Конечно казна за криминалот или темпирано политичко апсење?!
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Во спектакуларна акција на УСКОС уапсен долгогодишниот загребскиот градоначалник Милан Бандиќ

Според јавно изнесените податоци и мислењата на хрватската јавност незаконските дела на Милан Бандиќ за кои е обвинет постојат се јасни. Но, многумина сметаат дека случајот на загребскиот градоначалник свесно со години се чувал во фиока за да се отвори во моментот кога ќе се постигне најголем политички ефект.

Загребскиот градоначалник Милан Бандиќ е уапсен во неделата попладне. Официјално апсењето на Бандиќ доаѓа како резултат на повеќе месечно сложено криминалитичко истражување врзано за незаконски постапки во градот Загреб и Загребскиот холдинг д.о.о. кој го спровеле обвинителството, полицијата и УСКОК. Веќе е најавено дека ќе се поднесат казнени пријави поради основано сомнение за сторени поголем број коруптивни казнени дела, злоупотреба на положбата и овластувањата и тргување со влијание. Истовремено е извршен и седумчасовен претрес на станот на Бандиќ со цел да се пронајдат можни докази за инкриминациски работи.

Заедно со Бандиќ се приведени и поранешниот директор на Загребачките електрични трамваи (ЗЕТ) Иван Толиќ, директорот на градската плинара Ален Додок, директорот на загребска комунална хигиена Миленко Бендо како и претседателот на загребски холдинг Слободан Љубичиќ Кикаш. Сите приведени се товарат за бројни малверзации и коруптивни работи за кои УСКОК собирал докази повеќе месеци.

За што се терети Бандиќ?

Иако во Македонија на апсењето на Бандиќ се гледа шокантно и сензационално, во хрватските медиуми со месеци провејуваат информации дека УСКОК ја истражува документацијата на Градот Загреб и Загребскиот Холдинг на чие чело е Љубичиќ.
Според пишувањата на хрватските медиуми и неофицијални информации, станува збор за малверзации околу вработувањето, околу собирањето на отпад, околу земјиште на територијата на градот и други пониски злоупотреби на положбата и овластувањата. Според некои информации, полицијата во неделата морала да побрза со апсењата бидејќи осомничените наводно дознале дека се под истрага, па дел од нив се подготвувале за бегство.

Една од аферите во кои се споменуваат сите три главни актери, Бандиќ, Љубичиќ и Припус, е таканаречената замена на земјиште. Градот Загреб заменил земјиште во Ресник. Планот бил да се изградат нови патишта како би скокнала вредноста на земјата. Сопственик на недвижностите дотогаш била компанијата Вариус недвижности, која била во состав на Циос групата на Петар Припуз. Парцелата имала повеќе од 80.000 метри квадратни. Иако ЦИОС своите погони ги изградил без дозвола во поранешната фабрика за цемент, платено му е 55,5 милиони куни за земјиштето, изградба на нова трансформаторска станица, трошок за селење и застој во работата поради преселување.

Дополнително на Милеров брег управата на Милан Бандиќ пренаменила земјиште од 280.000 квадратни метри од зелени рекреациска намена во станбена и деловна намена, со што е овозможено изградба на 1.300 станови. Иако во Надзорниот одбор на компанијата Милер центар, која има половина земјиште, биле дури тројца директори поврзани со компаниите на Припуз, тој отсекогаш тврдел дека не е инвеститор.

Кои други случаи и малверзации со земјиште се повод за апсењето исто така е тешко да се процени, но од порано е познато дека УСКОК истражувал илегални измени на Градскиот урбанистички план на Загреб. За тоа своевремено е испитувана секретарката на градското собрание Грета Аугустинивиќ Павичиќ. Тој случај почна да го испитува пред неколку години кога дојде нова секретарка и одби да ги потпише измените на ГУП бидејќи не се работело за исправки, туку за важни промени кои се правени во полза на приватни инвеститори. Во последните случаи изградливоста на површината е зголемено за скоро двојно, се поместувале паркиралишта, исчезнувале патишта… Неофицијално имало направено дури 215 такви измени.

Бандиќ исто така се обвинет за матни работи во поглед на собирањето на отпадот. Во хрватската јавност се уште се нагаѓа за кои матни работи станува збор. Веројатно тужбата се однесува на случајот од крајот на минатата година кога Министерството за заштита на околината му наложи на Градот Загреб крупниот отпад да го острани од улиците до 6 декември, а Загребскиот холдинг е вовлечен во прекршок како илегално го истоварал и складирал на Јакушевац. Тоа било повод компанијата Цезар во сопственост на Петар Припуз да склопи зделка за чистење на Загребските улици вредна 7,5 милиони куни. После тој договор на загребското комунално претпријатие му останало само собирање на мешан комунален отпад.

Првите информации за следењето на Милан Бандиќ се појавија во јули, кога е сменет министерот за финансии Славко Линиќ, кој тврдеше дека полицијата и службата го прателе по налог на премиерот Зоран Милановиќ. Истрагата која врз основа на претставката на Линиќ ја водел собраниската комисија за внатрешна политика и национална сигурност покажала дека поранешниот министер за финансии не бил во право, но тогаш се отвори нова приказна.

Случај со дебела политичка заднина?!

Бидејќи немаше официјална потврда од хрватски УСКОК, во јавноста се појавија две дијаметрално спротивни претпоставки. Прво дека дел од обвинувањата кон Милан Бандиќ се поврзани со неплатениот данок за кампањата за претседателските избори во 2009 година со што буџетот е оштетен за повеќе од десет милиони кини. А второ дека обвинувањата кон Бандиќ немаат врска со останатите политички ангажмани на Бандиќ и се директно поврзани со неговата градоначалничка функција.

Без разлика која од овие две претпоставки е точна јавноста во Хрватска наголемо шпекулира дека сепак станува збор за политичка пресметка. Да потсетиме Милан Бандиќ го служи петтиот мандат како градоначалник на Загреб. Помеѓу 2000 и 2009 година тој е истакнат член на Содицијалдемократската партија на Хрватска (СДП) која во моментов е на власт. Во 2007 година тој се кандидираше за претседател на партијата, а негов противкандидат беше токму актуелниот премиер Зоран Милановиќ. И покрај поразот Бандиќ остана еден од најсериозните конкуренти на Милановиќ. На 5 ноември 2009 година тој ги објави неговите планови дека ќе се кандира за претседател на Хрватса. Тој со тоа ги прекршил партиските правила заради што е исклучен од партијата, но сепак успеа да му направи сериозен проблем во првиот круг на кандидатот на СДП и актуелен претседател Иво Јосиповиќ.

Според многумина сите погоре споменати факти се доволни за актуелниот претседател и премиер да сакаат да му се осветат на контроверзниот Бандиќ во време кога Хрватска се подготвува за два циклуса избори претседателски и парламентарни на почетокот и на крајот на 2015.

Од друга страна, во јавноста има и такви кои го доживуваат како обичен криминалец и кој сметаат дека апсењето е само задоцнета, но сосема логична реакција на хрватското правосудство.

Дражен Чуриќ, познат колумнист на Вечерни Лист од Загреб во неговата колумна посветена на апсењето дословно вели дека она што се најавувало со години дошло ненадејно, во моментот кога најголемите верници во правната држава почнале да ја губат надежта. Според него, апсењето на „загребската група “е последна шанса нивното општество да се пресмета со криминалниот октопод. „Загреб не е само главен град на сите Хрвати, туку и главен град на сите хрватски криминалци. Хрватската метропола стана центар на митото и корупцијата, а многу правци на таа матна река водеа до канцеларијата на Милан Бандиќ. “
Според Чуриќ, апсењето на Бандиќ сепак не е доволно за да се расчисти целиот криминал бидејќи тој според него бил само „водоносец“ на поголеми криминални играчи.

***

Случајот на Бандиќ потсетува на Јанковиќ од Љубљана и Џилас од Белград

На 27 септември 2012 година балканската јавност беше потресена од апсењето на Зоран Јанковиќ сегашен и тогашен актуелен градоначалник на Љубљана, поранешен директор на Меркатор и претседател на партијата Позитивна Словенија победник на изборите во земјата. Симптоматично за апсењето на Јанковиќ беше фактот што дојде веднаш после неговата победа на парламентарните избори и неуспехот во последен момент да состави влада и да го оправда местото прв кандидат за мандатар. Јанковиќ и неговите синови кои исто така беа дел од обвинението се правдаа дека се жртва на политички реваншизам и дека некој на таков начин сака да ги оттргне од политичка сцена. Подоцна се докажа дека основа за сомневање имало но повторно како во случајот со Бандиќ симптоматичен е момент на апсењето на Јанковиќ кој се случи само неколку месеци од кога тој не успеаја да состави влада.

Можеби не исти но случен е случајот со белградскиот градоначалник Драган Џилас. Седумдесет и вториот градоначалник на Белград кој од 18 август 2008 до 18 ноември 2013 ја извршуваше оваа функција беше сензационално избркан од градското собрание со надгласување во советот. Како причина за неговото отстранување од функцијата слично како и кај Јанковиќ и Бандиќ се наведуваше недомаќинското и незаконско работење но не може да се заборави и дека Џилас беше сменет од функцијата токму кога почна да ја консолидира главната опозициска Демократска Партија на чие чело во меѓувреме настана. Со сменета од градоначалничката функција експресно заврши и неговата според многумина многу перспективна политичка кариера. На 31 март 2014 година ја губи и челната позиција во Демократската Партија на чие чело застанува Бојан Пајтиќ.
Како заклучок ќе го пренесеме само она што веќе го кажаа најголем дел од регионалните медиуми.

Очигледната корумпираност на политичарите на Балканот ги прави лесно ранливи и погодни за манипулации од поголемите домашни или светски играчи. Нивната корумпираност најчесто потекнува од потребата за финансирање на сопствените партии или кампањи без кои не можат воопшто да дојдат на власт. На таков начин целата политичка сцена на поранешна Југославија е влезена во еден маѓепсан круг од кој со децении нема да може да излезе.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×