Љупчо Зиков: Буџетот и доктрината на оваа Влада!
Објавено на од во Колумни

Zikov-kolumnaВладата ќе води политика на обемни буџети. Тоа е добро. Повеќе години, на овие страници, и во други форуми, лично се залагам за политики на поголем државен Буџет (со задолжување затоа што друга опција сега нема). Затоа што за да влезе во фазите на високи стапки на раст, над 5% годишно, Македонија ќе треба најнапред да создаде услови за тоа. А тоа е реалокација на инвестициите од едни сектори во други сектори кои ќе бидат мотори на тој раст. Тоа не може да се очекува да го направат компаниите преку банките сами.

Има нешто доволно моќно кај оваа Влада, што сакам да го потенцирам во денешнава колумна, а тоа е нејзината дрска храброст да отвори и „пукне„ толку суштински прашања. Не, не мислам овој пат за дрските потези во надворешната политика, особено на Балканот (Бугарија и Грција). И не мислам на темата на неделата околу, веќе очигледно, покажаната цврста решителност за расчистување на некои криминално – пучистички дејствија на сегашната опозиција од 27 април годинава. Во овој дел се си тера некако чекор по чекор. Но, како багер. Споро, но гази јако!

Овде мислам, на храбриот и одважно заземен став околу задолжувањето на земјата. Што сакам да кажам?

Разликата меѓу оваа влада и претходната на Никола Груевски е што тој агресивно се задолжуваше, но молчеше. Ако може никој да не знае и да не слушне. Тоа го правеше на нетранспарентен начин, арогантно со единствена намера да не кажува за да не го прашуваат и да не му предлагаат како да ги троши парите. Тие што не пиеја нафта и прашуваа, завршуваа како што знаеме. Не многу славно.

Видовме како ги трошеше парите!? Ја задолжи земјата, а народот на кој толку ревносно се повикува го удави во историја. Го затрупа со голи бели фино исклесани камења! Сега живееме со спомениците, и историјата, еден покрај друг. Јадеме од тоа. И се јадеме меѓу себе. Отуѓени, неразбрани, немоќни, поразени, сиромашни … Спомениците ни се се што имаме. Како што вели еден мој пријател – „народ со толку многу споменици и приказни сигурно заслужува подобра историја и георграфија„. И, пак, задолжени.

 

Оттука, од тоа како го составува Буџетот за 2018 година, како и од јавно прокламираната политика на задолжувања што ќе се води во наредните години, владата на Зоран Заев стави на знаење неколку важни работи.

Прво, Владата ќе продолжи да се задолжува. Тоа што го гледаме е дека таа прилично јасно го кажува тоа. Го прави транспарентно и дозволува дебата. И ако малку подлабоко се навлезе во оваа фаза овие денови, таа кажува и каде планира да ги троши парите на овој најголем во историјата Буџет (3,4 милијарди евра).

Второ, Владата на Зоран Заев признава дека долгот на државата што го остави владата на Никола Груевски е со лоша структура. Практично ќе мора да се врати агресивно, и принципиелно, како што е договарано со меѓународните кредитори и домашните банки … Но, при тоа се гледа дека Владата се заложила да се изгради нова, поквалитетна, позиција на Македонија пред меѓународните кредитори за да биде покредибилна за нови задолжувања. Најавата дека во следните години ќе треба да се задолжиме околу 2,1 милијарда евра упатува на токму тој заклучок. Добро е ова.

Второ, ќе се води политика на обемни буџети. Тоа е добро. Повеќе години, на овие страници, и во други форуми, лично се залагам за политики на поголем државен Буџет (со задолжување). Затоа што за да влезе во фазите на високи стапки на раст (над 5% годишно) на БДП (Бруто општествениот производ), Македонија ќе треба најнапред да создаде услови за тоа. А тоа е реалокација на инвестициите од едни сектори во други сектори, кои ќе бидат мотори на тој раст. Тоа не може да се очекува да го направат компаниите преку банките сами. Затоа што македонската економија не поседува силни компании, па ако сакате не поседува ни силни банки, што можат да ја пратат оваа стратешка цел. Дополнително македонските фирми во моментот се многу задолжени, квалитетно изрекетирани од претходната власт, а тоа рекетирање траеше 11 години, „исцедени„ како лимон, а основачите на тие фирми, менаџерите, па и работниците се крајно демотивирани за да продолжат да работат, … и сега лежат полумртви на површината на она што значи „економска морска повшина„ во период после цунами. Дополнителен проблем е што младите луѓе кои треба да бидат контингентот на нови претприемачи и покренувачи на бизниси, забрзано се исселуваат. И во овој момент.


Budget 1Македонската економија не поседува силни компании, па ако сакате не поседува ни силни банки, што можат да ја пратат стратешката цел – високи стапки на раст од 5% и тоа повеќе години едно по друго. Тие се многу задолжени, квалитетно изрекетирани од претходната власт, а тоа рекетирање траеше 11 години, „исцедени„ како лимон, а основачите на тие фирми, менаџерите, па и работниците се крајно демотивирани за да продолжат да работат, … и сега лежат полумртви на она што значи „економска површина„ во период после цунами. Дополнителен проблем е што младите луѓе кои треба да бидат контингентот на нови претприемачи и покренувачи на бизниси, забрзано се исселуваат. И во овој момент.


Оттука, она што Буџетот мора да го направи, а се гледа дека со годинашниов предлог, тоа се прави, е државата да се појави како главен играч во остварување на стратешката цел – постигнување на високи стапки на раст. Проценката е дека овој раст ќе се обезбеди повторно во секторите каде покрива градежништвото, особено делот на изградба на нови патишта, пругата кон Бугарија. Оваа Влада се разликува од претходната по тоа што суштински разбира (барем сега на почетокот од својот мандат) дека силните и брзи комуникации се основа за развој на економијата. Значи, не за споменици и за историја, туку за комуникации, отвореност и развој.

Не дека и Груевски тоа не го сфати на крајот од својата премиерска кариера, но да беше суштински поискрен тоа ќе го правеше секоја година во голем дел и со сопствениот финансиски потенцијал, а не со кинеските кредити (на кои како што слушаме можеби се лапале и дебели провизии). За истите тие патишта пред Кинезите да му ги дадат кредитите велеше дека патиштата не се потребни, оти демек немало сообраќај доволен за да се тркала по тие патишта. Така велеа, тој и неговите, оти домашниот Буџет го трошеа бадијала на „сопствени журки на кои се самозадоволуваа„. Гледаме, а богами и квалитетно слушаме …

Трето, ако се земе во предвид фактот што голем дел од Буџетот е фиксен трошок за се што е јавна администрација, социјални трансфери и други условно речено крајно непродуктивни расходи, тогаш обемниот буџет значи дека е предвидено и екстра полнење (финасирање на буџетскиот дефицит) затоа што се зголемиле и средствата за капитални инвестиции и други субвенции. Ова само по себе ја илустрира развојната компонента на Буџетот.

Сево ова, и уште неколку нешта на кои ќе се задржам во наредните колумни за Буџетот, покажува дека оваа Влада сака да тргне во контра напад против ниските стапки на раст на македонската економија. Ако ваквиот буџет предложен од Владата на Зоран Заев, се вкрсти во анализа со предложените пакети на мерки за стимулација и поткрепа на македонските компании, предложени од вицепремиерот Кочо Анѓушев пред два месеци, тогаш се добива појасната слика, а тоа е дека освен „контрата„ што се планира како цел за видливо зголемување на БДП, ќе биде пропратена со стабилизирање на полнењето на Буџетот преку даноците, со зголемување на обемот на нови компании и даночни обврзници. Значи, стартување на нови проекти и нови компании. Што во основа е здрава политика.

И тоа е тоа. Друго нема, оти многу е просто. Овде дилемата останува во делот на структурата на македонското стопанство. Дали има кој да чита, да слушне, да прими и да реализира … Се покажа на многу случаи во минатото дека апсорпционата моќ, не само на стопанството, туку и на општеството во целина е многу мала.

Поедноставно кажано, овде не само што луѓето се исселуваат од земјата, туку тие што остануваат не знаат ниту да трошат, а камоли да заработуваат … Секоја чест на исклучоците.

Оттука, треба да бидеме задоволни. Имаме добар Буџет. Навивам догодина уште поголем Буџет да се направи, но овој квалитетно да се потроши. Со знаење и со визија за Македонија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×