Ќе поевтинуваат кредитите, Народната банка ја намали каматната стапка на 1,75%
Објавено на од во Економија
Ова е второ намалување на каматната стапка годинава, овој пат поради зголемените ризици во домашната економија поради пандемијата на коронавирусот. 
interest-rate
Вонредна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка: Донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на Народната банка на нивото од 1,75%. Го пренесувамењ соопштението на Народната банка во целост: 
„Денес се одржа вонредна електронска седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на која беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на нивото од 1,75%. Ова е второ намалување на каматната стапка оваа година, по намалувањето во јануари кога во услови на високи девизни резерви и ниски инфлациски движења, а при присутни глобални ризици, вклучително и од ширењето на вирусната инфекција ковид-19 (коронавирус), ја олабавивме монетарната политика. Потребата од одржување вонредна седница произлезе од брзото ширење на вирусната инфекција ковид-19 во глобални рамки, со што се продлабочија ризиците и во домашната економија. На седницата повторно беа разгледани најновите економски показатели, при што се разговараше за ефектите од појавата на ковид-19 врз глобалната и врз македонската економија. Оттука, беа изнесени следниве заклучоци:
Ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција ковид-19 се изразени. Првичните очекувања дека оваа појава ќе биде локализирана на територијата на Кина се покажаа како неосновани, а ризикот дека нејзиното времетраење, силината и географската распространетост ќе бидат големи се оствари во многу кус период. Од крајот на февруари до почетокот на март овој вирус се прошири во над 80 земји во светот. Мерките коишто се преземаат на глобално ниво за спречување на неговото ширење се однесуваат на ограничување на движењето, одложување поголем број активности, отежнување на глобалните синџири на производство, промени на цените на пазарите на финансиските инструменти и на примарните производи. Сите овие мерки имаат последици за понудата и за побарувачката во економијата, како и за довербата на потрошувачите и инвеститорите и со тоа, за вкупниот раст на економијата.
Големината на вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција. Иако тековниот шок е од неекономска природа и најверојатно нема да го загрози долгорочниот потенцијал за раст и макроекономските основи на економиите на трајна основа, неговите ефекти на краток рок врз глобалната економија најверојатно ќе бидат изразени и ќе се одразат како големо забавување или намалување на глобалната економска активност. Европската централна банка ги објави своите мартовски проекции за еврозоната, како наш клучен трговски партнер. Овие проекции не ги опфаќаат во целост најновите ефекти од ковид-19 врз глобалната активност и трговијата и предвидуваат раст на еврозоната од 0,8% во 2020 година. Сепак, нивните сценарија за ефектите од ковид-19 врз еврозоната, коишто претпоставуваат присуство на пандемијата до крајот на првата половина од оваа година, упатуваат на можна помала активност во однос на ова сценарио во интервал од 0,6 до 1,4 процентни поени. Притоа, ЕЦБ нагласува дека овие сценарија не претпоставуваат монетарна или фискална реакција, којашто, доколку се преземе, значително би ги ублажила негативните ефекти.
Остварувањето на ризикот и неговите негативни ефекти врз растот на економиите доведоа и до брза реакција на поголем број централни банки со намалување на нивните каматни стапки и/или преземање дополнителни мерки за креирање ликвидност во системот и поддршка на кредитирањето. Вакви мерки презедоа и Федералниот систем на резерви, Европската централна банка, Банката на Англија. Со ова тие придонесуваат за дополнително олеснување на финансиските услови и за поддршка на реалниот сектор, во услови на неочекуван негативен шок со силно влијание врз вкупната активност.
Во услови на стабилни инфлациски движења и адекватно ниво на девизни резерви, а при извесни негативни ефекти врз економијата од надворешното окружување, како и од мерките за ограничување на ризиците од ширењето на вирусната инфекција ковид-19, Народната банка донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 проценти поени, со што таа ќе изнесува 1,75%. Ова е второ намалување на каматната стапка во 2020 година и треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. Со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор, иако ликвидносниот потенцијал со кој располагаат банките е висок.
Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок. Овие мерки се однесуваат на евентуални промени коишто ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања.
Повторно напоменуваме дека засега тековите се стабилни, а Народната банка е доследна на успешното спроведување на своите цели: одржување стабилни цени, стабилен девизен курс и одржување на финансиската стабилност. Во овој контекст, нивото на девизните резерви е комфорно и сосема е адекватно за да може соодветно да се реагира, доколку евентуално дојде до поголемо остварување на ризиците и потреба за апсорпција на ефектите. Банкарскиот систем на нашата земја е отпорен на потенцијалните шокови, меѓу коишто се и можните ефекти врз економијата од ширењето на вирусот ковид-19 на глобално ниво. Домашниот банкарски систем е здрав, солвентен и ликвиден и е во подобра состојба од периодот на почетокот на глобалната финансиска криза во 2008 година.
Народната банка и натаму со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето, како и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветно приспособување на политиките и соодветна и навремена реакција. “

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×