Кој прави најмногу пари во хотелскиот бизнис во Македонија
Објавено на од во луѓе и компании

Hotel reception with bellДве казина – хотели имаат повеќе приходи од сите други хотели заедно

Ако не ги сметаме двете казина – хотели на македонско – грчката граница кои што најголемите пари ги прават од коцкањето на своите гости, а сместувањето е споредна дејност, тогаш најголема хотелска компанија во Македонија според остварени приходи од сместувачки и останати услуги,  е Македонијатурист со 6-7 милиони евра на годишно ниво.

Најголеми приходи во Македонија меѓу хотелите убедливо имаат двата хотели – казина лоцирани крај Гевгелија, Хотел Фламинго и Хотел Рамада Плаза со казиното  Принцес. Во 2015 година двата заедно имаат направено промет од вкупно 2,76 милијарди денари или безмалку 45 милиони евра – хотел Рамада Плаза има 27 милиони евра, хотел Фламинго 18 милиони. Се разбира, ова се должи пред сè на коцкањето и другите игри на среќа што се организираат во казината што се во рамки на овие хотели, каде што најголем дел од прометот го прават гостите од соседна Грција.

Според податоците од www.biznismreza.mk, приходите на Принцес минатата година паднале за 4%, а добивката за дури 44%, на околу 330 илјади евра, додека на Фламинго приходите му паднале за 2%, а хотелот имал загуба од 1,28 милиони евра, намалена за 33% во однос на загубата од 2014-та.

Сопственик на хотелот Рамада плаза е групацијата Ramada Worldwide, која што го заврши хотелот крај Гевгелија во 2010 година, а сопствениците  на Фламинго  кои што го изградија неколку години, во 2014-та го продадоа на австриската групација специјализирана за игри на среќа, Новоматик,  за 20 милиони евра.

Овој своевиден “кој е кој во хотелскиот бизнис“ список продолжува со Македонијатурист Скопје, компанија која што е сопственик на повеќе хотели (Холидеј ин, Бест вестерн, Белви, итн.), за чии што поединечни биланси на успех не можеме да добиеме податоци. Целата групација минатата година остварила приходи од 414,2 милиони денари (6,7 милиони евра), што значело пад од 2,5% во однос на 2014 година. Компанијата имала добивка од околу 2,2 милиони евра, што било за 10% послабо од годината претходно. Оваа година Македонијатурист првите шест месеци ги заврши со вкупни приходи за 7% помали од истиот период лани, и нето добивка за 11% помала. Од компанијата објаснија дека “работеле во услови на нелојална конкуренција на пазарот и под влијание од глобалната економска состојба“, па со оглед на сето тоа, остварените резултати се задоволителни.

На четвртото место на ранг листата најголеми според остварени приходи, се наоѓаат Хотели Метропол – Охрид, компанија во состав на групацијата Фершпед, која што засебно котира на Македонската берза. Според финансискиот извештај за првото полугодие годинава, Хотели Метропол имаат за 17,5% помали приходи од истиот период лани, односно 706 илјади евра, додека остварена е загуба од 154 илјади евра. Минатата година пак, компанијата што менаџира со два хотели и еден депанданс на брегот од Охридското езеро, остварила приходи речиси идентични како годината претходно, 2,65 милиони евра, и добивка од 430 илјади евра.

По Хотели Метропол, на листата следи хотелската компанија Инекс Дрим од Струга, која што во свој состав ги има хотелите Дрим и Београд, како и автокампот АС. Според Крсте Блажески, сопственикот на компанијата, најголем дел од приходот, околу 85%, го носи хотелот Дрим. Во 2015 година Инекс Дрим имала приход од 2,33 милиони евра, што е пад за 16,5% во однос на 2014, како и добивка од околу 300 илјади евра, што е пад за 62%.

Brojki HoteliНајголемата добивка на хотелска компанија е 2,2 милиони евра

Во рангот на приходи од еден до два милиони евра, како што се гледа од приложената табела, се наоѓаат уште неколку хотели, како х. Стоунбриџ, Интернешнл хотелс (х. Континентал) , х.Солун од Скопје, хотелите Силекс и Гранит во Охрид, Сириус од Струмица и Романтик хотели од Велес.

Најголем раст на приходите тука покажува хотелот Стоунбриџ, во сопственост на бизнисменот Ајдован Адемоски, кој што лани имал пораст на приходите безмалку двојно (95%) на 1,8 милиони евра. Овој хотел има и највисок пораст на добивката за оваа година, меѓу сите рангирани најголеми хотели, од 752%, на 105,5 илјади евра.

Инаку, од сите хотели и групации што ги рангиравме во оваа анализа, пораст на приходите лани имале и хотел Сириус од Струмица (2,2%), Аурора ресорт од Берово (2,3%), хотел Силекс од Охрид (2,3%) и  Хотели Метропол Охрид (0,6%). Најголем пад на приходите имаат Инекс Дрим од Струга (-16,5%) и Инекс  Горица од Охрид (-12,4%).

Кај чистата добивка пак, карактеристично за минатата година, според податоците на www.biznismreza.mk, е што од 15 рангирани хотели и хотелски групации, девет покажуваат пад на добивките, и тоа најголем има хотел Гранит од Охрид, кој што речиси и да нема добивка во 2015 (-99,8%), потоа хотел Арка од Скопје (-87,4%), Романтик хотели од Велес (-72%), итн. Најголема добивка има групацијата Македонијатурист, од 2,2 милиони евра.

Анализирајќи ги резултатите на најголемите хотели и хотелски групации во Македонија, треба да спомнеме дека меѓу нив влегува и скопскиот хотел Александар Палас чиј што доминантен сопственик е бизнисменот Штерјо Наков со групацијата Фершпед, но до затворањето на овој текст не успеавме да дојдеме до финансиските биланси на хотелот, за да може да го рангираме во табелата.

Светски хотелски брендови во Скопје

“Мериот“ хотелот во Скопје е првиот и засега единствениот во Македонија кој што има бренд од редот на големите и луксузни светски хотелски синџири. Во него беа инвестирани околу 30 милиони евра, се градеше шест години од страна на инвеститорот  Дивелоп груп, а за тоа колку пари прави овој луксузен хотел ќе почекаме извесно време, затоа што со работа почна само пред неколку месеци.

Претходно, во септември 2015-та, во центарот на Скопје беше отворен и хотел Ибис, инвестиција од 6 милиони евра на Орка холдингот во сопственост на семејството Камчеви, кој што дел од светскиот ланец на средна категорија хотели,  обично лоцирани близу метро станици, аеродроми и сл., и најмногу користени од деловни луѓе кои што не сакаат да плаќаат прескапо за сместување, а добиваат високо ниво на квалитет.

Во 2013 година во скопската населба Аеродром, почна со градба и познатиот бренд “Хилтон” кој потпиша договор за франшиза со “Стоун бриџ хотел” кој треба да  изгради хотел “Double Tree by Hilton”, инвестиција на бизнисменот Ајдован Адемоски. Но, проектот е во мирување, а датумот на отворање одложен. Инвестицијата требаше да чини околу 30 милион евра.
Пред една година, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко стана сопственик на фирмата на грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, која веќе почна да го гради Офицерскиот дом на плоштадот Македонија во Скопје. Според договорот што беше склучен со Кондоминас, тој требаше дел од Офицерскиот дом да го даде без надоместок на градските власти, и да изгради и  хотел, што  треба да биде најмалку со 4 ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на синџир од најмалку 250 хотели. Самсоненко е сопственик  и на хотелот „Русија“ во скопската населба Аеродром, во рамки на спортскиот центар “Јане Сандански“, кој што почна со работа пред година и половина.

Hostel tabela

Бројот на туристи во Македонија расте

_MG_0030Во 2015-та во земјава имало за 10,9% повеќе туристи, и тоа за 6,5% кај домашните, а 14,2% кај странските. Во првите седум месеци од 2016, бројот на домашни туристи се зголемил за 8,6%, а на странски за 8,5%.

Бројот на туристи во првите седум месеци од годинава се зголемил за 8,5%, на 460.387, од кои што странски се безмалку 63%. Бројот на домашни туристи се зголемил за 8,6%, а на странски за 8,5%. Домашните туристи оствариле 652.464 ноќевања во овој период, додека странските 582.174, или вкупно 1.234.638 ноќевања, според Државниот завод за статистика. Овој број на ноќевања е за 5.3% повисок во однос на истиот период во 2015 година.

Од ХОТАМ, македонското здружение на хотелиери, велат дека и покрај овој раст што го покажува официјалната статистика, капацитетите во најголемиот туристички центар Охрид, каде што се реализираат и најголемиот број од ноќевањата во Македонија, годинава ќе ја завршат со пад од околу 20% во бројот на ноќевања.

“Оваа можеби ќе биде најлоша година во последниве пет за нас хотелиерите од охридско – струшкиот брег“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Блажески, кој што е сопственик на хотелската компанија Инекс Дрим од Струга, вели дека само два летни месеци не можат да ја “извадат“ цела година.

“Првите шест месеци беа лоши, се откажуваа аранжмани од холандските и другите западни туристи заради кризната ситуација со бегалците на границата со Грција. Потоа, обидот за пуч во Турција го намали бројот на гости од оваа земја кои што имаа веќе резервирано аранжмани во Охрид и Струга. Инаку јули и август хотелите беа полни, имавме и доста домашни туристи, но годината трае 12 месеци и мора со системски мерки и јасна стратегија да се обезбеди поголемо искористување на хотелските капацитети преку цела година“, вели Блажески.

Последниве неколку години се забележува тренд на зголемување на ноќевањата во Скопје, каде што најголем дел од туристите се дел од врзаните тури за неколку земји од Балканот што ги организираат регионалните и европските туроператори.

Хотелските работници со кои што разговаравме, велат дека во рамки на овие тури гостите обично во Скопје престојуваат по 1-2 ноќи, исто толку во Охрид и потоа организаторите ги шетаат во Србија, Црна Гора или другите земји од Балканот. Во земјава  обично се сместуваат во хотелите со поголем капацитет, а тоа се обично оние со 3,4 или 5 ѕвездички. Тоа го покажува и официјалната статистика, која вели дека кај странските туристи во јули месец годинава, 39% од ноќевањата биле реализирани во хотели од 4 ѕвездички, а 25% во хотелите со 5 ѕвезди.

“Групите не доаѓаат со помалку од 1-2 автобуси, што значи минимум стотина луѓе. Тоа се во најмала рака 50-тина соби, капацитети со кои што малите хотелчиња не располагаат“, велат нашите соговорници.


Хотелиерите се жалат на нелојална конкуренција

HostelAirbnb и хостелите им земаат дел од пазарот

Хотелиерите се жалат на нелојална конкуренција која преку интернет порталите за букирање им ја создавале хостели и пансиони кои не се категоризирани.
Тие преку Стопанската комора како мерки за излез од ситуацијата во  која се наоѓаат  пред неколку месеци побараа субвенции, намалување на данокот на додадена вредност на храната во угостителските објекти од 18 на 5% и измена на Правилникот за нивна категоризација.
Сопственик на мал хотел во Скопје кој што сакаше да остане анонимен,  вели дека напливот од хостели и преноќишта, но и Airbnb.com им го намалил прометот за дури 50% последниве 2-3 години. Цените за ноќевање  во помалите скопски хотели обично се движат од 40-50 евра па нагоре, за разлика од становите што може да се најдат преку Airbnb  и за 15-20 евра од вечер. Добар дел од туристите и  посетителите на Скопје ја избираат оваа варијанта или хостелите каде што може да се најде кревет и за 6-8 евра.
“Секако дека луѓе што се дојдени во Скопје деловно и сл., нема да одберат да спијат во хостел заедно со 5 други луѓе во соба и да делат бања со други гости. Но,  онаа категорија туристи кои што не сакаат многу да потрошат за ноќевање, а не се чувствуваат баш комотно за да спијат во хостел, се целната група токму на нас помалите хотели, кои што нудиме во принцип поевтино сместување од големите хотели кои што се насочени кон поинаква категорија посетители, со поголеми буџети за патување. Со напливот на хостелите и останатите преноќишта, за кои што надлежните и немаат точен увид во колкав обем се отвораат и како работат, а се рекламираат веќе на Booking.com  и останатите онлајн платформи, губиме ние хотелиерите, кои што имаме големи инвестиции, големи трошоци на работење, даноци, инспекции, итн., а не можеме постојано да се тркаме со нив во намалување на цените“, вели нашиот соговорник.

 

 

 

 


Почитувани за да продолжите со читањето треба да бидете претплатник

Доколку сте претплатник на kapital.mk, само логирајте се.

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Одберете пакет за претплата:

Напоменуваме дека подолу можете да купите само едно електронско издание

Зошто треба да се претплатите?

Што добивате со он-лајн претплата на Капитал:
  • Со претплата на електронското издание на Капитал заштедувате 20% попуст на цената за претплата на печатеното издание

  • Можност за најава од три различни уреди – домашен компјутер, службен компјутер и мобилен телефон

  • Пристап до електронското издание од било каде во Светот

Што добивате со претплата на печатеното издание на Капитал:
  • 49 броја на редовното издание на Капитал

  • 45 специјални додатоци годишно, интегрирани во рамки на редовното издание на Капитал

  • Бесплатна достава на магазинот на домашна адреса или на работа

  • Платена поштарина

  • Вклучено ддв

  • Бесплатен он-лајн пристап до сите електронски изданија на редовниот број на Капитал и сите специјални прилози

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×