Кирил Самарџиоски: Илјада страници беа премалку да ја раскажам приказната за Прилепска пиварница
Објавено на од во Интервју

Samargioski-WEB-03Кирил Самарџиоски – претседател на УО на Прилепска пиварница

После 40 години поминати во Прилепската пиварница, долго време и на директорската позиција, денешниот најголем акционер и претседател на Управниот одбор, Кирил Самарџиоски, реши во монографија да ги преточи своите сеќавања, белешки, но и бројни архивски материјали макотрпно собирани за почетоците, успесите, но и тешките моменти за компанијата. Монографијата ќе биде промовирана на 6 јули, а во ова интервју накратко се осврнуваме на најзначајните моменти во историјата на една од најуспешните прилепски и македонски компании.

“Сеќавања“ се вика монографијата посветена на основањето, растот и развојот на Прилепската пиварница, која што во печат излегува деновиве. Напишана е од г-дин Кирил Самарџиоски, долгогодишен директор на компанијата, од 2007 година пензиониран, сега претседател на Управниот одбор. Вели дека пет години му биле потребни на хартија да гостави сето она што го издвоил како најважно за време од 40-те години на неговата кариера во пиварницата, но и периодот пред него, за кого што макотрпно собирал материјали по архивите. За потребите на ова интервју ни позајми интересни и ретки фотографии искористени во монографијата, како на пример оние од самите основачи, факсимил од нивниот договор за ортаклак, моментот на потпишување на договорот за лиценца со Пепси во 1979 година…

“Делото ќе ги афирмира бизнисот и економијата, во контекст на политиката и на идеологиите низ времето, но ако читателот се загледа подлабоко, ќе проникне во филозофијата на еден живот во кој низ процесот на себепреиспитување и на одговорност, афирмирана е смислата на човековото живеење и дејствување преку личносни релации во заедништво, застапувајќи ја вечната смисла на човеко-вата лична и заедничка егзистенција. Но, да оставам читателот да цени…“, вели Кирил Самарџиоски за своето дело.

Г-не Самарџиоски, кога ви дојде идејата да напишете монографија за Прилепска пиварница? Колку време го пишувавте делото?

Јас уште во 1992 година сакав да направиме монографија за пиварницата. Ангажиравме дури и новинар – хроничар од Битола да помогне во пишувањето, му дадовме и аванс за хонорарот. Но, тоа беа години на турбуленции, осамостојување на Македонија, проблеми на пазарот, приватизација…и јас од премногу обврски, едноставно немав време да се посветам на монографијата. Па така, ја ставив идејата привремено во фиока. Во 2007 година, кога заминав во пензија, заради тоа што одеднаш ми се појави многу слободно време, решив да ја активирам повторно оваа моја идеја. Им го соопштив тоа на синот и ќерката кои што ме наследија на директорските позиции, добив безрезервна поддршка од нив и почнав. Првичната идеја ми беше во монографијата да го опфатам периодот од моето вработување во Прилепска пиварница во 1966 година, па до пензионирањето и неколку години потоа, до 2014 година. Но, откако размислив малку, сфатив дека не е фер само периодот на мојот професионален ангажман да биде опфатен, затоа што историјата на пиварницата не почнува со мене, се разбира, па решив, поради целовитост и континуитет на настаните, да го документирам и временскиот период на основањето на пиварницата во 1924 година, нејзиното работење, нејзиниот прекин на производство во 1940 година, нејзината конфискација во 1946 година и нејзиното повторно активирање во 1952 година. Се разбира, поради големата временска дистанција и фактот што нема ниту еден жив директен учесник (сопственик) од тоа време, како и скромниот материјал, тоа беше можно само со фактографско прикажување на архивската граѓа, која грижливо ја собирав од неколку различни извори. Во 2011 година почнав со пишување и за околу пет години, се собраа преку илјада страници материјал, кого што морав во неколку наврати да го кратам, средувам и сл. Силно се надевам дека текстот реално ќе го осведочи времето во кое битисуваше пиварницата и плејадата генерации што се вградија во неа. Верувам, читателот, уште додека го чита текстот, ќе го обземе чувство на восхит при помислата и чудната храброст на неколкутемина граѓани од Прилеп, кои речиси пред едно столетие решиле да се зафатат со мошне ризичната и неизвесна инвестиција – изградба на пиварница, прв индустриски капацитет во градот, веројатно и пошироко на овие простори.

Како всушност почнува приказната за Прилепска пиварница? Што успеавте да “ископате“ по архивите за тие времиња?

Идеја да отворат пиварница добиле прилепчаните, браќата Милан, Спиро и Ѓорѓи Грданоски, чии што татко се вратил од Америка со спечалени пари, па решиле да инвестираат, како и нивниот роднина Домле Јованоски. Во тоа време Македонија била Вардарска бановина во Кралството СХС, па презимињата на основачите, како и на сите други во тоа време биле во српска верзија, што читателите може да го видат од оригиналните документи претставени во монографијата. Овие четворица купиле нива од околу 8.500 квадрати во сопственост на браќата Неџип и Рауф Сулејман, за која што исто така во архивите ја најдов тапијата. На таа нива, во 1924 година е никнат првиот ркулец на денешната современа Прилепска пиварница. Се разбира, производството на почетокот било мануелно, немало ниту кадри, ниту технологија на овие простори за правење на пиво. Во 1928 година пиварницата добила уште девет содружници во сопственоста, затоа што западнала во финансиски проблеми. Меѓу нив и мојот вујко, на мајка ми брат, и еден тетин. Значи, пиварницата добила 13 сопственици, кои што направиле еден, и за денешни прилики, совршено јасен, прецизен и едноставен Договор за ортаклак, кој што ги регулирал правата и обврските на секој поединечно.
Тогаш пиварницата го добила името “Кралевиќ Марко“, и работела до 1940 година, кога затворила заради, повторно, финансиски проблеми, а не заради почетокот на Втората светска војна, која на просторите на СХС доаѓа на 6 април 1941 година, како што сите знаеме. По војната, новата власт ја конфискувала пиварницата и неколку години таа не работела воопшто. Во 1952 година тогашниот општински Народен одбор донел одлука за нејзино реактивирање и во 1954 година, по извршените подготовки и правното припојување кон фирмата “Црвени стени“ (производител на газирани сокови, оцет и вино, н.з.), со скромен капацитет од 5.000 хектолитри годишно, пиварницата почнала со работа. Следните неколку години се зголемува капацитетот во неколку наврати, бил набавен парен котел, по што фирмата го добила името Парна пиварница Прилеп. Интересно е што пиварницата произведувала и мраз, кој во тоа време, заради немањето фрижидери бил многу баран насекаде.

Prilepska-pivara-01Договор со Пепси кола

Спомнавте дека вие сте се врабо-тиле во 1966 година во Прилепска пиварница. Каква беше во тој момент состојбата во фирмата?

Јас кога се вработив производството веќе беше стигнало до 42 илјади хектолитри, или 8,4 милиони шишиња пиво годишно. Работевме по 12 часа на ден најмалку, саботи и недели, едноставно, не можевме да постигнеме. Фалеше кадар, фалеше опрема, имавме неразбирање и притисоци од тогашното конзервативно раководство на пиварницата кога ќе побаравме нови вработувања и инвестиции и сл.

После еден критички прилог на Радио Скопје, направен од новинар што дојде во посета на пиварницата и правеше интервју со нас, во 1972 година на повисоко ниво беше донесена одлука да се направи поголема реконструкција на пиварницата. Се инсталираше нова опрема, јас во меѓувреме од сменоводител, бев деградиран во магационер, па повторно ме вратија во погон, станав шеф на производство, па шеф на лабораторија која што, патем, не постоеше, па на крајот технички директор. Прилепската пиварница почна да се реконструира, всушност, кога се слушна муабетот дека во Битола ќе се гради нова пиварница, што ги загрижи високите политички кругови во Прилеп. Во меѓувреме, актуелниот генерален директор на Прилепска пиварница се повлече од здравствени причини и јас станав в.д. директор. Веднаш примив десетина високо образовани кадри и побрзиот развој почна 75,76 година, до кај 80-та. Во 1979 година потпишавме договор за лиценцирано производство на Пепси кола, со Pepsi Co. International – New York, за што изградивме нова фабрика. Тие, преку својот претставник за југословенскиот пазар бараа партнер во Македонија, долго време се обидуваа со Пивара Скопје, но тие во тој момент беа во тешка ситуација, и потоа ни се обратија нам. Техничко – технолошкиот напредок што во втората половина на 70-те го имаше пиварницата не остана незабележан од луѓето на Пепси и за прилично кусо време ги договоривме сите детали со нив.

Договор со светска корпорација од капиталистичкиот блок во време на социјалистичка Југославија… Како одекна тоа во средината?

Инвестициите, новите кадри, договорот со Пепси…сето тоа доведе до трикратно зголемување на капацитетот на пиварницата за само три години – од 86 илјади хектолитри во 75-та на 250 илјади во 78-та. Пиварницата веќе зачекори во интернационалните води и се отворија прозорците кон слободниот свет. Се разбира, оваа розова приказна во осумдесетте години на минатиот век не беше атрактивна за конзервативните општински кадровици, па решија да направат преиспитување на предвидениот пат по кој беше тргнала пиварницата и извршија промени во тогашното раководство, односно мене од позицијата генерален директор ме преместија да бидам директор на фабриката за пивски слад во Прилеп, која што тогаш беше во состав на ЗИК Прилеп, беше монтирана, но не и пуштена во погон.
Следуваше експеримент во начинот на раководење на пиварницата, кој, очигледно, беше недостојна копија на оригиналот. За жал, неизбежното забрзано се појави на виделина со сета своја жестина. Епилог: целосен пад на продажбата, загубени деловни партнери, финансиско растројство, заборавени инвестиции, кадровско бегање, плата – соодветна на сивилото, урнат морал и целосна демотивираност на вработените. Следуваше работничка непослушност и смена на неспособното раководство, во кое никој не беше виновен, а, пак, од политичарите што го извршија безумното растројство на тогаш високо етаблираната пиварница, немаше ниту траг, ниту глас.



Prilepska-pivara-22

Œ1. Кирил Самарџиоски избран за Макменаџер на Македонија за 1993 година
2. Основачите на Прилепска пиварница, браќата Милан, Спиро и Ѓорѓи Грданоски и нивниот братучед Домле Јованоски.
Ž3. Кола за дистрибуција на пиво од Прилепска пиварница во 20-те години
4. Кирил Самарџиоски (лево) го потпишува договорот со Потпретседателот на Pepsi Co International господин Херберт Лај.
5. Сопствениците и менаџери на Прилепска пиварница добиваат високо признание од МПЦ во 2014 година
‘6. Кирил Самарџиоски со југословенската фудбалска легенда Стјепан Бобек на стадионот на Победа во Прилеп


Турбулентните времиња по приватизацијата

Кога се вративте вие во пиварницата и што презедовте?

Јас се вратив во Прилепска пиварница на 7 април 1989 година и следеше нов почеток, но во многу потешки услови. Допрва претстоеше макотрпна работа. Со многу работа успеавме да ја исправиме на нозе пиварницата.
Следуваа една по една инвестиција, некогаш помала, некогаш поголема. Почна да се наѕира надежта, но не нè одминаа пречките, опструкциите и љубомората на недобронамерните и на завидливите на секој постигнат, макар и мал успех на пиварницата…
Во почетокот на 90-те, како резултат на промена на политичкиот систем, дојде до промена и на сопственичката структура во општеството, според тоа и на пиварницата, од општествена (ничија) се трансформира во акционерска. Ја почнавме недоволно познатата приватизација, прво на стовариштата и на возниот парк. Сопственици на стовариштата станаа нивните дотогашни раководители, кои отворија свои фирми, ги презедоа вработените и станаа деловни партнери (овластени дистрибутери) на пиварницата. Сопственици на камионите станаа нивните возачи, кои, пак, ја вршеа истата работа, превоз на пиво и на сокови, но овој пат, колку работа – толку пари. Нештата почнаа да одат на подобро. Во почетокот на 1995 година пиварницата се трансформира во акционерско друштво со 57,5% акционерски капитал на вработените и 42,5% на Агенцијата за приватизација. Очигледно беше дека недостигаше акционерско искуство, зборот акција не постоеше во вокабуларот на вработените.

Како поминаа постприватиза-циските години во Прилепска пиварница?

Периодот на приватизацијата, значи средината на 90-те, но и потоа почетокот на новиот милениум, беше обележан со низа турбулентни настани за Прилепска пиварница. Така, во 2000 година, тогашна Инвестбанка успеа да влезе со 32% во нашата акционерската структура и како што подоцна дознавме, зад тој капитал стоел нашиот најголем конкурент на домашниот пазар, Пивара Скопје. Но, тие не успеаја да дојдат до поголем број на акции и да ја загрозат позицијата на доминантните акционери, луѓе кои што вложија многу години од своите животи во успехот на пиварницата. Не успеаја ниту да ќарат дивиденда, затоа што ние години со ред, одлучувавме сета нераспределена добивка да се реинвестира. Затоа ние за развојот во последниве дваесетина години немаме земено ниту еден кредит од банка. Подоцна, во 2007 година, Инвестбанка ги продаде своите акции за време на берзанскиот бум, претежно на хрватски и словенечки инвеститори и ќари многукратно од разликата во цената. Со Пивара Скопје имавме и други судири на пазарот, како оној околу користењето на малото шише за пиво, за што поопширно објаснувам во монографијата.

Во 90-те морам да ја истакнам појавата на нашето ново пиво Круна, потоа преиме-нувано во Кроненбиер, што го сметам за моја грешка. Иако, со Круна имавме забележителен успех на албанскиот пазар. Во 2000 година почнува новата ера во развојот на пиварницата, со појавата на новиот бренд Златен Даб, со кого што направивме невиден успех на пазарот. Но, зад сето тоа стојат големи инвестиции во технологија, опрема, маркетинг…

Дојдовме пополека до вашето повлекување од активниот менаџмент во Пиварницата, поточно пензионирањето пред девет години…Што се случи оттогаш?

Во 2007 година им го отстапив челното место во компанијата на моите наследници, ќерката Панде и синот Сашко – решив да се пензионирам. Новиот менаџмент се освежи со уште неколку врвни менаџери, ја продолжи основната деловна политика и ја надгради со современи креативни решенија, идеи и замисли. Во последните 10 години се вложени повеќе од 46 милиони евра сопствени средства – повторно, без денар банкарски кредити – во осовременување на производството со најмодерна технологија и опрема. Квалитетот достигна совршенство. Од година во година се редеа нови и нови рекорди во продажбата, како на „Пепси кола“, така и на „Златен даб“. Но, тоа не можеше да се замисли без целосно исполнување на врвните и строги стандарди за квалитет и за безбедност на сопствените производи, што не остана незабележано од референтите светски организации, институции и асоцијации. Можеби, пак, најважно од сè во убавава приказна е големата награда од домашната публика, која ги препозна како свои и со нескриено задоволство ги прифати производите на Прилепска пиварница, кои, очигледно, станаа нејзино неразделно секојдневие. Епилог на ова беа престижните, и светски, и домашни награди, кои се редеа исто како што се редеа рекордите, од година во година. Би ја истакнал наградата најменаџер во Македонија што ја добив во 1993 година, а во 2014 година добив награда од Град Прилеп за животно дело. Компанијата пак, доби високо одликување Орден Св. Климент Охридски од втор ред во 2014 година, заради помагањето во изградба на храмови, помош на манастири, итн. Потоа добивме награда и од Пепси кола, како еден од најдобрите нивни партнери во светот, а тука е и наградата Претседателски круг на шампиони (Chairman’s Circle of Champions) доделена од извршната директорка на Пепси, Индра Нои.


Samargioski-WEB-01Среќен сум што децата се поуспешни од мене

Колку сте задоволни од развојот на компанијата без вас
на извршна функција?

Неизмерно сум горд што Панде и Сашко, мојата ќерка и син, се покажаа извонредни на челните позиции на пиварницата, би рекол, поуспешни од мене. Синот е економист, повеќе ориентиран кон развојот на продажбата, дистрибуцијата, маркетингот, односите со јавноста, додека ќерката како технолог, се грижи повеќе околу техничко – технолошките аспекти на производството, квалитетот на пијалаците, итн. Пред да се вработат, јас ги пратив во САД на дошколување, да научат прво англиски перфектно, затоа што јас бев хендикепиран во тој поглед- иако станавме партнери на американската Пепси корпорација, јас не знаев англиски, затоа што на времето учевме руски и француски. Двајцата го посетуваа познатиот Институт за англиски јазик во Фресно, Калифорнија, а Сашко имаше и пракса во Пепси кола.
Со нивното доаѓање на чело на компанијата, се зголеми капацитетот на 500 илјади хектолитри годишно, а во 2011 година одлучија да набават најнова опрема за филтрација, т.н. бескиселгурна мембранска филтрација, каква што имаат само неколку пиварници во светот. Бројни се инвестициите направени по нивна иницијатива, потоа ребрендирањето на Златен даб пред неколку години, проширувањето на дистрибуцијата со други брендови пиво, вино, флаширана вода….

2 thoughts on “Кирил Самарџиоски: Илјада страници беа премалку да ја раскажам приказната за Прилепска пиварница

  1. Malku se vakvi uspesni menadjeri vo samostojna Mkedonija koi uspejaa da ja odrzat firmata i da obezbeduvaat egzistencija za mnogu familiji vo Prilep i posiroko.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×