Кој е кој меѓу бизнисите што ги држат Албанци во Македонија?
Објавено на од во Економија

 

Dauti komerc

Нептун Македонија е шампион во најновиот преглед на најголемите 100 компании во земјава што се во сопственост на бизнисмени Албанци. Компанијата што има преку 25 продавници за потрошувачка електроника и бела техника има најголем приход и вработува најмногу луѓе меѓу сите рангирани компании во едицијата на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Меѓу најголемите од најголемите, односно во првите 10, доминираат фирми од секторите трговија и дистрибуција, дури 8. Градежниците пак најмногу заработуваат е заклучокот кога ќе се види дека меѓу 10 –те со најголема нето добивка, пет компании се од секторот градежна изградба или производство на градежни материјали.

Нептун Македонија, компанијата што продава потрошувачка електроника и апарати за домаќинство во своите 25 продавници низ земјава повторно е најголемата компанија според остварени приходи, меѓу компаниите членки на Стопанската комора на Северозападна Македонија – СКСЗМ. Според публикацијата Топ 100 за 2017 што неодамна ја издаде СКСЗМ, Нептун Македонија во 2017 година (анализите во публикацијата се правени според финансиските резултати на компаниите за 2017 година, последни достапни, н.з.) имала вкупни приходи од 53,54 милиони евра, што е пад од 16,2% во однос на годината претходно. Стопанската комора на Северозападна Македонија по осми пат го прави овој каталог на компании што се во сопственост на бизнисмени Албанци во земјава, или пак се дел и од регионални или меѓународни групации каде што доминира албански капитал. Компаниите се лоцирани во регионот каде што претежно е концентрирана албанската етничка заедница, како што и сугерира името на самата комора, како и во Скопје, се разбира. Вкупниот приход на 100-те најголеми компании од ова издание на Комората е 668 милиони евра, што е за 10,2 милиони евра или околу 1,6 % повеќе во однос на претходната година на пресметката, 2016. Како што истакнува претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, просечниот раст на приходот на 100-те најголеми компании членки е 6,7% од 2012-2017 година, додека вкупната нето добивка на овие фирми во истиот период растела со просечна стапка од 11,3%. “Покрај тоа, она што е важно за создавање на нови работни места и остварување на нето профит се и инвестициите или фактот колку храбри за преземање ризици се нашите компании во нестабилен период на вршење бизнис. Ова најдобро го покажуваат реализираните инвестиции во вредност од над 20 милиони евра во 2017 година“, вели Хоџа.

32-koregirana-3Меѓу првите 10, Кипер маркети со најголем пораст на приходите, а меѓу првите 100 шампион е Гротекс Градба

По Нептун Македонија, на листата со најголем приход следат неколку компании од секторите дистрибуција и трговија, поточно, на второ место е Даути Комерц, дистрибутер на широк асортиман производи за широка потрошувачка, најмногу од прехранбениот сектор, хигиена и козметика, со приход од 42,3 милиони евра, што е пораст од 8.1% во однос на годината претходно. Следи скопски Гемак Трејд, дистрибутери на познати брендови алкохолни, безалкохолни пијалаци и кафе, како и цигарите на ТКС Империјал Тобако за територијата на Скопје, со 41,2 милиони евра (+2,7%); Киппер Маркети е на четврто место, синџирот маркети со седиште во Тетово, којшто силно се шири последниве години на територијата на Тетово, Гостивар, Кичево, а во последно време и во Скопје, којшто има приходи од 39,1 милиони евра, што е раст од 46,2%, најголем меѓу сите трговски синџири во Македонија, според едицијата ТОП 200 што ја прави Капитал секоја година; на петто место е Алма – М од Скопје, долгогодишен дистрибутер на стоки за широка потрошувачка исто така, со приход од 31,3 милиони евра и пораст од 5,6%. Меѓу најголемите 10 компании според приход, најголем пораст има Киппер Маркети, додека меѓу сите 100 компании на листата, шампион според порастот на приходите од 187% во 2017-та е Гротекс Градба, градежна компанија со приходи од 2,44 милиони евра. Меѓу првите 10 компании, осум се од секторот трговија и дистрибуција, една е во градежната изградба, Набизи и една во индустријата за производство на градежни материјали, а тоа е Пофикс. Претседателот Хоџа, вели дека продолжува трендот на ориентација на бизнисмените Албанци во секторите трговија и градежништво и имајќи го предвид ова, Комората особено се залага и го поддржува развојот на компании во секторот производство. “Ние постојано се обидуваме да најдеме алтернативни можности за поттикнување на производството, создавање на нови работни места и економски развој како предуслов за надминување на проблемите со кои што се соочува општеството во целина, а особено бизнисите“, вели Хоџа.34t

Преку 70% од вработените во најголемите 10 се во трговскиот сектор

Вкупната нето добивка на ТОП 100 компаниите во северозападна Македонија во 2017 година изнесува 46,8 милиони евра, што е за 4,4 милиони евра или 11,3% повеќе во однос на претходната година. Од 2012 до 2017 година, нето добивката на ТОП 100 компаниите членки на СКСЗМ се зголемила со просечна стапка на раст од 11,3%.

Нептун и тука е лидер, со добивка од 2,54 милиони евра, но пад од 51% во однос на годината претходно. На второ место е производителот на пластична амбалажа, БАС Тути Фрути, со 2,38 милиони евра (+0,3%), следи Пофикс, производител на градежни материјали со 2,21 милиони евра (+36,5%), дистрибутерот Алма – М  со 2,15 милиони евра (+24,4%) и АНРРА –Центрум компанија во дејноста производство, трговија, транспорт и услуги на петтото место, со 1,88 милиони евра и раст од дури 4205% на добивката, со оглед на слабиот профит во 2016 од само 44 илјади евра.

Слично како  во топ 10 компаниите според приход, каде што доминираат трговци и дистрибутери, меѓу 10-те најголеми според остварена добивка исто така најмногу, или половина компании се од овој сектор, но добро котираат и градежниците, односно производителите на градежни материјали.

Вкупната добивка на 10-те најголеми според профит изнесува 18 милиони евра, што е 38% од добивката на сите 100 на листата што Комората на Северозападна Македонија.

 

Нептун Македонија е лидер и во третата категорија според која СКСЗМ ги рангира своите најголеми 100 членки, а тоа е бројот на вработени. Компанијата во 2017 имала 379 вработени, или 6,5% повеќе во однос на годината претходно. Следат Даути комерц со 320 (+13%), Алма – М со 231 (+1,3%), Киппер Маркет со 311 вработени, што е пораст од цели 58% за една година, потоа Алма – М со 245 вработени, Еколог со 202 вработени, итн. Од 10-те компании со најголем број вработени, шест работат во трговскиот сектор. Околу 1500 вработени од овој сектор, се 72% од сите вработени во 10-те најголеми работодавачи. Меѓу првите 10 со најголем број вработени се и Дебарските бањи Цапа, со 157 лица, телевизијата Алсат – М со 110 вработени, како и Вардар Доломит, производител на огноотпорни материјали, со 95 вработени. Компаниите рангирани како 100 најуспешни компании во сопственост на Албанци во земјава вработуваат вкупно 6,072 лица. Debarska banjaЕдна од категориите во коишто СКСЗМ ги рангира компаниите е категоријата на инвестиции. Рангирањето на оваа категорија е направена според процентот на годишна промена на нетековните средства. За последната година за којашто има расположливи податоци, 2017, на прво место според инвестициите е градежната компанија, ЗСФ Ком, со 3,5 милиони евра. Следи Бас Тути Фрути со 2,17 милиони евра, Пофикс со 1,75 милиони евра, Инг – Лули со 1,45 милиони евра, итн. И во оваа категорија половина од компаниите меѓу 10-те најголеми инвеститори се од градежната сфера, две се од секторот дистрибуција, Даути Комерц и Алдако, една од текстилната индустрија и една од секторот бањски туризам.


IMG_3030Компаниите во индустриската зона Визбегово до 2021 година треба да генерираат вкупен приход од 432 милиони евра

Во последната декада во Македонија с$ почесто се потенцира значењето на индустриските зони како основни двигатели на економскиот развој на земјата. Во публикацијата изработена од Инсајдер ИД и Таргет Груп за СКСЗМ и публикацијата “Топ 100” е обработено работењето на индустриската зона Визбегово од 2013 – 2017 година со проекција од 2018 – 2022 со преглед на вкупни приходи, расходи, профит, структура на компаниите според големина, дејност, број на вработени и колку компании имаат престанато со работење во претходниот период. Истата е изработена за да се долови значењето и поддржувањето на индустриската зона Визбегово, но и поддршката и на останатите исти концепти на територијата на целата држава. Во 2017-та во индустриска зона Визбегово има регистрирано вкупно 347 деловни субјекти додека активни се 245 (со предадена завршна сметка), со вкупно остварен приход 342,7 милиони евра, профит од 22,1 милиони евра. Згаснати се 139 компании во анализираниот период од 2013 – 2017 година. За 2018 година анализата предвидува вкупен приход на компаниите во зоната Визбегово од 365 милиони евра и профит од 23,6 милиони евра, за 2019 пак прогнозите се 383 милиони евра приход и без малку 25 милиони евра профит. За 2021 година се очекува компаниите во зоната да имаат приходи од 432 милиони евра и вкупна добивка од 28,6 милиони евра. Бројот на вработени како и сумата која компаниите ја издвојуваат за плаќање на вработените се од особено значење како за општината во која зоната е лоцирана така и за економијата во целина, сметаат во Комората. Во 2017-та година, 246 компании вработуваат вкупно 2669 лица или во просек 10.8 лица по компанија. „Сметаме дека поттикнувањето на започнување или пренасочување на мали и средни бизниси во зоните, преку нивна стимулација во вид на финансиски средства и деловни простории во кои истите би биле здружени постои можност за експоненцијално зголемување на соработката помеѓу малите и големите претпријатија а со тоа и зголемување на целосната вредност која ја произведува зоната. Унапредување на екосистемот во кој би соработувале малите компании со средните и големите е клучно за експоненцијален раст на зоната во целина како и придвижување на економијата во државата.“, велат од СКСЗМ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×