Кој е кој на пазарот за телеком услуги во Македонија?
Објавено на од во Економија
Telecom_Industry_Header-e1469644860562Нешто над 280 милиони евра приход направила целата телеком индустрија во Македонија во 2017 година, според извештајот на АЕК објавен на крајот од јули годинава. Овој обрт на сите оператори за телекомуникациски услуги во земјава – а ги има околу 120 – е за 0,29% помал во однос на 2016 година, што значи дека продолжил трендот на стагнација или пад на приходите на оваа индустрија, предводена од двата најголеми играчи, Македонски Телеком и оне.Вип. Тие убедливо господарат во делот на претплатници и приходи во мобилната телефонија, додека во делот на фиксна телефонија , интернет и ТВ содржини, се замешува и кабелскиот оператор Роби.

 

Точно 17 милијарди, 239 милиони и 494 илјади денари или ако ви е полесно, нешто повеќе од 280 милиони евра се приходите на сите телекомуникациски оператори на македонскиот пазар од давањето на своите услуги во 2017 година, покажува извештајот за развојот на телекомуникацискиот пазар што Агенцијата за електронски комуникации, АЕК, секоја година кон крајот на јули го објавува за годината претходно.

Овие вкупни приходи на телеком операторите се за 0,29% помали во однос на 2016 година, што значи дека продолжува трендот на стагнација или пад на приходите и добивките на оваа индустрија, предводена од двата најголеми оператори, Македонски Телеком и оне.Вип.

Во 2017 година забележан е минимален пад на бројот на фиксни линии од 0,5% на 366.529, како и пад од 2% на бројот на активни претплатници во мобилната телефонија на 2.008.008. Зголемен е бројот на претплатници со пристап до широкопојасен интернет за 3,87%, на 396.295, како и бројот на претплатници со пристап до интернет преку мобилни мрежи за 6,5%, на 1.266.280. Вкупниот број, пак, на претплатници на ТВ услуги е пораснат за 0,5%, на 394.376.

 

23teПаѓаат приходите од мобилна телефонија, растат од мобилен интернет

Најголемиот дел од приходите на телеком пазарот доаѓаат од услугите мобилната телефонија, околу 109 милиони евра или 39%, а следат приходите од преносот на податоци (мобилен интернет, итн.) со 64,5 милиони евра или 23%. Во рамки на овие категории, најголемиот дел од колачот го држат, се разбира и најголемите два оператори на пазарот, односно Македонски Телеком во 2017-та остварил 52,82% удел во приходите од мобилната телефонија, пред оне.Вип со 46,81% и виртуелниот оператор Лајкамобјал со минорни 0,37%. Ова што се однесува до сегментот малопродажба, додека во делот големопродажба, односно договори со големи корисници како компании, државни институции и сл., приматот го држи оне.Вип со 62%, пред Македонски Телеком со 37,59% и Лајкамобајл со 0,41% удел во приходите. Пазарните удели се пресметани за вкупниот приход кој претставува сума од приходи од: услуга за завршување на повик, национален роаминг, транзитирање на сообраќај, терминација на СМС, терминација на ММС, роаминг од странци роамери кои роамирале во мрежа на домашен оператор и останати приходи.

На ниво на пазар, најголем раст на приходите минатата година се бележи во категоријата пренос на податоци, или 8,6%, додека најголем пад има кај приходите од меѓуоператорски услуги за пренос или рутирање на национален и/или меѓународен сообраќај, односно за 18,6% во однос на годината претходно.

Според бројот на активни претплатници во мобилната телефонија, тука прв е оне.Вип со 49,21%, пред Македонски Телеком со 47,94% и Лајкамобајл со 2,85%.

Од анализата на АЕК може да се забележи дека најголем процент односно 72,59% отпаѓа на вкупниот инициран сообраќај кој завршува во сопствена мобилна мрежа. Вкупниот појдовен сообраќај кој завршува во други мобилни мрежи во Македонија учествува со 24,79% во вкупниот реализиран појдовен сообраќај. Појдовен сообраќај кој завршува во сопствена фиксна мрежа учествува со 1,01%. Сообраќајот кон други фиксни мрежи во земјава и мрежи во странски држави учествува со 1,19% (кон други фиксни мрежи) и 0,42% (кон мрежи во странски држави) во вкупниот реализиран појдовен сообраќај.
Претплатниците просечно зборуваат 197,83 минути во појдовниот сообраќај, на месечно ниво. Најголем дел се остварува во сопствена мобилна мрежа и изнесува 143,61 минути (72,59%). Сообраќајот кон други мобилни мрежи во земјава е значително помал и изнесува 49,03 минути (24,79%). Сообраќајот во сопствена фиксна мрежа изнесува 2,00 минути (1,01%), додека пак сообраќајот кон други фиксни телефонски мрежи во Македонија и кон мрежи во странски држави изнесува 2,36 минути (1,19%) односно 0,82 минути (0,41%) кон мрежи во странски држави. Споредено со 2016 година може да се забележи зголемување на волуменот на сообраќај по претплатник единствено кон други мобилни мрежи во земјава и кон мрежи во странски држави.

 

24teоне.Вип има повеќе претплатници за мобилен интернет, Македонски телеком повеќе печали од оваа услуга

Во категоријата пак, на интернет услуги преку мобилна мрежа, според бројот на претплатници оне.Вип учествува со пазарен удел од 50,86%, Македонски Телеком има пазарен удел од 47,28% додека Лајкамобајл има пазарен удел од 1,86%. Според количината на сообраќај (GB) остварен од активните претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во 2017 година, Македонски Телеком учествува со пазарен удел од 53,60%, оне.Вип има 44,29% додека Лајкамобајл има пазарен удел од 2,11%. Според приходите пак, остварени од претплатници до интернет преку мобилна мрежа, убедливо води Македонски Телеком со без малку 80% од пазарниот удел, пред оне.Вип со 19,92% и Лајкамобајл со незначителни 0,14%.

Во извештајот на АЕК е даден и уделот на операторите/давателите на услуги според број на активни претплатници со фиксен пристап до интернет со широк опсег во 2017 година. Најголем удел има Македонски Телеком од 40,38% потоа следуваат оне.Вип 29,09%, Роби 16,69%, Инел Интернационал 1,34%, Кабел Нет 1,32%, Неотел 1,28%, Мултимедија Нет 1,14%, Кабле Калл 0,97% и останати оператори со 7,79%.

 

26teРасте бројот на претплатници што користат четири услуги во пакет

Вкупниот број на претплатници кои користат услуги врзани во пакет на домашниот телеком пазар лани е зголемен за 2,31% во однос на 2016 година. Исто така од анализата може да се забележи дека најголем дел од претплатниците користат три услуги врзани во пакет и тоа: фиксна телефонија, широкопојасен пристап на интернет и ТВ услуги, а нивниот број во однос на 2016 година бележи намалување од 8,76%. Бројот на претплатниците пак, кои користат четири услуги врзани во пакет и тоа: фиксна телефонија, мобилна телефонија, широкопојасен пристап на интернет и ТВ услуги лани во однос на 2016 година е зголемен за 61,89%.

Ситуацијата со уделот на операторите според број на претплатници кои користат две електронски комуникациски услуги врзани во пакет во 2017 година е следнава: најголем пазарен удел има Роби со 43,17% потоа следуваат Македонски Телеком со 39,33%, оне.Вип 13,81% и останатите оператори со 3,69%. Според број на претплатници кои користат три електронски комуникациски услуги врзани во пакет, најголем пазарен удел има оне.Вип Оператор со 45,08%, потоа следуваат Македонски Телеком со 42,40%, Роби со 11,84% и останати со 0,68%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×