Новата маркетинг парадигма која бара брендовите да го направат светот подобро место, да бидат достапни за потрошувачите, да играат улога на адвокати, наставници, пријатели, партнери, утешители и забавувачи, несомнено им наметна огромен притисок. Не е чудно што многу од нив, обидувајќи се да ги исполнат очекувањата, се загубија по патот и заборавија дека потрошувачите во сопствениот хаос најмногу сакаат само едно нешто од брендовите: да им го поедностават животот што е можно повеќе.
Со оваа потреба за едноставност се занимава консултантската компанија Siegel + Gale, која неколку години по ред спроведува истражување „World’s Simplest Brands“ или „Наједноставните светски брендови“. За најновото издание од Siegel + Gale спровеле истражување на повеќе од 15 илјади потрошувачи во девет земји за да откријат кои брендови им ги нудат наједноставните решенија и токму затоа ги сакаат.
Како што објави магазинот The Drum, се покажало дека наједноставни се оние кои го ставаат овој атрибут во центарот на искуството на потрошувачите. Едноставноста, велат, ја продлабочува довербата, ја зајакнува лојалноста, но и подготвеноста на потрошувачот да потроши некој денар повеќе на својот омилен едноставен бренд. Ова е поткрепено со статистички податоци.
Така, на пример, студијата покажала дека 76 отсто од испитаниците попрво би препорачале бренд кој нуди едноставно искуство, а 57 отсто од нив се подготвени да платат повеќе за тоа. Брендовите кои не можат да понудат едноставност губат парче од колачот вреден 402 милијарди долари. Значи, едноставно кажано, едноставноста не само што го олеснува животот на потрошувачите и го намалува нивниот стрес (особено купувањето), туку носи и финансиски придобивки за брендовите што ја прифаќаат.
Дигиталните услуги на врвот
Сега, деветтото издание на студијата вклучува листа на наједноставни брендови и открива што е едноставност, односно како потрошувачите ја дефинираат. Со други зборови, нема еднакво значење за сите: некои очекуваат едноставен производ, други едноставно купување, а трети ќе ја ценат едноставноста на маркетиншката комуникација.

Но, она што е заедничко за сите такви брендови е тоа што тие не ја третираат едноставноста како нуспроизвод или нешто поврзано со деловниот сегмент, туку го прифатиле во целост. Како што пренесува The Drum, на врвот на листата на наједноставни брендови на Siegel + Gale е семоќниот Google, кој преку многу од своите бизниси и платформи, од пребарувачи, cloud услуги, до аналитика, ја извршува истата мисија: организира информации и ги прави достапни и корисни за сите. Минатата година го презеде Fitbit за 2,1 милијарди долари и одлучи да ја прошири својата мисија во индустријата за здравје и wellness. Со интегрирање на сопствените производи и услуги со Fitbits, тој им овозможи на потрошувачите полесно и поефикасно да го следат нивното здравје и физичка кондиција.
Втор на листата на наједноставни светски брендови е уште еден дигитален бренд кој, исто како и Google, профитираше од пандемијата. Во не толку далечната ера на одржување на социјална дистанца, Netflix им го олесни животот на луѓето со добра забава. Целта на оваа платформа за стриминг е да ја направи забавата достапна за секого и со само еден клик на копчето „play“ да го отвори целиот универзум на забавни содржини за различни генерации и вкусови.
И традиционалните индустрии сфатија „колку е часот“

Стариот добар Lidl, судејќи според истражувањето, заради едноставноста ја победи конкуренцијата на светскиот пазар. Овој германски ланец на т.н. „хард-дисконт“ маркети работи со мисијата „висок квалитет, ниски цени“ и се држи до неа уште од отворањето на својата прва продавница. На современите потрошувачи особено им се допаѓа тоа што во последниве години ја зајакнаа својата понуда на растителни производи и на тој начин се прилагодија на нивните потреби. Според тоа, Lidl одлучи да игра на картата на одржлив развој и грижа за животната средина, па им вети на клиентите ширум В. Британија (и пошироко) дека ќе инсталира 350 станици за полнење за електрични возила веднаш до своите продажни места.
YouTube е на листата веднаш зад Lidl, на четвртото место. Потрошувачите го издвоија поради едноставноста на интерфејсот, односно лесната навигација без прекумерен вишок на информации/содржини. Овој дигитален гигант, исто како и Lidl (и многу други), одлучи да се позанимава со некои горливи прашања, како што е климата, и вети дека ќе забрани рекламирање на брендови / поединци кои ги негираат климатските промени.
Холандскиот трговски ланец Aldi (петто место) беше пофален од потрошувачите бидејќи има иновативни цени, но и производи. Овој холандски малопродажен бренд ги воодушеви клиентите со иновацијата што ја нарече „Charcuterie Board of Directors“; во него членуваат блогери за храна, готвачи и познавачи кои им помагаат на купувачите да состават перфектен ордевер.
McDonald’s, пак, се најде на шестото место поради едноставните производи, но и поради тоа што секој клиент точно знае што да очекува од одредени менија. The Drum, на пример, го издвојува нивниот помфрит, кој е едноставно вкусен, но и напорот да се поедностави животот на луѓето за време на пандемија и да им се помогне на оние што се во неволја. Од 2020 година, компанијата донирала милиони оброци на воспитувачите, луѓето на „првата борбена линија“ и здравствените работници.
Потрошувачкото искуство и инклузивноста – добитничка комбинација
Бидејќи се докажа во пандемијата, поради своите едноставни иновации, потрошувачите на седмото место го ставија Samsung. Така, на пример, во 2020 година беше лансиран The Frame – телевизор кој кога ќе се исклучи, се претвора во уметничко дело за секој да може да ужива во најдоброто сликарство, иако не излегол од дома.
На листата на наједноставни е гигантот за е-трговија Amazon, кој стана еден од највредните брендови во светот токму поради едноставноста и достапноста на производите. Неодамна реши да се обиде и во индустријата за подкасти, па воведе едноставна иновација: на неговата платформа може да се читаат (транскрибирани се ) поедини подкасти за да можат да ги консумираат потрошувачите со проблеми со слухот.
Поедноставувањето на потрошувачкото искуство и инклузивноста за Amazon беше полн погодок. Истото може да се каже и за јапонскиот Uniqlo, моден синџир кој привлекува купувачи низ светот преку интересни соработки со икони од поп културата, како што се Sesam Street или Disney. Покрај тоа, брендот се заснова на квалитет, долготрајност и одржливост од своето основање до денес.
Иако не е толку долго на пазарот, Spotify исто така беше издвоен од испитаниците како еден од десетте наједноставни брендови. Оваа платформа за стриминг на музика неодамна отиде чекор понатаму во поедноставувањето на своите услуги со додавање на Car Thing, уред кој му овозможува на корисникот да издаде гласовна команда на платформата и на тој начин да ја избере својата омилена музика.
Многу освестени маркетинг директори, заклучува The Drum, сфатија дека комплексноста е непријател. Потрошувачите сакаат брендови што можат да ги разберат, кои се транспарентни, искрени, иновативни, свежи и корисни. Со еден збор – едноставни.




















