Кој и како управува со државниот капитал?
Објавено на од во Uncategorized

Јавните и државните претпријатија тонат во загуба. До кога?!

Во последните пет години драстично е влошено финансиското работење на најголемите јавни претпријатија и компании со државен капитал во земјава, со тенденција повеќето да работат со милионски загуби. Дури и тие кои работеле со добивка отидоа во негатива или се на граница да пријават загуба. А, причина не секогаш се намалените приходи, кои кај некои државни претпријатија дури и се зголемени. Значи проблемот е во расходите.

Драстично е влошено финансиското работење на најголемите јавни претпријатија и компаниите со државен капитал во земјава. Во последните пет години дури и тие кои работеле со добивка отидоа во негатива или се на граница да пријават загуба. А, причина не секогаш се намалените приходи, кои кај некои државни претпријатија дури и се зголемени. Оваа слика ја даде рангирањето на 200 најголеми и најуспешни компании во земјава во едицијата која неодамна ја објави Капитал.

Зошто е тоа така? Не може да се каже дека јавните претпријатија ја делат судбината на приватниот сектор, кој е на удар на кризата, затоа што се монополи и затоа што во повеќето приходите се слеваат континуирано. Значи, проблемот се расходите. Е тука, очигледно, секоја компанија си тера своја политика, се разбира усогласена со владината, затоа што државата е 100% сопственик на овие фирми. Некои велат дека се влезени во инвестициски циклус, некои добиваат и субвенции од државниот буџет, а некои пак и несоодветни трошоци (на пример, ЈСП Скопје ќе мора да троши пари за одржување на Милениумскиот крст и за изградба на Панорамското тркало).
Со цел да видиме на што се должат негативните финансиски резултати на компаниите во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) отидовме чекор понатаму и ги анализиравме нивните финансиски извештаи и нивното работење. За жал, многу малку јавни претпријатија објавуваат годишни финансиски извештаи, а и некои што се објавени се многу сиромашни со информации и со податоци, со што транспарентноста во работењето е сведена на минимум или воопшто ја нема. Тоа отвара сомневање за начинот на кој тие работат, како и за одговорноста и професионализмот на нивниот менаџмент.

Како работат државните фирми и јавните претпријатија?

Најголемата државна компанија, АД Електрани на Македонија минатата година пријави загуба од 2,1 милион евра, а само пред четири години, во 2010 имаше добивка од четири милиони евра. Намалени се и приходите на друштвото од 264 милиони евра во 2009 на 254 милиони евра во 2013 година. Намалено е и производството на електрична енергија од домашните термо и хидроцентрали. Во 2012 година е најмало во последните четири години. Во 2009 година, на пример, се произведени 5.886 гигаватчасови електрична енергија, а во 2012 година 5.370 гигавати. Најголемо производство во овој период е постигнато во 2010 година од 6.462 гигавати. Годишниот извештај за 2012 година (последно објавениот) покажува дека од вкупните расходи на ЕЛЕМ од 263 милиони евра, 99 милиони евра отпаѓаат на инвестициски активности, а во 2011 година за инвестиции се потрошени 73 милиони евра. Вработените го чинеле ЕЛЕМ во 2012 година 26 милиони евра, а во 2011 година 31 милион евра. Бројот на вработени за пет години е зголемен за 792, од 3.882 во 2009 на 4.674 вработени во 2013.

Во годишниот извештај на ЕЛЕМ објаснуваат дека во 2009 година го започнале „најголемиот инвестициски циклус од постоењето на компанијата со сума од 37 милиони евра, која во 2010 година прерасна во 50 милиони евра“. Во 2011 година инвестирале 61 милион евра, а во 2012 скоро 100 милиони евра. Според менаџментот на ЕЛЕМ, негативниот финансиски резултат за 2013 и падот на добивката во претходните три години, пред се, се должи на исправки во побарувањата на ЕЛЕМ постари од три години.

„Станува збор за побарувања од кои поголем дел се преземени од делбениот биланс, пред поделбата на старото ЈП ЕСМ. За дел од нив компанијата води судски спорови, кои доколку се добијат ќе создадат вонредни приходи. Овие исправки во деловните книги немаат влијание врз ликвидноста на компанијата. АД ЕЛЕМ останува еден од најголемите домашни инвеститори и годинава продолжи со реализација на планираните енергетски проекти. Само во 2013 година во енергетски зафати компанијата инвестира над 60 милиони евра. Во 2014 година, согласно инвестициската програма, завршија два капитални проекти во вкупна вредност од околу 90 милиони евра – Паркот на ветерни електрани „Богданци“ и ревитализацијата на хидроелектраните (втора фаза). Во последните пет години се реализирани најголемите инвестициски зафати од постоењето на компанијата – модернизација на РЕК Битола, отворање на два рудници за јаглен, изградба на главен транспортен систем за јаглен од Брод Гнеотино до Суводол, систем за отпепелување во РЕК Осломеј, пуштена е во употреба ХЕ Света Петка, а во тек се подготовки за реализација на проектите Бошков Мост, Луково Поле и топлификација на Битола и регионот. Станува збор за капитални проекти чија реализација трае и по неколку години и за кои се потребни големи финансиски средства“, велат во ЕЛЕМ.

Пад на приходите и на добивката има и кај МЕПСО, државната компанија за пренос на електрична енергија. Рекордни приходи во изминатите пет години МЕПСО оствари во 2012 година, од 56,9 милиони евра, кои во 2013 година се намалени на 49,7 милиони евра. Во минатата година МЕПСО оствари и најмала добивка од 251.773 евра, за разлика од 2012 година, кога добивката изнесуваше 7,9 милиони евра. Во 2011 година, пак, добивката изнесуваше дури 13,7 милиони евра.
„Приходите и расходите на МЕПСО, како оператор на електропреносниот систем и на пазарот на електрична енергија, се регулирани и се одобруваат од Регулаторната комисија за енергетика. Дополнително треба да се има предвид дека МЕПСО во овој период е во континуиран инвестициски циклус на модернизација и надградба на преносната мрежа и на системите за управување со електроенергетскиот систем“, објаснуваат од компанијата МЕПСО.

Убедливо најголема добивка лани пријави АД Државни патишта од дури 20 милиони евра. Ова е новоформирано друштво, кое го наследи Фондот за патишта, но презеде и дел од активностите и вработените на Македонија пат. Ова е огромна стапка на профитабилност со оглед на тоа дека приходите во 2013 изнесувале 71 милион евра.

Затоа, пак, Македонија пат тоне во загуби. Во изминатите пет години ова претпријатие постаојано работи со загуба, а приходите му се намалени од 15,7 милиони евра во 2009 година на 13,5 милиони евра во 2013 година. Бројот на вработени е намален од 1.513 на 966.

„Сега не е исто како што било порано. Буџетот за одржување на патиштата е намален. Ако се анализираат последните пет години, ќе се види дека ја имаме намалено загубата благодарение на кратење на сите непотребни трошоци и на максималната ефикасност на менаџментот на претпријатието. А, програмата за работа е 100% реализирана и тоа за годинава заклучно со седми месец. Сега нема работа, а мора да ги плаќаме вработените, од кои дел се на принуден одмор. Ние работиме толку колку што ќе ни даде работа Јавното претпријатие Државни патишта, а и заработуваме толку колку што ќе ни плати. Ние немаме приходи. Да имаме повеќе работа, ќе ја исчистиме загубата. Барав и од Владата и од ЈП Државни патишта повеќе пари, но нема. Имаме и стар возен парк и за негова обнова нема пари. Сега има пари за осум часа работа на терен за некои возила, а треба да бидат 24 часа. До надлежните институции пративме и писмен извештај за тоа во каква состојба се патиштата, но нема повратен одговор. Ние не знаеме колку пари се собираат од надоместокот за одржување на патиштата, сето тоа е во надлежност на ЈП Државни патишта“, изјави генералниот директор на Македонија пат, Гајур Кадриу.

Изградбата и одржувањето на патиштата сега се во надлежност на двете претпријатија, ама постојната патна инфраструктура е во катастрофална состојба, посебно автопатиштата. Изградбата на новите автопатишта (Демир Капија-Смоквица, Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип) започна годинава и таа допрва ќе влијае врз финансиските резултати на овие претпријатија.

Покрај патната, во очајна состојба е и железничката инфраструктура, а во слична состојба се и двете железнички претпријатија. МЖ Инфраструктура во минатата година пријави загуба од 6,5 милиони евра, а МЖ Транспорт од 8,3 милиони евра. Тие постојано се во загуба. За разлика од МЖ Транспорт, кое има и пад на приходите од дури 26,5%, во МЖ Инфраструктура имаат зголемени приходи од 15,9 милиони евра во 2011 година на 20,6 милиони евра во 2013 година. Но, подобрување на финансиските резултати нема, иако првиот човек на претпријатието, Ирфан Асани, очекуваше надежна 2013 година и позитивен финансиски резултат.

„Основна причина за работењето со загуба на МЖ Инфраструктура е пресметаниот расход на амортизацијата на средствата, за кој трошок не е потребен одлив на парични средства, но согласно законските прописи е вклучен во финансиските извештаи на претпријатието. Финансирањето на ЈП МЖ Инфраструктура се обезбедува од Буџетот на Македонија, а согласно Програмата за финансирање и надоместок за користење на железничка инфраструктура, кој го плаќа железничкиот превозник (МЖ Транспорт). Амортизацијата како расход е основна причина која генерира загуби во претпријатието, бидејќи не се вкалкулира ниту во пресметката на надоместокот за пристап кон инфраструктурата, од причина што надоместокот би се зголемил до ниво што не може да биде прифатено од транспортниот пазар. А, за покривање на тој расход не се обезбедуваат ниту средства од Буџетот. Доколку го исклучиме влијанието на трошокот на амортизацијата, претпријатието би остварило добивка, која во 2013 година би изнесувала 2,5 милиони евра“, велат од управата на МЖ Инфраструктура.

Во исклучително лоша финансиска состојба е и МЖ Транспорт. Според генералниот директор Оливер Деркоски, причина и за лошите резултати е и кризата која го погоди стопанството.

„Прво, во анализата на периодот кој го споменувате треба да имате предвид дека во 2009 и 2010 година се уште беше мало влијанието на кризата врз нашето работење, посебно од работењето на два наши големи клиенти – Макстил и Скопски легури. За нив заедно сме возеле 700.000 тони во 2010 година, а во наредните години по околу 250.000 тони, што секако влијаеше на нашиот вкупен резултат. Исто така, мора да се спомене и намалениот број на транзитни возови за и од Грција, кој од над 1.200 пред кризата се намали на 700 овие години, што секако придонесе за намалување на нашите приходи. За да биде ситуацијата појасна, исто така, треба да се напомене дека во првите две години и буџетската поддршка беше околу 7,8 милиони евра годишно, што придонесуваше да го имаме позитивниот резултат. Таа во наредните години беше сведена на 3,4 милиони евра, се разбира поради влијанието на кризата. Кога вака ќе се проанализира периодот, јасно е дека МЖ Транспорт работи со потешкотии, но и дека тие произлегуваат од фактори на кои не можеме многу да влијаеме. Во овој период успеавме со низа мерки да ги намалиме трошоците за 5,7 милиони евра годишно, што ни помогна да го преживееме овој тежок период“, вели Деркоски.

Македонската радиотелевизија се уште е во зоната на профитабилност, но за три години добивката на ова јавно претпријатие е стопена, од 8,3 милиони евра во 2011 на 500.000 евра лани. Приходите се рекордни во 2013 година.

„Во 2011 година имаше отпис на обврски по кредити од Лондонскиот и Парискиот клуб во износ од 4,5 милиони евра, а во 2012 година беа вратени во евиденција. Во 2012 година, освен трошоците за редовното работење, е прокнижено и вредносно усогласување на ненаплатените побарувања по основ на радиодифузна такса во износ од 5,7 милиони евра, што во голема мера влијаеше на профитабилноста, како и во 2013 година, кога вредносното усогласување изнесуваше 6,4 милиони евра. Тоа има дополнително влијание и поради тоа што е непризнат трошок во даночниот биланс. Во 2012 година, во МРТ започна процесот за дигитализација на опремата, кој продолжи и во 2013, при што се инвестирани вкупно 7,2 милиони евра, што исто така влијаеше на профитабилноста“, објаснуваат од ЈРП МРТ.

Јавното претпријатие Водовод и канализација исто така се соочува со пад на приходите и добивката. Од менаџментот велат дека приходите се намалиле откако во 2008 година ја зголемиле цената на водата, што ги натерало граѓаните да ја штедат, и откако неколку компании дел од своите процеси почнале да ги извршуваат со технолошка вода. Помалата потрошувачка на вода била и поради санирани дефекти на интерни водоводни мрежи и намалена потрошувачка од Топлификација Скопје, Пивара, касарна Илинден, ЈЗУ Клинички центар, Комерцијална банка, ГТЦ, Зоолошка градина, ОХИС, Министерство за одбрана, МВР и други корисници.
„Профитабилноста на ЈП Водовод и канализација воопшто не е влошена бидејќи нашево претпријатие во анализираните пет години има извршено делумни или целосни реконструкции на водоводната и канализациската мрежа на град Скопје и набавка на резервни делови и опрема“, истакнуваат од претпријатието.

Кражби, скандали, апсурдни трошоци…

Интересен феномен е ЈСП Скопје. За пет години двојно се зголемени приходите на ова јавно претпријатие, а тоа во 2013 година за првпат влезе и во зоната на профитабилност. Но, пред се, поради субвенции и донации. И покрај помошта, веќе годинава, според последните информации, ова претпријатие се соочува со финансиски проблеми. Со оглед на фактот дека на негов товар падна и одржувањето на Милениумскиот крст и изградбата на Панорамското тркало со придружни објекти и мостови, очекувано е финансиската состојба уште повеќе да се влошува. Зошто ЈСП Скопје доби вакви обврски е друго прашање, со оглед дека тие се далеку од доменот на неговата основна дејност.

Во ЈСП Скопје велат дека минатогодишната добивка е резултат на благото зголемување на приходите со истовремено намалување на расходите. „Карактеристично е што забележавме пораст на приходите во услови кога возрасните граѓани добија дополнително уште еден бесплатен ден. Зголемениот промет во најголем дел се должи на новиот начин на контрола на билетите и наплатата на дополнителни билети. Намалувањето на расходите во најголем дел се должи на намалените расходи за одржување на новите автобуси, намалената цена на нафтата на светските берзи и на залагањето на менаџментот за одговорно работење“, објаснуваат од ЈСП Скопје.

Македонска пошта е уште еден типичен пример на јавно претпријатие оптоварено со еден куп финансиски проблеми, но и пропусти во работењето. Пошта вообичаено ја следат и кражби и афери, кои уште повеќе ја празнат сметката. Во 2013 година, загубата на Македонска пошта достигна два милиони евра, а од менаџментот се правдаат дека тоа се должи на подарени акции во Поштенска банка.

„Врз основа на Заклучок на Владата, Управниот одбор на Македонска пошта донел Одлука за подарување на акциите на Македонска пошта во Поштенска банка на Владата. Во согласност со Заклучокот на Владата, на 28 јуни 2013 година склучен е договор за дар, со кој на Владата и се пренесуваат во сопственост и владение без надомест 12.830 обични акции издадени од Поштенска банка, со вкупна номинална вредност од 2.413.194 евра. Како резултат на ова извршено е вредносно усогласување на финансиските вложувања за наведениот износ, што директно влијаеше на зголемувањето на расходите и искажаната загуба“, информираат од управата на Македонска пошта.

Зошто не се реформираат?

Економистите се согласни дека најголемиот проблем со јавните претпријатија е тоа што ниту една власт досега немала политичка волја да спроведе вистински реформи. Тие коментираат дека во западноевропските општества постојат начини како тоа се прави, а без притоа да мора да се приватизираат. Еден од основните принципи е да се евалуираат завршните сметки на претпријатието, да се следи системот на плати и наградувања, бројот на вработени и тоа колку секој од нив е соодветен за работната позиција.

Во Германија, на пример, јавните претпритијатија кои се основани од градовите функционираат како еден холдинг и целосно се потпираат на принципите на пазарната економија. Станува збор за централизирано раководење со одделните јавни претпријатија, што само по себе раѓа потреба од укинување на директорските позиции во секое претпријатие и прекинување на практиката на партиски вработувања. Средствата од градот стигнуваат на една сметка и оттаму се распределуваат кон секое претпријатие. На овој начин градските холдинзи, кои ги менаџираат јавните комунални претпријатија, стануваат кредитоспособни, подготвени да излезат на меѓународниот пазар на пари, каде што задолжувањето е по пониски камати, а се користи за нови инвестиции и развој.

***

Најголеми неплаќачи на даноци и придонеси!

Во 2010 година се донесе Законот за плаќање на рати на даночните долгови на јавните претпријатија и трговски друштва основани од државата, општините или од Град Скопје со кој се уредува начинот, постапката и условите за отплата на долговите. Управата за јавни приходи им даде можност за отплата во месечни рати на десет години, со грејс период од три години за редовните плаќачи. И плус им ги прости камататите.
УЈП тогаш утврди дека заклучно со 2009 година 58 должници имаат вкупен долг од 41 милион евра и камата од 33 милиони евра (која им ја отпиша). До 31.12.2012 година платени се само 1,7 милиони евра, а во 2013 година наплатени се 1,5 милиони евра, укинат е репрограм од 1,4 милиони евра и прекинат е репрограм од 22,5 милиони евра, со што остануваат за наплата 14 милиони евра.
Според УЈП, во Скопје јавните претпријатија имаат главен долг од три милиони евра и отпишана камата од 1,8 милиони евра, а до крајот на 2012 година платиле само половина милион евра. Ако се земат и податоците од Дирекцијата за големи даночни обврзници, јавните претпријатија должат уште 30 милиони евра, а платиле само 1,7 милиони евра. Најголем дел од вкупниот долг на јавните претпријатија е по основ на ДДВ, а потоа за неплатен данок на добивка и за персонален данок на доход за вработените.

***

Дејан Бошковски, генерален директор на ЕЛЕМ

АД ЕЛЕМ останува еден од најголемите домашни инвеститори и годинава продолжи со реализација на планираните енергетски проекти. Само во 2013 година во енергетски зафати компанијата инвестира над 60 милиони евра. Во 2014 година, согласно инвестициската програма, завршија два капитални проекти во вкупна вредност од околу 90 милиони евра

Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО

„Приходите и расходите на МЕПСО, како оператор на електропреносниот систем и на пазарот на електрична енергија, се регулирани и се одобруваат од Регулаторната комисија за енергетика. Дополнително треба да се има предвид дека МЕПСО во овој период е во континуиран инвестициски циклус на модернизација и надградба на преносната мрежа и на системите за управување со електроенергетскиот систем“

Гајур Кадриу, генерален директор на Македонија пат

„Ние работиме толку колку што ќе ни даде работа Јавното претпријатие Државни патишта, а и заработуваме толку колку што ќе ни плати. Ние немаме приходи. Да имаме повеќе работа, ќе ја исчистиме загубата. Барав и од Владата и од ЈП Државни патишта повеќе пари, но нема“.

Ирфан Асани, генерален директор на МЖ Инфраструктура

„Амортизацијата како расход е основна причина која генерира загуби во претпријатието, бидејќи не се калкулира ниту во калкулацијата за пресметка на надоместокот за пристап кон инфраструктурата, од причина што надоместокот би се зголемил до ниво што не може да биде прифатено од транспортниот пазар. А, за покривање на тој расход не се обезбедуваат ниту средства од Буџетот“.

Оливер Деркоски, генерален директор на МЖ Транспорт

„Во 2009 и 2010 година се уште беше мало влијанието на кризата врз нашето работење, посебно од работењето на два наши големи клиенти – Макстил и Скопски легури. За нив заедно сме возеле 700.000 тони во 2010 година, а во наредните години по околу 250.000 тони, што секако влијаеше на нашиот вкупен резултат“.

Бојан Василевски, генерален директор на Водовод и канализација

„Профитабилноста на ЈП Водовод и канализација воопшто не е влошена бидејќи нашево претпријатие во анализираните пет години има извршено делумни или целосни реконструкции на водоводната и канализациската мрежа на град Скопје и набавка на резервни делови и опрема“.

Марјан Цветковски, генерален директор на ЈП МРТ

„Во 2012 година, освен трошоците за редовното работење, е прокнижено и вредносно усогласување на ненаплатените побарувања по основ на радиодифузна такса во износ од 5,7 милиони евра, што во голема мера влијаеше на профитабилноста, како и во 2013 година, кога вредносното усогласување изнесуваше 6,4 милиони евра. Тоа има дополнително влијание и поради тоа што е непризнат трошок во даночниот биланс“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×