Коронавирусот може да ја чини светската економија 2.700 милијарди долари
Објавено на од во Економија

Како што се шири вирусот COVID – 19 низ планетава секојдневно, така се зголемува и износот на проценетата штета за светската економија. Најстрашното е што никој во моментов не може со сигурност да предвиди колку голема криза или рецесија може да предизвика коронавирусот. Како капак на сe’ е и падот на цената на нафтата, што во прво време за земјите увознички како Македонија може да е добра вест, но на подолг рок ќе ја зголеми штетата по светската економија првично креирана од короната, што на крајот, индиректно ќе се одрази и врз македонската економија.

Korona glavnaШто ако COVID – 19 прерасне во пандемија

 

Деновиве разбрав од менаџер на еден од попознатите скопски хотели дека моментално ситуацијата поврзана со епидемијата на коронавирусот кај нив е катастрофална: откажани се 70-80% од резервациите за март месец, а нови резервации речиси и да нема. Ако вака продолжи, рече хотелиерот, сезонава е загубена за нив, а штетите допрва ќе ги пресметуваат. Во еден пак, од најголемите хотели во градов, неофицијално дознав, дека во еден ден се отпуштени 15 луѓе од персоналот, поради големите загуби предизвикани од масовните откажувања на резервации, но и закажани настани, поради стравот од ширење на коронавирусот. Ова се само два примери од тоа што го преживува во моментов домашниот туристички бизнис,  чии што претставници деновиве се пожалија дека до мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Се откажуваат и аранжманите на нашите граѓани кои планирале да патуваат надвор за Велигден. Состојбата е алармантно лоша. Секторот засега книжи загуби од 40 до 80% и стравува од можно затворање на капацитетите. За да не отпушта вработени и за полесно да ја преброди ситуацијата, бара итна помош од Владата.
На светско ниво, ситуацијата во туристичката индустрија исто така станува се’ позагрижувачка. Најпогодена е секако, Кина, местото од каде што тргна епидемијата, како и останатите азиски држави кон коишто гравитираат најголемиот дел кинески туристи. Според Дојче Веле, од 150 милиони патувања во странство на Кинезите, 90% се во азиските земји. Кинеските туристи станаа клучен економски фактор во овие дестинации. Меѓутоа, затоа што повеќето авиокомпании ги прекинаа нивните конекции со Кина, гостите од оваа земја во голема мера останаа дома. Популарниот индонезиски остров Бали веќе објави дека 40.000 хотелски резервации се откажани. Јапонија е уште повеќе погодена. Таму, гостите од Кина сочинувале 25% од вкупно 32 милиони туристи што ја посетиле земјата во 2019 година. Слична е ситуацијата и во Тајланд, Јужна Кореа, Сингапур, Малезија и останатите азиски земји.
„Катастрофа за овие земји“, изјави професорот по туризам и директор на Институтот за аутгоинг туризам на Кина (COTRI), Волфганг Арлт, за Дојче Веле.
„Многу, особено малите бизниси како продавници за сувенири, хотели, агенции и сл., веќе се затворени. Туризмот на Тајланд стравува од пад од 6 милиони туристи годинава, што е 16% помалку од лани.“
Во Европа кризата се’ уште расте: откако почна епидемијата во Италија, популарните туристички места зјаат празни. Во Венеција и Милано, музеите, театрите и останатите популарни дестинации се затворени, а големите настани се откажани. Во Франција, пак, Лувр останува затворен неколку дена по ред, затоа што вработените се плашат да дојдат на работи поради можноста за инфекција. Во меѓувреме, во Германија, по откажувањето на големиот саем за туризам ITB, луѓето се повеќе загрижени околу влијанието што ќе го имаат врз туристичката индустрија откажувањата на патувањата од азиските туристи. Германското национално туристичко биро (GNTB) очекува ноќевањата од кинеските туристи да паднат помеѓу 17 и 25%. Кинеските туристи трошат околу 8 милијарди евра годишно во Германија, па овој пад ќе се одрази значително во овој сектор.
„Секако дека ќе го почувствуваме ефектот од овој пад“, вели Матијас Шимер, директор на Хајделберг Сити Маркетинг. Овој древен универзитетски град на реката Некар е едно од најпопуларните места што го посетуваат кинеските туристи во Германија. Иако, како што вели Шимер, бројките се’ уште не се пресметани, едно е сигурно: “Нема да можеме да надоместиме за оваа загуба.“
A man wearing a protective mask walks through an empty Saint Mark's Square in Venice as Italy battles a coronavirus outbreak

Во Венеција и Милано, музеите, театрите и останатите популарни дестинации се затворени, а големите настани се откажани. Германското национално туристичко биро (GNTB) очекува ноќевањата од кинеските туристи да паднат помеѓу 17 и 25%.

Четири „црни“ сценарија
Коронавирусот се шири глобално, и можно е да ѝ нанесе тежок удар на светската економија. Епидемијата што почна во срцето на кинеската провинција Хубеи, сега рапидно се шири. Веќе се забележани значителни епидемии во Јужна Кореа, Италија, Иран, а првите смртни случаи се забележани и во САД. Економската криза би можела да предизвика рецесии во САД, еврозоната и Јапонија, најбавен раст досега во Кина, и вкупно околу 2.700 милијарди долари загуба за светскиот бруто домашен производ – колку што е целиот БДП на една Велика Британија.
Ова е најцрното можно сценарио, од четирите што ги разви тимот на Bloomberg Economics, втемелени на искуствата во Кина, симулации во другите земји, процените на ризик за глобалните синџири на снабдување и симулација на моделот на светската економија.
Но, со толку многу непознати во равенката на епидемијата, како и реакциите на владите и бизнисите, овие прогнози не може да ги сметаме за крајно прецизни. Тие само се обидуваат да понудат начин на трасирање на потенцијалните ефекти во земјите и индустриите, како и да ја предвидат магнитудата на потресот.
Стартна основа на анализата на Bloomberg е она што се случува во Кина, каде што продажбата на автомобили падна за 80%, патничкиот сообраќај за 85%, а економијата, практично е застаната.
Аналитичарите на Bloomberg прогнозираат дека растот на кинескиот БДП во првиот квартал на 2020 забавил до ниво од 1,2% година за година, што е најслаб досега резултат. Ако Кина не застане брзо на нозе до крајот на Март, дури и оваа прогноза може да била оптимистичка.
Првото сценарио е дека главниот удар на епидемијата ќе го поднесе Кина, а релативно благо ќе се прелее на остатокот од светот. За остатокот од светот, Кина е голем извор на побарувачка и на понуда, и причина за загриженост на финансиските пазари.
Za vnatre2

Најцрното сценарио на Bloomberg Economics претпоставува дека сите земји во нивниот модел претрпуваат страшен шок – ако ова се случи, растот на светската економија ќе биде нула. И САД ќе влезе во рецесија, а кинескиот раст ќе биде само 3,5%, најслаб од 1980 година досега. На светско ниво, оваа стагнација ќе значи загубен бруто производ од 2.700 милијарди долари.

Во 2019 година увозот во Кина изнесувал 2.100 милијарди долари, буквално секаква стока, од игла до локомотива. Кина е исто така најголемата фабрика на светот, од каде што доаѓаат и омилените ајфони на западните потрошувачи и огромните градежни машини какви што ретко може да најдете на друго место.
Ако Кина ја воспостави контролата врз епидемијата доста брзо, и оваа светска фабрика се врати на нозе во вториот квартал, тогаш ефектот врз остатокот од светската економија ќе биде ограничен. Ако ова се оствари, по силниот удар од првата половина од годинава, ќе следи закрепнување во вторите шест месеци, а за светот како целина, и за големите економии како американската, овој ефект тешко дека ќе се почувствува во бројките за годишниот БДП на крајот.
Сценарио 2: Епидемијата предизвикува локализирани потреси. Што ако проблемот се влоши? Во ова сценарио, Bloomberg претпоставува дека на Кина ќе ѝ треба подолго време да закрепне економски. Претпоставка е и дека Ј. Кореа, Италија, Јапонија, Франција и Германија – големите економии што освен Кина, се соочија со најголем број заразени досега – ќе бидат економски погодени. Според процените, ова би го симнало глобалниот економски раст на 2,3% во 2020 година, за разлика од прогнозата од 3,1%, пред вирусот.
Во третото сценарио, што подразбира глобално распространета зараза, Bloomberg стравува од поголеми шокови во претходно наведените земји. Исто така, на ова додаваат и извесни помали шокови во сите други земји што досега пријавија случаи на коронавирус до почетокот на март. Тука се САД, Индија, В. Британија, Канада и Бразил, што значи дека сите од 10 – те најголеми светски економии ќе доживеат помал економски раст паралелно со нивната борба да го ограничат ширењето на смртоносниот вирус. Во ова сценарио, светскиот економски раст се проценува на 1,2%. Еврозоната и Јапонија ќе влезат во рецесија, а растот на САД ќе биде само 0,5%, што ќе доведе до раст на невработеноста среде изборна година.
И четвртото, најцрното сценарио на Bloomberg, претпоставува дека сите земји во нивниот модел претрпуваат страшен шок – ако ова се случи, растот на светската економија ќе биде нула. И САД ќе влезе во рецесија, а кинескиот раст ќе биде само 3,5%, најслаб од 1980 година досега. На светско ниво, оваа стагнација ќе значи загубен бруто производ од 2.700 милијарди долари.
Нема многу простор за маневар на владите и централните банки
Освен аналитичарите на Bloomberg, и други го запалија алармот. ОЕЦД ги снижи своите прогнози за светскиот економски раст од 2,9% на 2,4% за годинава, и предупреди дека може да падне и до 1,5%. Goldman Sachs очекува контракција на светската економија во првото полугодие, а скорешните прогнози за раст на кинеската економија во првиот квартал се движат од 5,8%, па сe’ до пад од 0,5%, што само го истакнува високиот степен на несигурност околу целава ситуација со коронавирусот.
Неминовно дека ќе следат одговори на државите низ светот и нивните централни банки во вид на снижување на каматните стапки и зголемување на јавната потрошувачка, затоа што ќе требаат многу пари за справување со последиците од епидемијата. Во најмала рака вирусот ќе направи шок на страната на понудата – фабриките ќе се затвораат, затоа што луѓето ќе седат дома. Тука не може што многу да се стори од било која влада. Снижувањето на каматите и поголемата потрошувачка ќе помогне да се одржи колку толку стабилноста на кревките финансиски пазари, и да се обнови побарувачката штом ќе помине кризата.
Меѓутоа, во време на историски најниски каматни стапки, и високо ниво на долг во светот, останува многу малку простор за маневар на светските политички и економски лидери. Тие, како и сите други на планетава, само може да се надеваат дека епидемијата може брзо да биде ставена под контрола.

 


Ramka1 slikaКолкава е смртноста од коронавирусот?

„Епидемиолозите и оние кои прават модели на болеста се согласни во едно – сите признаваат дека проекциите за стапката на смртност се ризични зашто постојат многу непознати. Се уште многу работи не се знаат за новиот вирус, а дополнителен предизвик се обидите прогнозите да се прилагодат на неоткриените и непријавените случаи“, пишува Гласот на Америка.
Здравствените власти и епидемиолозите не можат да се согласат колку е смртоносна болеста Ковид-19. Проекциите за смртен исход се движат меѓу 1 и 3.4% од заразените.
Оваа разлика не е изненадувачка кога станува збор за нов вирус, велат виролозите и оние кои прават модели на болеста, пишува Гласот на Америка. Тие предупредуваат дека разликите меѓу државите можат да ги искриват предвидувањата – особено доколку здравствените системи се преплавени и попуштат под притисокот од пациенти на кои им треба болничко лекување.
Некои епидемиолози се загрижени дека тоа се случува сега во најзагрозените делови од Северна Италија. Смртноста во Италија се искачи на загрижувачки 5% во неделата откако Агенцијата за цивилна заштита објави вознемирувачки скок од 51% на смртните случаи со што вкупниот биланс на починати од коронавирусот се искачи на 366.
Скокот во смртни исходи во Италија ги надмина и најлошите проекции, како и вкупната стапка на смртност во другите погодени држави. Но, здравствените власти велат дека смртноста не е исклучително висока ако се земе предвид големиот процент на возрасна популација во земјата, речиси една четвртина од населението во Италија има над 65 години. Меѓу развиените држави само Јапонија има постаро население. Во Кина околу 9% од постарите од 80 години заразени со коронавирус починаа. Во Италија смртноста кај највозрасните е нешто над 8%.
До понеделникот италијанските здравствени власти имаа пријавено само два смртни исходи кај луѓе помлади од 63 години. Најголем дел од починатите биле во нивите 80-ти или 90-ти години, поголемиот дел биле со ослабен имунолошки систем и страдале од хронични болести како проблеми со бубрезите, со срцето или дијабетес.
Здравствените власти велат дека системот се држи но е под неверојатен притисок кој веројатно ќе се засили доколку драстичните мерки за спречување на ширењето на заразата кои ги најави Премиерот Џузепе Конте не почнат да даваат резултат.
Во Ломбардија, најтешко погодениот регион, 10% од медицинскиот персонал не може да работи зашто е позитивен на вирусот и е во карантин.
Болниците во градовите Лоди и Кремона минатата недела беа толку преполни што мораа да ги затворат ургентните центри и да ги испратат пациентите на друго место.
Различните проекции за смртноста на вирусот предизвикаа политички раздор во Соединетите Американски Држави минатата недела кога Претседателот Доналд Трамп шпекулираше дека стапката ќе биде околу 1% што е спротивно на Светската здравствена организација која ја постави глобалната стапка на смртност на околу 3.4%.
„Мислам дека 3.4% е навистина лажен број. Сега, ова е само мое претчувство, но базирано на многу разговори со многу луѓе кои работат ова. Многумина ќе го добијат вирусот, но во блага форма. Тие ќе оздрават многу бргу. Тие дури и нема да мора да одат на лекар. Тие дури и не се јавуваат на лекар“, рече Трамп во едно телевизиско интервју.
Британските медицински власти претпоставуваа дека стапката на смртност ќе биде околу 1%. Крис Вити, главниот медицински советник во земјата, минатата недела пред Парламентот изјави дека се охрабрувачки намалениот број на инфекции и намалената стапка на смртност во Кина.
Епидемиолозите и оние кои прават модели на болеста се согласни во едно – сите признаваат дека проекциите за стапката на смртност се ризични зашто постојат многу непознати. Се уште многу работи не се знаат за новиот вирус, а дополнителен предизвик се обидите прогнозите да се прилагодат на неоткриените и непријавените случаи. Тие велат дека подобрени протоколи за лекување и употреба на постоечки лекови кои би делувале на вирусот можат значително да ја променат ситуацијата.
Од особена важност е избегнувањето на нагло покачување на бројот на заразени – големиот прилив на пациенти на кои им треба болничка нега во исто време може да ги преплави здравствените системи и да предизвика недостаток од кревети и персонал. Крајниот резултат може да биде несоодветен третман што би резултирал со поголема смртност.

 


GERMANY-HEALTH-VIRUSНа некој ќе му светне кога на друг ќе му се стемни

Вакцината против корона ќе влезе на пазарот вреден 35 милијарди долари годишно
Коронавирусот го привлече вниманието кон брзо растечката индустрија на вакцини во светот. Како што пишува CNBC, пазарот на вакцини на планетава пораснал за шест пати во изминативе две децении, и вреди повеќе од 35 милијарди долари денес, според AB Bernstain. Аналитичката компанија вели дека во оваа индустрија се четири главни играчи коишто држат 85% од пазарот – британскиот производител GlaxoSmithKline, француската фармацевтска компанија Sanofi, и американските Merck и Pfizer.
„За секој долар инвестиран во вакцинација во најнеразвиените 94 земји во светот, нето повратот е 44 долари. Тешко е да се борите против овој аргумент“, велат од AB Bernstein. “Овој олигопол е настанат преку значителна пазарна консолидација првенствено придвижена од комплексноста на производството и синџирите на дистрибуција“.
Овие компании веќе ја почнаа трката за креирање вакцина против смртоносниот коронавирус, како и креирање на други лекови против грипот. Инвеститорите пак, таргетираат некои компании од биотехнолошкиот сектор, со надеж дека нивните напори да развијат вакцини и превенција од коронавирусот, еден ден ќе родат со плод и богато ќе ги наградат.
Sanofi се здружи со американската влада со цел да развие вакцина за новиот вирус, надевајќи се дека нивната работа на вакцина проти SARS од 2003 година, ќе го заврза процесот. GlaxoSmithKline изјави дека се здружиле со Коалицијата за епидемиска подготвеност и иновации за разививање на вакцини.
Moderna Therapeutics, биотехнолошка компанија од Кембриџ, Масачусетс, САД, на 25 февруари ги испорача првите пратки од вакцината против коронавирусот или сега веќе познат како COVID – 19. Вакцината е развиена за само 42 дена откако е направена генетичката секвенца на вирусот, наречена SARS – CoV – 2, од страна на кинеските научници, кон средината на јануари. Првите дози на вакцината се испратени во Националниот Институт за алергии и заразни болести (NIAID), каде што треба да ја подготват оваа прва вакцина против коронавирус за тестирање врз луѓе што се очекува да почне во првите денови на април.
Сепак, некаква комерцијална употреба на вакцина против коронавирусот ќе почека извесно време. Експертите предупредија, дека и покрај моменталниот напредок на некои компании, јавноста не треба да очекува вакцина против коронавирусот до почетокот на следната година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×