Спирала надолу!?
Објавено на од во Колумни

Шведска ДДВ е 25%, Финска ДДВ 24%, Полска ДДВ 23%, Романија 24%, Хрватска ДДВ 25%, Франција ДДВ 20%, Унгарија ДДВ 27%, Словенија ДДВ 20%, Данска ДДВ 25%, Бугарија ДДВ 20% …

На македонските компании им требаат пари за ликвидност. Се удавија во долгови.

Банките не даваат пари, оти кредити одат кај државата на која и требаат пари. Во меѓувреме, домашните фирми банкротираат поради неликвидност или отпуштаат вработени кои стануваат товар на Буџетот. Јавната администрација драматично расте од политички причини и “цица” од Буџетот од кој “силно цицаат” и странските инвеститори во слободните зони.

Домашните фирми затвораат бизниси и отпуштаат работници за да преживеат. На државата континуирано и требаат повеќе пари.
Зошто не се зголеми стапката на ДДВ која сега е 18% и не се преземе политички ризик?

“… Џон Мајнард Кејнс во еден свој пасус говореше токму на оваа тема: На долги стази ова е погрешен водич низ сегашните лоши состојби. Од друга страна, на долги стази сите сме мртви … Економистите и политичарите себеси си даваат многу лесна и неодговорна задача кога во тешки моменти за бизнисот ни велат дека кога бурата ќе помине морето ќе се смири…”!?

Македонија годината ќе ја заврши со 3,9% раст. Догодина е проектиран раст на БДП (Бруто домашен производ) од 4,1%. Ова е добра вест. И да точно е Македонија ќе има еден од најголемите порасти на БДП во Европа. Ако не и најголем. Поголем дури и на оној на Германија, Франција и Англија …!? Но, сигурно на овие географски простори од Табановце до Богородица и од Деве Баир до Дебар, со се долината на Вардар, не сме урочени до толку да не се запрашаме од каде овој силен економски потенцијал одеднаш се појавува. Дури и “некадарната” европска економија да ни падне пред нас на колена, а ние никако да го почувствуваме новиот убав момент.

Ми сугерираат дека промените не можам да ги видам оти не гледам телевизија, оти кажувале на вести!? Да. Не гледам македонски телевизии. Таму одамна реално нема што да се види освен некои дизајнирани и патетично режирани фрустрации на Ердоган. Но, оваа тема не ми е во фокусот денеска. На пример, таму некои неуки новинари известуваат дека извозот од слободната зона Бунарџик достигнал една милијарда евра, што секако е за почит и пофалба, но од тие телевизии не ми кажуваат колкав е увозот во слободната зона Бунарџик!? Не ми кажуваат затоа што веројатно, тоа не е омилена тема, оти увозот е исто така речиси една милијарда евра. Кога ќе се пребие тоа останува состојбата “… јал не јал три и пол”. Се пребива.

Има нешто нови вработени кои поради релативно ниските плати (заради тоа дошле странците овде …) постојано флуктуираат во државните статистики.

Тогаш што останува, и за што станува збор?

Останува реалниот трговски дефицит на домашната економија составена од домашни инвеститори и компании… сопственици, директори и претприемачи. Трговскиот дефицитк реално надминува две и пол милијарди евра. Со слаби изгледи за пораст на реалниот извоз од македонски компании, оти македонските оригинерни компании создадени од 1990 година наваму и малиот број што останаа од комунизмот, денеска работат со историски најслаби перспективи, и што е пострашно многу ниски лични мотиви и нагон за работење и опстанок.

Голем број од нив реално и искрено кажано се пред затворање со сценарио за отпуштање на голем број вработени кои за брзо време ќе станат невработени. А тоа се реалните полначи на државниот Буџет.

Ова е реалната состојба во Македонија.

Се друго е рангирање.

На пример според најновото рангирање на Светска банка Македонија ќе биде на 1 место. Одлична вест. И сега …?
Веројатно најмногу сме напреднале во делот на регистрирање на фирми и издавање на дозволи за градба. Тоа се два од повеќето критериуми за оценување на напредокот на земјата од страна на Светска банка во Дуинг бизнис.
Но, овој напредок освен што претпоставува реформа и инвестиции во нови технологии, претпоставува дека идат добри времиња, многу стотици и илјади граѓани и фирми ќе отвораат нови фирми и дека ќе се бараат многу дозволи за градба. Колку такви има овде? Или поточно колку такви останаа во економија?

Државата има сериозни финансиски проблеми!

Но, кој ја плаќа цената за светлосните моменти на успесите на странските извршни менаџери, странските инвеститори, во македонските слободни зони. На пример, ако добро слушнав подружницата на Џонсон Мети во Бунарџик била најдобра во целата групација на глобално ниво. Боже!

Одлични резултати овде во Македонија далеку од очите на широката светска јавност.
Многу фрустрирачка информација за македонските домашни инвеститори. Нели. За нашите фирми во кои се вработени најголемиот дел од македонската работоспособна сила.
Особено е фрустрирачки ако се знае дека странските инвеститори во зоните се директно стимулирани, субвенционирани, од Владата.
Субвенционирани 50% од бруто платата во период од 8 години, комплетно покриени трошоци од страна на Владата, за едукација и обука на своите вработени во фирмите мајки во земјите од каде потекнуваат, 50% или најмногу 500.000 евра покривање на трошоците за згради и хали од страна на Владата, целосно ослободени од ДДВ, персонален данок, придонеси, данок од добивка, царини и акцизи… Гасот им го донесоа до врата, нема комуналии, и најново да си го купат земјиштето со почетна цена од едно евро.

Оттука, ако македонскиот Џонсон Мети, после ваква рамка на можности, не е најдобриот во групацијата на глобално светско ниво на оваа корпорација тогаш мислам дека нивниот извршен директор овде треба јавно да се “самозапали” на еден од убавите скопски мостови.

Но, ајде да видиме што, во меѓувреме, се случува кај домашните инвеститори.

Македонските домашни компании директно го чувствуваат товарот на недостаток на пари. Огромни проблеми со немање обртни средства. Многу од нив се супер фирми, но не можат да опстанат оти тешко наплатуваат. Пристапот до финансиски средства е отежнат оти банките тешко даваат кредити на домашни македонски фирми и преферираат да ја кредитираат државата како најсигурен клиент.

Државата во моментов е најголем инвеститор во земјата. И најголем должник за која ниедна нова мерка што ја носи Владата не важи.

Голем дел од проектите што се отпочнати како патиштата, железницата, некои инфраструктури кои се реконструираат како и најавите за инвестиции во мелиорации и канали за наводнување се за почит, но нека простат таму, некои од инвестициите се тотално непотребни, неважни, прескапи за моментот во кој “крварат” македонските домашни фирми од недостаток на пари.

Она што е опасно е што ваквата тенденција доведува до паѓање на мотивот и нагонот за претприемништво и бавење со бизнис од страна на македонските граѓани. Тие забрзано се исселуваат од земјата, паѓа бројот на вработени во фирмите. Компании се соочуваат со недостаток на “паметни” работници кои одамна се лапнати од странски фирми … Се чувствува мачнина….некако станува беспредметно да почнуваш деловна активност овде. Ова директно, во следните две до три години ќе влијае врз финансиската кондиција на државата оти веројатно ќе се соочува со намалување на реалните приходи од даноци и придонеси во Буџетот. Можеби и затоа периодов се чувствува немир кај владините претставници. Мерките кои се носат во последниот месец од страна на Владата, додека во СДСМ “мирно спијат” чекајќи ја “бомбата” на Заев, “не оваа среда, туку другиот петок”, е директен производ не на заканите на опозицискиот лидер, туку поради реалната опасност дека може да дојде до сериозна дисфункција во финансискиот систем, и неможност за сервисирање на обврските на државата. Ваквиот заклучок се добива кога ќе се анализираат мерките.

Зошто не го зголемат ДДВ-то?

Тогаш зошто Владата повторно притиска по домашниот бизнис, ги исцедува и последните грамови сила, наместо евентуалниот недостаток на средства да го надомести со рамномерна распределба на теретот и трошокот. И притоа да превземе и политичка одговорност пред македонските граѓани. На пример да се зголеми стапката на ДДВ која сега е 18%!?

Не можете да бидете Шведска во јавните финансии …да се даваат толкави погодности за нешто што наводно во иднината ќе даде резултат. Како велат ќе дало резултат на долг рок, а ние на краток рок веќе сме “мртви”.

Земји кои претендираат на силни стимулации, субвенции, донации, разни други финансиски бенефиции во својата економска политика се земји кои имаат големи реални извори на приходи во Буџетот, силна економија од домашни даночни обврзници, повисоко даночно оптоварување …

Пример: Шведска ДДВ е 25%, Финска ДДВ 24%, Полска ДДВ 23%, Романија 24%, Хрватска ДДВ 25%, Франција ДДВ 20%, Унгарија ДДВ 27%, Словенија ДДВ 20%, Данска ДДВ 25%, Бугарија ДДВ 20% …

Во сите тие држави, како членки на ЕУ, каде владите искрено превземаат политичка одговорност пред граѓаните за економските резултати во својата политика каде основното сидро не е макроекономската стабилноста, туку отворањето нови компании и работни места преку силни приватни и државни инвестиции, даночните оптоварувања се адекватни и оптимални на поставените цели. Значи да се остварат националните цели за отворање нови компании и нови работни места, а не тесно поставени цели за одредена целна група во општеството.
Имаме и друга група на земји надвор од ЕУ: Босна и Херцеговина ДДВ 17%, Црна Гора ДДВ 19%, Косово ДДВ 16%, Македонија ДДВ 18%, Албанија ДДВ 20%, Србија ДДВ 20%.

Оваа група на земји континуирано се соочува со недостаток на средства, силни дефицити во трговските биланси, навидум стабилна макроекономска рамка, но со силно изразени дефекти во развојот и отсуство на шанси драматично зголемување на домашните инвестиции.

Ова се земји со висока невработеност и обично земји кои се генератор на евтини работници со ниски квалификации корисни за треторазредни работни места за западните економии.

Но, во тие држави владите тешко се одлучуваат за зголемување на ДДВ стапките затоа што тоа директно им ја загрозува позицијата кај гласачите на избори. Наместо тоа тие притискаат кај приватниот бизнис за “цицање” на крвта до последната капка. Во тој однос има се … Буквално се.

Таков е случајот деновиве во Грција каде ДДВ е 23%, но држава која до пред три години се однесуваше како западно балканска држава иако одамна е членка на ЕУ. Тројката формирана од ММФ до нова година бара нови мерки за стегање на каишот, заштеди што би значело дополнителен удар врз стандардот на граѓаните што би значело пораз на Самарас на изборите во февруари.

 

2 thoughts on “Спирала надолу!?

  1. М-сје Зиков,
    Не е потребно да се зголеми ДД-то туку треба да се направи администрацијата по мерка, а тоа подразбира администрација со 50 000 вработени во администрацијата.
    На државата и се исплаќа да отпушти 100 000 и да им даде по 150 евра социјален пакет во наредните 5 години бидејќи реално еден административец со сите давачки, плати, здравствено, пензиско осигурување, канцеларии телефони , службени трошоци ја чини повеќе од 1000 евра месечно. Глобално тоа ќе значи заштеда од 75 милиони евра во буџетот на месечно ниво.
    Ако тие пари се инвестираат паметно во инфраструктура, едукација на младите на вистинско ниво (10 -годишно суспендирање на јаловите факултети, правен, новинарство, односи со јавност, спортски менаџмент, воспитачки, учителки идр) на сметка на форсирање на техничките факултети , информатика и сл. , субвенционирање на фирмите, поддршка а не рекет на успешните фирми и менаџери…тогаш Македонија има шанси доколку тоа го направи веднаш да се извлече.
    Исто така потребно е да се направи интернационална техничка влада и да се испита имотот на сите политичари од Бранко, Љубчо….. до Грујо и компанија и им се одземе се што украдоа и тоа се врати во државната каса, со тоа ќе се врати вербата во државата и младиот човек ќе се престрои бидејќи ќе добие чист простор за борба која против партиската држава сега е утопија…. а ДДВ-то и неговото покачување сега е извонреден ризик за сите….

  2. bravo majstore se e tocno i ova e prikaznata za vodenjeto biznis vo nasata mala zemja .tesko na malite i sredni pretprijatija ako prodolzi vakvata politika zemi od nasite daj na strancite.dolgovite na drzavata opstinite i javnite pretprijatija sekojdnevno se zgolemuvaat i prasanje e na vreme koga naseto stopanstvo ke klekne na kolena ako veke ne e kleknato.budzetot za 2015god nema da se ostvari so vakva politika na neplakanje i krajno e vreme ministerot za finansii da ja promeni.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×