Кире Наумов во интервју за Капитал: Само магионичар може да не спаси од банкрот. И Ставрески тоа го знае
Објавено на од во Интервју

Naumov 2Кире Наумов е помалку од два месеци на функцијата дополнителен министер за финансии. Функција кој беше предвидена со политичкиот Договор од Пржино, со цел опозицијата да има некаква контрола на предизборното задолжување и трошење на власта. Но, освен при задолжувањето со евброобврзницата, за сите други задолжувања на домашниот пазар кои забрзано се прават, тој нема никаков глас. Наумов смета дека сегашното ниво на задолжување е веќе алармантно и дека мора да се стави крај на овој погубен концепт на власта кој не носи во банкрот. Во интервјуто за најновиот број на магазинот Капитал тој зборува за можните сценаријата во кој ќе влезе Македонија, за следните потези на опозицијата, за политиките и мерките за помош на домашните фирми и за поголем економски раст.

Во каква состојба е буџетот на Македонија? Јавно предупредивте дека власта забрзано се задолжува и забрзано се остварува буџетскиот дефицит предвиден за годинава?

Најдобар индикатор во каква состојба е буџетот е наплатата на ДДВ. Минатата година наплатата на ДДВ се реализирала со 93,71% од планираното.
Државниот завод за статистика може да испорачува било какви резултати за економски раст, но наплатата на ДДВ најдобро покажува во каква состојба е економијата. Кога ќе потфрлите со наплатата на ДДВ, кој учествува со 46% во вкупните даночни приходи во буџетот, ништо друго не може да ги надополни тие ненаплатени прихoди.
Минатата година дел од помалата наплата на приходите од ДДВ се компензираше со зголемената наплата на приходите од данокот на добивка, пред се заради законските измени кои се направија.
Според календарот на аукции, во првата половина на 2016 година речиси секој вторник има закажно аукции на државни записи. Само во првите две недели од јануари има екстра задолжување од околу 30 милиони евра, што е околу 10% од буџетскиот дефицит за целата 2016 година кој треба да изнесува околу 307 милиони евра.
Очигледно дека намерата на власта е, како и досега во сите изборни години, поголем дел од буџетскиот дефицит да се “испумпа” пред изборите. На пример, во 2013 година која беше изборна година, само во првите три месеци од годината е реализиран 60% од целиот буџетски дефицит.
Веќе станува се поочигледно е дека парите од задолжувањето на домашниот пазар не се користат за тековни исплати и раздолжувања.

Но, вие бевте назначен за дополнителен министер за финансии со цел да имате некаква контрола и да спречите предизборни задолжувања на власта. Во овој краток период додека сте на функцијата, власта продолжува да се задолжува и тоа прилично забрзано… Има ли реално смисла вашата функција?

На почетокот на мојот мандат успеавме да го  преполовиме износот со кој Македонија требаше да се задолжи преку еврообврзница на странските пазари од 500 милиони евра, на 250 милиони евра. Странските банки и меѓународните институции сфатија дека само со потпис од министерот за финансии и дополнителниот министер за финансии може да биде одобрено задолжување на државата.
Во тогашните разговори со министерот за финансии стигнавме до разумен договор дека на Македонија и се доволни 250 милиони евра задолжување на странскиот пазар со кои може да се покрие дефицитот и тековните плаќања во првата половина од годинава.
Што се случи во меѓувреме? Сите клучни рокови договорени за имплементација на Договорот од Пржино беа пробиени. Државната изборна комисија (ДИК) не беше навреме формирана. Власта го искористи тој момент и кога дојде првото задолжување на домашниот пазар, јас тврдев дека на Македонија не и се  потребни нови екстра задолжувања, бидејќи сите тековни потреби се покриени со парите од еврообврзницата. Но, стариот состав на ДИК донесе одлука дека тие задолжувања на домашниот пазар нема да влијаат на изборите и дека министерот за финансии може сам без потпис на дополнителниот министер за финансии да одлучува колку и кога ќе се задолжува.
Неодамна и Светската банка и германска државна КфВ банка одучија дека сите средства кои и се одобруваат на Македонија ќе бидат оперативни после изборите. Очигледно сите полека сфаќаат дека предизборниот период власта го користи за корумпирање на гласачите со државни пари.
Меѓународните финансиски и банкарски институции имаат пристап многу поразличен од домашните финансиски институции. Третирањето на законите како палома хартии е за жал домашна карактеристика на оваа власт. Дури и темата за задолжувањето  се обидуваат да ја  претстават како лична битка на Наумов против двоецот Груевски-Ставрески. Односно, еве Владата на ВМРО ДПМНЕ ветува и бара пари за проекти, а СДСМ дури и исплатата на тековните обврски се обидува да ја закочи.

Naumov 1

Идната влада мора да се најде начин како тие пари да се вратат назад во економијата и буџетот. Криминално стекнати средства мора да се запленат

 

Но, се додека власта може да се задолжува и редовно да исплаќа пензии и субвенции, нема проблем… До кога може да трае ова? Кои се црвените линии?

Тоа ќе трае се до денот кога ќе се објави дека земјата е банкрот. Еве за момент да го оставиме на страна темпото и брзината со која се задолжува Македонија, односно фактот дека во изминативе осум години долгот на земјата е зголемен двојно.
Да го земеме само фактот дека јавниот долг на Македонија е 43.9% од БДП, иако податоците кои наскоро ќе ги добиеме ќе покажат дека долгот до крајот на годината ќе наближи до 50% од БДП.
Владата оди со тезата дека во споредба со другите држави, Македонија е една од најмалку задолжените држави во Европа. Но, клучно е колку земјата е во можност да ги враќа долговите. Единствен извор од каде сега и во иднина ќе се враќаат долговите се вкупните приходи во буџетот. Во 2008 година на Македонија за да го исплати целиот јавен долг и биле потребни шест месечни приходи од буџетот. Во 2014 година за да го исплати целиот јавен долг на земјата и се потребни 20 месеци да прибира приходи, без никакви исплати.
За споредба на Бугарија и се потребни само 9 месечни буџетски приходи за да го врати целиот долг, на Чешка и се потребни 13 месечни приходи, на Данска 9 месечни приходи, на Романија 14 месечни приходи да го исплати долгот..
Задолжувањето мора да се гледа во контекст на способноста на економијата да генерира приходи со кои може да се отплаќа долгот.
Јас тврдам дека за Македонија ова ниво на задолженост од 20 месечни приходи за исплата на целиот долг е веќе преголемо. Овој податок за нивото на задолженост на Македонија е нешто што мора да ги запали сите аларми дека е невозможно да се продолжи понатаму со ова темпо на задолжување.

Што ќе се случува во втората половина од годинава? Парите од еврообврзницата се доволни само за покривање на потребите за финансирање до јуни…Што може да се очекува?

 

Ако владата не се промени до јуни, според сите параметри, Македонија до крајот на годината ќе биде високо задолжена земја. Ако не дојде до промена на власта, веднаш по формирањето на новата влада ќе одат на издавање на нова еврообврзница од најмалку 500 милиони евра за да се надополнат парите кои во овој период ќе бидат “испумпани”.

Како би се сменила власта до јуни ако изборите бидат одложени и не се одржат на 24 април?

Видете, избори во 2016 година мора да има. Она што е важно е да бидат исполнети сите предуслови за да има фер и демократски избори. СДСМ како партија јасно кажа кои се тие предуслови кои мора да се исполнат пред да се одржат изборите.
Можеби јуни е прерано, но дефинитивно за 24 април нема никакви услови за да се одржат избори. Во месеците потоа може да се размислува за избори, секако ако постои кооперативност.
Еден од значајните услови, барем во економскиот дел, кои треба да бидат исполнети за да може да се каже дека на некој начин ја контролираме власта е Управниот суд да донесе одлука со која ќе биде ставено јасно до знаење дека петходниот состав на ДИК немал правна основа да носи одлуки за ветото на дополнителниот министер за финансии. И да се даде можност новиот состав на ДИК да одлучува за ветото и така да дојдеме до ситуација која што беше договорена и со договорот во Пржино, во која министерот и дополнителниот министер за финансии заедно да одлучуваат кога и колку ќе се задолжува државата, онака како што беше направено и при задолжувањето на странскиот пазар со издавањето на еврообврзницата.

Да се свртиме малку кон реалната состојба во која работи приватниот сектор  додека Македонија се наоѓа во целосна политичка неизвесност. Рековте дека приходите од ДДВ потешко се наплаќаат…Во каква состојба е македонската економија?

 

Секој кој малку повеќе се движи низ бизнис круговите знае во каква состојба е приватниот сектор, каква е неликвидноста и како оди исплатата на доспеаните обврски од страна на државата. Како и секогаш досега, така и сега министерот за финансии тврди дека сите институции навреме си ги исполнуваат своите обврски. Но, многу од компаниите се плашат јавно да зборуваат за тоа, па доставуваат анонимни податоци и информации дека тоа не е така. И пред неколку години министерот за финансии тврдеше дека државата нема никаков долг кон приватниот сектор, се до денот кога премиерот ги собра сите бизнисмени за официјално да им каже дека владата ќе се раздолжи со стопанството.  Според мене, целиот дефицит кој се прави во овие месеци е со цел позасилена исплата на сите субвенции, трансфери, како и за исплата на заостанат невратен ДДВ од претходниот период. Неофицијално, фирмите добиваат и известувања од одредени буџетски корисници со кои им се најавува дека повратот на ДДВ ќе стане поинтензивен во февруари и март, со што фирмите се на некој начин ставени во позиција да бидат зависни од власта.

Како може да се надмине оваа ситуација? Како СДСМ планира да им го олесни работењето на фирмите?

Во овој момент државата е почетната алка во синџирот на огромната неликвидност во економијата. Практиката на повластена страна на владата во договорните односи со правните субјекти мора да престане.
Најдобар начин да им се помогне на фирмите е целосна реализација на капиталните инвестиции. Ако погледнеме наназад тие ниту една година не се реализираат во целост и во сите години до сега, почнувајќи од 2008, реализацијата се движи околу 70% до 80% од првично планираните капитални инвестиции во буџетот.
Исто така, во Визијата за Македонија една од основните цели ни е да им помогнеме на домашните мали и средни претпријатија. Тие, според нас, треба да бидат движечката сила за реален раст на македонската економија. Веќе во првата година кога ќе дојдеме на власт ќе им доделиме на фирмите 20 милиони евра државна поддршка. Целта ни е во четвртата година од мандатот оваа поддршка да изнесува 50 милиони евра. Со овие средства очекуваме реален економски развој, отворање на нови работни места во приватниот сектор, преку кои меѓу другото ќе се санира и состојбата во пензискиот фонд со зголемен прилив на средства по однос на придонеси.

Овој начин на привлекување на странски инвестиции  е погубен за Македонија

Колку е опасна оваа ситуација во која Фондот за пензиско осигурување е целосно зависен од трансферите од буџетот за да исплати околу половина од пензиите?

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) се наоѓа во многу лоша состојба. Да ги погледнеме наназад трансферите од буџетот кои се прават кон Фондот. Во 2008 година 27% од вкупните приходи на Фондот биле трансфери од државниот буџет. Сега трансферите од буџетот достигнуваат 42% од вкупните приходи на Фондот.

За да биде уште појасна сликата за тоа колкави се тие трансфери кон Фондот ќе го кажам и следниов податок. Дури 51,57% од вкупните приходи од ДДВ, кој е најголем полнач на буџетот, одат како трансфери кон Фондот за ПИОМ.
Во 2008 година трансферите за државниот фонд било околу 27% од приходите од ДДВ. Значи, во услови кога се намалуваат приходите од ДДВ во буџетот, се поголем дел оди за трансфери за пензии. Тоа е многу проблематична ситуација која наложува дека државата ќе мора да се задолжува за да може редовно да исплаќа пензии.
Мислам дека целиот концепт на оваа власт, кој се базира на привлекување на странски инвестиции по секоја цена, преку евтина работна сила и со огромни субвенции, а целосно заборавање на домашните компании, не остава на дното. Стапките на економски раст се мали, а заради преголемите субвенции и ослободувања кои им се даваат на странските инвеститори, фактички нема кој да плаќа придонеси. Мислам дека овој начин на привлекување на странски инвестиции  е погубен за Македонија.

Како го коментирате фактот што во време кога според податоците на власта невработеноста е историски најмала, Фондот за пензиско има се помалку приходи?

Тоа е економската нелогичност на целата политика. Како е можно да имаме најниска невработеност, а фондот за ПИОМ секој месец да бара се поголеми трансфери. Можеби се зголемува бројот на луѓе кои се вработуваат во странските компании, но фактот што тие не плаќаат никакви даноци и придонеси создава дупки, односно дефицити во буџетот и во сите фондови, кои стануваат се поголеми. Тоа е тој магичен круг кој може да потрае уште некое време, но во еден момент неминовно ќе пукне.

Колкави стапки на раст ќе ни требаат за да можеме да ги отплаќаме долговите ?

Просечниот годишен економски раст на Македонија од 2009 досега е само 2%. Кога се задолжувате надвор со каматни стапки поголеми од растот, како што тоа го прави Македонија, се задолжуваше со стапки од 10% за една еврообврзница, потоа со околу 4%, сега со 5,125%, а имате раст од само 2%, само магионичар може да ве спаси од банкрот. Ако продолжиме, банкротот е неизбежен. Економистот Ставрески тоа го знае.
За Македонија неопходен е раст кој пред се ќе биде одржлив во подолг период и не помал од 6% годишен раст. Основно е дека стапките на раст мора да бидат поголеми од каматните стапки на кредитите со кои државата се задолжува.

Дали Македонија оди кон ситуација во која ќе биде неизбежно склучување на аранжман со ММФ и зголемување на пример на стапката на ДДВ или големи кратења на расходите за да може редовно да ги исплаќа долговите кон странство ?

Да, тоа е многу реално сценарио. Покрај засиленото задолжување на власта на домашниот пазар, на почетокот на годинава веќе имаме зголемување на каматните стапки на државните записи, кај некои и до 10%, за тие да се направат поатрактивни за банките. Кога ќе се види дека не може повеќе да се зголемуваат каматните стапки и да се исцицува домашниот пазар, ќе дојдеме до неминовна ситуација кога ќе мора да се бараат пари на странскиот пазар. Можеби е можно може уште една еврообврзница да биде издадена и потоа доаѓаме до сценарио во кое ќе мора да се бара аранжман со ММФ. Тоа подразбира мерки кои ќе значат или зголемување на стапката на ДДВ, но истовремено и кратење на расходите во буџетот, односно намалување на плати, пензии, субвенции и сл. Тоа е страшно лошо сценарио. Но, ако сега не се стави крај на овие политики, тоа е сценариото кон кое одиме.
Една од основните столбови во економската програма на СДСМ е прогресивното оданочување со цел да се намали нееднаквоста меѓу граѓаните?  Дали е тоа начинот кој ќе ја намали нееднаквоста?

Нееднаквоста меѓу граѓаните, во  обем во кој што е кај нас присутна, не може да се намали само со една промена. Многу е важно, пред било каква промена, да се осигура исполнување на неопходни услови кои ќе гарантираат ефикасна реализација и резултати на промените. Тука во прв ред е департизација и независност на институциите кои треба да обезбедат транспарентност во процесите. Транспарентноста е главниот коректив на понатамошната праведна прераспределба на доходот.
За да се намали екстремниот јаз кој постои во Македонија и да се дојде до некаков конкретен резултат, е потребно да се дејствува во две насоки. Прво, да се направи поправеден начинот на собирање на средства преку воведување на прогресивно оданочување и врзување на висината на даноците на имот со големината, односно вредноста на имотот, и второ, да се осигура дека тие поправедно собрани средства ќе бидат прераспределени кај најсиромашните слоеви на граѓани, на оние што најмногу им се потребни.

 

Ќе мора да се бара аранжман од ММФ

Можеби е можно може уште една еврообврзница да биде издадена и потоа доаѓаме до сценарио во кое ќе мора да се бара аранжман со ММФ. Тоа подразбира мерки кои ќе значат или зголемување на стапката на ДДВ, но истовремено и кратење на расходите во буџетот, односно намалување на плати, пензии, субвенции и сл. Тоа е страшно лошо сценарио. Но, ако сега не се стави крај на овие политики, тоа е сценариото кон кое одиме.
Naumov 3Амнестија не е можна. Криминално стекнати пари мора да бидат запленети!

А што со онаа нееднаквост која се создаваше со тоа што одредени луѓе и фирми блиски до власта незаконски добивале големи зделки и пари од буџетот, кои потоа се враќаат во економијата и создаваат нееднаквост. Каков статус ќе имаат тие приходи и богатства? Дали тие ќе бидат амнестирани?

Амнестија не е можна. Вистината на Македонија не би се објавувала и не би стигнала до овде ако некој помислил дека е можна амнестија. И не само преку Вистина на Македонија, што е само 10% од она што се случува. Идната влада мора да се најде начин како тие пари да се вратат назад во економијата и буџетот. Криминално стекнати средства мора да се запленат, се разбира низ правни процедури, можеби и специјални, зошто ние и онака сме во специјална ситуација одамна. Затоа е донесен и специјален закон за специјално обвинителство баш за ваквите дејства.
Нормално дека не можете сите случаи да ги докажете и процесирате, но во еден голем дел мора да завршат со конфискација и никако поинаку.


Мора да има правна завршница на злоупотребите кои ги слушнавме

 

Не смее да се дозволи повеќе ваква злоупотреба на системот од неколкумина кои мислеле дека можат се и се им е дозволено. Во наредниот период ќе се донесат низа законски мерки кои ќе оневозможат во иднина да ни се повтори ваква или слична состојба, без разлика кој е на власт. Заштитата на основните демократски права и секако правната завршница за сите злоупотреби што ги слушнавме преку проектот „Вистината за Македонија” се моите главни очекувања за 2016 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×