Колку заработуваат директорите на акционерските друштва во Македонија
Објавено на од во луѓе и компании

789-Menagerski plati glavnaСамо 2 – 3 компании јавно ги објавуваат платите на секој член од топ менаџментот

Да се дознае колку заработуваат директорите на македонските акционерски друштва е прилично тешка работа, затоа што податоци за годишните примања на врвното раководство – односно на секој од членовите на управните и надзорните одбори, во земјава даваат едвај 2 – 3 компании. Од она што како збирен податок го даваат повеќето друштва во своите извештаи се гледа дека примањата на топ менаџментот не се пониски од 30 – 40.000 евра годишно, па до 150 – 200.000 евра кај најмоќните фирми, со таа забелешка дека постои прилична дискрепанца помеѓу вкупната заработка на странските менаџери на чело на големите инвеститори во земјава и оние на останатите компании.

 

Приход од безмалку 50.000 евра годишно може да ви донесе претседателство со одбор на директори на компанија во земјава, а воопшто и да не сте менаџер или пак вработен во акционерското друштво. Ова е највисоката сума што ја сретнавме како јавно достапен податок за примање на член на управен одбор или борд на директори кој што не е на извршна функција во една компанија котирана на берза, во случајов Македонски телеком и претседателот на Одборот на директори, Панче Кралев, поранешен министер за образование во една од владите на Никола Груевски, кој што за оваа функција добива месечен надомест од 4.000 евра. Системот на управување на оваа компанија е т.н. едностепен, односно има еден одбор на директори, без надзорен одбор, каде што членуваат  главниот извршен директор на компанијата и  главниот оперативен директор како извршни членови, уште осум неизвршни членови, меѓу кои и претседателот на бордот и неговиот заменик, како и четири независни членови, во чии редови има експерти, професори, но и висок партиски функционер, што е вообичаена пракса во компанијата каде што државата  поседува 35% од акциите. Во годишниот извештај за работењето на компанијата во 2016 година се наведува дека заменик претседателот на Бордот добива 3.000 евра месечен надомест, додека сите останати членови добиваат по 1.200 евра месечно. Македонски телеком ја има објавено и вкупната сума на примања на топ менаџментот, кој што во случајов не треба да се меша со Одборот на директори каде што истовремено членуваат и двајцата највисоки менаџери, главниот извршен директор Андреас Елснер и главниот оперативен директор Жарко Луковски. На компанискиот веб сајт може да се види дека во менаџерскиот тим има уште шест секторски директори, а вкупниот износ на, како што го нарекуваат, надоместокот за клучно раководство, изнесува 2,47 милиони евра. Кој колку зема поединечно, не е достапно како податок за јавноста. Во годишниот извештај, пак, на Дојче Телеком, компанијата сопственик на Македонски телеком, наведени се годишните примања и на секој член на директорскиот борд посебно, па така, во 2016 година претседателот на бордот Тимотеус Хетгес вкупно заработил 4,2 милиони евра, додека останатите членови се движат во рангот од 1,5 до 2,5 милиони евра. Вкупниот износ на плати и надоместоци за седумчлениот борд на директори на Дојче Телеком за 2016 година е 16,75 милиони евра, во однос на 17,5 милиони евра за годината претходно.

Банкарите меѓу најплатените директори

Сумата од безмалку 2,5 милиони евра за годишна плата и надоместоци за топ менаџментот на Телеком е највисока меѓу јавно достапните податоци што можевме да ги најдеме во годишните извештаи на македонските акционерски друштва за 2016 година. Но, основа за компарации и некакви заклучоци за тоа кој, каде, колку точно заработува во моментов во земјава не може да се направи затоа што на прсти од една рака се бројат фирмите коишто детално објавуваат износи на заработка за своите топ менаџери поединечно. Некои ја објавуваат вкупната сума на примања на членовите на управниот одбор (УО) и надзорниот одбор (НО) заедно, без податоците за останатиот дел од топ менаџментот; други објавуваат посебно за членовите на УО и НО, повторно без сумата за останатиот дел од менаџментот; кај некои пак, кон примањата на членовите на УО додадени се и примањата на целиот менаџерски тим; Со оглед на тоа што примањата на главниот извршен директор, кој што во голем број случаи во македонската пракса е и претседател на УО, може да бидат по неколку пати повисоки од оние на останатите топ менаџери, не би било релевантен податок да се вадат некакви просеци и сл. Во секој случај, во банкарскиот сектор можевме да забележиме во просек највисоки износи на плати и награди за менаџерските тимови.
На пример, во случајот на Стопанска банка – Скопје, расположив е податокот дека вкупно за плати и надоместоци на членовите на УО којшто брои 4 членови на чело со претседателот и главен извршен директор Диомидис Николетополус, во бруто износ за 2016 година биле издвоени 458 илјади евра, додека за категоријата “други лица со посебни права и одговорности“ каде што влегуваат 30 лица: сениор директори, секторски директори и заменици секторски директори, како и директори за специјални прашања, вкупната сума за плата и награди изнесува нешто над еден милион евра.

Кај Комерцијална банка, пак, вкупниот износ на бруто платите на УО и менаџерскиот тим се околу 2,1 милиони евра. Во УО на банката се тројца членови, на чело со претседателот и генерален директор Хари Костов, додека топ менаџерскиот тим е составен од 15 секторски директори. Кога сме кај банкарскиот сектор, во Охридска банка Сосиете Женерал, ја даваат јавно вкупната бруто сума за плати и надоместоци на членовите на УО и НО, која е 762 илјади евра. Банката има четири членови на УО, на чело со извршната директорка Бранка Павловиќ, и пет членови на НО. Членовите на НО добиваат по 15.000 денари месечен надомест за своето учество во седниците.

Највисоката заработка  јавно објавена е 165 илјади евра годишно

До пред само некоја година, единствена компанија што јавно објавуваше колку заработуваат членовите на нејзиниот управен одбор (УО) по име и презиме беше Макпетрол, а потоа се приклучи и Прилепска пиварница. Во најновите достапни годишни извештаи, оние за 2016-та,  детални податоци за примањата на раководството на компаниите сретнавме само за Макпетрол, Скопски пазар и НЛБ банка.

Андреја Јосифовски, претседател на УО и генерален директор на најголемиот трговец со нафтени деривати во државава, лани земал 123 илјади евра нето плата плус 18,3 илјади евра и по основ на други права. Но, тој како комплементар во командитното друштво Оилко заработил уште 23,4 илјади евра, што на крајот му носи вкупно 165 илјади евра заработка во 2016 година, или за девет илјади евра помалку во однос на 2015-та. Зад него е членот на УО и висок менаџер во Макпетрол, Саша Лекиќ, со вкупно 74 илјади евра заработка, за 5 илјади евра помалку од годината претходно.


Од поголемите акционерски друштва само Макпетрол, Скопски пазар и НЛБ банка јавно објавуваат колку точно во 2016-та  заработил секој член на управниот одбор. Највисока заработка има првиот човек на нафтената компанија, Андреја Јосифовски, од 165 илјади евра нето, пред Антонио Аргир од НЛБ со 126 илјади евра во бруто износ, и Сашо Давитковски од Скопски пазар со 67,5 илјади евра плати, дивиденди и други надоместоци во бруто износ.


 

Во НЛБ кога ќе се собере с$, најмногу во 2016 година заработил членот на УО Љубе Рајевски, којшто во бруто износ, со плата, осигурување и сите додатоци, добил 132 илјади евра, додека претседателот на УО, Антонио Аргир бил награден за својата работа со 126,5 илјади евра. Третиот член на УО, Словенецот Дамир Кудер заработил 116,6 илјади евра лани, вкупно во бруто износ, со сите додатоци.
Во Скопски пазар, претседателот на УО и генерален директор, Сашо Давитковски, минатата година на име  плати, дивиденди и други надоместоци, заработил 67,5 илјади евра, пред членот на УО и директор на сектор во компанијата, Тошо Давитковски, со 41 илјади евра, Предраг Милосављевиќ, претседател на НО и директор во компанијата со 35 илјади евра, итн.

Од она што го имаме како податок за плати на топ менаџмент и членови на УО на поголемите акционерски друштва, ги издвојуваме  нето годишните примања на членовите на УО, пет на број,  во вкупен износ од 181 илјади евра; во Жито Лукс платите и надоместоците на членовите на УО и НО се 182 илјади евра. Компанијата има шест членови на УО и пет на НО. Членовите на УО земаат и месечен надомест за учество во седниците на одборот во износ од 195 евра, додека оние на НО земаат по 300 евра секој. Кај некои компании, како на пример Алкалоид, членовите на УО не земаат посебно надомест за членство во УО и учество на седниците, додека оние на НО, којшто брои три членови, земаат вкупно заедно 68,5 илјади евра за својата активност и учество на седниците. Во Македонија турист платите на раководството се водат како “трансакции со клучен менаџерски персонал“, но на нивната веб страница немаат податок колку луѓе имаат во топ менаџментот. Се знае само дека имаат тројца членови на УО и пет на НО. Менаџерскиот тим лани земал вкупно 415 илјади евра награда за својата работа, додека просечниот надомест на член на НО е 3.900  евра годишно.

Во Триглав осигурување, којшто има одбор на директори со три извршни и пет неизвршни членови, вкупната сума на примањата на извршните членови е 240 илјади евра, додека неизвршните членови добиле вкупно надоместоци од 17,3 илјади евра. Во вториот по големина осигурител на пазарот, Македонија осигурување, има УО со три и НО со пет членови, а менаџерскиот тим брои 10 члена. Компанијата јавно објавува  вкупен износ на надоместоци по сите основи за членовите на УО, НО и менаџерскиот тим, од 640 илјади евра за 2016 година.

Прилепската прехранбена фабрика Витаминка во 2016 на клучниот раководен кадар, како што вели, му исплатила вкупно 824 илјади евра, а одборот на директори на компанијата брои пет члена, на чело со претседателот Симон Наумоски, и неговиот син Сашо Наумоски како генерален извршен директор.

Нивните сограѓани, Прилепска пиварница, на членовите на УО и НО, им исплатиле во бруто износ вкупно 453 илјади евра. Членови на УО има седум, на чело со Кирил Самарџиоски како претседател и неговиот син Сашко Самарџиоски како генерален директор, додека надзорниот одбор брои тројца луѓе.

Платите на секој директор поединечно биле деловна тајна

До неколку поголеми домашни акционерски друштва испративме прашање зошто не ги објавуваат платите на своите топ менаџери и надоместоците на членови на надзорните одбори, за секој поединечно. Од сите добивме одговор дека законската обврска за известување ја исполнуваат со тоа што ја објавуваат вкупната сума на издвоените пари за плати и надоместоци на раководството, иако во член 384 од Законот за трговски друштва (ЗТД) јасно стои дека “во годишниот извештај на друштвото се објавуваат и примањата на секој извршен член на одборот на директори и на член на управниот одбор (плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права), односно надоместокот на неизвршните членови на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор“.  Фирмите велат дека платите на секој директор поединечно се деловна тајна на компанијата. Правниците кои што ги консултиравме околу ова, велат дека доколку не е предвидена казнена одредба во законот за необјавување на податоците за плати и надоместоци, а во случајов не е, тогаш практично и нема санкција за оние компании што така се однесуваат. А, за тоа зошто и колку акционерите на годишните собрание бараат или не бараат јавно објавување на платите на топ менаџментот, експертите за трговско право велат дека од акционерската структура во друштвата зависи дали воопшто акционерите ќе реагираат на годишните собранија за било која ставка што е наведена во извештајот за компаниското работење.
“Ако сте акционер што е вработен во компанијата, или поранешен акционер па сега вашето дете работи во фирмата, зошто би си правеле проблем прашувајќи работи кои што раководството не сака да ги открива. Во добар дел акционерски друштва, менаџментот, дури и да не поседува значителен дел од акционерскиот капитал, го контролира потребниот број гласови за да може секој годишен извештај мазно да помине на собранието.“, изјави за Капитал професорот по трговско право Горан Коевски.


Board-of-directors-HD_LWИ членствата во надзорните одбори носат убава заработка

Во надзорните одбори (НО) на акционерските друштва (АД) обично членуваат претставници на акционерите, вработените, надворешни независни членови, но и на други засегнати групи, т.н. “стејкхолдери“. Задача на НО, како што вели проф. Коевски, стручњак за трговско право, е да ја контролира работата на УО, и не е директно инволвиран во секојдневното работење на АД, освен во исклучителни случаи. Надзорниот одбор не треба да управува со компанијата, но тој ја одобрува стратегијата за развој, а за да го направи тоа треба да е добро запознаен со бизнисот на фирмата и да е стручен. Надзорниот одбор ги одобрува и финансиските планови и другите планови за работа и дотолку повеќе е поголема неговата одговорност, велат експертите за корпоративно управување. Членовите на НО многу пати се блиски до менаџментот, практично менаџментот ги бира, а не обратно, како што треба. Во двостепените системи на управување тие го бираат управниот одбор. Формално тоа е така, но најчесто менаџментот ги предлага, па не е многу јасно кој кому одговара.
Инаку, месечниот надомест што членови на НО во поедини компании го земаат за својата активност не е за потценување и често изнесува колку една одлична плата во Македонија. На пример, во Реплек, четирите членови на НО земаат годишно во просек по околу 12.700 евра, што е околу 1.000 евра месечно, за одржани шест седници во годината. Тројцата членови на НО во Алкалоид земале просечен годишен надомест од 22.800 евра, или по околу 1.900 евра месечно, а одржале девет седници во 2016.
Други компании даваат поскромни износи за членство во нивните НО. Во Макпетрол, четирите членови на НО добиле по околу 5.800 евра во 2016, или околу 500 евра месечно, Во Комерцијална банка по 340 евра седумте члена на НО со 12 одржани седници, во Македонија турист петте членови на НО добиле по околу 300 евра месечно, во Жито Лукс исто така по 300 евра, итн.


 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×