Луиџи Зингалес: Мора да постои некаква борба против монополите
Објавено на од во Економија
 Луиџи Зингалес, професор по претприемништво и финасии на Универзитетот во Чикаго, во интервјуто дадено за Македонската информативна агенција (МИА), вели дека „најголемиот проблем не е само нееднаквоста туку и фактот што еден значителен дел на луѓе не чувствуваат никакви придобивки од развојот“, како и тоа дека „политиките на пристрасност се главниот извор на нееднаквост“.
луигиСостојбата на нееднаквоста во распределбата на приходите во општествата денес е глобален феномен, а во развоените земји како САД покажува тренд на пораст.Кои би биле мерките кои ги предлагате за справување со последиците, односно градење поправедно општество со порамномерна распеделба на приходите во општествата?
Важно е да се напомене дека нееднаквоста во приходите се чини е во пораст во рамките на секоја земја поединечно. Но, не и во светот. Ако ја земете целата светска популација, ќе видите дека има земји кои порано биле сиромашни, како на пример Кина, неверојатно многу корумпирани. Нееднаквоста во приходите на глобално ниво се намалува. Но, во рамките на секоја земја поединечно, има тенденција на зголемување. Исто така, нееднаквоста кај развиените земји, како на пример САД, се разликува од онаа во замјите кои се повеќе во развој, како на пример Северна Македонија. Затоа, какви решенија би биле соодветни зависи од тоа за каква земја станува збор. Уште една работа која е многу важна, барем од моја перспектива, е дека најголемиот проблем не е само нееднаквоста туку и фактот што еден значителен дел на луѓе не чувствуваат никакви придобивки од развојот. Така, во последниве 30 години, нееднаквоста е во пораст во Кина исто како што е и во САД. Меѓутоа, за разлика од САД, каде што многу луѓе се загрижени поради тоа, во Кина само неколкумина обрнуваат внимание. Зошто е тоа така? Затоа што Кина доживеа извонреден раст и секој имаше придобивки од тој раст. Во САД, поголениот дел од популацијата нема никакви придобивки од растот. Затоа, јас сум за раст што би овозможил секој да има придобивки. Во земја како што е САД, како подобар пристап прво би ја издвоил борбата против концентрацијата на моќ во многу индустрии, вклучувајќи ја и дигиталната индустрија. Потоа, зајакнување на преговарачката моќ на работниците преку зголемување на минималната плата, или зголемување на моќта на синдикатите за да се неутрализира моќта на компаниите.
Дали овие мерки што ги препорачувате се прифатливи и за земјите во развој како Северна Македонија, каде исто така е присутна нееднаквост во распределбата на приходите, а 22,2 отсто од населението е сиромашно според статистичките податоци? 
Во однос на земјите во развој, сметам дека главен приоритет е да се достигне нивото на другите земји. А, тоа може да се случи ако земјата се отвори кон надвор. Знам дека се обидувате да влезете во ЕУ и долги години бевте блокирани поради смешна причина, за името. Но, да се надеваме дека ќе успеете, а со тоа и економијата на Северна Македонија полесно ќе го достигне нивото на земјите од Европа. Главен приоритет е растот, а не намалување на нееднаквоста. Социјалистите, на пример, беа добри во редуцирање на нееднаквоста, но создадоа подеднаквост во сиромаштијата, но тоа не е она што го сакаме.
Дали даночната политика е главниот начин преку кој може да се влијае врз нееднаквоста во земјите во развој? 
Секако, фискалната политика може да неутрализира дел од ефектите на нееднаквоста, а тоа е и една од нејзините улоги. Сепак, првиот чекор е на секого да му се овозможи образование и работа. Сигурен сум дека не би сакале да имаме ситуација каде грото од населението живее на социјално од државата. Сакаме земја во која има можности за секого, а тоа, според мене, се постигнува на два начина. Прво, овозможување на подеднакви услови за сите. Не знам точно како е во Северна Македонија, но во повеќето земји, поврзаноста со власта ви дава огромна предност. Тоа е еден од најголемите извори на богатство. Ако ги погледнете луѓето кои се побогати, што мислите, како се збогатиле? Да не го измислисле новиот Apple, или се збогатиле затоа што имаат врски со власта? Политиките на пристрасност се главниот извор на нееднаквост. Потребна е многу поголема и потполна транспарентност во однос на тоа кој што и како има. Бидејќи така ќе нема повеќе корупција, перење пари и проневери. Затоа, сметам дека транспарентноста е најзначајна во овозможувањето на подеднакви услови за сите.
Дали ММФ и СБ можат со своите инструменти да влијаат на намалување на нееднаквоста?
Пред сè, дали е тоа дел од нивната мисија? Имам мала резерва кога институциите преземаат задачи што не се дел од нивната мисија, затоа што тоа би било произволно делување. Сферата на делување на Светска банка е повеќе во насока на ставање крај на сиромаштијата. Сиромаштија не е исто со нееднаквост, но има поголема поврзаност. Меѓународниот монетарен фонд е повеќе за стабилност. Не сум сигурен дека неговата задача е борба против нееднаквоста. Но, голем дел од овие меѓународни организации всушност се во многу неповолна положба затоа што се состојат од технократи кои го зборуваат само англискиот јазик. Така, кога одат во некоја земја им треба елитата на таа земја која зборува англиски јазик и која воглавно ја сочинуваат олигарсите кои многу добро можат да се разберат еден со друг. Многу е тешко за таквата институција вистински да ги разбере потребите на луѓето и да одговори на нив.
Како го објаснувате феноменот на „Жолтите елеци“ во Франција?
Жолтите елеци се манифестација на голем дел од популацијата што се чувствува запоставено. Во Франција, тоа се изрази преку овој револт, во Италија преку многубројните гласови за популистичките партии, но она што е заедничко за сите е манифестација на длабоко незадоволство. Комбинацијата од систем кој не овозможува раст за сите и систем кој е многу нефер и корумпиран навистина е масло во популистичкиот оган и сметам дека треба многу да внимаваме за да ја сведеме на минимум штетата од овој оган.
Во вашето обраќање до дипломците на Универзитетот во Чикаго ги советувате меѓу другото да се борат против монополите. „За борба против монополите, не е доволна вашата моќ како работници, потрошувачи и инвеститори. Клучно е вашето учество во политичкиот процес. Ова не е борба на републиканците или демократите, туку е борба на Америка која се роди од борбата против монополите. Што точно сакате да кажете со тоа што инсистирате на учество во политичкиот процес?
Неодамна им го дадов тој совет на студентите. Кога им се обратив, прво им зборував за тоа како може да влијаат на својот избор за кого ќе работат, што ќе работат, како ќе трошат, и како ќе инвестираат. Мислам дека многу може да се постигне. Многу млади луѓе во Америка се обесхрабрени од ситуацијата, а јас им велам „Можности постојат“. Само треба да се обрне малку внимание и да се плати мала цена – ништо не е бесплатно. Но, свесен сум дека кога една фирма е монопол, можностите се ограничени. Всушност, политичкиот процес треба да се бори против монополот. Затоа, луѓето прво треба да сфатат кои се штетите од монополот, а потоа, да ја изразат својата загриженост на политичката арена. Тука не се работи за тоа дали некој е ориентиран лево или десно, туку вклучени се сите и тоа е пораката, бидејќи многу често политиката се толкува само како пристрасна политика и борба за моќ. Но, тука станува збор за поголеми идеи и без разлика на која страна од политичкиот спектрум ќе завршиме, секогаш мора да постои некаква борба против монополите.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×