влијаат врз нивните операции, и потоа тие самите мора да ја донесат одлуката што и како ќе прават во иднина.

Вашето излагање на Самит100 во Скопје беше за тоа како дигитализацијата ги менува нашите животи. Кажете ми што е најважно за нас, како обични луѓе и професионалци во различни области, да сфатиме во врска со дигитализацијата на нашите општества, професии, секојдневие…?

Прво, мора да сфатиме дека дигитализацијата на нашиот свет не може да се сопре. Ние и на нашите клиенти, меѓу кои има влади, корпорации, итн., им велиме дека во принцип самите одлучуваат за својата иднина, но кога станува збор за мега трендовите, од коишто дигитализацијата е еден, едноставно не може да ја избегнете. Може да направите извесна контрола на “штетата“ доколку мислите дека на било каков начин дигитализацијата може негативно да влијае на вашиот бизнис и сл., односно да се прилагодите. Пред десетина години, на пример, ние имавме сценарија  дека дигитализацијата по извесно време ќе стивне, односно нема да биде толку важна. Денес повеќе немаме вакви сценарија, затоа што станавме свесни дека грешевме.
Што се однесува до сигурноста на нашите професии, прашање што го споменавте уште на самиот почеток на нашиот разговор, јас полу нашега ви одговорив дека не треба да се секирате, но вистината е дека сите ние без оглед на професијата треба да бидеме на некој начин загрижени.

Заради што треба најмногу да бидеме загрижени?

Технологиите се менуваат со темпо што беше незамисливо пред 20, 30 и повеќе години и навистина тешко е да се предвиди што може да се случи во вашиот сектор во иднина. Ако еден човек во своите 20-ти години почнува денес да работи, кој би можел да знае што сè ќе се случува следните 50 години -  колку што би бил неговиот работен век – во индустријата каде што тој е сега.  Погледнете само што се случи во телекомуникацискиот сектор, и тоа само последнава деценија?!  Но, можеме да бидеме сигурни барем во една работа, а тоа е дека мора да стекнуваме нови вештини, без оглед колку формално образование имаме. Индустриите се менуваат, социјалните сектори се менуваат, сè се менува, ќе мораме и ние да се менуваме. Сегашните млади генерации кои што во моментов влегуваат на пазарот за работна сила или допрва тоа ќе го прават, мора да очекуваат попатна промена на своите работни позиции, па и целосна промена на струката по извесно време, ако сакате… Еве, на пример, кај нас во Данска, банкарскиот сектор, како и во многу други земји, претрпе големи промени со дигитализацијата, што значеше многу придобивки за корисниците, но и потреба од помалку персонал во банките. Тие луѓе мора да побараат работа во други банки, коишто пак исто се соочуваат со дигитализацијата, или пак да се преквалификуваат за нешто друго.

Дали ова значи дека покрај формалното образование, дигитализацијата на нашите животи значи дека сега, повеќе од било кога ќе важи концептот на доживотно учење?

Да, токму така…И понатаму ќе биде потребно да имаме некакво формално образование, факултетска диплома, магистерска и сл., но нивното значење во новото дигитално време ќе биде многу помало одошто досега.  Еве, да ја земеме за пример роботиката. Роботизацијата, вештачката интелигенција, засилената реалност, се теми што се многу актуелни сега, сите сакаат да зборуваат и слушаат за тоа. Ние во Институтот сметаме дека роботите нема да ја преземат работата на луѓето комплетно, далеку од тоа, но голем број поедноставни операции веќе сега можат да ги преземат автоматизирани машини, коишто во зависност од степенот на вградена вештачка интелигенција ќе можат и самите да учат и се надградуваат. Па, дури и покомплексни задачи, како хируршки интервенции почнаа да ги изведуваат роботи, иако во експериментални фази, но многу ветувачки резултати покажаа. Тоа не значи дека функцијата на хирургот ќе стане излишна во некаква поблиска иднина, секако, но  сигурно дека повеќе ќе се цени оној хирург што на време пројавил интерес да ја проучува роботиката и сл., па стекнал дополнителни вештини што ќе му помогнат побрзо да се прилагоди на новото дигитално доба.

Истото важи и за секоја друга област, дали е тоа производство, услуги итн. Ако сте спремни покрај основните задачи да учите и нови работи, примената на новите технологии и сл., поспокојно ќе ги дочекате сите промени што може да влијаат на сигурноста на вашето работно место во иднина. Доколку пак, сте решиле да се фокусирате на некоја струка што бара поедноставни мануелни операции, без поголема додадена вредност од технологијата, тогаш вашето работно место многу брзо може да го земе некој робот.

Но, голем дел од професиите во светот, по својата природа, се токму такви, едноставни, мануелни операции… Какви можности ќе имаат луѓето што ги извршуваат овие работни задачи?

Како што реков, нема потреба од паника. Уште долго време голем број професии нема да може да бидат заменети од машините, или барем не целосно. Еве, да го земеме за пример само овој убав хотел каде што го водиме нашиот разговор во моментов. Погледнете околу вас, гледате голем број ангажирани луѓе – рецепционери, келнери, хостеси, итн. – сè со цел вам како на гостин да ви биде искуството што е можно попријатно. Мислите дека сите овие задачи не може да бидат лесно заменети од роботи? Можат. Но, тогаш вашето искуство како гостин нема да биде исто. Уште долго време, луѓето ќе сакаат да добијат услуга и внимание од страна на човек, а не машина, односно хуманата димензија на многу професии уште долго време нема да биде доведена во прашање. А, и да биде, сметајте на тоа дека ќе се отвораат нови можности истовремено. На пример,  и самите роботи ќе бидат индустрија сама за себе. Некој ќе треба да ги замисли, креира, програмира, одржува… Што значи, ќе се појават нови професии, што биле апсолутно непознати досега. Едни професии ќе исчезнуваат, други ќе се појавуваат и тоа е циклусот на промените што мора да ги очекуваме во новото дигитално време.


Carsten Beck WEB 950  01Ние Скандинавците се грижиме пристап до новите технологии да има секоја клетка од општеството

Економскиот успех и благосостојбата што ја уживаат граѓаните на скандинавските земји за остатокот од светот, особено пак овде на Балканот, отсекогаш биле предмет на восхит. Кои се клучните фактори за успехот на нордиските општества?

Да, свесен сум за фактот дека насекаде луѓето нас скандинавците нè перцепираат како луѓе од богати, развиени земји, земји на благосостојба, среќни луѓе едноставно. Јас би кажал дека генерално, ние не ги измислуваме главните платформи, технологии врз кои што почива светскиот економски развој. Тие се креираат на некое друго место, но ние успеваме, особено последниве 2-3 децении во рамки на тие платформи, да изнајдеме некој сегмент, ниша, како  што велат луѓето од маркетинг, и да се специјализираме за тоа. На пример, Шведска и Финска доста добро ја развија гејминг индустријата, ќе ја спомнам само франшизата Angry Birds која што доаѓа токму од Финска и која што сега тежи неколку милијарди долари. За скандинавските општества, значи и за мојата родна Данска, важи правилото дека мошне добро функционираат јавно – приватните партнерства во насока на технолошки развој, иновации и сл. Во Оденсе, на пример, четвртиот по големина град во Данска – а Данска како што знаете е мала земја, само 4,5 милиони жители – на еден мал универзитет, изминативе 20-тина години успеа да се развие многу квалитетен центар за роботика, од кого што потоа излегоа и неколку успешни компании, т.е. настана еден од најдобрите кластери за роботика во Европа. Значи не е само до големината и моќта на ресурсите што ги поседувате. Мора да вложувате во квалитетно образование, а ние скандинавците сме познати по тоа што плаќаме големи даноци, но државата потоа мошне рационално и квалитетно ги троши тие пари за квалитетно здравство, образование, јавни услуги, итн. Но, она што можеби е клучно за поголема благосостојба, е дека во скандинавските земји, фамозната скандинавската социјалдемократија исклучително силно се залага  сите придобивки од новите технологии, каде што државата вложила доста, да бидат достапни до секоја клетка од општеството, до сите заедници, организации, поединци… И секој да може тие технолошки придобивки да ги користи за свој личен развој, а преку личен развој , да придонесе во развојот на семејството, школото, градот, итн.

 

 

 

 

 

 

[/freetext]

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×