Космодиск Македонија – шашаво изгледа, ама некако ќе врти!?
Објавено на од во Колумни
zikov kolumnaЕпилогот за Македонија за големо наше чудење и “ретардиран садомазо восхит и расположение” е надежен. Се спасивме и овој пат …!!! Заклучокот е дека оваа “мачка навистина има девет животи” … Македонија е веројатно единствената дражава во светот која, и без своја волја, ќе мора да преживее за инает на сите нејзини топ 100 безначајни и провинцијални, а дебело корумпирани, политичари, интелектуалци, пратеници, медиумски магнати и новинарски дилетанти, дебело и незаслужено исплатени бизнисмени и инвестори, од сите партиски табори и партиски лидери!? Тие го “киднапираа” својот народ и долго го држат во заложништво. Со Договорот од Пржино, сега ЕУ и САД ги “киднапираа” нив. Сите … без исклучок. И допрва нема да знаат што е подобро – затвор или Влада.

1. Со Договорот од Пржино Македонија го доби ДУП-от. Претходно го имавме само ГУП-от. Европската екипа на чело со комесарот Јоханес Хан, а енергично предводена од Викторија Нуланд од американскиот Стејт Департмент, всушност пред две недели ни го донесоа “ДУП-от на Република Македонија”. Оти го имавме само ГУП-от и на него диво изградените институции на земјата, кои едноставно не функционираа оти немаа детален урбанистички план за работа …!?

Со други зборови, со договорот од Пржино, македонската септичка јама решително тргна да се приклучува на главната европска канализациона цевка, и се поради непречен проток на содржината низ неаа … во двата правци наизменично се разбира …!?

И сега гледате ли колку малку требало за да се донесе еден ДУП…
Два шамари на едната страна, два шамари на другата страна, едно “Куманово”, закана дека преку “бомбите” на Заев ќе се отвори и “Смиљковско езеро”, специјален јавен обвинител на 15 септември кој нема да молчи, една, две или три, а можеби и повеќе “клоци у дупе”, најава за неколку криминали кои наскоро ќе се отворат во формална истрага, и нашите лидери паднаа како “мали канаринци кога ќе преживеат во кафез инфаркт среде лето …” Верувајте, се смеат на цел Балкан.

Без разлика што во ВМРО ДПМНЕ и СДСМ секој на свој начин Договорот го гледаат како своја победа, тоа е во суштина колосален македонски пораз. Договорот за големите реформи што и следат на земјата не е донесен во атмосфера на добра волја, напротив донесен е со дестабилизација, политичка и безбедносна, со разорување на економијата и блокада на 170.000 сметки на физички и правни лица, со страв за работење. Договорот е донесен надвор од Парламентот и Владата во една куќа на Водно која во многу наликува на штабовите на Алија Ахмети во Шипковица во 2001 година. Договорот е срочен со непримерен притисок од надвор, невиден отворен притисок, и со малтретирање на мојот премиер, на мојот лидер од опозицијата, со шамарање на уставни институции на мојата држава каде што плаќам данок, со малтретирање на новинари, некои од нив истепани … Ова е срамота!!! Ова држава ли е бре!? И сето ова пред очите на целиот свет … Срамота!

Тие двајца, се викале Никола Груевски и Зоран Заев, или не биле тие сеедно, се институции на нашата земја, а не физички лица. Но, тие се најодговорни за ова. Поддржани од сеирџиите од албанскиот блок испишаа агенда за работа и реформи што, верувајте, отвора нова голема дилема за капацитетот и способноста и политичката волја за спроведување.
Лично мислам дека како ќе проаѓа времето ниту една партија сама во влада не би се нафатила да ги спроведе … !? И ова е централната точка на овој текст.

Заслугите од овој Договор секако ги однесе Јоханес Хан, комесарот за добрососедство (порано ова го викаа проширување) со тоа што направи договор, кој ќе биде поддржан со механизам кој практично значи дека овие четири македонски партии ќе владејат подолго од што треба и од што личи … Знам дека некои од вас сега додека го читаат текстот не се согласуваат со мојата теза, но ќе земам одговорност и ќе прогнозирам дека и по изборите на 24 април, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА заедно ќе продолжат во иста влада!!?? Малку подолу за ова повеќе …

И како што во една друга прилика актуелниот македонски претседател Горге Иванов кажа за македонската демократија и општество: …тоа е како Космодиск, шашаво изгледа ама фукционира … така во оваа прилика ќе потсетам дека по договорите добивме една шашава космодиск Македонија (невидена организација на држава во модерниот свет) која, овој пат со тутор од Брисел (кој практично ги “киднапираше” лидерите), едноставно ќе мора да функционира. Би рекол, дека и не е така лошо. На крајот за арно ќе биде. Удрен печат на колосалната неспособност на оваа генерација македонски политичари кои удавени во барата од корупција, ароганција и незнаење, на крајот по повеќе од две децении независност ја доведоа земјата на столбот на срамот, а ние сите исправени и голи пред целата светска јавност …

2. Кои се пораките што Договорот ги праќа кон домашната и кон меѓународната јавност?

Првата порака е делегитимирање на Владата. Таа понатаму е некредибилна, и неважна во општиот политички и реформски процес на земјата. И затоа нејзиното сегашно опстојување е само губење драгоцено време. Во некои понормални држави, вака постигнат Договор, и со ваква содржина, би значело дека и Премиерот и целата Влада, практично во моментот се паднати … И логично би требало веднаш да си поднесат оставки, со нагон да докажат дека сето ова што се случува е неправедно и да тргнат во докажување на праведноста. А не да ги чекаат формалните рокови од Договорот. Избори на 24 април 2016 година. Добро ….!? Македонија е далеку од нормална држава, затоа што едноставно повеќе од стотина политичари (и од власта и од опозицијата, и од македонскиот и од албанскиот блок), заедно со куп директори се наоѓаат во опасната зона на линијата преку онаа на комфор и слобода … доколку и само еден се откажат од лостовите на одлучување во земјата.
Оттука, однесувањето на Владата е логично … иако не е политички коректно, и е напротив штетно. Секој има не само право, туку и обврска да ја докаже својата морална, политичка и правна исправност и невиност низ строго пропишана демократска процедура … Ако ја нема ќе се пропише. И затоа во неколку наврати напишав … се ќе си дојде на свое место.

Втората порака е дека двете судски заведени постапки, Пуч и Прислушување за Зоран Заев и за Никола Груевски и неговите надлежни раководители ќе ги разгледува ЕУ со помош на лост што се вика независен јавен обвинител. Со ова, двајцата лидери се практично “киднапирани” на подолг рок. Сега ке решаваат и други нешта не само оваа политичка и криминална драма. ЕУ и САД сега гарантираат дека го имаат стапот во рака и така ќе ги наведуваат кон решавање на посакуваните политички правци и цели во идните месеци, а можеби и години.

Третата порака, стапот всушност е кај независниот јавен обвинител кој ќе има мандат да ги процесуира и Пуч и Прислушување … Договорот не е јасен во делот дали е тој единствениот јавен обвинител. Доколку биде навистина независен и полн со храброст и знаење, тогаш тој сигурно и ќе се наметне како единствен затоа што, ако добро погледнеме што се ќе биде предмет на негово работење и процесуирање, тогаш е повеќе од јасно дека во неговите предмети е слеана целата македонска катастрофа од независноста до денес. Тука е ДУП-от, со кој го почнав текстот, драги читатели на Капитал.

Четвртата порака од договорот е дека – се гледа дека ништо не зависело ниту од Македонците, ниту од Албанците и нивните политичари во оваа држава. Меѓународната заедница кога има политичка волја да решава некаков проблем, а притоа земјата да биде нотирана како идна членка на ЕУ, секогаш го има вистинскиот начин.
Да се потсетиме на Ивица Санадер, поранешениот хрватски премиер кој денес лежи во затвор во Хрватска. На една година пред Хрватска да биде примена во ЕУ, кога на земјата и требаше уште една силна тура реформи и манифестација на европска демократија и надежна правна држава, влезе УСКОК во кабинетот на премиерот. Тој мистериозно даде оставка, а потоа за само неколку дена јавно беше приведен. И се во рамките на поглавјата 23 и 24 (владеење на право и справување со организираниот криминал). Така Хрватска ги затвори главите и отиде таму каде и е местото. И Санадер и уште 27 лица само во тој процес отидоа каде што им е местото.
Црна Гора само што ги отвори преговорите заглави на овие две глави. Само пред еден месец (јуни) во Подгорица беше оформено независно јавно обвинителство (стапот)!? Можете да замислите што следи?
Исти беа и големите случаи со неколку романски премиери, како и случаите во Бугарија, Унгарија, Словачка, Чешка, Словенија … Од ова едноставно нема бегање.

Она што ќе го добиеме на предвремените избори на 24 Април 2016 година е следно – поради непродуктивниот и штетен изборен модел, во парламентот повторно ќе бидат застапени пратеници од четирите блока ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА (со се нивните сателити што ги прават демек сенародни блокови). Изборите најверојатно ќе бидат пофер и подемократски од сегашните, и од ОБСЕ И ОДИХР ќе бидат прогласени можеби за најфер и најдемократски досега случени на било која точка на земјината топка. Во меѓувреме “една шака ликови” од Македонија ќе бидат под истрага, а некои во истражен затвор … некои и во Идризово секако …
По 24 април 2014 година резултатите ќе бидат “ниту риба, ниту девојка” … ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат горе – доле изедначени, можеби со блага предност на ВМРО-ДПМНЕ.
Ќе се огласи Хан и ЕУ и ќе каже … Сега е време за политичка одговорност и за решавање на клучните прашања … Името, НАТО и датум за преговори!? Затоа сите во Владата, вие тоа да го решите. Затоа што вие четворицата ги водите партиите што мајка и расплакаа на оваа земја две ипол децении …

3. Сепак, една од главните пораки на Брисел и Вашингтон до сите нас овде е што овој договор ни ги прикажува четворицата безначајни партиски лидери со фуснотата – вие сте одговорни за сета “политичка беда” што му ја приредивте на народот во овие 24 години независност. Вие сте одговорни и за 2001 година, на ист начин како што сте одговорни и за ова денес. Затоа сите внатре”. Каде? Во затвор или во Влада …? Во Влада секако … Но, исто е. Исто ќе биде за нив …
Вие ќе решите се што е важно за Македонија да стане полноправна членка на НАТО до декември 2016 година (!?), а можеби во истиот месец да добие и датум за преговори со ЕУ (!?).
Но, овој пат, ќе работите како ќе ви се каже, а ние знаеме како ќе ве натераме на кооперативност. Исто како што во Шутка или Бардовци прашуваат – “дали пациетот соработува”!?

Токму сега ќе гледаме инфантилни политичари во Македонија и нивни интелектуални и медиумски реплики, а и некои затуцани бизнисмени полни со аргонација поради незаслужено заработените пари, кои ќе се кријат зад закани и тортури. Смирено само, драги мои.
Сите тие, иако “мадињата” им се пристегнати во менгеме ќе продолжат да глумат ароганција, недопирливост, отсуство од суровата реалност, можеби бруталност што веќе и ја гледаме по улиците деновиве … Но, верувајте ќе бидат секогаш тапо загледани во една точка во просторот полни со немоќ, незнаење, немање самопочит кон себе и својот народ, со голема доза на бездушност и колосална некомпетентност ….
Ова ќе биде вака, затоа што дојде времето за добри и важни одлуки. Затоа што се околу нас е НАТО, и веќе забрзано се движи кон ЕУ, само ние седиме укопани. А седнати им сме на главната рута на нивните, не само гасоводни, и не само нафтоводни цевки, туку едноставно на нивните канализациони цевки. И сега им ги запушивме и непријатната миризба и ним им се шири низ воздухот. И затоа сега ни дојде редот да не решат.
А овие нашиве безначајни елити, умислени во своите црни автомобили, со разни нејасни регистерски таблички, од кои половина се бугарски таблички, ќе мора да носат одлуки. И уште долго ќе останат подзинати од чудење … Се додека црните автомобили не бидат амортизирани, а пари за нови ќе нема …

4. Што ќе се случи во наредните девет месеци? И потоа …?

Патот го кажа комесарот Јоханес Хан. По изборите во април ќе следуваат преговорите за името со Грција, па дури дека тој гледа поместување на оваа тема …!? Дали Хан знае нешто повеќе на темава, особено откако Ангела Меркел им пушти пари на Грциве, останува да се види во наредните месеци.
Во меѓувреме, Алексис Ципрас ќе ја зацврсти својата позиција како премиер, по следните избори наесен, или до крајот на годината, што би значело дека и тој ќе биде спремен за да влезе во решавање на проблемот со Македонија …
Независното јавно обвинителство (НЈО) во Скопје ќе биде само алатка за притисок за четирите “киднапирани партиски лидери” од страна на САД и ЕУ. Затоа и прво ќе се формира уште на 15 септември … Многу брзо.

Она што ќе го добиеме на предвремените избори на 24 април 2016 година е следно. Заради непродуктивниот и штетен изборен модел, во парламентот повторно ќе бидат застапени пратеници од четирите блока ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА (со се нивните сателити што ги прават демек сенародни блокови).
Изборите најверојатно ќе бидат пофер и подемократски од сегашните и ќе бидат прогласени можеби за најфер и најдемократски досега случени на било која точка на земјината топка.
Во меѓувреме “една шака ликови” од Македонија ќе бидат под истрага, а некои во истражен затвор … некои и во Идризово секако …

По изборите, на 24 април 2014 година резултатите ќе бидат ниту риба ниту девојка … ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат горе – доле изедначени, можеби со блага предност на ВМРО-ДПМНЕ.
Ќе се огласи Хан и ЕУ и ќе каже … сега е време за политичка одговорност и за решавање на клучните прашања … Името, НАТО и датум за преговори!? Затоа сите во Владата, вие тоа да го решите. Затоа што вие четворицата ги водите партиите што мајка и расплакаа на оваа земја две ипол децении …

Овде при крајот на оваа анализа, драги мои, гледате дека никаде не ги споменав Никола Груевски, Зоран Заев, Алија Ахмети, Мендух Тачи. Од две причини не ги споменувам …
Првата е што тие се крајно небитни ликови во периодот после изборите во април 2016 година. Како ќе се развива филмот Македонија во наредните месеци, ќе гледаме дека од нив поважен ќе стане независниот Јавен обвинител … Некои го викаат Специјален. Како Мурињо. И него го викаат “специјалниот”.
Втората причина е што периодот после изборите во април 2016 година ќе биде време кога ќе се носат силни историски одлуки за Македонија.
Искрено не видов во сите две ипол децении независност на Македонија одговорен политичар со капацитет да се носи со предизвикот на политичкиот момент да биде државник кога треба.

Напротив, како и што гледаме Македонија во сите децинии од осамостојувањето, а особено со изборниот модел од 2001 година добивала инфантилни и деловно импотентни влади составени од министри од кои нема што да чекате. Ниту храброст, ниту кративен резон освен слепа послушност и зачепена уста.
Оттука, една длабока човечка искрена промисла е дека многу е важно за општото здравје на општеството е да добиеме слободни демократски избори. И тука нема никакви дилеми.
Но, овој изборен модел што го има Македонија во закрвавено и блокирано општество со омраза и нетрпеливост, може да испорача слободни демократски избори единствено со политичка волја и диктаторска поставеност на лидерите. Се што е важно за Македонија е донесено изгласано само на ваков начин (погледнете добро – колку лидери на партии се сменети за две ипол децении? И тие што се сменети во какви околности се сменети и поради што?)
И сега, што ако добиеме најдемократски најслободни избори, ако после изборите добиеме импотентна власт која не може решава проблеми (длабоките економски проблеми пред се), туку се решава единствено себеси. Гледаме и слушаме. Така?
И што ако и после таквите избори, лидерите останат и понатаму диктатори кои неминовно во догледно време ќе не доведат до нов зид. И се поради еден крајно несреќен изборен модел за кој ќе пишувам во следниот број на Капитал.
Ги имавме 2001 и 2015 година.., а нашите животи неминовно и немилосрдно заминуваат во напите колосални дилеми – вреди ли овде да се живее ?… Во 2001 година имав 31 година. Денес имам 45 години… А се е исто … Дури и малку полошо!?

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×