Лаура Ковеши, шеф на Националната агенција за борба со корупцијата во Романија:
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

05-laura-codruta-kovesi WEB„Со нашите истраги во државниот буџет се вратија 660 милиони евра само во 2016“

Осудените за корупција во Романија во 2006 година, пред ерата на Ковеши, биле 155, а меѓу нив немало лица на одговорни државни позиции. Веќе во 2016 година нивниот број бил 870 осудени, меѓу кои има и министри, сенатори, пратеници, европратеник, судии, градоначалници и луѓе на други високи државни функции

 

Независност на судскиот систем, независна специјализирана структура за борба со корупцијата, закони што ќе им дадат инструменти на обвинителите, и административна поддршка. Овие четири услови, како апсолутно задолжителни за борба со корупцијата, ги исцрта Лаура Ковеши – главниот обвинител на Националната агенција за борба со корупцијата во Романија, (ДНА) која претходната недела беше во Бугарија по покана на претседателот на тамошниот Врховен касационен суд, и учествуваше на конференција за романските антикорупциски искуства.

Ковеши на конференцијата раскажа како функционира агенцијата што ја предводи, каква ѝ е ефикасноста, и каква доверба ужива кај граѓаните. Таа рече дека иако главен обвинител, нема право да им кажува на обвинителите вработени во агенцијата да почнат или да затворат одредена истрага. Единствениот критериум што се проверува е дали има доволно докази во документите што ги изготвиле обвинителите.

Ковеши потенцира дека во Романија одбивањето на обвинителството да почне истрага кога има индиции подлежи на судска контрола.

Главниот обвинител на ДНА вели дека е многу важна независноста на обвинителите, која не смее да се заборави дека подразбира голема одговорност. Дополни дека дејствата на агенцијата се проверуваат на два начини – еднаш од страна на судот при поднесување на обвинението, а посебно дејствата од истрагата ги следи и судска инспекција, што е под контрола на Високиот судски совет. Освен ова, агенцијата не ги избира сама случаите на кои ќе работи, туку законот недвосмислено посочува кога и во какви околности овој орган почнува истрага. Ковеши изјави дека вработените во агенцијата не одат на работа со мислата – „ајде сега да почнам истрага за некој пратеник“, туку секое дејство мора да почива на законот.

Лаура Ковеши објасни и како се избираат обвинителите што се дел од антикорупцискиот орган што таа го предводи. Имено, обвинителите со ваква амбиција поминуваат интервју на кое присуствува и психолог, за да оцени колку се проактивни и храбри, и како реагираат на стрес.

Кандидатите за обвинители во ова специјално обвинителство треба да имаат 6 години стаж (како обвинители), и откако ќе го поминат интервјуто, имињата на избраните се испраќаат до Високиот судски совет, кој го прави конечниот избор меѓу кандидатите.

Ковеши откри дека од над 160 обвинители во агенцијата, 20 раководат со истрагите, а останатите ги застапуваат случаите во судските сали. Таму последниве внимателно ги слушаат аргументите на адвокатите на обвинетите и ги споделуваат со оние обвинители кои ја раководат конкретната истрага; потоа ги анализираат, и така заедно ја усовршуваат тезата на обвинителството.

Романската антикорупционерка потенцира дека кога е во прашање профилот на обвинителите од агенцијата, за нив освен зачувувањето на достоинството, посветеноста и храброста, многу е важна и професионалната подготовка.

Затоа во нејзината агенција обвинителите специјализираат за истражување и за докажување на различни кривични дела – класична корупција, перење на пари, јавни набавки, злоупотреба на еврофондови …

„Не може да си сејадец“, изјави Ковеши, и дополни дека кога обвинителите се занимаваат и со кражби, и со убиства, и со корупција, тешко е да бидат добри во сѐ.

Обвинителката рече дека 85% од истрагите за корупција во Романија почнуваат по сигнали од граѓани и од правни лица. Ковеши раскажа и за формирањето на заедничка комисија од обвинителите од агенцијата и од претставници на медиумите, на која разгледувале колку, кога и каква информација од истрагите да стане достапна за јавноста, за да не им се попречи на истите.

Инаку, има одлука сите обвинителски и судски акти да бидат јавни.

На овој начин секој обвинител внимава сѐ што работи да биде беспрекорно поткрепено од законот и од фактите, зашто знае дека тоа ќе биде ставено на увид и на јавноста. На ваков начин од 2016 година, во споредба со 2015, довербата кон институцијата од 30% се искачила на над 55%.

Романската обвинителкаобјасни дека во нејзината агенција работат полицајци кои не се директно подредени на министерот за внатрешни работи, како и различни специјалисти, како финансиски и ИТ експерти. Агенцијата соработува и со орган што ги следи имотните состојби на судиите и на другите вршители на државни функции, зашто често откако ќе дознаат дека се предмет на истрага тие почнуваат да го префрлаат имотот во странство. На овој начин романските органи ги удвојуваат кривичните и финансиските истраги. Ковеши рече дека во вакви случаи е важна меѓународната соработка.

Буџетот на агенцијата што ја предводи таа е 40 милиони евра, а овој орган за државниот буџет обезбедил над 660 милиони евра само минатата година. Како што вели обвинителката, успехот на агенцијата е успех на целото општество.

Ковеши претстави и детална статистика за работата на нејзината агенција. На пример, осудените за корупција во 2006 година биле 155, а меѓу нив немало лица на одговорни државни позиции. Веќе во 2016 година нивниот број е 870 осудени, меѓу кои има и министри, сенатори, пратеници, европратеник, судии, градоначалници и луѓе на други високи државни функции. Во оваа бројка влегуваат само правосилните пресуди, а освен нив има и друго 600 осудени, чии пресуди уште не влегле во сила. Лани романските судови вратиле само 6 дела во агенцијата.

Ковеши рече дека помала е успешноста на агенцијата кога станува збор за одземањето на имунитетот на лица кои го имаат, а се под истрага. Тука успешноста е околу 50%. Во Романија има два вида имунитет – едниот е на претставниците на извршната власт – министрите, кои таму имаат доживотен имунитет за извршеното од нив во тек на мандатот. Тоа значи дека ако обвинителот не побара симнување на ваквата нивна заштита за време на нивниот мандат, после тоа нема како да го стори тоа.

Во Романија нема специјализиран суд за предметите на агенцијата што ја предводи Ковеши, но таа потенцира дека од тоа нема ни потреба во услови на добра соработка со судовите.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×