Колку работни места отворија странските инвестиции?
Објавено на од во COVER STORY

film-stranski investiciiПовеќе работни места во најава, помалку во фабриките

Податоците за бројот на вработени во фабриките на странските инвеститори до крајот на 2016 година, што ги објави Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН), покажуваат дека се отворени вкупно 20.248 работни места, што е три пати помалку отколку најавениот број. Само 10 странски компании опфатени во ова истражување, отвориле толку работни места колку што ветиле или и повеќе од тоа. Економистите коментираат дека властите мора да водат сметка и да мониторираат дали странските компании ги исполнуваат ветувањата бидејќи некои од нив добиваат државна помош од народни пари и други даночни и царински ослободувања.

 

Само 10 странски компании што во последните десет години изградија фабрики во земјава отвориле толку работни места колку што ветиле или и повеќе од тоа, покажуваат податоците за бројот на вработени до крајот на 2016 година, што ги објави Балканската истражувачка мрежа на новинари (БИРН). Останатите странски компании кои што отворија фабрики потфрлиле во бројот на отворени работни места. Дел од нив се уште се во фаза на инвестирање па оттука допрва треба да отворат нови работни места.

Според овие податоци, до крајот на минатата година странските компании опфатени во ова истражување отвориле вкупно 20.248 работни места, што е три пати помалку отколку најавениот број.

Најголем работодавач меѓу странските инвеститори е Дрекслмајер каде што до 2016 година се вработени вкупно 5.507 луѓе и со тоа германскиот инвеститор во фабриката што ја отвори во индустриската зона Телот кај Кавадарци го надмина бројот на најавени работни места за 1.507. Меѓу другите странски компании кои што отворија најмногу работни места и ги натфрлија плановите се и Адиент Сеатинг, поранешен Џонсон Контролс кој што во фабриката во ТИРЗ Штип има вработено вкупно 1.756 луѓе, белгискиот производител на автобуси Ван Хоол кој што во фабриката во ТИРЗ Бунарџик има вработено вкупно 820 луѓе, Џонсон Мети со отворени 681 работни места и Алајанс Уан каде што се отворени 550 работни места.

Податоците што ги објави БИРН за бројот на вработени, исто така откриваат големи варијации помеѓу 2016 и 2015 година. Поголем дел од инвеститорите што веќе отворија фабрики или пак, се во фаза на реализација на инвестициите, лани го зголемиле бројот на вработени, па така прва на листата е компанијата Кромберг и Шуберт со 851 ново работно место отворени за една година. Потоа следуваат компаниите коишто почнаа со производство во 2016 година – Ки Сејфти Системс со отворени 627 нови работни места за една година, Амфенол со 620, Леар со 437, Гентерм со 346 нови работни места.

Меѓутоа, има повеќе странски компании чии фабрики или капацитети веќе работат, а во 2016 сепак го намалиле бројот на вработени. Најмногу работни места скратил ТАВ, и тоа 236, потоа Дрекслмајер каде што се евидентирани 223 помалку работници, Вистеон кој што отпуштил 194 луѓе но оваа компанија го прекина производството во Македонија, Агрофруктис од 152 на само 9 вработени бидејќи според објаснувањето од компанијата, работењето е сведено на минимум,  и Продис која што исто така ја затвори фабриката во Бунарџик, од 72 вработени се сведе на 5 луѓе.

10-1Економистите велат дека властите мора да водат сметка и да мониторираат дали странските компании ги исполнуваат ветувањата за бројот на отворени работни места и вредноста на инвестицијата бидејќи тие добиваат државна помош од народни пари.

„Државата е должна да проверува дали странските компании што имаат преференцијален статус на инвеститори во слободните зони ги исполнуваат обврските во поглед на големината на инвестицијата или бројот на отворени работни места бидејќи врз основа на тоа тие добиваат субвенции односно државна помош. Доколку странските компании не ги исполниле обврските, мора да бидат санкционирани или во најмала рака да бидат условени да ја добијат државната помош откако ќе се утврди дека ги оствариле ветувањата“, изјави неодамна академикот Абдулменаф Беџети.

Властите пак, коментираа дека државната помош на странските компании им се исплатува откако ќе ги исполнат обврските од потпишаните договори, и притоа објаснија дека компаниите за кои што иако има одлука за државна помош, а не изградиле фабрики, не ја добиваат.

Иако државната помош што ја одобруваат македонските власти за странските инвеститори што отвораат фабрики во некоја од технолошко индустриските развојни зони е тајна за јавноста, сепак некои пресметки покажуваат дека едно работно место во овие фабрики може да не чини и десетици илјади евра народни пари.

Последното истражување на Институтот за општествени и хуманистички науки покажа дека секое новоотворено работно место во анализирани 25 фабрики, ја чинело државата по околу 12.500 евра.

За споредба, според еден од советниците во Агенцијата за странски инвестиции на соседна Србија, Алаксандар Милорадовиќ, просечната вредност на државната субвенција што се дава на странските инвеститори изнесува 4.700 евра за секое ново работно место.

Сепак, тајноста на податоците за одобрената државна помош за другите инвеститори спречува да се направи детална пресметка за тоа колку во просек плаќаат граѓаните за секое отворено работно место во некоја од фабриките во зоните.

Иако сумата за најголем дел од инвеститорите не е позната, се знае дека во обид да ги донесе во „инвестицискиот рај“ како што ја претставува Владата нашата земја, ги ослободува странските инвеститори во индустриските зони од плаќање данок на добивка, ослободени се од плаќање персонален данок на доход за платите на вработените, не плаќаат ДДВ за увоз на репроматеријали, имаат царински олеснувања и ослободувања. Владата им дава до 500 илјади евра за изградба на објект, плаќа дел од платите на вработените и им дава помош за трошоците за обука и усовршување на вработените.

12-1Потрошени 150 милиони евра за привлекување на инвеститорите

Пресметките од завршните сметки на буџетите во последните десет години, покажаа дека за привлекување на странски инвестиции, од маркетинг и промоција, субвенции, па до изградба на технолошко индустриските развојни зони, властите потрошиле најмалку 148,7 милиони евра.

Најголем дел од народните пари за привлекување на инвеститори во земјава ги потрошиле двете главни државни институции за оваа намена, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ). Меѓутоа, за оваа намена трошеле и Министерството за економија и Владата.

Дирекцијата за ТИРЗ, која што како таква постои од 2009 година, до 2016 година потрошила вкупно 71,2 милиони евра. Од нив, речиси 48 милиони евра се потрошиле за изградба на технолошко индустриските развојни зони, 5 милиони евра за поддршка на инвестиции, а околу 18 милиони евра за функционирањето на Дирекцијата во што спаѓаат платите на вработените и набавки на стоки и услуги за тековното работење.

Претходно во 2007 и 2008 година, за изградба на технолошко индустриските развојни зони се потрошиле околу 10,7 милиони евра, но преку Министерството за економија.

За годинава, за капитални инвестиции во овие 13 индустриски зони, дел од нив целосно изградени и подготвени за инвеститорите, а дел во фаза на изградба, предвидено е да се потрошат уште 4 милиони евра.

Со тоа вкупниот буџет наменет за технолошко индустриските развојни зони, од 2007 година до годинава надминува 86,7 милиони евра.

„Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони во моментов управува со три целосно функционални зони и тоа Скопје 1 и 2 во главниот град и ТИРЗ Штип во најголемиот град во Источна Македонија. За ТИРЗ Тетово е склучен договор за јавно приватно партнерство и во процес е имплентација на првите инвестициски проекти. Истовремено, единаесет други зони основани со цел да се постигне рамномерен економски напредок на сите региони во Македонија се во различни фази на развој“, пишува на веб страната на Дирекцијата.

Втората институција која што исто така има за цел да привлекува инвеститори што ќе вложуваат во земјава, Агенцијата за странски инвестиции, од 2007 до 2016 година потрошила вкупно 50,8 милиони евра народни пари.

Од нив, 16,2 милиони евра за економска промоција и уште 10,7 милиони евра за економски маркетинг.

Од оваа Агенција се исплатиле и 16,4 милиони евра за поддршка на инвестициски вложувања. Од 2011 година, оваа Агенција добива задача да го промовира и извозот, а оваа цел е додадена и во називот на оваа државна институција.

Истражувањето на договорите за јавни набавки што ги склучувале Дирекцијата за ТИРЗ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ги диференцира овие две институции задолжени за иста цел. Всушност, најголем дел од тендерите на Дирекцијата за ТИРЗ се склучени за изградба на основната инфраструктура во технолошко индустриските развојни зони, од изработка на проектни документации, изградба на улици, водоводна и канализациона мрежа, електрични инсталации и осветлување, инсталирање на гасоводна мрежа.

Од друга страна, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, поголем дел од тендерите ги склучува за набавка на промотивни материјали, снимање на видеа, рекламни услуги, набавки на авионски билети, хотелски услуги за бизнис форуми, поштенски услуги.

Во последните неколку години, пак, посебна ставка од која се трошат народни пари за привлекување на странски инвестиции и развој на слободна економска зона, има и во буџетот на Владата. Од 2013 година до лани, на оваа ставка се потрошени над 11 милиони евра, а интересно е тоа што речиси сите пари завршиле како субвенции и трансфери. Меѓутоа, во буџетот не е прецизирано конкретно на што се потрошиле овие пари, односно дали станува збор за исплата на државната помош што ја добиваат некои од инвеститорите.

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×