ДИЛЕМА НА КАПИТАЛ!? КОЛКУ РАБОТНИ МЕСТА ВО СЛОБОДНИТЕ ЗОНИ ОТВОРИЈА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ?
Објавено на од во Економија

Во изминатиов период македонската јавност е бомбардирана со изјави за тоа колку работни места отворија странските инвестиции. Во игра се илјадници работни места, што најавени, што вистински реализирани…За секое работно место странските инвеститори добиваат пари од буџетот, преку ослободување од плаќање даноци, придонеси, бесплатни обуки…Бидејќи, сумите кои се исплаќаат се деловна тајност, не може да се процени колку овие отворени работни места навистина ги чинат македонските даночни обврзници. Но, колку и да се на број и колку и да чинат, тие не можат да го покријат фактот дека останатиот дел од македонската индустрија која функционира надвор од зоните не вработува и отпушта вработени. 

Извозот од слободните зони до крајот на годинава ќе надмине една милијарда евра. Тоа е извоз од близу една третина од вкупниот извоз на Македонија. Нето извозот од овој рекордно голем извоз се сведува на околу 80 до 90 милиони евра, бидејќи најголемиот дел од компании кои прават вредносно голем извоз, истовремено имаат и голем увоз.

Ако се има во предвид дека станува збор за компании кои имаат еден куп олеснувања и ослободувања, заради кои не учествуваат во полнењето на буџетот и фондовите, нивниот реален ефект се сведува на отворање на нови работни места и исплаќањето на нето плати на вработените. Другите ефекти, како приходи по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, царини, акцизи, придонеси за здравствено и социјално осигурување, отсуствуваат, бидејќи странските инвеститори се ослободени од плаќање на овие давачки.

Во последниве неколку месеци неколку различни институции во јавноста излегоа со различни податоци за тоа колку работни места отворија странските директни инвестиции во Македонија. Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо вели дека до крајот на годината бројот на вработени во слободните зони ќе достигне 3.500. Неколку дена по него министерот за финансии изјави дека во странските инвестиции во зоните отворија 11 илјади работни места, за да министерот без ресор Веле Самак во последниот негов настап минатата недела изјави дека странските инвестиции отвориле над 15.000 работни места во Македонија.

Колку работници вработија странските инвеститори?

Според Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони бројот на вработени во слободните зони во Скопје и Штип до крајот на годината треба да достигне 3.500.

Mizo-Viktor

Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони

“Вкупниот број на вработени во компаниите во Технолошко-индустриските развојни зони Скопје 1, Скопје 2 и Штип изнесува 3.500, со што се достигна планираното ниво на вработени за 2014 година. Бројот на вработени секоја година се зголемува, така што во 2015 година само во постојните компании Вистеон, Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Ван Хол, Кемет, Продис, Техно Хозе ќе се вработат дополнителни 1.000 луѓе”, изјави Мизо за Капитал.

Со реализацијата на најавените инвестиции, од Дирекцијата очекуваат бројот на вработени лица во производствените погони на компаниите лоцирани во зоните во следниот период драстично да се зголеми, односно да се креираат и реализираат дополнителни од 7.000 до 8.000 работни места.

Во 2012 година само во слободните економски зони имало 1.270 вработувања. Минатата 2013 година бројот на вработени во зоните достигна до 2.500. Оваа година во зоните се отворени 1.000 места, и на крајот на 2014 година тој број да достигна 3.500 вработувања.

Министерот без ресор за привлекување на странски инвестиции Веле Самак неодамна изјави дека странските фирми во Македонија досега отвориле 15.000 работни места. Од министерот Самак побаравме објаснување каде и во кој период се отворени овие работни места и дали станува збор за субвенционирани работни места за кои компаниите добива државна помош.

Samak-Vele

Веле Самак, министер без ресор за привлекување на странски инвестиции

“Од 2007 година до денес имаме бројни странски директни инвестиции во гринфилд производни погони, како и во сервисна индустрија, како софтвер, трговија, аутсорсинг, кол центри итн. Овие компании, лоцирани низ Македонија независно од локацијата и од државната помош, имаат најавено отворање на нови работни мести во прва фаза, и веќе вработуваат бројни граѓани на Македонија. Само некои од компаниите кои влегуваат во оваа бројка се Џонсон Мети, Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт, Вистеон, Џонсон Контролс, Маркардт, Ван Хоол, Кемет, Продис, Технохозе, Антура, Гришко, Амфенол, Кофикаб, ОДВ, КСС, Ендава, ЕуроБПО, 6пм, Космик, Диатек, Небб итн. Само 3-те најголеми работодавци од горенаведените веќе вработуваат 8.600 луѓе. Зборуваме за голем број ново-отворени работни места и планови на компании кои се исполнуваат со нивната претходно доставена динамика”, изјави Самак, додавајќи дека во оваа бројка не влегуваат тековните фирми со кои Владата има активности во убедување или кои доставиле неформални одлуки за инвестирање, што би ја зголемила бројката на вработувања.

Која компанија колку вработува?

Ниту од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, ниту од кабинетот на министерот Самак не добивме податоци за тоа колку вработени има во секоја одделна компанија за да анализираме која инвестиција отворила и официјално најмногу работни места.

Влезот на странски инвеститори во Македонија се засили во последните три години. Седум странски компании досега имаат изградено фабрики во слободните зони во Скопје и Штип, а некои компании како Џонсон Контролс, Ван Хоол поттикнати од поволностите кои им ги нуди Македонија, отворија и втора фабрика во зоните. Покрај во зоните, во изминативе две години неколку странски компании како Дрекслмајер, Маркардт и Кромберг и Шуберт отворија фабрики, кои иако беа надвор од постојните зони добија поволности и ослободувања како оние во зоните.
Пред да се анализираат податоците во кои сектори и компании странските инвеститори отворија најмногу работни места, го анализиравме како се движел бројот на работници во преработувачката индустрија, каде се вработени најголем дел од вработените и во која се создава над 80% од индустриското производство на земјата.
Во преработувачката индустрија во јуни годинава работеле 128.756 работници, додека во јуни 2011 година во овој сектор имало 119.744. Тоа значи дека за период од три години во преработувачката индустрија биле отворени само 9.000 нови работни места или во просек по 3.000 работни места годишно. Во истиот период во другите сектори во приватниот сектор се отвориле 39.300 работни места или по околу 13.000 работни места годишно, меѓу кои најмногу во градежништвото, трговијата, земјоделието, транспортот и другите дејности кои вработуваат помалку работници.
Ако овие бројки што ги покажува статистиката се споредат со бројките за вработувања кои ги прикажуваат странските инвеститори, тогаш се наметнува заклучокот дека тие се единствените компании кои вработувале во изминатите три години. Останатите компании во преработувачката индустрија во овие изминати три години или не вработувале воопшто или отпуштале работници.

Ако се анализираат податоците за бројот на вработени по компании, тогаш најмногу вработувања има во германската Дрекслмајер која отвори фабрика за кабли во Кавадарци во 2013 година. Официјалните податоци кои компанијата ги доставила до Централниот регистар покажуваат дека на крајот на 2013 година во Дрекслмајер имало 2.305 вработени. Изјавите на менаџментот на Дрекслмајер дадени при одбележувањето на една година од влезот во Македонија, покажуваат дека бројот на вработени во оваа компанија до јуни достигнал до 4.400 лица.

Втора странска инвестиција која има отворено најмногу работни места е фабриката на Џонсон Контролс во Штип. Втората фабрика на Џонсон Контролс која се отвори на почетокот на 2014 година сега според последните неофицијални информации од вработува 1.054 работници, а најавите се дека бројот на вработени ќе достигне до 1.500.

Следи постојната фабрика на Кромберг и Шуберт, во која се изработуваат кабли за автомобилската индустрија. Неофицијално, таму веќе работат околу 2.000 работници.
Првичните најави при отворањето на фабриката Кромберг и Шуберт во зоната во Жабени фабриката беа дека компанијата ќе отвори 3 илјади работни места. Пред околу еден месец од Кромберг и Шуберт изрази интерес да изградат уште една фабрика во Македонија во која би се вработиле дополнителни 2.000 работници.

Во фабриката на Џонсон Мети во слободната зона во Бунарџик на крајот на 2013 година биле вработени 424 работници, а според последните информации од Џатин Такрар, извршниот директор на Џонсон Мети за Македонија, по последните проширување на капацитетите во фабриката се вработени 565 работници. Првичните најави беа дека фабриката ќе отвори 650 работни места.

Во фабриката на Џонсон Контролс во Скопје која беше отворена уште пред 5 години има 327 вработени, а првичните најави беа дека во компанијата ќе работат 500 луѓе.
Во компанијата Технохозе при отворањето беше најавено дека ќе се вработат 170 луѓе, а според податоците објавени на веб страната на Министерството за финанси во компанијата на почетокот на 2014 година биле вработени 32 работници, но тој број сигурно ќе се зголемува со оглед на фактот што Технохозе го завршува својот втор производен капацитет со кој следната година ќе има четирикратно зголемување на производството.

Во фабриката Протек, пак, беа најавени 130 вработувања, а неофицијално се вработени 50 луѓе.

Во компанијата за автомобилски делови Маркарт која гради фабрика во Велес според најавите треба да се вработат 500 луѓе.

За есенва е најавен и почетокот на изградбата на фабрика за производство на амортизери за возови, шински возила, автобуси и тешки возила на италијанската компанија Монтанте груп вредна 10 милиони евра во зоната Бунарџик во која треба да се вработат 100 луѓе.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека на крајот на јуни во Македонија имало 687.465 вработени, од кои 530.285 биле вработени во приватниот сектор. Во изминатите три години бројот на вработени во приватниот сектор е зголемен за 48.382. За да дојдеме до бројката каде најмногу се отворале работни места се фокусиравме на вработувањата кои биле отворени во изминатите три години во преработувачката индустрија, во земјоделието и во градежништвото. Во преработувачката индустрија во јуни годинава работеле 128.756 работници, додека во јуни 2011 година во овој сектор имало 119.744. Тоа значи дека за период од три години, бројот на вработени во преработувачката индустрија е зголемен за 9.000 нови работни места.
Во истиот период бројот на вработените во земјоделието е зголемен за 3.170 и на крајот на јуни годинава во овој сектор работеле 123.173. Во градежништвото на крајот на јуни работеле 44.745 и за изминатите три години се вработени 6.435 повеќе работници.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на работниците во индустријата во првите десет месеци годинава е поголем за 7,9% во споредба со истиот период лани. Бројот на работниците е најмногу зголемен во преработувачката индустрија која вработува и најмногу работници, и тоа за 9,4%. Но, ако се гледа одделно по гранки најголемо зголемување на бројот на работниците има токму во секторите во кои странските инвеститори отворија фабрики. На пример, во производството на моторни возила и приколки, има зголемување на бројот на работници од дури 317,5%. Овој раст се должи најмногу на вработувањата кои ги реализираше белгиската компанија Ванхоол, која лани во технолошко-индустриската зона Бунарџик во Скопје ја отвори фабриката за производство на автобуси.
Големо зголемување на бројот на вработените има и во производството на текстил каде бројот на работниците во октомври бил поголем за 43,2% во споредба со истиот период лани. Ова зголемување во најголем дел се должи на вработувањата на работници во втората фабрика на Џонсон Контролс во Македонија која се отвори во слободната зона Штип, а во која се произведуваат автомобилски навлаки и тапацири.
Зголемување на бројот на работниците од 22,2% има и во производството на електрична опрема, што во најголем дел се должи на вработувањата во Кромберг и Шуберт, Дрекслмајер и некои други помали фабрики.

Тајна е колку пари добиваат странските инвеститори за секое работно место

Компаниите кои отвораат фабрики во слободните зони, покрај разните даночни и царински ослободувања добиваат и државна помош од буџетот за секое работно место, како и пари за обуки и преквалификации на работниците. Но, податоците за тоа за колкави суми станува збор се деловна тајна и не се достапни на јавноста.
Според информациите од Комисијата за заштита на конкуренцијата државна помош за отворање на работни места досега имаат добиено повеќе странски инвеститори.
На пример, во последната одлука за доделување на државна помош на компанијата Маркарт која во зоната Караслари во Велес ќе отвори фабрика за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила стои дека Владата ја ослободува компанијата од персонален данок на доход за платите на вработените, понатаму добива надомест за секое отворено работно место кој за јавноста е тајна, а исто така добива и рефундирање на реално настанатите и оправдани трошоци направени со цел обука на вработените. Во решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата стои дека компанијата Маркарт ќе ја добива државната помош во следните 5 години, но не се објавени сумите кои за овие пет години ќе и бидат трансферирани од зоните.

И во решението за доделување на државна помош на Џонсон Контролс за отворањето на втората фабрика во Штип стои дека компанијата меѓу другите ослободувања и помош од државата, ќе добие и грант за покривање на трошоците за придонесите за задолжително социјално осигурување по основ на платите на вработените и кеш грант за креирање на нови работни места поврзани со инвестицијата кои и ќе бидат исплатени од буџетот. Но, на местата каде што треба да стои сумата за оваа помош стојат иксови- ХХХХ.
Германската компанија Кромберг и Шуберт, која отвори фабрика во индустриската зона во Жабени добила ослободување од плаќањето на персоналниот данок на доход за вработените и 50% ослободување од вкупниот износ на сите задолжителни социјални надоместоци и придонеси по основ на плати на вработените во период од две години.

Покрај овие две компании, Комисијата во изминатите две години донела решенија за исплата на државна помош од буџетот и на белгиската фабрика за автобуси Ван Хоол, германската Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт и СМР Аутомотив Системс.

За многу домашни и странски компании кои работат надвор од зоната на оваа помош која ја добиваат странските инвеститори во последните неколку години од буџетот ја гледаат како нарушување на конкуренцијата и условите за водење на бизнис.

Boskov-Mile

Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи

“Овие компании се корпоративно управувани компании кои на светско ниво ги почитуваат Глобалниот договор на Обединетите нации, Глобалниот договор за мултинационални компании, Глобалната иницијатива за отчетност и известување и договорите за усогласеност на актите. Ако ги почитуваат овие договори и ги објават договорите за нивното работење во Македонија тогаш ќе излезат од зоната на сомневање во начинот на кој работат и ќе се види дали и колкава придобивка имаат даночните обврзници во Македонија кои ги плаќаат ослободувањата и помошта која е дел од договорите со компаниите во слободните зони кои отвораат работни места”, вели Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи на Македонија.

Според неговите информации, засега е мал бројот на работници кој се одлучиле од постојните приватни компании да преминат и да работат во фабриките во слободните зони.
Но, познавачите на состојбите велат во следниот период може да се очекува посилен одлив на работници од приватниот сектор кон зоните, посебно од оние компании кои ќе бидат принудени да намалуваат плати или да отпуштаат вработени заради зголемувањето на давачките по разни основи од почетокот на следната 2015 година.

Дали странските инвеститори ќе ја намалат невработеноста ?

Повеќето агенции за вработување кои ги консултиравме го делат впечатокот дека најмногу работни места во изминатава година се отвораат од страна на фабриките во слободните зони. Но, дилемата која се наметнува е дали овие работни места кои се отвораат и кои се во најава се доволно да ја намалат невработеноста, посебно во услови кога многу други фирми надвор од зоната кои не ги уживаат овие поволности се принудени да отпуштаат вработени или да го замрзнат вработувањето додека не дојдат подобри времиња.

Податоците од Државниот завод за статистика покажува дека невработеноста во Македонија заклучно со јуни изнесувала 28,2%. Или во Македонија на крајот на јуни имало 270.325 невработени. Тоа е историски најниска невработеност во Македонија за време на целата независност на земјата.
За период од една година, или од јуни лани до јуни годинава, бројот на вработени во Македонија е зголемен за околу 9 илјади. Со што бројот на вработени достигна 687.465. Значи, толку нови работни места се отвориле во Македонија во периодот јуни 2013 до јуни 2014 година.
Но, тоа очигледно е малку за да се намали се уште големата невработеноста.
Имено, бројот на невработени од јуни лани до јуни годинава е намален за само 3.500. Значи само толку лица од листата на невработени нашле вработување во изминатава година. Во исто време, Агенцијата за вработување бележи дека во октомври годинава работа барале над 120 илјади лица.
Според Агенцијата за вработувањето во моментот има околу 6.000 слободни работни места.
Според овие евиденции излегува дека за секое работно место за кое се бара еден работник доаѓаат по 20 лица кои активно бараат работа. Оттука, се наметнува заклучокот дека овие работни места кои се слободни и кои се отвараат во македонската економија се премалку за да ги апсорбира оние кои немаат работа. Ако не се создадат услови во кои ќе се поттикне отварањето на работни места и кај остатокот на приватниот сектор, тогаш тешко дека странските инвестиции ќе можат да го надополнат нефункционирањето на остатокот од економијата.

6 thoughts on “ДИЛЕМА НА КАПИТАЛ!? КОЛКУ РАБОТНИ МЕСТА ВО СЛОБОДНИТЕ ЗОНИ ОТВОРИЈА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ?

  1. Napisot e sodrzaen, mozebi so najmnogu podatoci dosega koga se vo prashanje vrabotuvanjata vo stranskite green field investicii.I pokraj odredeni nesovpagjanja vo izjavite na citiranite funkcioneri, evidentni se rezultatite od naporite na Vladata za privlekuvanje stranski investicii.
    Mala zabeleshka. Jas mislam deka tvrdenjeto vi tekstot deka nevrabotenosta koja e 28,2% e, citiram: "najniska nevrabotenost vo Makedonija za vreme na celata nezavisnost na zemjata" ne e tochno zatoa shto vo prvite 3-4 godini od osamostojuvanjeto na Makedonija, brojot na nevraboteni se dvizheshe do okolu 165.000, shto e daleku pomalku od deneshnite 270.000 iljadi.

  2. Честитам за анализата и трудот што е вложен во неа, иако забележувам мала недоверба, или погрубо кажано, мала одбивност кон странските инвеститори. Би сакал да ви помогнам во разрешувањето на главната дилема, така што, накратко: бројката од околу 3500 вработени на Мизо се вработените во ТИРЗовите, додека бројката на Самак од околу 11000 вработени се однесува на сите гринфилд проекти, вклучувајќи ги тука и Дрекселмаер (моментално 4900) и Кромберг и Шуберт (моментално 2150) + неколку помали или во почетна фаза на проектот.

  3. Dobra analiza, bi bilo interesno da se azurira ovaa tema vo idnina kako sto ke se dobivaat povekje podatoci.

    Treba samo da se ima predvid deka nevrabotenosta ke ima namaluvanje vidlivo za posirokata javnost togas koga rastot na GDP ke bidi nekade okolu 7%. Za 10 godini bi se dupliral GDP a nevrabotenosta osetlivo ke padni. Vo denesni globalni uslovi 7% porast da se dostigni e frapanten podvig. Pogotovo vo ekonomija koja ima malku prirodni resursi, mala populacija, relativno nizok kvalitet na obrazovanie (odi raka vo raka so kvalitetot na privatniot sekotor kade obukata realno se odviva), i sto e mnogu vazno – zemja koja se naogja vo sosedstvo so 10-tina mnogu nazadni ekonomiii i opstestva.

    Isto bi rekol deka kolku povekje kompanii doagjaat od transtvo tolku povekje se etablira zemjata kako biznis destinacija, toest se stvara snowball effect. Treba malku povekje pozitivnost da se ima.

    Vo odnos na formatiranje na tekstot, bi ve zamolil za malku pogolema preglednost, eventualno so koristenje na tabeli i povekje novi redovi ili poinakvi fontovi.

    Pozdrav
    Marijan

    1. Bez nikakva namera da ve navredam Cvetan, no ocigledno imate premali poznavanja od oblasta na ekonomijata i slobodniot pazar. A bas taa grupa vo koja spagate, e najglasna, za zal. Koja e taa vasa logika stranskata kompanija da isplaka 400e plata, a nekoja druga, eve da receme domasna, da isplaka 200e? Zosto bi go pravela toa, od ljubov kon Makedonija, kon makedoncite? Naucete ednas i toa sto poskoro, za da vi bide polesno sekojdnevieto: pazarot ja diktira visinata na platata, a ne goleminata ili mokta na firmata. Pazarot momentalno veli deka vo vnatresnosta pocetnata plata e okolu 200e, vo Skopje mozebi okolu 300e. Koga nevrabotenosta bi se namalila i koga ke se stvori seriozna konkurencija pomegu kompaniite, togas moze da zboruvame za povisoki plati. A kako ke porasne konkurencijata? So poveke seriozni i renomirani kompanii, pred se tuka mislam na stranskite. Drug muabet e dali nasiot prosecen rabotnik zasluzuva pocetna plata od 400-500e. Pozdrav

      1. Се е точно како што наведовте во вашиот текст. Останува само малку повеќе да проговориме дали платата во внатрешноста на Македонија е и 200 евра? Бидејќи работникот во Германија добива 3000 – 4000 евра плата , а кај нас исплаќаат 150- 200 евра да бидеме искрени, тогаш треба да се поставии прашањето далигерманскиот работник нависитина да има 10 пати поголема продуктивност од нашиот работник при слични или истиуслови за работа. Значи на едно произведено парче кај нас во Германија да се произведат 10 парчиња?!

        Што се однесува до вработеноста истимулациите доколку Македонските компании добијаат соодветни услови за нови вработување, во договор со Владата, можете да бидете сигурнидека нашите 100.000 компании можат вопросек да вработат по миниму еден вработен ана една фирма или 100.000 вработени. Каде е проблемот?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×