Кој и да биде на власт, нека му ја мисли! За три години треба да вратиме 1,1 милијарди евра!
Објавено на од во Економија
^2AF67C302F3C3E23BA6A12BDCF9F5F0F1520E2B9B7330D7B33^pimgpsh_fullsize_distr

Владата во следните три години треба да врати долг од 1,1 милијарди евра, повеќе од половината кон домашните банки, додека останатиот дел кон странските кредитори, покажува најновата Фискална стратегија до 2018 година што е доставена на разгледување во Собранието. За да го врати овој долг, но и за да го покрие дефицитот во буџетот во истиот период, власта планира да се задолжи за 2 милијарди евра и со тоа јавниот долг до 2018 година да достигне 52,4% од бруто домашниот производ (БДП), што значи дека владините институции, општините и јавните претпријатија ќе должат вкупно 5,6 милијарди евра. Со тоа власта ќе ја прегази црвената линија на јавен долг од 50% од БДП што ја исцрта Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во последниот извештај за Македонија.

Планот на Министерството за финансии открива и дека од вкупно 2 милијарди евра, над 1 милијарда ќе позајми од домашните банки, пензиските фондови и осигурителните компании, а останатите 950 милиони евра од странските кредитори со издавање на еврообврзници. Економистите коментираат дека станува збор за огромна сума пари што треба да ја позајми земја со шпекулативен кредитен рејтинг, така што според нив задолжувањето нема да се одвива толку глатко, особено што се очекува дека и каматите на пазарот ќе растат откако Американски ФЕД за прв пат после 10 години најавува дека ќе ја зголеми основната камата.

Последното задолжување на државата на меѓународниот пазар со еврообврзница за 270 милиони евра постигна камата од 5,125%. Економистите велат дека ова е висока цена на задолжување споредено со очекуваниот економски раст од 3,2%. „Задолжувањето е одржливо само кога растот на БДП е повисок од каматата што се плаќа за позајмените пари“, велат финансиските аналитичари.

Во исто време, земјите во Западна Европа позајмуваат пари со камата од 0%. Во некои земји како Германија на пример, каматните стапки станаа негативни, што значи дека инвеститорите треба дури и да платат за да и позајмат пари на државата.

Финансиските аналитичари велат дека се очекува благо зголемување на каматите на американскиот пазар поради најавената одлука на ФЕД прв пат после 10 години да ја зголеми основната камата, додека пак во Европа, Европската централна банка продолжува со експанзивната монетарна политика и не планира да ја зголемува основната камата. Тоа според нив значи дека условите за задолжување на странскиот пазар нема значително да се променат, односно Македонија ќе може да се задолжи со камата од околу 5% до 6%.

„Каматата по која ќе може да се задолжи Македонија ќе зависи од тоа колку е одржлив јавниот долг. Се додека инвеститорите сметаат дека земјата има капацитет да ги враќа долговите, ќе ни позајмуваат пари, но во цената ќе го вкалкулираат ризикот од вложување во поризични хартии од вредност издадени од земја со шпекулативен кредитен рејтинг како Македонија“, вели Горан Марковски, извршен директор на Друштвото за управување со инвестициски фондови, КБ Публикум Инвест.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески, вели дека политичката криза, односно надминувањето на политичките проблеми ќе бидат клучни за инвеститорите во одредувањето на цената на капиталот.

„За цената и условите по кои ќе се позајмуваат парите клучно е оваа политичка криза во која се наоѓаме сега што поскоро да заврши и веднаш по изборите да видиме јасна намера за стабилизација и реформа на институциите без оглед која ќе биде политичката партија што ќе формира влада, односно убедување дека тие им припаѓаат на граѓаните, а не на политичките елити. Во спротивно, финансиските пазари ќе го вкалкулираат политичкиот ризик и надворешното финансирање за Македонија ќе станува поскапо“, коментира професорот Петрески.

Дел од економистите не ја исклучуваат и алтернативата да тропнеме на вратите на ММФ за нов аранжман.

^2A0C09D0E999720237FF7A95F74798DBCA44561D591F97E645^pimgpsh_fullsize_distr

Меѓутоа, освен на меѓународниот финансиски пазар, Фискалната стратегија покажува дека власта офанзивно ќе позајмува пари и од домашните банки, пензиски фондови и осигурителни компании. А токму задолжувањето на државата кај домашните банки ги загрижува бизнисмените кои стравуваат дека помеѓу безризичните државни обврзници и кредитирање на фирмите, банкарите ќе ја одберат првата, побезбедна опција.

„Интензивирањето на задолжувањата на државата на домашниот пазар брзо ќе придонесе да се намали потенцијалот кај банките за кредитирање на стопанството. Ако се случи тоа, во време кога  компаниите се соочуваат со голема неликвидност, ќе биде погубно за целиот бизнис сектор. Ние како претставници на бизнис заедницата ја замолуваме Владата да ја преиспита оваа одлука и наместо на домашниот пазар, парите да ги обезбеди преку задолжувања исклучиво на странскиот пазар. Ако остане на ставот оваа сума да ја обезбеди од домашните кредитори, немам дилема дека банките ќе изберат да вложуваат во државни обврзници со помал ризик отколку да даваат кредити на фирмите. Ова стопанство ќе пропадне ако банките не застанат зад компаниите“, изјави неодамна Горан Рафајловски, член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија.

Банкарите, пак, објаснуваат дека имале доволно вишок пари во исто време да го поддржат и стопанството со повеќе кредити и да и позајмат на државата над 1 милијарда евра.

„Банките секогаш ќе даваат предност на кредитирањето на граѓаните и фирмите пред вложувањата во државни хартии од вредност, но ако нема доволно побарувачка за кредити, а депозитите продолжат да се зголемуваат, тој вишок пари мора некаде да се инвестира. За нас е поисплатливо да кредитираме бидејќи имаме поголема заработка од камати, додека каматите на државните обврзници и записи паѓаат“, вели претседателот на Управниот одбор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.

Економистите се загрижени што најголем дел од парите што ги позајмува Владата ги троши неполезно, односно за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, а во исто време ефектот од кредитите врз економскиот раст е послаб, така што таквото финансиско поведение ја доведува во прашање способноста на државата еден ден да го врати долгот.

Буџетскиот дефицит ќе се намалува

Според бројките во Фискалната стратегија до 2018 година, власта планира да го намали буџетскиот дефицит до 2,6% од БДП во 2018 година. Сепак, во следните три години, Владата ќе потроши 875 милиони евра повеќе отколку што ќе собере во државната каса од даноци и придонеси, така што овие пари ќе мора да ги позајми.

Економската политика на оваа власт и во следните три години не отстапува од досегашните правци. И во најновата Фискална стратегија, планирани се зголемувањата на платите во јавниот сектор, на пензиите и на социјалната помош.

„Ќе продолжи стриктната контрола на новите вработувања“, се обврзува власта  во Фискалната стратегија иако во последните осум години, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен за четвртина. Властите во Стратегијата не кажуваат колку ќе ги зголемат платите на административците, туку објаснуваат дека „планираното зголемување на платите ќе биде резултат на детални пресметки за секоја фискална година, согласно можностите на Буџетот, а во зависност од фискалната кондиција и ефектите од надворешните  економски движења“.

За пензиите пак, најавено е годишно зголемување од по 5%, односно 650 денари линеарно, и исто толкаво зголемува од 5% и на социјалната помош.

„Зголемувањето на тие тековните трошоци е поголемо од растот на вкупната економија и таа разлика мора од некаде да се финансира. Сето тоа рапидно го зголемува долгот и создава фискален меур, кој што мислам дека веќе станува загрижувачки“, оценува професорот Марјан Петрески и додава дека не би го гледал нивото на задолженост во однос на Мастришкиот критериум, или долгот на друга земја, туку само во контекст на тоа колку тој го подобрува или не нашиот отплатен капацитет утре.

Во Стратегијата пишува и дека „ќе продолжи спроведувањето на дисциплинирана буџетска потрошувачка со нагласен акцент на рестриктивност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестиционите вложувања во капитални проекти“.

Властите во Фискалната стратегија пишуваат дека јавните инвестиции кои ја претставуваат развојната компонента на фискалната политика, ќе продолжат да имаат приоритетно и доминантно значење.

„Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи предвидени се значајни инвестициони вложувања за доизградба на преостанатиот дел од автопатот на Коридорот X и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во образовниот, социјалниот и здравствениот систем, земјоделието, заштитата на животната средина и правосудството. Ефикасното користење на парите од буџетот и парите обезбедени со заеми ќе претставува основа за низа инвестициони активности и реформи кои ќе овозможат креирање на нови  работни места и поволно деловно окружување“, пишува во Фискалната стратегија.

Економистите велат дека е позитивно е што буџетскиот дефицит се проектира со опаѓачки тренд до 2018 година, како и тоа што многу поголем акцент во стратегијата се става на проекти кои ќе ја зголемат продуктивноста и конкурентноста на економијата, особено на инфрастуктурните проекти, меѓутоа, предупредуваат дека претходните искуства покажаа значајно отстапување во реализацијата, односно голем јаз меѓу напишаното во стратегијата и остварувањата.

Долг од 2 милијарди евра за економски раст од 2,2%

Јавниот долг заклучно со септември годинава достигна 3,94 милијарди евра што е 43,9% од БДП. За споредба, на крајот на 2010 година, сите државни институции должеле вкупно 1,94 милијарди евра, односно 27,2% од БДП.

Во овој период, додека властите потрошија 2 милијарди евра позајмени пари, просечниот економски раст е само 2,2% годишно. Не е познато која е просечната камата на овој долг, но економистите се согласни дека клучната работа кога станува збор за јавниот долг е колку е тој одржлив и дали државата може навреме да ги намирува обврските, без оглед дали тој е 40% или 50% од БДП. Велат дека умереното ниво на долг што го има Македонија, не може да биде алиби за нерационални задолжувања на Владата, бидејќи дури и ако еден милион евра не може да ги врати на денот кога доспеваат обврските, државата е банкрот.

Дека брзото темпо на акумулирање на долгот во текот на последните неколку години е загрижувачко предупредува и претставникот на ММФ во Македонија, Патрик Житон.

„Високиот јавен долг може да го ограничи капацитетот на фискалната политика за заштита на економијата ако се случи нешто лошо и неочекувано. Македонија беше во можност да ја користи фискалната политика за да се бори против рецесија по глобалната финансиска криза, бидејќи нивото на јавен долг на крајот на 2008 година беше на многу ниско. Оттогаш јавниот долг се удвои. Земјата, исто така, се соочува со поголеми потреби за трошењето поради неповолната демографија, како што се трошоците за здравствена заштита и пензии. Тоа е причината зошто ние препорачавме да се ограничи буџетскиот дефицит, кој е најголем извор на акумулација на долгот, и да се создаде простор за фискалната политика“, вели Житон.

^2E7D974192E7D5DAF0A23F0EB16D4B1CD49DAA1920A0771AF5^pimgpsh_fullsize_distr

Европската Комисија во најновата есенска прогноза исто така нотираше дека оваа и наредната година буџетскиот дефицит ќе биде повисок отколку што претходно се очекуваше и оти јавниот долг ќе надмине 50% БДП. Комисијата е загрижена за фискалната консолидација и за одржливоста на долгот.

„Вкупниот долг на државата се зголемува. Властите остануваат посветени на постигнувањата за буџетскиот дефицит под 3% до 2017 година. Но, сепак, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада се чини премногу оптимистичка“, наведува Европската комисија.

Дека долгот на Владата се зголемува брзо предупреди и Standard & Poor’s во најновиот извештај, нотирајќи дека „задолжувањата за финансирање на буџетските дефицити до 2018 година ќе го оптоварат јавниот долг и покрај тоа што од почетокот на годината Македонија се раздолжи предвреме кон ММФ“.

Неодамнешните уставни измени ги нормираа буџетскиот дефицит и јавниот долг да не може да надминуваат 3% односно 60% од БДП, наспроти препораките на ММФ долгот да се одржува на комотно ниво под границата од 50% од БДП.

 

ТЕКСТОТ Е ОБЈАВЕН ВО МАГАЗИНОТ КАПИТАЛ НА 18 ДЕКЕМВРИ, 2015 ГОДИНА

One thought on “Кој и да биде на власт, нека му ја мисли! За три години треба да вратиме 1,1 милијарди евра!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×