Koj e Сундар Пичаи, новиот извршен директор на Google?
Објавено на од во Профил
За упатените во ИТ сектор, името Сундар Пичаи воопшто не е ново, ниту непознато. Во јавноста тој е најмногу познат по изработка на Android платформата на Google, но и по неговите лидерски вештини. Со неговото име, во последните неколку години, се поврзани повеќе шпекулации – многумина го гледаа како нов извршен директор на Twitter во 2013 година, а и како извршен директор на Microsoft во 2014 година. Но, талентот со кој владее Пичаи многу добро го познава и основачот и досегашен извршен директор на Google, Лари Пејџ, па со промоцијата во извршен директор, покажа дека не го пушта така лесно да замине од неговата империја.

 

Само пред два месеци, еден од основачите и сега веќе поранешен извршен директор на Google, Лери Пејџ, од најпознатиот веб сајт за кариера- Glassdoor беше прогласен за најпосакуван шеф во Америка. Но се чини дека кога станува збор за успешноста и напредокот на Google како компанија, ваквите рангирање, освен добар имиџ за компанијата, не значат ништо повеќе. Два месеци подоцна, Google објави дека Лери Пејџ заминува од оваа функција, а на негово место како нов извршен директор доаѓа Сундар Пичаи, потпретседател во Google и главен човек за Android платформата.

Упатените од ИТ сферата, кои ги следат поместувањата во овој сектор, доаѓањето на Пичаи го гледаат најмногу поради фактот што Пејџ и неговиот колега од универзитетот и партнер во основањето на Google, Сергеј Брин сега влегуваат во нова авантура – холдинг компанија под чиј чадор се наоаѓа сега и самиот Google – а, која тие ја нарекоа Алфабет.

Сепак, тврдат тие, доаѓањето на Пичаи не е воопшто случајно и е сосема заслужено. Тој всушност од поодамна ја извршувал оваа улога во Google (според зборовите на основачот Пејџ, Индиецот Пичаи уште од октомври 2014 година работи како извршен директор) , пa на неговото назначување гледаат само како официјализирање на она што тој де факто е во оваа компанија.

Оттука и изјавата на основачот на Google и нејзин досегашен извршен директор, Пејџ, кој при соопштувањето дека Пичаи е новиот извршен директор на оваа компанија рече:
„Сундар ги кажува работите на начин како што и јас би ги кажувал (понекогаш дури и подобро од мене) веќе подолг период, и уживам во заедничката работа со него“.

Но, и покрај тоа што Пичаи доаѓа на местото на Пејџ како извршен директор, Индиецот и понатаму му останува подреден на Пејџ. Односно, за своите резултати тој и понатаму ќе одговара директно пред ко – основачот на Google.

Кој е Сундар Пичаи?

43- годишниот Сундар Пичаи е третиот извршен директор на Google. Тој ја презема оваа функција во доста динамичен период, во момент кога компанијата минува низ многу структурни промени, а нејзините основачи – Лери Пејџ и Сергеј Брин – започнуваат сосема нова компанија – Алфабет.
Пичаи е роден во Тамил Наду, Индија. По завршувањето на додипломските студии како инженер по металургија, заминува во САД на студии на Универзитетот Стенфорд.
Тој во компанијата почнува да работи од 2004 година, на изградбата на сега познатата Google лента за алатки (Google toolbar).
Во следните неколку години, Пичаи стана одговорен за Chrome, интернет пребарувачот на Google, кој денес е најкористениот интернет пребарувач во светот.
Успешноста на ова поле му го донесе потпретседателското место во компанијата, а веќе во 2013 година , со развојот на Android платформата, тој беше назначен за постар потпретседател. Минатата година, пак, тој стана шеф на одделот на продуктите на Google.
Мирен и тивок по карактер, Пичаи е обожаван од неговиот колеги не само поради неговите таленти во инженерство, туку исто и поради неговата општа допадливост.
Токму овие карактеристики му донеле брзо искачување во кариерата во Google. Во последната година дена, тој всушност му беше десна рака на Пејџ.
„Сундар ги кажува работите на начин како што и јас би ги кажувал (понекогаш дури и подобро од мене) веќе подолг период, и уживам во заедничката работа со него“, рече Пејџ најавувајќи го Пичаи како нов извршен директор во Google.
Денес, од оваа функција, Пичаи ќе го контролира бизнисот кој е одговорен за повеќе од 98% од вкупните приходи на идната мајка компанија Алфабет.
Аналитичарот на Дојче Банка, Рос Сандлер проценува дека „имотот“ кој ќе биде под контрола на Пичаи – вклучувајќи ги основниот интернет бизнис на Google, од пребарувачка алатка па се до нејзините додатоци како YouTube, Maps, Apps, Android и Play – само оваа година ќе генерира 59 милијарди долари приходи, што е 14% повеќе во споредба со минатата година.
Неговите познавања и успешност низ годините биле препознаени и од многу други компании, меѓу кои и Twitter. Во 2011 година на Пичаи му било понудено потпретседателското место за продукти во Twitter, но тој ја одбил оваа понуда. Неодамна со неговото име се шпекулираше и како можен извршен директор на Twitter , па оттука многумина сметаат дека Пејџ токму поради тоа му ја даде промоцијата на Пичаи, односно, за да не замине од Google.
Освен како можен извршен директор на Twiter, Пичаи многумина го споменуваа и како можен иден извршен директор во Microsoft, откако оттаму замина Стив Балмер. Но, Пичаи и понатаму остана во Google, а таквата одлука и тоа како му се исплати.

Животот во Индија
picai_family
Пичаи денес е веројатно еден од најплатените извршни директори во светот, со оглед на тоа дека неговата плата во Google изнесува 50 милиони долари на годишно ниво.

Но неговите почетоци биле доста тешки. Мајка му работела како стенограф пред да ги роди брат му и него, а неговиот татко работел како електричар во индиското претставништво на британскиот конгломерат GEC . Неговото семејство живеело во двособен стан, па Пичаи и неговиот брат спиеле на земјата. Во поголемиот дел од детството неговото семејство немало телевизор, ниту пак автомобил.
Љубовта кон инженерството, пак, му доаѓа од татко му. „Кога си доаѓав дома од работа му кажував многу за работите на мојата работа и со предизвиците со кои се соочував таму“, вели неговиот татко, Регуната Пичаи.

Податоци за Google

google-headquarters

Основан: 4 септември 1998

Основачи: Лери Пејџ и Сергеј Брин

Приход: 66 милијарди долари (2014)

Број на вработени: 55.419

Неколку години по ред компанијата Google се наоѓа на првото место нa рејтинг листата на угледниот магазин Fortune, за тоа која компанија на светско ниво, е најдобра компанија за работа. На кратко успешната филозофија која се крие позади оваа светски позната компанија е речиси многу едноставна- колку по задоволни вработени, толку поуспешни резултати.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×