„Русија е подготвена и во иднина да им дава поддршка на српските партнери во одбраната на легитимните национални интереси во однос на Косово, пред сѐ во меѓународните структури“, порачува шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во писмо до српскиот колега, Ивица Дачиќ.
Во писмото, а во врска со упадот на косовските специјалци во Косовска Митровица и апсењето на директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, Лавров го известува Белград дека се упатени „соодветни инструкции до постојаните претставници на Русија во ОН во Њујорк, како и до ЕУ и до НАТО во Брисел, и ОБСЕ во Виена“.
Лавров во возвратното писмо до Дачиќ, кој по драматичните случувања на северот на Косово упати допис до сите членки на ОН, го известува шефот на српската дипломатија дека „целосно ги дели оцените“ што ги изнел Дачиќ.