Катерина Бошевска: За поголема конкурентност потребен ни е европски начин на водење бизнис, заснован на стандарди и процедури
Објавено на од во Економија

Bosevska 3Катерина Бошевска
претседател на УО на Европската бизнис асоцијација

На нашиот пат кон ЕУ мораме да изградиме стандарди кои ќе ги почитуваме и практично ќе ги живееме. Мораме да се ориентираме повеќе кон суштината, а не само формално да ги исполнуваме барањата и предизвиците кои стојат пред нас. Токму во таа насока ќе делува ЕБА и на тој начин ќе го даде својот придонес. Верувам дека сега кога се отвори патот кон Европската унија, ЕБА ќе добие поизразена улога во самиот евроинтергациски процес.

Катерина Бошевска, извршен директор на ЕОС Матрикс, од неодамна е и претседател на Европската бизнис асоцијација – ЕБА, организација во којашто членуваат најуспешните и највлијателни македонски компании, со домашен и со странски капитал и којашто годинава одбележува 15 години постоење. Со неа разговаравме за предизвиците на новата функција, како и за тоа што претстои во работата на компанијата што ја предводи, инаку, пионер во областа на менаџирањето со побарувања и долгови во земјава.
Кои ќе бидат приоритетите во работата на ЕБА за време на вашиот мандат како претседател на УО? Каква е вашата стратегија за понатамошните дејствувања на асоцијацијата во насока на остварување на нејзината мисија и цели?
Европската бизнис асоцијација, заложувајќи се за одржлив економски развој во земјата, ќе продолжи да ги промовира принципите на пазарно ориентираната економија и интеграцијата на нашата земја во ЕУ. Со своите активности ќе ги промовира европските вредности, ќе придонесува кон унапредување на односите и економските врски на земјата со ЕУ, со цел обезбедување взаемни придобивки за претприемачите од двете страни. Сакаме да постигнеме препознатливост на ЕБА преку нашите конкретни делувања и активности. Да ја обединиме бизнис заедницата во начинот на кој се спроведува бизнисот во нашата земја и применетите менаџмент практики. Токму тоа сакаме да го доближиме до европските стандарди преку нашата програма која планираме да ја промовираме јасно и недвосмислено преку отворена комуникација со бизнис заедницата и сите нејзини форми на организирање, континуирана едукација на бизнис заедницата за европските вредности во водење на бизнис и делување во насока на интегрирање на заедничките интереси на бизнис заедницата. Клучни стратегии кои ЕБА ќе ги применува се: интензивирање на соработката со Делегацијата на Европската Комисија, интензивирање на соработката со државните органи, јавна промоција и издавање публикации, како и зголемување на корисностите за своите членови.
Кои се всушност карактеристиките според коишто ЕБА се издвојува од останатите бизнис комори во земјава? Кои се најважните бенефити од членувањето на компаниите во неа?
Целта на ЕБА не е да се издвојува туку да обединува. Нашата основна цел е да оствариме заедничко делување и координирано претставување на бизнис заедницата пред државните институции и европските тела во нашите напори за остварување на нашите цели. Сите наши активности и јавни настапи ќе бидат во тој дух. Силно верувам дека на тој начин ќе имаме поголем успех сите. Потребите на бизнис заедницата се идентични без разлика од која организација или бизнис заедница потекнуваат. Доколку постигнеме хармонизација во тоа што го бараме, нашите барања не можат да бидат игнорирани но најважно од се нема да овозможиме простор за маневар, односно да дојдеме во ситуација на приоретизирање на едно во однос на друго/и барања.
Во секоја асоцијација или деловно здружување корисноста за компаниите членки е успешноста на асоцијацијата или здружението да ја претстави и имплементира својата мисија или цел и да додаде вредност на тековните економски практики и економски текови во земјата. Нашата додадена вредност се напорите и стремежот за остварување на европски начин на водење бизнис, заснован на стандарди и процедури кои водат кон поголема конкурентност на европските пазари.
Bosevska 1

Нашата додадена вредност во работата на ЕБА се напорите и стремежот за остварување на европски начин на водење бизнис, заснован на стандарди и процедури кои водат кон поголема конкурентност на европските пазари.

Каков е планот на активности на ЕБА за годинава, кои ќе бидат главни настани во организација на асоцијацијата?
Оваа година ЕБА одбележува јубилеј, 15 години од своето постоење. Тоа секако би бил главниот настан во организација на асоцијацијата. Управниот одбор на асоцијацијата веќе го усогласи планот за настаните кои ќе ги организира асоцијацијата и тој предвидува на годишно ниво да се организираат 3 до 4 проекти и конференции со кои директно ќе бидат таргетирани теми од широк бизнис и општествен интерес. Веќе во јуни планиран е еден поголем настан кој има за цел да направи синергија на два посериозни проекти поврзани со малите и средни претпријатија (МСП) и нивната поддршка. Настанот ќе се организира заедно со Стопанската комора на Македонија. Во втората половина на годината се очекува уште еден настан од меѓународен карактер со интересни гости. Стандардно, ќе го одбележиме европскиот ден на претприемачот и европската недела на МСП.
Колку ЕБА успева да биде реален двигател на евроинтеграциските процеси во земјава и кои активности се преземаат на тој план? 
На нашиот пат кон ЕУ мораме да изградиме стандарди кои ќе ги почитуваме и практично ќе ги живееме. Мораме да се ориентираме повеќе кон суштината, а не само формално да ги исполнуваме барањата и предизвиците кои стојат пред нас. Токму во таа насока ќе делува ЕБА и на тој начин ќе го даде својот придонес. Верувам дека сега кога се отвори патот кон Европската унија, ЕБА ќе добие поизразена улога во самиот евроинтергациски процес. Очекуваме да не препознаат како партнер во тој процес. Планираме директно ангажирање во делот на подобрување на искористеноста на ЕУ фондовите кои се на располагање за Македонските компании при тоа поттикнувајќи го развојот на претприемништвото и претприемачкиот дух. Тоа би го оствариле преку активни средби со претставниците на европската делегација во нашата земја, со Владата, со нашите членки како и со другите комори со цел да ги разбереме потребите и реалните проблеми, следствено да координираме и нудиме решенија.
Како претседател на асоцијација на влијателни компании какви се вашите препораки и сугестии до креаторите на економските политики во насока на поддршка на бизнисите и креирање на поповолен бизнис амбиент?
Овогодишната економска програма на Владата е ориентирана и во голема мера заснована на реалниот сектор, особено на малите и средни претпријатија кои се очекува да бидат двигателот на нашиот економски раст. За да можат МСП да функционираат успешно и да остваруваат резултати потребна е деловна или бизнис клима која подразбира професионалност, стандардизираност, транспарентност, еднаквост пред законите и една одмерена и правична фискална политика, нешто што со години се повторува како потреба на деловната заедница. Сигурна сум дека доколку сите ние како чинители во оваа наша економија работиме во такви услови би биле многу поуспешни и многу повеќе би придонеле кон националната економија. Токму затоа, препораката оди во таа насока. Доколку очекуваме од некого нешто да испорача, потребно е да му се овозможат услови за да го испорача очекуваното. Условите ги прави државата, другото е наша работа.
Bosevska 2

ЕОS со своето работење покажува чувство на одговорност кон своите клиенти, но и разбирање кон граѓаните кои се во задолжување. Со еден таков пристап носи нови вредности во нашата економија и придонесува секој да живее во еден свет без долгови, без разлика на причините за таквата ситуација.

Очекувате ли и вие како Владата дека 2019 ќе биде година на економијата? 
Оваа година, како и таа пред неа, таа по неа, како и сите години кои следат мора да бидат години на економијата. Ние немаме друга опција освен преку активна економска политика, издржана економска програма да работиме кон подобрување на условите за живот и подигнување на економскиот стандард. Но, она што мораме да го имаме во предвид е дека организациската промена игра многу значајна улога во процесот на економски развој кон кој ние се стремиме. Економскиот развој доаѓа како резултат на постојаните промени. Потребен ни е процес на промени, експериментирање и прилагодување кон условите со цел да поттикнеме развој.
Каква година очекувате, пак, за компанијата што вие ја предводите, ЕОС Матрикс? Дали 2018 заврши според плановите за раст и развој? 
ЕОС Матрикс заврши уште една многу успешна година, година во која ги надминавме очекувањата на нашата матична компанија. Токму поради тоа нашата земја беше спомената во позитивен контекст на интернационалната платформа за меѓусебна комуникација на сите ЕОS компании. Тоа за нас претставуваше признавање на напорната работа и резултатите кои ги постигнавме. Mинатата година успеавме да направиме уште еден исчекор напред и да имплементираме еден нов концепт во работењето, а тоа е откуп на обезбедени корпоративни побарувања. Со ова успеавме да се доближиме кон трендовите кои се применуваат во југоисточна Европа во нашата област на делување. Сепак, с$ уште заостануваме зад редовните и тековни практики во областа на управување со ризиците применети во земјите на Југоисточна Европа. Затоа, успешното имплементирање на ваквите за нас нови концепти на работење е особено значајно за понатамошниот развој на нашата компанија но заедно со тоа и напредување на нашата економија кон европските трендови и практики. Токму во тој дух продолжуваме во следната година, ќе бидеме активни промотори за имплементирање на оние модели кои гледаме дека успешно се применуваат во другите европски земји и ќе помогнеме домашната економија да се прилагоди кон нив или колку што е возможно истите да ги прилагодиме на нашите услови на работење. Токму тоа отсекогаш претставувало најголем предизвик за нашето работење.
Лани прославивте 15 години работа на македонскиот пазар, па од оваа перспектива, што значи ЕОС за македонската економија, каква додадена вредност донесе за сите засегнати страни и што можеме да очекуваме од вас како новитети и сл., во периодот што следи?
Идејата за начинот на одбележување на својот јубилеј 15 години постоење, преку организирање на 4 настани кои се однесуваа или покриваа актуелни теми за македонската економија произлезе токму од фактот дека ЕОS како компанија е еден активен чинител во секоја од нив и со начинот на своето работење носи додадена вредност на свој начин. Овде особено го истакнувам начинот на работењето на ЕОS кој не разликува и не приближува кон стандардите на нашите клиенти и соработници. ЕОS како дел од една голема групација со седиште во Република Германија во целост мора да се прилагоди на деловната политика на својата матична компанија. Во ЕОS во практика се живеат стандардите ИСО 20000 и ИСО 27001 и постои тим кој целосно и посветено работи на нивната имплементација и примена. Во ЕОS се воведе и заживеа една корпоративна култура која подразбира почитување на сечие мислење во рамки на компанијата. ЕОS со своето работење покажува чувство на одговорност кон своите клиенти, но и разбирање кон граѓаните кои се во задолжување. Со еден таков пристап носи нови вредности во нашата економија и придонесува секој да живее во еден свет без долгови, без разлика на причините за таквата ситуација. Да се помогне на еден човек не значи дека ќе се промени светот, но можеби ќе се промени светот на тој еден човек.
ЕОS за македонската економија значи современ финансиски инвеститор кој своето деловно работење го базира на претприемништво и технологија.
Во периодот што следи ЕОS ќе работи на усовршување на својата технологија на работење во смисла на поизразена автоматизација на процесите, воведување на процес на одлучување заснован на големи податоци, негување на корпоративна култура која ќе овозможи креативно размислување за своите менаџери. Нашиот менаџерски тим веќе ја постави деловната стратегија за 2019 година. Според низата проекти кои се опфатени во неа очекувам квалитативно да го промениме начинот како ја работиме нашата работа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×