Колку пари имаме, а колку и за што ќе немаме во буџетот годинава
Објавено на од во Економија
Дека ќе нема пари за плати и пензии, за социјална помош, дека ќе недостигаат над две милијарди евра во државниот буџет се застрашувачки изјави кои деновиве се лиферуваат во јавноста и тоа не само од страна на опозицијата од каде што вообичаено се очекуваат вакви катаклизмични прогнози, туку и од претставници на владејачката партија СДСМ. Колку е ова реално да се случи од денешна перспектива не може никој со сигурност да каже, и ќе зависи од времетраењето и интензитетот на пандемијата, но ова сценарио несомнено звучи апокалиптично. А за тоа колку пари има, а колку ќе нема во однос на планираните приходи, разговаравме со министерката за финансии, Нина Ангеловска, која што има директен увид во државната каса.
denari-lanec-katanec-1024x1024
Дека ќе нема пари за плати и пензии, за социјална помош, дека ќе недостигаат милијарди евра во државниот буџет се застрашувачки изјави кои деновиве се лиферуваат во јавноста и тоа не само од страна на опозицијата од каде што вообичаено се очекуваат вакви катаклизмични прогнози, туку и од претставници на владејачката партија СДСМ.
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека економската криза предизвикана од панедмијата со коронавирусот може да ги скрати јавните приходи во буџетот за дури 60% од планираните 3,6 милијарди евра, што во апсолутен износ значи дека приходите од даноци, придонеси и царини би биле помали за околу 2,2 милијарди евра годинава.
„Граѓаните се дома и не трошат, не работат објектите, транспортот е преполовен, не движиме, не се плаќаат ниту сметки. Голем дел на производствените капацитети се затворени или хибернираат, затоа не се плаќа и данок кон државата. Кратењето мора да се случува од секаде затоа што 60% помали приходи, значи недостаток да ги финансираме сите расходи. И да најдеме други пари, пак мора да кратиме од дома. Колку побрзо носиме храбри одлуки за солидарност, толку побрзо ќе излеземе од тешката економска криза“, изјави пред неколку дена Заев обидувајќи се да ги поткрепи со факти предложените мерки од страна на СДСМ кои опфаќаат и намалување на платите во јавниот сектор на минималното ниво од 14.500 денари во следните два месеца.
Потоа тој објасни дека ова е најцрното можно сценарио и дека постои и пооптимистично според кое, приходите во буџетот би се намалиле за третина.
Неговиот заменик претседател за економски прашања додека тој беше премиер, Кочо Анѓушев, исто така со слични математики изјави дека „не е прашање колку ќе се скратат платите на јавниот сектор туку дали ќе има пари воопшто да се исплатат, оти во буџетот ќе недостигаат над две милијарди евра“.
Колку е ова реално да се случи од денешна перспектива не може никој со сигурност да каже, и ќе зависи од времетраењето и интензитетот на пандемијата, но ова сценарио несомнено звучи апокалиптично.
Економистите иако признаваат дека во вакви околности е многу тешко да се прават проекции кои би биле сериозни, бидејќи немаме точна индикација колку долго би траела оваа индуцирана рецесија, односно кога производните капацитети и економијата воопшто ќе може да почнат да се враќаат во нормала, сепак се попретпазливи во изјавите.
marijan-petreski-FOTO-MIA„Она што на економијата и е потребно за да ги преброди претстојните два месеци е ликвидност која би се движела околу 500-700 милиони евра, што во моментов е значајно под 60% од јавните приходи, кои изнесуваат околу 2,2 милијарди евра. Ако кризата значајно се пролонгира, и трговијата, транспортот, угостителството, како и производните капацитети кои се дел од глобалните синџири на снабдување, не можат да продолжат со нормализација од почетокот на јуни, тогаш ликвидносната потреба ќе почне прогресивно да се зголемува и секако не можам да исклучам дека ќе дојде до таа цифра“, вели универзитетскиот професор, Марјан Петрески.
За тоа колку пари има, а колку ќе нема во однос на плалнираните приходи, ја прашавме министерката за финансии, Нина Ангеловска, која што има директен увид во државната каса.
„Последнава недела забележуваме пад кај даночните приходи. Секако ова не е неочекувано, во услови кога луѓето купуваат само основни производи кои им се потреби за живот, кога угостителските објекти се затворени, моловите се затворени, следствено тоа влијае на наплатата на ДДВ. Понатаму увозните давачки (ДДВ при увоз, царини, акцизи) забележуваат намалена наплата што е резултат на влијанието врз трговската размена – потешкотии во снабдување со репроматеријали, извозни активности, транспорт. Кога ќе заврши месецов, ќе излеземе со бројки во јавноста за колку се намалени приходите во овие две недели во кои се спроведуваат здравствените мерки и оттаму јавноста ќе добие појасна слика за состојбите“, ни одговори министерката Ангеловска, без да прецизира конкретни бројки коишто според податоците што ги сподели поранешниот премиер Заев, кај некои ставки достигнуваат и до минус 25%.
Ангеловска вели дека за да разберат граѓаните, буџетот не е „куп пари“ коишто ги има државата на почеток на годината, па се распределуваат, туку е проекција за тоа како ќе се полни државната каса односно приходите и соодветно како ќе се трошат собраните пари односно расходите.
„Ликвидноста на буџетот метафорично може да ја споредиме со проток на вода во една цевка – првите два месеци млазот беше силен, со силен интензитет се полнеше државната каса, а согласно тоа се извршуваа и планираните расходи. Оттука, првите два месеци ликвидноста беше одлична, како и на почетокот на месец март“, објаснува Ангеловска додавајќи дека сега млазот е ослабнат.
Таа вели дека Министерството за финансии постојано ја следи состојбата, се подготвуваат сценарија и постојано се обновуваат истите согласно развојот на случувањата со коронакризата кај нас и во светот бидејќи ние сме мала отворена економија и зависиме и од случувањата кај нашите трговски партнери.
Za_otvaranje2KK_4783„Во моментот согласно моменталните сценарија, би рекла дека најпозитивното, близу оптимисточно е ако ударот на приходната страна е најголем во вториот квартал, за да во третиот квартал започне благо опоравување и стабилизација и раст во четвртиот квартал (ова е нешто што би изгледало како крива во форма на буквата V). Претпоставките кај ова сценарио се пад на даночните приходи за околу 40% и на придонесите за околу 15% во вториот квартал, поблаг пад за околу 10% до 15% во третиот споредено со минатата година и стабилизирање во четвртиот односно исто ниво со минатата година или благ раст. Затоа се преземаат и дизајнираат мерки за да им се помогне на компаниите и економијата да го премостат вториот квартал, најбезболно можно, да ја заштитиме ликвидноста и работните места“, вели Ангеловска.
„Понеповолно сценарио е ако кризата продолжи и во третиот квартал. Во тој случај опоравувањето би започнало во четвртиот, и целосна стабилизација и раст во 2021 година. Треба да имаме предвид дека ако кризата заврши во третиот квартал, сепак ќе биде потребно време за да почне заживувањето. Некои синџири на набавка ќе бидат прекинати, затворените капацитети и објекти ќе им треба време за целосно да ги обноват своите активности и релации со клиентите“, вели таа.
А најлошото сценарио според Министерството за финансии би било ако пандемијата со коронавирусот трае до крајот на годината. Тоа би значело дека опоравувањето би започнало на крајот на 2020 или почеток на 2021, а состојбата со наплатата на приходите во вториот квартал, веројатно би се повторила во третиот и четвртиот квартал.
„Мораме да сме подготвени и за најлошите сценарија, а да работиме за да се случи најдоброто. Мора да се земе предвид дека последиците и цената за рестартирање на економските активности ќе бидат поголеми, ако не се амортизира ударот соодветнo во оваа фаза. Преку новите мерки кои наскоро ќе ги претставиме, тоа ќе биде главниот фокус. Првиот пакет на мерки, иако беше оценет веднаш како оскуден во јавноста, содржи значајни мерки, насочени кон задржување на работните места преку обезбедување на ликвидност на фирмите како: исклучување на давачки кон државата (како аконтациите за данок на добивка и на личен доход), понатаму одложување на ратите кон банките и првична ликвидносна инјекција кон малите и средни претпријатија од најпогодените сектори преку бескаматните кредити за да можат да исплатат плати“, додава Ангеловска.
Но оптимизам според неа, влева тоа што се работи за криза која започна од неекономска природа и овој удар на економијата е поради мерките кои ги преземаат земјите за превенција на ширењето на корона вирусот, па се очекува ефектите од се ова да бидат привремени, односно многу побрзо да се вратат економиите на патеката на силен и стабилен раст.
Сепак, кое сценарио и да се оствари, факт е дека во буџетот ќе недостигаат од најмалку 300 милиони евра што е всушност само износот на буџетскиот дефицит и претпоставка дека приходите ќе се реализираат споре првичниот план што е практично веќе отфрлена опција, па до над една милијарда евра.
Со тоа станува неизбежно кратењето на јавните расходи.
„Неопходно е најнапред кратење на сите расходи кои може да бидат скратени. Расходите во здравството ќе се зголемат и потребно е дополнување на средствата за задоволување на овие расходи, потребни се и дополнителни средства за помагање на економијата. Но, се што нема да биде во функција на здравството, поддршка на стопанството и задржување на социјалната стабилност, ќе се пренамени во она што е суштинско и неопходно. Се што нема да биде во функција на справување со кризата ќе се крати – важно ни е да останеме здрави, важно ни е да ги задржиме работните места“, вели министерката Ангеловска.

 Околу задолжувањата

Дел од недистигот на пари во државната каса, властите ќе се обидат да го надоместат и со задолжувања. Поранешниот премиер, Зоран Заев, веќе потврди дека им дал инструкции на властите да позајмат што е можно повеќе пари, па макар и милијарди евра, но вели „задолжувањето сега оди потешко, големите пари ги земаа големите земји“.
Засега е познато дека државата бара на заем 600 милиони евра, и тоа 400 милиони од странски комерцијални банки, 100 милиони од Светска банка и 87 милиони од ММФ.
„Мора да се напомене дека тие 600 милиони евра кои очекуваме да ги повлечеме, не се дополнителни средства, не се екстрасредства, нови, непредвидени средства со буџетот за 2020. Согласно буџетот за 2020 година беше планирано да се издаде еврообврзница од 500 милиони евра на крајот од годинава. Само обврските кои достасуваат, стари долгови за отплата во текот на годината се 700 милиони евра. Околу 300 милиони евра е планиран буџетскиот дефицит. Тоа се милијарда евра кои ни требаа да се сервисираат со еврообврзница и со аукции на државни хартии од вредност на домашен пазар. Што правиме сега? Заради ликвидност и зголемента потреба за финансирање го поместуваме тоа повлекување, кое беше планирано за последниот квартал од годината да се случи сега. Наместо еврообврзница ќе се користи инструментот bridge-to-bond или заем за премостување до еврообврзница, како најоптимален избор земајќи ги предвид сите аспекти. Издавањето на еврообврзница е подолг процес, а дополнително пазарите на капитал се навистина непредвидливи овој период“, истакна Ангеловска.
Дека има има влошување на условите на задолжување на меѓународниот пазар на капитал потврдуваат и финансиските аналитичари.
„Тоа се случува поради зголемување на распонот на приносите помеѓу првокласните обврзници и останатите обврзници предизвикани од зголемената аверзија кон ризик на инвеститорите. Пред падот на пазарите на капитал, македонските еврообврзници што доспеваат во 2025 година се тргуваа со принос од 0,56%, а денес бараниот принос е 2,3% што укажува на зголемен трошок за камата што државата ќе го има како резултат на нова емисија на еврообврзници во споредба со преткризното ниво“, вели Горан Марковски, главен извршен директор на Друштвото за управување со инвестициски фондови, КБ Публикум.
Но и ова задолжување сепак би било поевтино од која било издадена еврообврзница последните 15 години. Последен пат државата издаде еврообврзница во 2018 година со што позајми 500 милиони евра со камата од 2,75%, додека пак најскапо задолжување е она од 2009 година кога каматата достигна 9,875%.
Професорот Марјан Петрески, вели дека државата мора итно да ја обезбеди неопходната ликвидност од околу 500-700 милиони евра, но и тој изрази загриженост околу пристапот до капитал.
„Министерството за финансии излезе со план за задолжување и тој е коректен, но морам да го изразам својот песимизам дека од ден на ден, можноста за позајмување на приватните финансиски пазари станува се` поневозможна. Имено, приватните пазари замрзнаа. Оттука, моето стравување е дека потрагата по приватно финансирање надвор може да заврши неуспешно и да значи изгубено време, но да се надеваме дека нема да бидам во право. Затоа, мојата сугестија беше веднаш да се пристапи кон концесионалните кредитори и со нив веднаш да се отпочне со преговори за рамката за позајмување која ќе овозможи непречено снабдување на економијата со ликвидност. Да нагласам дека постоеше можност централната банка да ја олабави ликвидноста преку значајно намалување на базната каматна стапка, така овозможувајќи му на Министерството за финансии веднаш да се задолжи кај банкарскиот систем, но во моментов сметам дека и таа опција стана „тешка“, бидејќи и домашниот банкарски пазар ќе биде воздржан во однос на позајмување на државата“, смета Петрески и додава дека девизните резерви не може да бидат замена за задолжувањето.
„Нивната улога е сосема друго, а тоа е да ја обезбедат девизната ликвидност во економијата, која е клучна во услови на фиксен девизен курс. Значи, девизните резерви на Македонија се многу високи и тие гарантираат стабилност на денарот. Апелирам до политичарите да не ги вклучуваат девизните резерви и денарот во дебатите за надворешното задолжување, со цел да не внесат непотребна неизвесност кај граѓаните“, истакна професорот Петрески.

Рецесијата песимистичка или реална прогноза?!

Рецесијата која според многу економисти е веќе факт, а не само прогноза за економијата годинава, значи дека најмалку два последователни квартали ќе има пад на економската активност.
И додека некои меѓународни инатитуции веќе излегоа со првични прогнози за економијата, за Македонија се уште нема прецизни статистички проценки што ќе ги антиципираат потенцијалните негативни ефекти од пандемијата со коронавирусот.
Deutsche bank минатата недела ги објави своите најпесимистички прогнози за економскиот раст од Втората светска војна досега.
Според овие проценки, европската економија во вториот квартал ќе ја намали економската активност за 23,6%, додека пак германската економија ќе падне за дури 28,4%. Гледано отсега, 2020 година ќе заврши во минус од 2,9% во еврозоната, и пад од 3,3% во Германија.
Зошто се овие прогнози битни индикатори за нас?! Бидејќи 82% од целиот извоз на македонски производи завршува на европскиот пазар, а дури половина во Германија, така што ако предвидувањата се дека економската активност на овие пазари ќе се намалува, побарувачката ќе паѓа, со тоа ќе се намалуваат и нарачките од нашите фабрики. И тој негативен тренд веќе започна, неколку фабрики ги затворија производствените погони на неодредено се додека не се стабилизира ситуацијата на пазарот.
Виенскиот економски институт којшто е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, прв ги објави своите проценки за македонската економија според кои растот годинава ќе изнесува само 1,7% наспроти првичната прогноза за раст од 3,3%. Но овие проценки се направени до крајот на февруари, кога се уште импактот од коронавирусот врз економијата беше послаб.
„Колку повеќе правиме да го ублажиме растот на кривата на инфекцијата, ние всушност го правиме пострмен падот на кривата на економска активност. Сите тие превентивни мерки кои ќе влијаат да се преброди здравствената криза, ќе делуваат негативно на економијата. Во овој момент сите предвидувања имаат голем број на варијабли кои прават широк распон на исходот. Во голема мерка зависи од тоа дали во вториот квартал ќе се смири епидемијата“, вели министерката Ангеловска.
Од Министерството за финансии велат дека како резултат на неизвесноста и непредвидливата траекторија, на неделно, па и дневно ниво се менуваат сценаријата и предвидувањата.
„Во постојан контакт сме со меѓународните финансиски институции. ММФ би требало да објави проекции во април, кога ќе бидат и малку појасни работите за текот и развојот на ситуацијата и глобално и кај нас“, вели Ангеловска.
Професорот Петрески, очекува падот на економијата да биде драматичен во вториот квартал годинава, со оглед дека во април, а веројатно и поглем дел од мај ќе останат во сила мерките за ограничено движење.
„Ова ќе биде период на минимална побарувачка која се сведува на храна, лекови и дезинфициенси, никаква инвестициска активност и минимална меѓународна трговија која се сведува на лимитирана поддршка на потрошувачката на храна. За понатамошниот дел од годината, сега е тешко да се каже, и исклучиво зависи од развојот на здравствената криза. Но, да имаме предвид дека дури и здравствената криза да се ограничи на вториот квартал, опоравувањето во третиот квартал веројатно ќе биде бавно и со понатамошно воздржување и на граѓаните и на фирмите од позначајна неесенцијална потрошувачка“, истакна Петрески.
Инаку, првичната пргогноза за растот на македонската економија годинава, направена во период кога никој не ни помислуваше дека ќе се случи ваква здравствена криза, беше 3,8%.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×