М-р Татјана Стерјева: ЕУРОФАРМ е остварување на мојот фармацевтски сон
Објавено на од во Интервју

Sterjeva Tatjana WEB 961 04М-р Татјана Стерјева
магистер по менаџмент на човечки ресурси, дипломиран фармацевт, сопственик и генерален менаџер на ЕУРОФАРМ

Со гордост можам да истакнам дека ЕУРОФАРМ е бренд чиишто најголемите развојни „битки“ ги воделе истрајни, одлучни и посветени жени, со кои денес го предводиме големото Еурофарм семејство. Имајќи ја предвид поголемата застапеност на жените во фармацевтска дејност, но истовремено вреднувајќи ги индивидуалните квалитети и способности, менаџерските позиции во нашиот бренд им припаѓаат пред сѐ на жени.

 Г-ѓо Стерјева, споделете со нашите читатели како почна приказната за Еурофарм, кои беа најголемите предизвици на самиот почеток?

Приказната наречена ЕУРОФАРМ започна пред 18 години, како приказна за полетен ентузијазам, добра идеја, зацртани цели, посветеност, истрајност, желба за напредок и остварување на животниот сон, да се понуди најдобрата фармацевтска грижа на пациентите во земјава. Растот на брендот ЕУРОФАРМ одеше постепено и посветено градејќи професионални односи и партнерства со реномирани светски и домашни фармацевтски, медицински и козметички брендови.

Желбата да се изгради успешен и препознатлив фармацевтски бренд се трансформираше во долг, макотрпен и конзистентен процес на постојано вложување, потрошувачки ориентирана развојна стратегија, продуктивна визија, иновативност и посветеност со цел истиот континуирано да опстојува на врвот. За потоа да се работи на одржливост на брендот преку отвореноста за следење, прилагодување, прифаќање и усвојување на новите трендови и практики согласно потребите на пациентите и барањата на клиентите и соработниците, нагласувајќи ги притоа позитивните аспекти по коишто брендот се издвојува од останатите компании од ваков тип во земјава.

Приказната за ЕУРОФАРМ секојдневно се надградува, а мојата визија за неа е преточена во нашето мото „Ние постоиме за да се грижиме за Вашето здравје“.

Кои се најзначајните моменти во растот и развојот на компанијата, со коишто практично успеавте да изградите препознатлив бренд во фармацевтскиот сектор?

Развојот на брендот се одвиваше етапно, согласно тековите и трендовите во фармацевтската индустрија, потребите на пациентите и барањата на клиентите, но и можностите и плановите на компанијата за постојан и долгорочен раст и напредок, прилагодувајќи се притоа на современите пазарни предизвици, модерните организациски тенденции и развојната стратегија. Постојаната заложба за развој на стабилна пазарна позиција и освојување на нови пазари, проследена со зголемување на конкурентноста, ефективноста и ефикасноста на брендот беше главен поттик за спроведување на бројни стандарди за квалитет и професионално управување.

ЕУРОФАРМ паралелно со надградувањето на своите капацитети го зголемува и својот висококвалификуван и едуциран кадар, кој ја нуди најдобрата фармацевтска услуга и грижа. Грижата за лојалните пациенти пред шест години нѐ поттикна да ја воведеме првата фармацевтска картичка за лојалност, која денес ја користат над 140 илјади задоволни членови на Еурофарм клуб семејството.

Од друга страна, ЕУРОФАРМ секоја година на македонскиот фармацевтски пазар пласира нови и квалитетни производи, но и ги надградува постојните производни линии со новитетите на светските фармацевтски брендови, благодарение на што над 20 ексклузивни Еурофарм застапништва се достапни за македонските пациенти.

 Како е позициониран Еурофарм денес на македонскиот пазар?

ЕУРОФАРМ денес е модерен, иновативен, препознатлив, лојален, општествено-одговорен бренд од фармацевтската индустрија, кој воден од стремежот да остави белег на македонскиот фармацевтски пазар, посветено работи на спроведување на иновативни, рентабилни и одржливи практики, јакнејќи ја притоа својата пазарна позиција и бизнис перформанси. Секојдневно соочени со нови професионални предизвици, резултат како на бизнис климата во земјава, така и на глобалните тенденции, пристапуваме со максимална посветеност во насока на континуиран раст и развој на брендот.

Седум години по ред, ЕУРОФАРМ како синоним за висок квалитет, навремена услуга, професионална грижа и лесна достапност, го носи епитетот македонски фармацевтски супербренд. На што се надоврзува работењето и етаблирањето на ЕУРОФАРМ како една од најуспешните компании во трговијата на големо со фармацевтски производи, како во Република Македонија, така и во регионот. Потврда за тоа се бројните награди изминативе години, а последно во низата е признанието во категоријата за најдобра национална развојна стратегија на годината за Република Македонија на „Европската Бизнис Награда“.

Доказ за успешното опстојување на брендот претставува нашето долгогодишно рангирање на листата на 200 најголеми и најуспешни компании во земјава, каде од година во година бележиме виден напредок.

Какви се плановите за иден развој на компанијата и брендот Еурофарм?

Има многу планови за севкупен развој на брендот, но трпеливо ги чекаме вистинските моменти за нивно реализирање.

Оттука, продолжуваме да инвестираме во модернизација и унапредување на нашите капацитети, во имплементирање на нови професионални, безбедносни и стандард за квалитет, во едукација на нашиот професионален кадар, промовирајќи и приближувајќи ги светските новитети на пазарот во земјава.

Како општествено-одговорен бренд остануваме посветени на нашата определба за подигнување на јавната свест за превенција и градење на здрави животни навики, бидејќи грижата за генерациите што доаѓаат е наша примарна определба.

Колку е во компанијата запазена родовата еднаквост кога станува збор за менаџерските позиции? Кои се вашите препораки за бизнис секторот генерално во смисла на поголема застапеност на жени во топ менаџментот, односно, зошто, според Вас, се потребни повеќе жени во врвните раководства на компаниите?

Со гордост можам да истакнам дека ЕУРОФАРМ е бренд чиишто најголемите развојни „битки“ ги воделе истрајни, одлучни и посветени жени, со кои денес го предводиме големото Еурофарм семејство. Имајќи ја предвид поголемата застапеност на жените во фармацевтска дејност, но истовремено вреднувајќи ги индивидуалните квалитети и способности, менаџерските позиции во нашиот бренд им припаѓаат пред сѐ на жени.

Добрите менаџери се родени лидери, со нескриена желба за постојано учење, надградување и освојување на професионалните височини, така што понижувачки е фактот што денес сѐ уште се навраќаме на теми како родова еднаквост во бизнис секторот, еднакво вреднување на трудот, исти професионални можности и слично.

Жените менаџери заслужуваат еднаков третман со мажите на соодветните позиции, бидејќи тие знаат како да ги искористат шансите што им се нудат, често пати комбинирајќи знаење, одлучност, префинетост, иницијативност и интуиција.

Како вие лично успевате да балансирате помеѓу бизнисот, приватните обврски и општественото делување?

Успешна, реализирана и среќна жена е сестрана жена, жена која успешно ги испреплетува и остварува сите животни улоги. Оттука, секојдневно се трудам да пронајдам некоја природна рамнотежа помеѓу деловните и приватните обврски. Сонот за сопствен бизнис бараше подготвеност, посветеност и истрајност во справувањето со сите предизвици и пречки што се појавија на патот на неговото остварување, бараше многу професионални и лични откажувања, но денес се гордеам со секој успех, признание, награда, задоволен клиент и среќен пациент на брендот ЕУРОФАРМ.

Се радувам што мојата успешна деловна приказна е дополнета со среќна семејна бајка, во која сум горда сопруга и посветена мајка на две прекрасни деца, кои ми ја даваат најголемата мотивација, енергија и сила во најтешките животни предизвици. Уживам во секој слободен миг поминат со нив, во семејните собири со поширокото семејство, како и во дружењето со пријателите. Уживам во патувањата, природата, добрата храна, уметноста и спортот. Ракометот е наш семеен спорт, па мошне често со адреналинска возбуда ги следиме натпреварите на нашиот ракометен клуб ЕУРОФАРМ Работник, но и на нашите ракометни репрезентации кои ги бодриме на сите големи натпреварувања.

Што Вас ве карактеризира како генерален менаџер, односно, кои се клучните вредности што сакате да им ги пренесете на соработниците и сите вработени?

Успехот на ЕУРОФАРМ е успех на сите вработени, за кои со сигурност можам да кажам дека се јадрото на брендот. Со својата професионалност, едуцираност, талентираност, мотивираност, енергичност, лојалност и посветеност тие секојдневно работат на реализирање на нашите цели, мисија и визија.

ЕУРОФАРМ е големо семејство во кое секој е испириран од императивот да бидеме подобри, поефикасни и поуспешни, семејство во кое сите меѓусебно се надоврзуваме и надополнуваме во интерес на нашата фармацевтска приказна.

Како генерален менаџер своето работење го темелам на градење на добра работна средина, иновативно, прагматично и етичко менаџирање, постојана едукација и усовршуваше на вработените, следење и имплементирање на највисоките стандарди за квалитет, со особен акцент на активностите за помош на заедницата.

Грижата за моите вработени, тие ја претвораат во грижа за нашите пациенти, клиенти и соработници, градејќи ја притоа нашата успешна приказна.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×