Кој го формира јавното мислење во Македонија? – Кога нема општествени авторитети, влијанието доаѓа со моќта
Објавено на од во Политика

Само реторичко е прашањето дали во Македонија има некој што граѓаните ќе го препознаат како свој глас во јавната дебата со власта. Двостран дијалог меѓу народот и власта нема, а со тоа ниту можност да се предложи нешто за општеството, кое, ете, власта која претендира да ја покрие со проекти и последната можна потреба на граѓаните, некако го превидела. Сепак, философот Ферид Мухиќ, смета дека макар симболичното, но јасно застанување на страната на јавниот интерес, треба да биде залогот на интелектуалците во спречувањето политиката на себе да ги подреди сите други сфери на јавниот живот

Тоа што анкетите покажуваат дека граѓаните најмалку им веруваат на политичките партии, очигледно не пречи целото поле на јавна комуникација во Македонија да биде окупирано од политиката. На последните избори (предвремените парламентарни) „големата“ четворка – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, заедно освои 985.609 гласови, што значи дека при Избирачки список со вкупно запишани 1.780.128 гласачи, сите четири партии заедно – и од власта и од опозицијата, и во македонскиот и во албанскиот блок, немаат поддршка од скоро половина од граѓаните со право на глас, односно од 794.519 од нив.

А општ впечаток е дека Центарот за комуникации на само една од овие партии, ВМРО-ДПМНЕ, која е на власт деветта година, има монопол врз наметнувањето и одработувањето на темите што доминираат во јавниот дискурс. Овде секако не се мисли само на соопштенијата што ги лиферува овој Центар, туку на сѐ што се асоцира со него во услови кога ВМРО-ДПМНЕ има парламентарно мнозинство кое ја избира Владата, и кога и мониторингот на ОБСЕ/ОДИХР покажа дека „најголем дел од медиумите се во голема мера пристрасни во полза на владејачката партија“.

Ваквата ситуација на заситеност на целокупното јавно поле со политика издашно ја помага и опозицијата. Впечатокот е дека нејзина примарна цел е парирањето на потезите на власта, наместо адресирањето на темите што реално ги засегаат граѓаните. СДСМ исто толку брзо и бескомпромисно како ВМРО-ДПМНЕ ги етикетира независните интелектуалци доколку се осмелат да дадат изјава во која не се осудува „режимот на Груевски“, а се фали некоја од идеите или проектите на Владата. Резултатот е што револтот кај нападнатите интелектуалци неретко знае истите да ги поттурне, односно да помогне да бидат фатени во лепливите мрежи на власта. Вака опозицијата придонесува за феноменот што станува сѐ поизразен, а ќе го наречеме криза на експерти. Ликови со титула експерт или аналитичар има сѐ помалку, а тие што ги има се сеприсутни – односно 24/7 (усогласено со Владата) дежурни за изјави на медиумите. Одамна е јасно дека на овие експерти стручноста им е само извор на кредибилитетот, кој, пак, целосно го имаат предадено на милост и немислост на партиските интереси. Така кај нас на некои неспорно паметни и образовани луѓе (доживеани како такви и во јавното мнение) не можеме да им се изначудиме на тоа што го зборуваат кога ќе бидат ставени во ситуација да бранат неодржливи позиции во име на партијата.

Со вакви експерти (отприлика во истиот број) располага и опозицијата, чиј „отворен екран“ се отворено проопозициските портали. Резултатот е јавна дебата преку „расипан телефон“ – од двата центри – на власта и на опозицијата – кои зборуваат без намера да се слушнат едни со други, оставајќи впечаток дека им е сеедно што ги слуша и народот. Културата на дијалог бара општество во кое зборот има кредибилитет, а кај нас ситуацијата е таква што кажаното уште во старт го губи значењето, односно во моментот на препознавањето на политичката етикета на изворот. Фактор, индивидуален или во вид на група истомисленици, што може да придонесе за диверзификација на изворите на теми за јавна дебата, што ќе успее директно да го пренесе јавниот интерес во јавната сфера, и за него да ја сензибилизира и мобилизира јавноста до доволна мера што ќе ја натера Владата да дејствува во одреден правец, во Македонија одамна нема. Овде не ја прифаќаме предрасудата дека независните интелектуалци по „дифолт“ треба да настапуваат од антивладини позиции, пред сѐ поради опасноста да бидат (од погоре споменатите причини) депласирани по кратка постапка. Довербата на јавноста, колку и да е тоа тешко остварливо во услови на максимална исполитизираност на општеството, треба да се стекне со критикување или поддржување на потези (наизменично на власта и на опозицијата), наместо на политички опции.

Воздржаноста на македонската интелектуала вака ја објаснува еден од најавтентичните наши интелектуалци, сликарот Александар Станковски – Рембрант: „Сето тоа е долгот што го плаќаме поради нашата култура, или подобро кажано, „паланечка“ некултура. Поради тоа кај нас има феноменални интелектуалци кои за да не бидат плукани избегнуваат да се произнесуваат. Не сакаат двеста кучиња да ги лаат и касаат, само затоа што, на пример, им се допаѓа новиот театар. Во име на борбата за уметност антивладините интелектуалци воспоставија еден чуден терор. Ако не си со нас, против нас си.“

Парадоксалниот недостаток на граѓанска партиципација во општествениот дијалог јасно е дека потекнува од едностраноста на комуникацијата која се одвива само одозгора (од власта) надолу (кон граѓаните). За култура на дијалог не е доволно тоа што партиите предизборно ќе ги поканат граѓаните да ги поделат нивните идеи, за истите евентуално да влезат во партиските програми. Примерите за успешен граѓански притисок врз власта (со кој е изнудена реакција), за жал, се банални, како оној кога Македонската радио телевизија ја повлече евровизизиската песна „Империја“ (и спотот) и подготви нова со сменет авторски тим. Друг пример што е далеку од банален, но чие значење сепак ја потврдува тезата на овој текст, е посетата на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на певицата Вања Лазарова, во старечкиот дом во кој беше сместена легендата на македонската изворна песна, на која во пригодата ѝ беше соопштено дека ќе ја добие титулата национален уметник и соодветната национална пензија, а сето тоа благодарение на иницијативата на социјалните мрежи. За жал, ваквите општествени промени, или промени во одлуките на власта, можат да се објаснат само со високиот степен на политичка неутралност на случаите, кои, како такви, беа исклучително податливи за власта да покаже двостраност на комуникацијата – дека нешто и одоздола, од народот, стигнало до неа.

Мухиќ: Макар симболично, но јасно да се застане на страната на јавниот интерес

Парадигма за ситуацијата во Македонија за која зборуваме е што етикетата да бидеш наречен провладин или опозиционер е подеднакво срамна, вели еден од најпрепознатите македонски интелектуалци, философот Ферид Мухиќ. Причината за ограниченото влијание на интелектуалците во општествениот дијалог тој главно ја гледа во немањето соодветен медиумски простор за нивно изразување:

„Не можат интелектуалците да се наметнат, зашто нема медиум што би сакал да промовира независна, слободна, објективна информација. Тука вина има и опозицијата што не сака да даде пари за независно гласило, туку исклучиво за опозициско. Пример беше телевизијата А1, која претендираше на независност, но често беше злоупотребувана ендострано во партиски интереси – и едните и другите сакаа да го земат во скут таквото независно гласило“, вели професорот, кој, сепак не ги ослободува од општествената одговорност своите колеги по ум. Пораката до нив ја испраќа раскажувајќи ја следнава кратка приказна:

fm„Се запалила шумата, и животните гаснат – кој како може, најмногу слоновите носејќи вода во сурлите, и гледаат наеднаш една мала мравка носи нешто – на тревка една капка роса, одвај ја влечка. Ѝ се потсмеале другите животни, велејќи ѝ: Ти мислиш дека со тоа ќе изгаснеш нешто? Не, им одговорила мравката, како можам да мислам дека со ова ќе успеам нешто да изгаснам? Па, тогаш зошто го носиш?, повторно ја прашале. За да се знае на чија страна сум, одговорила мравката.“

Претседателот на Институтот за демократија „Societas Civilis“, Владимир Мисев, лоцира три причини за ситуацијата со јавната дебата во Македонија, која ја оценува како безнадежна. Првата причина е поврзана со географските детерминанти на земјата, втората со околностите кои ја резервираат пол-позицијата во јавната дебата за Центарот за комуникации на владејачката партија, а третата со фаталистичкиот цинизам како дел од нашиот менталитет.

„Контекстот во кој живееме во Македонија е определен и од големината на државата која е во рамките на еден потпросечен европски град. Самата големина на државата ја диктира и големината на релевантната критична маса која треба да постои како фактор на корекција, да ја направи разликата. Од оваа причина ние никогаш нема да имаме релавантна критична маса сама за себе, доволно влијателна, и никогаш не сме имале – уште од социјализмот, од 1944 година наваму. Затоа сметам дека е потребно Македонија да се отвори, тоа би значело посериозна интеграција со ЕУ, за да се добие порелевантна критична маса. Ситуацијата на изолираност дозволува луѓето да го доживуваат нивниот критериум како самодоволен и да не ги земаат предвид групите на потенцијално влијание, кои, за жал, во вакви услови се маргинални – како, на пример, твитер заедницата“, вели Мисев. Втората причина што граѓаните само стихијно се вовлечени во темите на кои кај нас јавно се дебатира, според него е доминацијата на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, со самата негова големина и организираност и начинот на кој функционира во целиот овој контекст на исполитизирани и зависни медиуми. „При тоа треба да се потенцира дека сега ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а кога би била и СДСМ, би го правела истото“, вели Мисев, пред да се префрли на третата причина, која произлегува од менталитетот на отфрлање на сите авторитети, но не поради некакво слободарско бунтовништво:

„Третата причина е потеориски поставена, и произлегува од политичката, односно граѓанската култура што ја имаме, односно немаме. Ние сме цинични граѓани, ама немаме здрав цинизам, туку еден фаталистички цинизам, кој доведува до отфрлање на сите авторитети. Еден банален пример за илустрација е одредената тенденција со која, на пример, негативно се коментираше начинот на кој Дарко Панчев ги коментираше натпреварите на Мундијалот. А ако Панчев не е релевантен како освојувач на европската „Златна копачка“, тогаш кој е? Ние не признаваме авторитети, освен ако тие не се доволно апстрактни, до ниво никој да не се чувствува загрозен од појавата на таков авторитет. Само тогаш кај нас се почитуваат авторитети“, заклучува Мисев.

Мислење побаравме и од еден од најпознатите комуниколози во Македонија, кој, од одредени причини (не политички) побара неговата изјава да ја пренесеме непотпишана. Тој смета дека неможноста академската или цивилната сфера да го остварат очекуваното општествено влијание по 23 години демократија, се должи на системско оневозможување истите да се еманципираат од политичката, како единствено сериозно организирана сфера во општеството:

„Во однос на начините како се креира јавното мислење во општеството, може да се каже дека како и останатите сфери, и оваа е премногу исполитизирана, а гласот на стручната јавност е надвикан од партиски наклонети лица, кои настапувајќи во различно руво и на различни основи, сепак доминираат на јавната сцена. Се покажа дека испитот на плурализмот не е положен, односно многу јавни сфери, како академската, цивилната и слично, не успеаја да опстанат како независни и автономни, кои со свој автентичен став би придонесувале во општеството со идеи, критики и размисли, а во преден план би ги имале општите јавни интереси, а не интересите на одделни политички групации. Политиката, како речиси единствена посериозно огранизирана сфера од општеството, ги проголта овие сектори. Таа слобода мора повторно да се освојува“, вели комуникологот. Иако навива за интернет-активизмот, свесен е дека неговиот ефект е многу ограничен поради фрагментираноста и неможноста за посериозно организирање околу одредени јавни интереси.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×