Кој е Христијан Мицкоски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ пошироката јавност го запозна како претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, позиција на која дојде во 2016 година. Професорот на Машинскиот факултет во Скопје е роден во 1977 година, а работниот век го почнал во 2001 година, како главен и одговорен проектант и изведувач на теротехнички инсталации во Фонко клима – Скопје, пред во 2002 да стане помлад асистент на Машинскиот факултет, каде во 2004 година станал и асистент. По докторирањето на истиот факултет станал доцент, и во 2014 година вонреден професор.

Автор е на над 100 научни трудови и добитник на меѓународни награди и признанија за иновации. На академска надградба бил на универзитети во Германија и во Италија. Мицкоски од 2015 година до крајот на мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше советник за енергетика на премиерот.

Во партиската кариера, на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека Мицкоски бил член на Конгресот во 2003 година кога за претседател беше избран Никола Груевски. Бил копретседател на партиската комисија за енергетика од 2010 до 2012 година; дел од републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ за Изборната единица 4 на изборите во 2008, 2014 и 2016 година, и на главниот републички изборен штаб на изборите во 2011. Претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ станал во април 2017.

Пред на Конгресот во Валандово да биде избран за претседател на партијата, беше нејзин генерален секретар, и секако, член на Извршниот комитет.

Мицкоски во говорот на Конгресот истакна дека главна цел му е консолидација на партијата, односно победа на следните парламентарни избори, при што ѝ забележа на Владата на СДСМ дека евроатланските интеграции „ги користи за протоколарна цел“, за прикривање на „безидејноста, економскиот колапс и падот на стандардот на граѓаните“.

Но, веќе следниот ден отиде во Струмица, во храмот на Светите петнаесет тивериополски маченици, за да побара црковен благослов за своето лидерство во ВМРО-ДПМНЕ, кога повика на „помирување, толеранција и разбирање“.

„Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани треба да се научиме на простување, да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние кои што грешат треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат“, изјави Мицкоски по поводот.

Тој лидерството со најголемата опозициска партија во Македонија го презема од Никола Груевски во ситуација на разединето раководство и поделби меѓу членството, кои кулминираа токму со неговата кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. На Конгресот во Валандово не дојдоа некои од делегатите, но најзабележливо беше отсуството на некои од најзвучните имиња од партија, Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Трајко Вељаноски …

Мицкоски беше единствен кандидат за наследник на Груевски, за што Димовски во пресрет на конгресот оцени дека не е позитивно за партијата, а Милошоски (во контекст на барањата потпишани од видни членови на ВМРО-ДПМНЕ, од кои главно беше барањето да се одложи конгресот поради нетранспарентност на процесот) порача да не се дозволи „новиот партиски лидер однапред да биде познат и избран во една недемократска и нефер трка“. Милошоски рече и дека повеќепати разговарале за проблемот со Груевски, во четири очи и на состаноци со поширокото партиско раководство, но нивните сугестии биле прифатени само декларативно. Сега веќе поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не остана должен, и на Конгресот рече дека мандатот го започнал со нож во грбот, а си заминува со повеќе ножиња во грб.

За некои неочекувано, првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, го поддржа изборот на Христијан Мицкоски за претседател на партијата, сметајќи го за најнекомпромитиран меѓу потенцијалните кандидати.

„Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ сепак е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса…“, напиша Георгиевски на Фејсбук.

За Мицкоски, како што самиот изјавуваше пред Конгресот, важно е новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да биде прифатен од меѓународната заедница, а во говорот по повод изборот на највисоката партиска функција рече дека „патот на Македонија е членство во ЕУ и во НАТО, а за тоа треба реален напредок, реално решавање на проблемите по пат на дијалог“.

И премиерот Зоран Заев му посака среќа на новоизбраниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека „очекува конструктивен процес и критички осврт на опозицијата“. Заев додаде дека учеството на ВМРО-ДПМНЕ во законодавниот дом е важно, со оглед на тоа што доаѓаат двотретински закони за кои се потребни пратениците на опозицијата.

Христијан Мицкоски беше избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ со 376 гласа „за“ од делегатите на Конгресот на партијата, од кои се изјасниле 428 (од вкупно 438 запишани), при што имало 52 неважечки ливчиња.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×