ВМРО-ДПМНЕ денеска и утре во Куманово ќе го одржи петнаесеттиот Конгрес, на кој се очекува да учествуваат 560 делегати, кои треба да изберат претседател на партијата за следниве четири години.
Актуелниот претседател на партијата и премиер на Владата, Никола Груевски, е единствен кандидат за претседателската позиција. Зад неговата кандидатура вчера доставена до партиското седиште, се потпишале интелектуалци, основачи и актуелни партиски функционери, меѓу кои и режисерот Љубиша Георгиевски, Мане Јаковлевски, Филип Петровски, Бранислав Саркањац, Сашко Кедев.
Претходниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се одржа во Битола во 2011 година на кој Груевски го доби третиот мандат за водење на партијата, а актуелниот лидер прв пат беше избран на позицијата на Конгресот во Охрид 2003 година.