Кој е за во ВМРО, кој е за во ДПМНЕ?
Објавено на од во Колумни

Улогата на лидерот Христијан Мицкоски во македонската историја успеа да се наслика преку само една година раководење со ВМРО – ДПМНЕ. Тој ќе остане запишан како носител на политиката на деструкција и злоупотреба на политичката позиција во клучен историски момент и како водач на струите за директна саботажа на најдлабоките цели на македонската државност. И тука нема дилема. Но, никако не смее да се заборави и историската улога на дел од неговите довчерашни сопартијци, кои сега се спроти него како борци за вистината. Токму во нејзино име, во името на вистината, ама и на татковината, ние мора да сме свесни дека овие луѓе кои беа накитени со најблескавите ѓердани на груевизмот, тие денеска може да бидат соработници на правдата, да учествуваат во процеси на реанимација на партијата, историјата да ги вброи дека во еден суштински момент сепак поддржале вистински избор, но тие никогаш нема и не ни можат да бидат македонските херои.

Sinadinovska

 

 

 

 

 

 

 

“Прифаќањето на одредени аспекти од реалноста не го прави идеализмот невозможен. Напротив, отвора простор за негов пробив”, Рем Колхас

 

Пред неколку недели при разговор со еден од битните  и влијателни директори на ВМРО – ДПМНЕ, еден од оние кои имаа голема моќ во текот на тие години, тој не штедеше критики за владеењето на „неговите“. Разговорот не беше воопшто на темава, а тој упорно се обидуваше да ме убеди дека сите „грешки“ наидувале на осуда внатре во партијата, а особено во рамките на пошироките интелектуални, бизнис и новинарски кругови кои гравитираа околу таа Влада. Клучната нота во целиот наратив му беше обидот да се дистанцира себеси од злоделата и катастрофите што тој систем на владеење ги предизвика. Тој бил само носител на функција, работел чесно и согласно законските прописи и бил гласен кога не се согласувал. Не му требаше многу за да сфати дека ништо не му верувам, па се обиде и поинаку:

„Ама јас не сум ВМРО – ДПМНЕ. Не сум ни член. Навистина. Чесен збор. Не сум.“

Што да врати човек на ваков изблик на очај на јавна сцена? Да навлезе во аргументирана расправа? Да објаснува дека нивните „грешки“ се нарекуваат со друго име и дека толку се исклучителни што мораше да се формира специјално тело за да ги лови и „поправа“? Или дека благодарение на нивната „чесност“ и „работење согласно законските прописи“ дојдовме до дефиниција за Македонија да се пишува и да се зборува како за „заробена држава“? Или пак можеби, дека поради гласноста и острината на критиките, и оние внатрепартиските и оние на блиските до ним експерти, нашите критики „тивки и благи“ не допираа до ушите на граѓаните? Тоа ќе да било… Таман работа медиумите, „интелектуалците“ и бизнисот да беа впрегнати во злоупотреби на моќ, притисоци и закани. Искуството го учи човека да препознава каде вредат аргументи, па овој пат мојата реплика се сведе само на ова:

„Во ред е, не ме убедувајте повеќе, еве верувам дека не сте ВМРО – ДПМНЕ. Сега е 2018 –та година. Мошне веројатно е веќе да не сте”.

Иако овој разговор, како што споменав се одвиваше пред само неполн месец, тогаш не можев ни да претпоставам дека во октомври 2018-та бројот на „нечленови“ и „невмровци“ ќе расте паралелно со желбата ваквите муабети да се прават што појавно, преку изјави и интервјуа. Поранешни министри, истакнати партиски кадри, (ама и од оние, новите и помалку звучни), актуелни пратеници, па дури и единствениот побитен градоначалник што оваа партија го има, јавно се судрија со лидерот Христијан Мицкоски. Дека е тешко да се биде ВМРО – ДПМНЕ во опозиција, после деценија дивеење на власт, стана јасно уште од поодамна, кога за прв пат се појавија и јавни фракции во партијата каде што внатрешните критики дотогаш биле гласни само во соништата, но гласањето за уставните измени ја отвори Пандорината кутија за некогаш најбогатата партија во Европа (во Македонија ем најбогата ем и најмоќна).

Седумтемина пратеници кои влегоа во комбинациите на „европски и балкански методи“ на убедување (н.з, одговор на еврокомесарот Јоханес Хан на прашањето како очекува да помине гласањето) беа само навестување за процесите на внатрепартиската тепачка што кулминираше токму ноќта пред нивниот празник (23 Октомври). Од партијата беа исклучени (покрај пратениците)  ни помалку – ни повеќе, туку и поранешниот шеф на државната безбедност, Сашо Мијалков, Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци и Никола Тодоров, поранешен министер за здравство и за образование. За сите тројца имаше шпекулации дека директно учествуваат во обидите за да се формира “тело” за поддршка на Договорот од Преспа. Сигурно сите со внимание ги следевте нарациите на расколот, додека едните обвинуваа за предавство и свиткана кичма, другите за секташко владеење (а интересно, и двете струи меѓусебно за соработка и одработка за “удбашките” структури кои имаат интерес да ја распарчат земјата), па не мора да се навлегува во детали од сочните преписки, но неколку тези треба да се разгледаат кога се анализира ваквиот развој на настаните, и да се објасни кои од оние што се вртат во јавноста се крајно неосновани:

Прво, тоа секако е тезата дека со тоа што ВМРО – ДПМНЕ се распука по сите рабови државата изгубила опозиција, што воопшто не е здраво за демократијата и за развојот на процесите во едно нормално општество. Да, ако најголемата опозициска партија ви се распаѓа, тоа сигурно не е сигнал на радост, но ако и само ако зборуваме за партија. Не знам каква меморија треба да се има за денеска да може за едно вакво ВМРО- ДПМНЕ кој било за зборува како за партија, па  уште и како за некаква конструктивна моќ. И затоа, токму со ваквите настани се создава простор за прегрупирање на политичките сили околу и во таа структура за да може да се изгради нов политички субјект што искрено, а не декларативно ќе расчисти не само со начинот на којшто ВМРО – ДПМНЕ ја перципираше и практикуваше политиката, туку и со целиот ретрограден и крајно штетен наратив заглавен минимум еден век назад, со предавства и одмазди, со кубури, ками и крвопролевања како идеал и дефиниција за патриотизмот денес. На Македонија и’ треба сериозна политичка сила, сместена во центар, или десно од центарот, модерна, либерална со јасни заложби за владеење на правото, слободен пазар и демократски вредности. Што побрзо разумните и прогресивни „вмровци“ сфатат дека само вака можат да се наметнат на сцената и што побрзо расчистат со идејата дека ќе продаваат национализам и митови како завеси каде политиката ќе се крие и валка во неспособност и корупција ќ, толку подобро и за нив и за целото општество. За почеток, нека организираат неколку семинари и нека дебатираат што значи патриотизмот во 21 век, како се љуби татковината и која е дефиницијата за граѓанска и политичка одговорност.

Втората теза почнува каде што завршува оваа. Но, таа е сосема правилна и се однесува на тоа дека во групата на ваквите политичари кои ќе ја имаат одговорноста да ја предводат новата политичка сила, мора да бидат оние со „чисти сметки“. Не смее да се очекува дека новите политики треба и можат да ги водат корумпираните и компромитирани ликови, кои директно учествуваа, или пострашно, беа носители на проектите што и оддалеку смрдеа на криминал, а кога малку се подотворија се покажа дека и ништо друго не биле. Новите ликови, новите лидери кои ќе треба да им се обратат на гласачите и поддржувачите на политиките на оваа идеологија што допрва ќе треба да се реинсталира. Тоа се оние кои воопшто имаат личен кредибилитет да зборуваат за  реформи и тие мора да имаат и визија и искрен однос кон политиката што ќе треба да се развива, кон иднината што Македонија мора да ја исцрта, ама првенствено тие мора да имаат интегритет. Сите други комбинаторики можат да се дефинираат само како политички пазар и театар со разно – разни позадини. Конечно, мора мошне внимателно и прецизно да се исцрта  и самата идеја за “национално помирување” што нема да заврши, туку само ќе се начне со процесот на гласање на уставните измени во Парламентот. Таа е црвената линија преку којашто не смее да се помине по ниедна цена во политичките компромиси, оти така не само што ќе се компромитира клучната оска по која воопшто се движеше удолу режимот на Груевски, не само што ќе се загрози целта на сите отстапки (погледнете ги заклучоците од ЕУ од летоска во однос на инсистирањето за правна разрешница за една од најголемите пљачки што Европа ја видела), туку и ќе се доведе во прашање воопшто смислата за постоењето на Македонија како држава. Пред секоја согласност и подадена рака кон овие луѓе овие постулати мора да се имаат предвид.

За крај, просто е неверојатен нагонот  што се појавува кај дел од медиумите или влијателните аналитичари, а со кој се има желба  “одметнатите” или исклучените да се хероизираат, да се зборува за нивната чест, храброст и политички вештини во аугментативи и да се идеализира нивната улога во овие историски времиња. Тие луѓе, оние за кои веќе се водат истраги, оние кои беа накитени со “најблескавите” ѓердани на груевизмот, тие денеска може слободно да бидат соработници на правдата, може да учествуваат во процеси на реанимација на партијата, може да ни ветуваат дека “вистината допрва ќе излезе на видело”, историјата нив може да ги запише  и вброи и во оние сепак во клучен момент го помогнале и најбитниот чекор за иднината на државата што се бори да излезе од дупка, но токму поради нив, и поради историјата и поради земјата, ние сме должни да бидеме искрени до крај и никако да  да не мрднеме ни чекор подалеку од вистината – тоа не се и не можат да бидат македонските херои. Таа дупка знаеме кој ја ископа. Јасно е. Исто како што е јасно дека  последната шанса што овие луѓе ја имаа за воопшто да влезат во трка за премин на таа страна од политичката одговорност ја потрошија низ изминатите месеци со односот и кон Договорот и кон референдумот како процес.  Затоа  меѓу другото стасавме  дотука и затоа тие и натаму се дел од политичките фактори. Тие имаат право на фер однос од системот, право на правда и на законитост, ама ние имаме обврска да не манипулираме со емоции и со факти. Политичкиот реализам и прагматизам сепак е само едната страна на паричката. На другата мора да се идеалите и вистината, оти во спротивно таа пара никогаш нема да има никаква вредност. А за вредност впрочем и се бориме, нели!?

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×