Кукавицата одлета, гнездото полно јајца
Објавено на од во Коментари и анализи
На Никола Груевски не смееше да му се дозволи да избега, по ниедна цена, во никаков случај, на никаков начин. Тоа беше главна политичка задача на оваа власт. Толку!
Оттука натаму, дали Унгарија ќе ни го испорача нам, или на Москва или Белизе, дали Орбан ќе се скара со ЕУ, дали ние ќе останеме шокирани не само од нашата неспособност, туку и од европската непринципиелност, дали неговите вмровски пајташи ќе корнат коси соочени со сопствената колосална глупавост што тие ќе лежат, додека тој шета, дали и кога и како тој ќе се врати во Македонија… веќе не е ни важно!

 

 

“И да ја избегнете денес, не можете да ја избегнете одговорноста утре“ А. Линколн

Мртва трка се води во баналноста и дрскоста на јавните реакции и изјавите од властодршците откако поранешниот премиер Никола Груевски одлучи дека поарно му е да оди во Будимпешта отколку во затвор.

Екс – лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, човекот под чијашто капа Македонија се претвори во киднапирана и заробена држава, со отворени случаи за корупција и криминал од невидени размери, соочен со обврската да си свитка опашка, да преземе одговорност и да се соочи со првата казна за злоделата, избра да избега.
Дека го има снемано се разбра официјално во петокот кога судските курири не успеаја да му го достават решението на Советот на судот со кое се одбива неговата жалба во однос на двегодишната затворска казна за „Тенк“, ама паника кренаа само граѓаните по социјалните мрежи кои веќе намирисаа што се случува.

По редот на нештата македонските институции немаат обврска, а со тоа ни намера да паничат кога ќе снема криминалец за време на викенд – Судот не работи, а без Судот, полицијата не можела да мрдне со прст оти нејзиниот прв човек, Оливер Спасовски има научено од неговата претходничка дека во оваа држава се работи исклучиво „според Уставот и законите“.

„Факт е дека Груевски не ја напуштил Македонија во понеделникот по 16.30 часот, а ние имаме надлежност од тогаш“ вели министерот за внатрешни работи, објаснувајќи како го поминале викендот.

Притоа, тој додава:
„Ние како МВР направивме сè што е дозволено. Улогата на полицијата во едно демократско општество е да работи врз основа на строго предвидени правила и норми. Се друго е авторитарно делување. Македонија не е авторитарна, туку демократска држава.“ вели Спасовски.
Нема ништо погрешно во овој став на првиот полицаец. Напротив, во една правна држава што се’ уште е во изградба, треба да се биде уште повеќе и дополнително внимателен кога се дефинираат надлежности и кога строго се одредува одговорноста. Но, има еден мал проблем, Спасовски говори полувистини. Точно е дека МВР нема направено ништо надвор од правилата со што спречено е авторитарно дејствување, но паралелно со тоа, дали навистина направиле и се’ што е дозволено? Познавачите не велат така.

На пример, сериозни извори од МВР уверуваат дека во полициската работа постоело нешто што се нарекува „оперативен надзор“ и дека таков надзор може да се донесе и без никаква одлука од суд, доколку надзорот се спроведува врз лице или објект што е безбедносно интересено за службата (било БЈБ било УБК). Чул ли Спасовски за нешто вакво?

Нема ништо поинфантилно од изјава во којашто министер кому му бега, ни помалку ни повеќе, туку лично Груевски пред нос, вели дека неговата надлежност почнувала од тој и тој датум, во толку и толку часот. Што треба тоа да значи? Дека целиот викенд Спасовски го поминал во грч чекајќи ја минутата да му почне надлежноста за да може да заклучи дека Груевски го нема па? И дали навистина на шефот на македонските внатрешни работи рацете му се вака врзани кога синонимот за македонскиот криминал се наоѓа во „непознат правец“!?

Претседателот на Кривичниот суд, пак, Иван Џолев исто не мисли така. Тој јасно посочува дека не треба да се заборави оти МВР може да дејствува и самоиницијативно (!) кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување на некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата. Судијата, на пример, освен во МВР прстот го вперува и во Обвинителството од каде што во случајов воопшто не е побарана мерка притвор. Обвинителката Катица Јанева кажа дека не е многу среќна со префрлање на вината низ институциите, ама дека нивната проценка дека не мора притвор се должела на фактот што Груевски редовно се јавувал во суд и не давал знаци дека планира да го снема.

Од каде е убеденоста на македонските институции дека воопшто прават добри проценки за идеите за движење на осомничените и осудени криминалци, кога Груевски не е прв, туку трет бегалец што СЈО го гони, (овде не се работи ни за обичен осомничен или осуден, туку за НЕГО лично) не е јасно, ама сето ова отсликува еден крајно несериозен однос кон клучните судските процеси во земјава. Одговорноста тука е на толку многу нивоа, (судство, обвинителство, извршна власт), справувањето со исчезнувањето беше таков невешт театар и понижување за македонската правна држава и полиција (и пред се’ народ), што не е јасно дали воопшто е можно да се работи за неспособност и погрешна проценка, па со право, овој манипулиран, ограбен и намачен народ се сомнева во секакви сценарија за разно-разни пазари и договори, обоени со топлите бои на помирувачкиот и помилувачки меден наратив.
Премиерот Зоран Заев, од друга страна вели дека одговорност мора да има, само очигледно и тој прави погрешна проценка, ем во тајмингот, ем во проценките на народот за големината на моралот на Груевски, па се’ уште и тој и неговата партија се заглавени во „згрозеност“ од карактерните особини на екс премиерот, што токму граѓаните ги знаат најдобро, оти ги чувствуваа на свој грб цела деценија.

„Дојде моментот да се прифати одговорноста. Груевски избега како кукавица надвор од Македонија. Тоа е потврда дека е виновен, а казните мора да бидат одлежани. Ние ќе направиме се, за да го испорачаме назад Груевски“, вели премиерот заборавајќи дека прво, тие мораа да направат се’ за Груевски да не мора да го враќаме назад, а второ дека моментот за прифаќање на одговорност одамна е дојден, ама дека нема кукавица на свет што истиот би го прифатила и би се соочила. И тоа неговата власт мораше да го знае!

Исто како што мораше да знае дека нам не ни треба потврда дека Груевски е виновен, таква потврда ни даде судот, си има пресуда, па оттука со неговото бегство нема што да се докажува освен нефункционирањето на системот. Ништо повеќе.

Ваквата политичка (во најблага форма речено) наива во описот на оваа катастрофа, е содржана во настапите на сите повеќе или помалку инволвирани, кои фактите и нивната тежина упорно се трудат да ги исперат на 90-ка, за да излезат истуткани и смалени, сосема надвор од првичниот и главен контекст, со што само расте гневот кај граѓаните желни за право и правда. А фактите се многу прости – на Никола Груевски не смееше да му се дозволи да избега, по ниедна цена, во никаков случај, на никаков начин. Тоа беше главна политичка задача на оваа власт. Толку!

Оттука натаму, дали Унгарија ќе ни го испорача нам, или на Москва или Белизе, дали Орбан ќе се скара со ЕУ, дали ние ќе останеме шокирани не само од нашата неспособност, туку и од европската непринципиелност, дали неговите вмровски пајташи ќе корнат коси соочени со сопствената колосална глупавост што тие ќе лежат, додека тој шета, дали и кога и како тој ќе се врати во Македонија… веќе не е ни важно.

Никола Груевски мораше да биде во затвор.
Никола Груевски воопшто не смееше да избега.
И да – можеби (се’ уште) не знаеме кој е најмногу, ама Никола Груевски е дефинитивно најмалку виновен за овој државен пораз.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×