Колку се блиску до судир САД и Иран?
Објавено на од во Политика

Администрацијата на Трамп тврди дека нападот на Иран е неизбежен, обвинувајќи го Техеран за нападите на танкерите на најважниот нафтен пат на светот – Орумскиот Проток, анализира Vox.

iran samВо меѓувреме, Иран на своите сојузници им рече и тие да се подготват за војна и дека ќе престане да се придржува до нуклеарниот договор од 2015 година од кој администрацијата на Трамп еднострано се повлече во 2018 година.

Таквиот развој на настаните во комбинација со растот на „јастреби“ во американската влада, како што е советникот за национална безбедност Џон Болтон и државниот секретар Мајк Помпео, доведоа до ширење на страв дека судирот е неизбежен. 

Но, одредени медиуми сметаат дека има место за оптимизам. Како што пишуваат, моментално се чини прилично неверојатно дека на видик би имало тотална војна иако се разгледуваат ограничени акции до кои не дојде главно затоа што Трамп и американските сојузници не го сакаат тоа. А не го сака ни Иран. 

1. Што всушност се случува?

Моменталната криза започна на 5 мај, кога советникот за национална безбедност Џон Болтон најави дека САД испраќаат носач на авиони и бомбардери во Персискиот Залив како одговор на броните вознемирувачки и ескалирачки индикации од Иран. 

Тој потег, според Болтон, бил наменет за испраќање на јасна и непогрешлива порака до иранскиот режим дека секој напад на интересите на САД или на сојузниците ќе добие одговор со непопустлива сила. Тој истакна дека САД не бара војна со иранскиот режим, но дека се подготвени да одговорат на секој напад, без разлика дали тој доаѓа од иранската продолжена рака, корпусот на Исламската револуционерна града или редовните ирански сили. 

Тогаш не беше jaсно што точно истакна оваа разузнавачка служба, но извештаите од наредните денови ја разјаснија ситуацијата. Иран очигледно имал намера да ги нападне американските воени сили во Ирак и Сирија, или дури и да употреби беспилотни летала против Американците на клучниот воден пат во близина на Јемен. Имало информации дека Иран ставил крстаречки ракети на бродови и така ги зголемил стравувањата дека би можеле да ги нападне бродовите на морнарицата на САД. 

Тежината на разузнавачките податоци останува несигурна, а некои велат дека Болтон и другите ја преувеличуваат заканата. Она што не е спорно е дека американскиот одговор драматично ги зголеми тензиите меѓу двете земји, а серијата последователни настани само ги влошија нештата. 

8 мај, три дена по изјавата на Болтон, иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека неговата земја нема да почитува делови од нуклеарниот договор од 2015 година ако европските потписници на договорот не обезбедат финансиска помош за Иран во рок од 60 дена.

Имено, Рохани изјави дека Иран ќе започне да складира екстра ниско-збогатен ураниум и тешка вода, онаа што се користи во нуклеарни реактори, а може да се користи за производство на нуклеарно оружје, и дека ќе се збогати ураниум до претходно забранетите нивоа.

Сите овие активности сѐ уште се забранети со договорот во кој Иран, како и некои сили како што се Русија и Кина, сѐ уште учествуваат. Меѓутоа, одлуката на Техеран, која ја испрати неколку дена претходно, дојде точно една година откако Трамп го напушти договорот.

Рохани се погрижи да не дојде до ескалација па порача дека „патот што го одбравме не е патот на војната, туку патот на дипломатијата“.

Сепак, тоа ги постави темелите за потенцијален судир: администрацијата на Трамп не сака Иран да добие нуклеарно оружје, Рохани испрати двосмислена порака, а покрај заканата на сила, која висеше над сѐ, се зголемуваше шансата за погрешна проценка. 

Но, не се запре тука. Четири дена подоцна се оштетени четири нафтени танкери во нападите во близина на Ормутскиот Проток, значаен воден пат кој Иран агресивно го надгледуваше и преку кој се превезува една третина од светскиот течен гас и речиси 20 отсто од светската нафта. 

Два нафтени танкери ѝ припаѓаа на Саудиска Арабија, а еден на Обединетите Арапски Емирати – две земји кои се најголеми непријатели на Иран и пријатели на Соединетите Американски Држави. Четвртиот беше во сопственост на норвешка компанија. Амбасадорите на ОН од ОАЕ и Саудиска Арабија и Норвешка пред две недели изјавија дека штетата настанала откако биле користени нуркачи за да се постават мини на големите бродови. Дипломатите не го наведоа Иран како виновник, но САД го обвинија Иран за саботажа.

Иран негираше каква било вмешаност. Но, еден ден по нападот, шиитски бунтовници од племето Хути, под закрила на Иран во Јемен започнаа напад на саудиски нафтовод, а еден од највисоките ирански воени челници им рече на милициите во Ирак да се подготват за војна, поттикнувајќи ги САД до крајот на мај да евакуираат дел од персоналот од амбасадата во Багдад и конзулатот во Ербил. 

Потоа, минатата недела, два нафтени танкери во Оманскиот Залив беа оштетени во сомнителни напади. Администрацијата на Трамп го обвини Иран. 

Потоа, во понеделникот, ирански службеник изјави дека неговата земја има доволно залихи на ниско-збогатен ураниум и дека повеќе нема да ги почитуваат ограничувањата наметнати со нуклеарниот договор од 2015 година. САД брзо одговорија дека ќе испратат уште повеќе 1.000 војници на Блискиот Исток за да се спротивстават на Иран.

Потоа, во средата вечерча или четвртокот наутро – сѐ уште не се знае точното време – Иран собори американско беспилотно летало. Никој не беше повреден. Ова е најголемата провокација која предизвика нови тензии.
Трамп одобри ограничен напад врз Иран за да се одмазди за соборувањето на леталото, но одеднаш се предомисли и во петокот изутрина рече дека бил загрижен бидејќи можело да загинат 150 лица, што не би било пропорционален одговор.

Објективно, ситуацијата лесно може да излезе од контрола ако со нејзе не се управува добро. Не се знае како Иран и САД ќе се вратат чекор наназад од работ.

2. Зошто баш сега?

САД и Иран се во конфликт со децении. Од Иранската револуција во 1979 година, со која прозападниот шах Реза Пахлави беше симнат од престолот и монархијата се претвори во Исламска Република предводена од верскиот лидер, ајатолахот Хомеини, двете земји зазедоа агресивен став една кон друга. 

Со текот на годините различни милитантски групи поддржани од Иран напаѓаа американски војници на разни американски подрачја на Блискиот Исток. САД исто така вршеа напади, вклучувајќи различни сајбер напади, како и поморски активности за да ги потопат иранските бродови, но и по грешка соборија ирански патнички авион. Со други зборови, односот меѓу двете земји отсекогаш бил на работ и настаните од последниве неколку недели ја туркаат ситуацијата во лоша насока. 

Прво САД се повлекоа од нуклеарниот договор, повторно воведоа санкции и ги убедуваат европските сојузници да престанат да купуваат иранска нафта. Ова почна да ја поткопува иранската економија. 

Второ, со оглед на тоа дека во последните неколку недели има разузнавачки и воени акции, Иран можеби стравува дека американските напади се неизбежни, па презема чекори за да ги одвратат САД од оваа идеја. 

Погрешната перцепција и погрешната проценка секогаш се вознемирувачки во ваквите ситуации. Еден погрешен потег на САД, на пример, може да доведе до тоа Иран да размислува за војна и на тој начин да го натера Техеран да преземе агресивни контрамерки или дури и да започне напади. Истото важи и ако Техеран го поттикне Вашингтон на акција, наведувајќи ја Белата куќа да одобри напади. А тоа би довело до третиот „поттурнувач“ кон војната, а тоа се јастребите во администрацијата на Трамп кои сакаат војна. 

Џон Болтон, главниот асистент за национална безбедност на Трамп, долго време се залагаше за промена на режимот во Иран и заговараше воздушни напади на земјата за да ги одврати од производство на нуклеарно оружје. Мајк Помпео, државниот секретар, исто така се залага за тоа дека САД мора да се соочат со иранскиот режим. 

Така, тие двајцата заедно ја подбуцнаа администрацијата на Трамп против Исламската Република, што не беше случај кога министер за одбрана беше Џим Матис и државен секретар Рекс Тилерсон. Иако и тие не веруваа во Иран, никогаш толку безобразно не се заканија со конфликт, ниту пак имаа максималистички барања.

Важно да се знае дека Трамп, иако вели дека не сака војна со Иран, тој се опкружи со јастреби, што значи дека во вакви ситуации, кога би требало околу себе да има ладни глави, тој ги нема.

3. Зошто Болтон и Помпео толку го мразат Иран?

Тешко е да се најдат уште двајца луѓе во Вашингтон кои толку не можат да го поднесат Иран како што е случајот со советникот за национална безбедност на Трамп и државниот секретар. 

Да почнеме со Болтон: долгогодишен републикански службеник и оперативец кој секогаш сакал да казнува авторитарни режими, но Иран му е трн во око. Во 2015 година тој напиша: „Иран нема да преговара за својата нуклеарна програма”, отфрлајќи ги напорите на администрацијата на Обама да склучи дипломатски договор со Техеран. „Непријатната вистина е дека само воена акција… може да го постигне она што е потребно. Времето е страшно кратко, но нападот сѐ уште може да биде успешен“.

Помпео има подлабоки причини. Тој не ја крие својата евангелистичка католичка вера, која му го одредува и политичкиот светоглед. Неговите религиозни убедувања го наведоа да го поддржи Израел и премиерот Бенјамин Нетанјаху кој во Иран гледа егзистенцијална закана. 

За време на посетата во Ерусалим на 20 март, на пример, Помпео и Нетанјаху си ветија заеднички понатамошен притисок врз Иран. Пет дена подоцна Помпео одржа говор во кој го изрази својот презир кон Иран. 

Помпео го поврза борбениот став на Америка против Иран за да го поддржи Израел. И покрај тоа што рече дека Иран заслужува реакција за нуклеарната програма и поддршката на терористи и диктатори како Башар ал Асад во Сирија, јасно е дека на прво место како причина за напад му е чувањето на Израел, кој му е важен поради неговата христијанска вера. 

Тоа значи дека тоа е малку веројатно дека Болтон и Помпео ќе ги смират страстите со Иран. Ако ништо друго, ќе сакаат да ја заострат ситуацијата кога ќе имаат можност.
4. Дали САД и Иран навистина влегуваат во војна?

Не, не изгледа дека САД наскоро ќе влезат во војна со Иран, иако оваа можност не може целосно да се отфрли. Но, постојат три главни причини за оптимизам. 

Прво, некои експерти велат дека американските воени операции на Блискиот Исток не се толку невообичаени. Илан Голденберг, експерт за Иран во Центарот за нова американска безбедност во Вашингтон истакнува дека носачот на авиони, кој беше испратен на Блискиот Исток за да се спречи ирански напад, и претходно било планирано да оди во регионот.

„Што навистина се случува? Некој во владата одлучил драстично да го зголеми медиумското присуство на таквите распоредувања за да се изврши притисок врз Иран – вели Голденберг. 

Сепак, причината за преувеличувањето не е сосема јасна.

Второ, Трамп всушност изгледа не сака војна со Иран. Тој ја предводеше кампањата за тоа САД веќе да не учествуваат во нови војни во странство, особено на Блискиот Исток. Иако Трамп ужива во притисок, тој не копнее за војна како некои околу него. Кога беше запрашан дали ќе оди во војна со Иран, тој рече: „Не, се надевам“. 

Меѓутоа, неодамнешните напади врз танкерите, изјавата на Иран дека нема да се придржуваат до клучен дел од нуклеарниот договор и уривањето на дронот значи дека во следните денови може да се појават проблеми. 

Сепак, американо-иранскиот конфликт не е толку страшен како што изгледа и може да се смири. Се разбира, ова не е гарантирано бидејќи секогаш има простор за грешка. Но, засега се чини дека САД и Иран нема да војуваат.

5. Која би била причината поради која САД би одлучиле да влезат во војна со Иран?

Според изјавите на администрацијата на Трамп и според досегашната американска политика, САД може да изберат да одат во војна поради три причини: 

1) Иран се приближи до производството на нуклеарно оружје; 

2) ако САД одлучи да го собори режимот; 

3) доколку Иран започне голем напад врз Американците, што би барало уште поголем одговор. 

Да почнеме со нуклеарно прашање. Политиката на САД кога станува збор за оваа и претходната администрација е дека Иран не треба да има нуклеарно оружје. Затоа Барак Обама потпиша договор за нуклеарно оружје. Трамп се повлече од договорот поради повеќе причини, но една е дека Иран во меѓувреме стана способен за производство на нуклеарна бомба, иако повеќето експерти не се согласуваат со него. До денес, Иран сѐ уште е далеку од од тоа да има на располагање сигурен нуклеарен арсенал – и никогаш официјално не рече дека сака бомба. Но, ако почне сериозно да се движи во таа насока, можеме да ги замислиме луѓето како Болтон и Нетанјаху, кои се за воен напад врз нуклеарните објекти. 

Но, може ли да се спречи Иран да направи бомба доколку навистина го сака тоа?

-Веројатно ќе ја уништиме постоечката програма со ограничени напади, но не можеме да го спречиме Иран повторно да ја воспостави таа програма. Така во иднина ќе мораме повторно да напаѓаме за да се носиме со обновувањето на нуклеарната програма или да се согласиме дека Иран има нуклеарно оружје – истакнува Ричард Нефју, архитект на иранскиот нуклеарен договор. 

А војна за уништување на режимот? Тоа е уште помалку веројатно бидејќи тоа ќе бара огромни воени напори. Се разгледува испраќање на нови 6.000 војници во заливскиот регион, а тоа е далеку под она што е потребно за да се нападне Иран и за да се сруши режим. 

Во мај администрацијата извлече еден план кој вклучува испраќање на 120.000 американски војници на Блискиот Исток, план кој Трамп го одби. Колин Кал, кој го надгледуваше планот на Пентагон за Иран од 2009 до 2011 објави дека САД ќе распоредат толку трупи таму, што сѐ уште е далеку од бројот потребен за соборување на режим. Колку за споредба, САД испрати 150.000 војници во почетната фаза на инвазијата на Ирак во 2003 година. Но, Иран е многу поголема држава од Ирак. 

Ако Белата куќа има за цел за трајно отстранување на иранското раководство, тогаш треба да изврши инвазија на повисоко ниво од онаа во Ирак, а тоа беше една од најстрашните војни во последните неколку децении со стотици илјади мртви. 

На крај, би можело да избие војна ако Иран ги нападне американските сили, но Исламската Република речиси сигурно е свесна дека секоја акција што ги става во смртна опасност американските војници, дипломати или приватни лица ќе им ја обезбеди на советниците на Трамп како Болтон или Помпео муницијата потребна за започнување на војна.

6. Како би изгледала војната со Иран? 

Тоа навистина се сведува на она што САД сакаат да го постигнат, велат експертите. Како што е наведено погоре, војната може да биде во форма на американски воени напади врз иранските нуклеарни објекти или би можела да изгледа како американска инвазија на Иран. 

Но, треба да се спомене дека постојат начини на пониски нивоа на кои САД и Иран можат да се борат. На пример, САД би можеле да започнат сајбер напади врз иранската инфраструктура и електро-енергетската мрежа. Администрацијата на Обама го користеше овој метод за да сруши дел од иранската нуклеарна програма. Меѓутоа, Иран има свои сопствени сајбер способности кои би можеле да се искористат за напаѓање на важни американски компании или дури и владата. Покрај тоа, иранските луѓе на Блискиот Исток би можеле да бидат насочени кон Американците во Ирак, Сирија или на други места на Блискиот Исток. Можеби, загрижени поради оваа можност, САД го повлекоа персоналот од своите мисии во Ирак.

 7. Дали судирот има некаква врска со нафта?

Често велат дека Америка оди во војна на Блискиот Исток само поради контрола над нафтата. Но, овој пат не е така. Сепак, САД сакаат бродовите да можат слободно да пловат низ Орумскиот Проток. Кога САД и Иран се во судир, Иран се заканува со затворање на протокот. На тој начин глобалниот енергетски пазар би западнал во целосна криза. 

Но, Иран и не би се осудил да го направи тоа, свесен за бесот со кој би се соочил не само од страна на САД, туку и од целиот свет. Затоа кога во светот се расчу за нападите на нафтените танкери, тоа ги загрижи сите бидејќи Техеран испрати порака. 

Според некои експерти, со сигнализирањето дека таквото снабдување не е сигурно и дека може да се поремети Техеран му дава на светот до знаење дека е можна ескалација. 

Но, додека продолжувањето на снабдувањето со евтина нафта е дефинитивно важно за САД, тоа значи и дека нема причина зошто некој во администрацијата на Трамп би сакал да завојува со Техеран. 

Но, Трамп и понатаму е шеф и досега тој не изразил никаков апетит за војна со Иран. Тоа значи дека големите и крвави судири остануваат тешко веројатна можносст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×