Кристијан Даниловски: „Со канцеларија во Холивуд, кон нова етапа од нашиот развој“
Објавено на од во КОМПАНИИ И ПАЗАРИ

Glavna 1Кристијан Даниловски, FX3X,
ексклузивно за „Капитал“:

„Во Холивуд само еднаш можеш да згрешиш, и таму си добар онолку колку што е добар твојот последен проект“, вели основачот на FX3X, Кристијан Даниловски. Дека досега не згрешиле во долгата серија блокбастери на кои работеле и каков е квалитетот што го испорачуваат на најпозната филмска адреса, покажува и новата етапа од нивниот развој чиј битен чекор е отворањето канцеларија на FX3X во Лос Анџелес, во Холивуд

Дози опиплива инспирација, особено за младите во Македонија – во смисла на остварен високо амбициозен сон, со години доаѓаат од слушањето на името FX3X во редовни интервали поврзани со нови успеси. За оваа македонска компанија за анимација и за визуелни ефекти (чие име, ако си дозволиме интерпретација, значи ефект, и тоа триплиран)секогаш има за што и зошто да се пишува. Конкретниот повод „Капитал“ одново да ја посети FX3X беше премиерата на новиот блокбастер во кој таа учествува со својата специјалност. Се работи за новиот филм за марвеловиот супер-јунак, човекот-пајак, „Спајдермен: Враќање дома“ (Spider-Man: Homecoming), кој само во првиот викенд од прикажувањето во САД заработи 117 милиони долари.

Во прилог на погоре изнесеното тврдење за инспирацијата што ја зрачи FX3X, односно за постојаното додавање уверливост на ова конто, веднаш по пристигнувањето во просториите на компанијата ексклузивно ја дознавме новоста во нејзиното работење, отворањето на канцеларија во Лос Анџелес, во Холивуд. Значењето на овој потег кога сте во големиот филмски бизнис не треба да се објаснува.

„Канцеларијата во Холивуд е битен чекор во нашиот развој“, сепак ни  потенцираше косопственикот и основач на FX3X, Кристијан Даниловски. Објектот е сместен во старото, оригинално студио на легендарниот Чарли Чаплин, кое на посетителите на квартот од Лос Анџелес што е филмски епицентар на светот, туристичките водичи им го посочуваат како локација што мора да се види.

„Веќе четиринаесетта година работиме со Холивуд, и на почетокот на оваа година отворивме канцеларија во Лос Анџелес, во Холивуд, во старото, оригиналното студио на Чарли Чаплин. Таму имаме наши канцеларии и за комуникација и за презентација. Во самото студио имаме и наша опрема за „ловење“ на движења (motion capture – Mo-cap), сместена на 1.100 квадратни метри. Уште едно такво студио имаме и овде, клон во Скопје, каде развиваме наша технологија. Се користи најмодерна технологија за виртуелна присутност или комуникација меѓу нашите локации во Скопје и во Лос Анџелес. Сѐ e направено да имаме што подобра комуникација со нашите потенцијални клиенти и соработници во Лос Анџелес, каде реално е лоциран нашиот пазар“, вели Даниловски.

Во канцеларијата работат продуцент и супервизор како локално, холивудско присуство на FX3X.

„Засега функционира многу добро; малку и ја проширивме канцеларијата кон средината на годинава, и веќе почнавме со работа на нови холивудски филмови токму преку оваа канцеларија“.

Кои се овие нови филмови, Даниловски не можеше да ни одговори: „Во оваа фаза обврзани сме на дискреција“.

„Во секој момент работиме на нови филмски проекти. Најново што излезе од кај нас е „Спајдермен“, последен во серијата блокбастери (на овој проект работеле од јануари до мај оваа година, со тим од околу 70 артисти). Работиме доста и за американските телевизии. Лани бевме дел од Game of Thrones, годинава цела анимирана серија се изведе кај нас, Splash and Bubbles (во продукција на The Jim Henson Company – Џим Хенсон е креаторот на The Muppet Show). Се работи за вистински голема серија од 80 епизоди од по 11 минути, направена за рекордно време според стандардите на нашата индустрија“, објасни Даниловски.

Секогаш има следно ниво

Имајќи предвид дека FX3X веќе со години работи на врвни филмски проекти, го прашавме Даниловски каде и како понатаму би се развивала компанијата. Има ли следно ниво?

„Секогаш и за сите има следно ниво, дури и за најголемите. Ние на светско ниво сме уште мала компанија. Работиме на светски врвни проекти и би сакале и квантитативно и квалитативно да бидеме уште поинволвирани во нив.  Следните чекори би биле да бидеме меѓу неколкуте големи компании во светот. Кон тоа стремиме. Се надеваме наскоро, во наредниве година-две, да станеме средна компанија на светско ниво во нашата индустрија, па во одредена перспектива да станеме и голема компанија“, ни одговори основачот на FX3X.

Основаноста, пак, на овие очекувања доаѓа од фактите за FX3X, како тој дека „Спајдермен: Враќање дома“ е веќе четиринаесетти марвелов филм на кој работеле.

„Во Холивуд само еднаш можеш да згрешиш, и таму си добар онолку колку што е добар твојот последен проект. Се работи максимално професионално, човек не смее да се олабави, конкуренцијата е глобална, остра, од Кина, Индија, Канада … каде имаат и субвенции од над 50%. Се разбира дека секогаш мораме да бидеме конкурентни по секоја основа: неспорен квалитет, испорака … Голема гордост за нас е што работиме на толку многу филмови со врвни ефекти“, вели Даниловски.

Тој во контекст на погоре кажаното за безмилосноста на холивудските стандарди и очекувања вели дека „една од убавите работи е што клиентите со кои работиме веќе ни се клиенти со години“.

„Тоа зборува за квалитетот што го испорачуваме. Од кога почнавме да соработуваме со Холивуд јуначки се бориме да го задржиме местото под сонцето таму, постојано внесуваме иновации … И, сѐ уште се држиме до мотото што го воспоставивме кога почнавме да работиме со Холивуд:„Star performance without a star attitude“, што во слободен превод значи испорачување врвен квалитет, но секогаш со приземјено примање на заслугите“. Со канцеларијата во Холивуд, FX3X очекуваат дa направат битен чекор од растот кон средно ниво на компанија од нивниот бизнис според глобалните стандарди, и сметаат дека голем дел од работата ќе доаѓа оттаму.

„Глобално сме ориентирани, нѐ контактираат компании од Кина, од Велика Британија, од Канада …“, вели Даниловски.

[caption id="attachment_47228" align="alignleft" width="700"]fx3x_team (1) Во дворот на канцеларијата во Лос Анџелес, сместена во оригиналното студио на Чаплин, во „Стариот Холивуд“. Од лево кон десно: Стефан Вајлд, директор на дигиталното студио во Henson’s; Миливоје Ѓорѓевиќ и Кристијан Даниловски, основачи и сопственици на FX3X; и Александар Ѓорѓевиќ, директор на одделот за аудио монтажа и звук[/caption]

Тим од 280 млади луѓе – сите од Македонија

Во Скопје тимот на FX3X има 280 вработени. Го прашавме Даниловски од каде и како доаѓаат луѓето во компанијата?

„Тимот во Скопје е исклучиво од Македонија. Се работи за луѓе кои се долг период со нас, талентирани и проверени, и едуцирани – најголемиот дел од нив, во FX3X. Дел од нив работеле овде, па во некои од најголемите светски компании во индустријата, па се вратиле и го пренесуваат нивното знаење“, објасни Даниловски, кој вели дека од самиот почеток идејата била FX3X да биде македонска компанија и во оваа смисла на зборот.

Времето потребно за артистите да се дооформат до нивото потребно за да работат на проект во рамките на FX3X сѐ повеќе се намалува, зашто во соработка со неколку овдешни факултети што имаат допирни точки со работата на компанијата, истата развива одредена академска содржина со која барем делумно може да се образува кадар, со чие доаѓање во FX3X се заокружува процесот.

Во неколку наврати во компанијата гостувале и врвни светски експерти кои унапредувале одредени делови од работењето – тренинг на артисти, технолошки, организациски, продукциски; за да се имплементираат светските стандарди.

„Соработуваме со студија кои нам ни се сон, како што ние сме им сон на младите во Македонија. Кога ги гледаме нив, тие ни се репер до каде сме. Постојано соработуваме со луѓето на врвот во оваа индустрија. Тоа е дополнителна сатисфакција“, велат од FX3X.

Во контекст на споменатиот сон, се присетија и на нивниот прв (и успешен) обид за влез во Холивуд, и на последувателната серија учества во големи проекти, а која некои луѓе од индустријата си ја објаснувале и со „луда среќа“.

„Кога се враќаме наназад сами на себе си изгледаме како лудо храбри млади луѓе кои беа спремни по секоја цена да влезат во Холивуд. Настапивме со герила маркетинг, со најмал штанд таму, со минимални инвестиции за тој стандард, но максимални за нас. Нѐ биеше глас на почетокот, дека сме студио со луда среќа. Прв проект ни беше „Авијатичарот“ (The Aviator) на Скорсезе, малку потоа падна номинација за ЕМИ (2007), малку потоа дојде „Златен компас“ (The Golden Compass) – проект на кој работевме што доби Оскар, и имаше луѓе од индустријата што ни викаа: 20 години сум во индустријава и не сум влегол во Kodak Theatre – вие стварно сте среќни! Но, среќа не може да биде 20 години. Треба да се докажеш“.

На FX3X очигледно, и покрај сите успеси, не им се исцрпени мотивите да се докажуваат. Даниловски покрај ексклузивата за канцеларијата во Холивуд, ни го откри (и при прошетката низ различните оддели на компанијата ни го покажа) и новиот оддел за видео игрии за виртуелна реалност. Како што ни објаснија, во овој дел компанијата игра на нејзините силни страни, што значи визуелно побогати игри за мобилни платформи.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×