Коронавирусот ја инфицира економијата со рецесија
Објавено на од во Економија
Иако отсега е тешко да се квантифицираат негативните ефекти од оваа криза, оти никој не може да предвиди колку и до кога ќе се шири коронавирусот, проценките варираат од поблаги до најпесимистички според кои рецесијата годинава е неизбежна. Кај нас веќе се лицитира со одредени бројки за потенцијалната штета врз економијата, од околу 500 до 700 милиони евра колку што процениле стопанските комори а бројките јавно ги кажа претседателот на државата, Стево Пендаровски кој исто така предупреди на можна рецесија. Меѓународните финансиски институции се уште не објавуваат прецизни прогнози бидејќи сосема е неизвесно какво било прогнозирање, но Виенскиот економски институт којшто е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, веќе ги објави своите проценки според кои македонската економија годинава ќе порасне само 1,7% наспроти првичната прогноза за раст од 3,3%. Тоа значи дека Институтот засега последиците ги проценува на околу 1,6% од бруто домашниот производ (БДП) што би било околу 180 милиони евра.
 coronavirus-economy
Како што ќе се шири коронавирусот, експоненцијално ќе растат економските последици од пандемијата. Иако отсега е тешко да се квантифицираат негативните ефекти од оваа криза, оти никој не може да предвиди колку и до кога ќе се шири коронавирусот, проценките варираат од поблаги до најпесимистички според кои рецесијата годинава е неизбежна.
Кај нас веќе се лицитира со одредени бројки за потенцијалната штета врз економијата, од околу 500 до 700 милиони евра колку што процениле стопанските комори а бројките јавно ги кажа претседателот на државата, Стево Пендаровски кој исто така предупреди на можна рецесија. Меѓународните финансиски институции се уште не објавуваат прецизни прогнози бидејќи сосема е неизвесно какво било прогнозирање, но Виенскиот економски институт којшто е специјализиран за регионот на Југоисточна Европа, веќе ги објави своите проценки според кои македонската економија годинава ќе порасне само 1,7% наспроти првичната прогноза за раст од 3,3%. Тоа значи дека Институтот засега последиците ги проценува на околу 1,6% од бруто домашниот производ (БДП) што би било околу 180 милиони евра.
Погодени ќе бидат и понудата и побарувачката. Понудата затоа што добавувањето на суровини и производи може да биде намалено или секнато, а побарувачката затоа што луѓето нема да трошат освен за неопходните работи.
На удар се многу бизниси, а највидливи знаци на криза засега покажуваат микро и малите компании од услужниот сектор. Со владина одлука се затворија сите кафулиња, ресторани, обложувалници, а во изолација заедно со луѓето отидоа и хотелите, туристичките агенции, фризерските и козмоетичките салони, такси компаниите. Но освен малите бизниси, се стравува дека допрва ќе бидат погодени поголемите компании од индустријата откако ќе почнат да се намалуваат нарачките од странство поради намалена побарувачка.
Деновиве веќе сме сведоци на случаи каде камиони се заглавени на гранични премини, па се движат во конвои, без оглед што траснпортот на стоки е изземен од мерките на земјите што ги затворија границите за патници.
Имајќи предвид дека дури 82% од извозот оди во европски земји, а девет од десетте наши најголеми извозни пазари се токму државите каде што коронавирусот рапидно се шири, односно Германија, Грција, Велика Британија, Италија, Кина, Србија, Бугарија, Романија и Белгија, многу лесно може да се случи овие земји да ги намалат нарачките од македонските фабрики и со тоа да се загрози потенцијалниот извоз. Овој ризик е особено изразен бидејќи овие земји од висок и среден ризик преземаат слични ригорозни мерки на превенција како и кај нас, коишто опфаќаат забрани за движења на граѓаните, затворање на граници и слично така што се очекува граѓаните помалку да трошат па намалувањето на побарувачката е извесно.
Новите прогнози на Deutsche bank потврдуваат  дека ова сценарио е многу веројатно. Според овие проценки што се најпесимистички од Втората светска војна досега, економијата на еврозоната во вториот квартал ќе падне за дури 23,6%, додека пак германската економија каде што завршува половина од целиот наш извоз, се очекува да падне за дури 28,4%.
Овие песимистилки прогнози за нашите трговски партнери се закана и за увозот. А судбината на земја како нашата, која има недоволно домашно производство и со тоа е зависна од увоз, може да биде прилично неизвесна.
Меѓу другото увезуваме и храна и живи животни, суровини за производство, и тоа повторно токму од најпогодените земји од оваа криза. Што ако дојде до целосно затворање на границите?! Ќе имаме ли доволно да се прехраниме или ќе продолжиме да гледаме празни рафтови во супермаркетите?! Според последните статистички податоци, увозот на храна, живи животни и пијалаци изнесува околу 510 милиони евра, што е четвртина од домашна потрошувачка на овие производи.
Прашање е како ќе се движат и цените во следниот период. Ќе ги вивне ли нагло зголемената побарувачка цените на некои производи?! Властите направија обид да ги замрзнат цените на некои основни производи, но од друга страна никој не може да влијае на цените на увозните производи и суровини.
Ивесно е дека инвестициската активност исто така ќе опадне оти неизвесноста ги воздржува приватните компании да инвестираат, а може да влијае и на забавување на јавните инвестиции.
Сите овие дилеми што предизвикуваат загриженост веќе ги мобилизираа владите во повеќе европски земји да воведат економски мерки како на пример забрана за извоз на стратешки производи, одложувања на даночни обврски и рати за кредити, покривање на дел од платите на работниците со пари од државните буџети, милијарди евра како кредитна поддршка за фирмите, намалувања на основните камати на централните банки.
Кај нас, економските власти кончено неделава објавија сет на антикризни мерки но првичните оценки се дека се недоволни за да ги адресираат проблемите со коишто ќе се соочи бизнисот.
„Македонското стопанство се наоѓа пред најголемиот предизвик досега“, изјави  претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
„Искуствата од досегашните кризи низ кои сме поминале зборуваат дека мора да се спасат компаниите зашто со тоа се спасува државата. Сведоци сме дека во целиот свет се истураат милиони и милијарди за спас на компаниите и затоа ја охрабруваме Владата тоа да го има предвид“, додаде тој.
Владините мерки опфаќаат директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании преку Развојната банка од вкупно 5,7 милиони евра. Наменети се за кредитирање на компаниите поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра.
Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти, грејс период од  6 месеци, и рок на отплата 2 години.
Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати преку субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена лани.
„Владата е целосно мобилизирана за справување со економските последици од кризата коишто ќе бидат неизбежни. Затоа, навремено започнуваме да се организираме, подготвуваме и пред се да се обединуваме со стопанството во заедничка цел, а тоа е што поефикасно справување со негативните последици по нашата економија. Ќе биде исклучително важно, правилно да ги насочиме ресурсите кои ги имаме на располагање за поддршка на оние сектори кои се најпогодени од кризата и како што чекориме ќе продолжиме да правиме  анализи и да развиваме сценарија што ќе не подготват да одговориме на предизвиците. Затоа, во следниот период продолжуваме со дијалог и преговори за да ги оцениме ефектите од постоечките мерки и изнаоѓање нови. Владата исто така започнува активни разговори и со меѓународните финансиски институции и партнери за за да се оценат можностите и предизвиците на финансиски пазари и како со нив можеме да се справиме или па да ги искористиме во интерес на домашната економија“, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.
Народната банка, пак, на вонредна седница во понеделникот донесе одлука да ја намали основната камата за 0,25 процентни поени, на 1,75%.
„Ова намалување на каматната стапка треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките. Со тоа ќе се овозможи одржување на кредитниот циклус и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија, особено врз ликвидноста на корпоративниот сектор“, објаснија од Народната банка и додаваат дека се разгледуваат и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во услови кога е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок.
„Овие мерки се однесуваат на евентуални промени коишто ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања“, истакнаа од Народната банка.
Економистите велат дека искуството од претходната глобална криза ги научило дека што порано се преземат мерки, толку повеќе може да се ублажат негативните последици.

Светот пред нова рецесија

Меѓународниот економски контекст на пандемијата е застрашувачки. Стравот е уште поголем оти лузните од последната светска криза од пред само десетина години се се уште многу длабоки.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард веќе предупреди дека ова може да биде слична економска криза како онаа од 2008 година.
На берзите ширум светот заиграа “мечките“ коишто ги бутнаа индексите за повеќе од 20% под својот максимум. Централните банки веќе излегоа со координирана акција да вбризгуваат пари во економиите преку такнареченото квантитативно олеснување.
Американските федерални резерви објавија дека ќе инјектираат 700 милијарди долари, а каматните стапки ги сведоа на нула. Белата куќа размислува фондот да достигне и до илјада милијарди долари. Европската централна банка исто така објави дека воведува Пандамска итна програма од 750 милијарди евра за кредитирање на компаниите погодени од актуелната криза. Јапoнската централна банка, пак, најави дека ќе откупува финансиски инструменти во вредност од 100 милијарди евра до крајот на годината.
Претходно и Европската Комисија објави дека ќе одвои 37 милијарди евра за поддршка на најпогодените сектори од пандемијата со коронавирусот.
Првите знаци засега упатуваат дека доколку оваа пандемија потрае следните неколку месеци, неминовно ќе доведе до рецесии во Европа, Сад, Јапонија, и најбавен раст во Кина досега.
Според прогнозите на Блумерг, доколку се оствари најлошото сценарио кое сега веќе изгледа и реално, според кое сите земји во нивниот модел претрпуваат страшен шок, растот на светската економија ќе биде нула. И САД ќе влезе во рецесија, а кинескиот раст ќе биде само 3,5%, најслаб од 1980 година досега. На светско ниво, оваа стагнација ќе значи загубен бруто домашен производ од 2.700 милијарди долари.Тоа е колку целата економија на Велика Британија.
Освен аналитичарите на Блумберг, и други го запалија алармот. ОЕЦД ги снижи своите прогнози за светскиот економски раст од 2,9% на 2,4% за годинава, и предупреди дека може да падне и до 1,5%. Голдман Сакс очекува контракција на светската економија во првото полугодие, а скорешните прогнози за раст на кинеската економија во првиот квартал се движат од 5,8%, па сe’ до пад од 0,5%, што само го истакнува високиот степен на несигурност околу целава ситуација со коронавирусот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×