Кој е кој меѓу извозниците на прехранбени производи?
Објавено на од во Компании

IMG_2109

Од индустриските производители на храна, 13 компании се на листата најголеми извозници од Македонија, со вкупен извоз од 92 милиони евра минатата година. Најбројни меѓу нив се компаниите од кондиторската индустрија, односно трите најголеми извозници на прехранбени производи од Македонија се од кондиторската индустрија, која во последниве неколку години направи вистински извозен пробив во регионот и светот и една од индустриите кои и носат најголем нето извозен ефект на државата.

 

Овошјето и зеленчукот се убедливо најизвезуваните прехранбени производи од Македонија последниве пет години, покажуваат податоците на НБРМ, базирани на официјалната државна статистика: во 2017 година, на пример, извозот на овошје и зеленчук е 150 милиони евра, што е половина од вкупниот извоз на храна, вреден 307 милиони евра. Извозот на овошје и зеленчук е помал вредносно за 12,2% минатата година во однос на 2016 – та. На второ место е извозот на жита и нивни преработки, како поширока категорија што ја евидентира НБРМ, во којашто влегуваат и кондиторските производи, со износ од 72,3 милиони евра, или пораст за шест милиони евра за една година.

За потребите на “Топ 100 извозници“ ги анализираме само индустриските производители на храна, од коишто 13 компании се на листата најголеми извозници, со вкупен извоз од 92 милиони евра минатата година. Најбројни меѓу нив се компаниите од кондиторската индустрија, односно трите најголеми извозници на прехранбени производи од Македонија се од кондиторската индустрија, која во последниве неколку години направи вистински извозен пробив во регионот и светот и една од индустриите кои и носат најголем нето извозен ефект на државата.

Најголем извозник од прехранбената индустрија во Македонија веќе неколку години наназад е “Макпрогрес“ од Виница кој лани направил извоз на производи на странските пазари во вредност од 18,73 милиони евра и е рангиран на 25 место на Топ 100 извозници. Од Макпрогрес очекуваат годинава да ја завршат со 10% раст на извозот во однос на 2017 година, благодарение на зголемување на извозот на постојните пазари, отворање на нови пазари како и зголемување на понудата со нови производи и брендови.
“Во иднина можностите за раст на извозот ќе бидат зависни од дополнителните инвестиции кои се неопходни за зголемување на производните капацитети на компанијата”, вели Мишел Марков, регионален извозен директор на “Макпрогрес“. Најголеми извозни пазари на “Макпрогрес“ се Централна и Југоисточна Европа, но производите на компанијата стигнуваат на рафтовите во преку 50 земји од светот, па дури и егзотични дестинации како Малдивите, на пример.

“При крај на минатиот месец бевме присутни како излагачи на саем во Вилнус, Литванија и го снимавме тамошниот пазар, но не гледаме потенцијал за нас таму. Нашиот фокус моментално е на понатамошен развој нa пазарите на Италија, Германија, Франција, Великa Британија и САД. На крај на јуни изложуваме на саем во Њујорк од кој имаме големи очекувања.“, додава Марков.

38prehНови инвестиции за поголем извоз

Втор најголем извозник од овој сектор е “Витаминка“ од Прилеп, која лани направила извоз на производи во странство во вредност од 12,6 милиони евра. Речиси половина од производството на “Витаминка“ оди за извоз, а годишниот приход од работењето на компанијата изнесува 29 милиони евра.

“Следствено на трендот што се појави како резултат на успешната стратегија на ‘Витаминка’ уште во 2016 година, а првите видливи резултати ги даде во 2017, и за оваа година очекуваме нагорни движења во извозниот дел. На зголемувањето на извозот и пласирањето на странските пазари се работи во континуитет подолго време, па така и резултатите доаѓаат постепено во помали дози. Затоа што долго време сме посветени на овој дел од нашата работа, плановите и очекувањата за оваа и следната година се значајно зголемување на нашето присуство, воопшто на странските пазари.“, вели генералниот директор на “Витаминка“, Сашо Наумоски.

На третата позиција според големината на извозот меѓу прехранбените производители е “Свислион Скопје“, со 9,5 милиони евра и 43-та вкупна позиција во рангирањето, а по него доаѓа производителот позициониран во сегментот на здрава храна, “Виталиа“,којашто е 55-то рангирана на листата Топ 100 Извозници, која лани ја завршила со извоз на производи вреден 7,1 милион евра. Соред извозот,“Виталиа“ ја надминува Европа, која е на 58 место со извоз на производи од 6,8 милиони евра, додека кондиторската фабрика Мултипром се рангираше на 60 место со извоз од 6,5 милиони евра.

Од “Виталиа“ велат дека 2018 година очекуваат да ја завршат со зголемување на извозот од над 20%, преку нови инвестиции, раст на извозот во постоечките земји, отворање на нови  пазари, лансирање на нови уникатни производи и зајакнување на дистрибутивниот канал во земјите каде се веќе присутни. Зголемувањето на извозот планираат да го остварат преку искористување на новите капацитети и производни линии во коишто компанијата инвестирала два милиони евра.

40preh“Во  моментот брендот ‘Виталиа’ се извезува во 55 земји, на 5 континенти и тоа Европска  Унија, Америка, Австралија, Блиски Исток, Русија, Либан, ОАЕ, Казахстан, Бразил. Заедно со најголемите брендови за онлајн продажба во Велика Британија и САД развиваме иновативни и оригинални продукти согласно најновите трендови во здравата исхрана. Наша стратегија е и понатаму да го шириме присуството на брендот на нови  пазари. Всушност со освојување на секој нов пазар ние сме побогати за едно искуство, нашиот тим ја зацврстува самодовербата и чувството дека сме глобални играчи, а тоа е клучно за успех и понатамошен развој на компанијата. Како резултат на квалитетните и оригинални производи, брзиот сервис и спремноста да се задоволат специфичните барања на купувачите, денес брендот ‘Виталиа’ е присутен во најпознатите светски трговски синџири  како: Auchan, Tesco, Kaufland, Metro, Billa,Veropulos, Carrefour, Spar, Merkator, Konzum, Delhaize, Wholefoods, DM, а од пред две години сме присутни и на светската online продавница Аmazon.com како и на рафтовите на Wholefoods USA и Канада. Нашето редовно присуство на светските саеми ја потврдува определбата да се успее, а ‘Виталиа’ е бренд со цврста позиција на мапата на регионални – европски производители на здрава храна со кредибилитет во својата област. Нашата визија, вербата во брендот, одлучноста и посветеноста овозможија зацврстување на  лидерската позиција и промовирање на ‘Виталиа’ како успешен македонски бренд не само на пазарите во соседните земји туку и ширум светот. “, вели Искра Ветаџокоска – Муцунска, директор и ко – сопственик на “Виталиа“.


Потенцијалот за извоз на месни преработки порасна по укинувањето на царина за смрзнато свинско месо

Меѓу петте најголеми извозници на прехранбени производи се наоѓа и скопската фабрика за месни преработки “Пекабеско“, со 6,99 милиони евра извоз во 2017 година. Судејќи според резултатите од првиот квартал годинава, компанијата ќе има поголем извоз годинава, затоа што во периодот јануари – март приходите од продажба на странски пазари пораснале за 17%, на 1,55 милиони евра. “Пекабеско“ е единствен претставник од месната индустрија помеѓу 100-те најголеми извозници, оваа индустриска гранка очекува допрва зголемување на производството, откако Владата времено ја укина увозната давачка-специфичната и царинската стапка по вредност за замрзнато свинско месо и други производи. Преработувачите на месо долго време бараа од државата да ја донесе оваа одлука, затоа што високата царина за замрзнатото свинско месо, коешто најмногу го употребуваат како суровина, ги правеше нивните производи неконкурентни и на домашен и на странски пазар.

Меѓу топ 100 извозници на прехранбени производи се наоѓа и една млекарница, “БиМилк“ од Битола, којашто со извоз од 4,12 милиони евра е на 80 место, односно на 8 меѓу 13 – те компании од секторот прехранбена индустрија. Една компанија има и од секторот преработка на овошје и зеленчук, а тоа е “Дим – Комерц“ од Валандово, со 3,65 милиони евра извоз, која што е на 95 место меѓу 100 најголеми извозници од Македонија. Гледано по одделни индустриски сектори, кондиторијата доминира, односно, 8 од 13 компании се од оваа дејност, и по една фирма од секторот здрава храна, месна индустрија, конзервна, млечна и една рафинерија за масло за јадење.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×