Маја Кадиевска Војновиќ: Протекционистичките мерки можат да ги влошат тековите во глобалната трговија
Објавено на од во Економија

Kapital -  (9)

Колумна: Маја Кадиевска Војновиќ
вицегувернер на Народната банка на Македонија

Најголемиот дел од овие мерки се во форма на државна помош, заштитни трговски мерки за спречување нелојална конкуренција (како што се антидампинг мерки и мерки против трговски субвенции), зголемување на увозните давачки, финансирање на трговијата преку државните банки коишто го субвенционираат извозот итн. Најпогодени од протекционистичките мерки на земјите од Г20 се металната, машинската и хемиската индустрија, но во најпогодените 10 сектори, влегува и секторот поврзан со прехранбените производи.  

 

Во последните неколку децении, светската економија во голема мера имаше придобивки од трендот на глобализација. Глобализацијата, дефинирана како меѓународна интеграција на пазарите на стоки, на капитал и на труд, донесе многу придобивки како за земјите во развој, така и за развиените земји. Глобалната трговија со стоки од почетокот на 90-те години до светската финансиска криза бележеше брз раст, којшто во просек беше повисок за 1,5 пати од растот на глобалниот БДП. Трговската интеграција беше значително зголемена во периодот од пред кризата, а во периодот од 1990 до 2010 година беа потпишани повеќе од 500 нови преференцијални договори, што е повеќе за трипати отколку во претходните две децении. Придобивките од трговската интеграција се широко распространети, од обезбедување разновидност на производите и услугите за потрошувачите по пониски цени, до проширување на пазарите за пласман, а со тоа и намалување на пазарните флуктуации, подобрување на ефикасноста на производството и зголемување на продуктивноста, до поттик за иновации, инвестиции, отворање нови работни места. Истражувањата покажуваат позитивна корелација на растот на трговијата со доходот, односно тие покажуваат дека растот на глобалната трговија придонесе кон раст на животниот стандард и намалување на сиромаштијата.

Kadievska kolumna-1И по подолг временски период, кога светот искусува широко распространет раст, предизвикан од инвестициите, а со тоа и раст на светската трговија, кога инфлацијата полека закрепнува и во развиените држави, кога глобалните централни банки се подготвуваат за излез ‒ некои веќе го направија тоа ‒ од ултра приспособливите монетарни политики, се појавија нови ризици – протекционистички мерки во трговската политика коишто можат да ги влошат тековите во глобалната трговија. Сепак, треба да се напомене дека протекционизмот е нагласен од глобалната финансиска криза наваму, но тој стана особено познат по воведувањето на најновите мерки од страна на САД, односно царините за челик од 25% и за алуминиум од 10%, со коишто се засегнати големи држави како Канада, Мексико, Кина и ЕУ. И покрај тоа што земјите од Г20 на Самитот за финансиски пазари и светска економија што се одржа во Вашингтон, САД во 2008 година, се договорија да избегнуваат протекционистички мерки, особено од 2014 година е забележлив трендот на нивно воведување. Најголемиот дел од овие мерки се во форма на државна помош, заштитни трговски мерки за спречување нелојална конкуренција (како што се антидампинг мерки и мерки против трговски субвенции), зголемување на увозните давачки, финансирање на трговијата преку државните банки коишто го субвенционираат извозот итн. Најпогодени од протекционистичките мерки на земјите од Г20 се металната, машинската и хемиската индустрија, но во најпогодените 10 сектори, влегува и секторот поврзан со прехранбените производи.

Појавата на овие ризици не треба да се анализира изолирано. Генезата на оваа реакција е подлабока и лежи во повеќе фактори. Имено, и покрај навидум добрата слика за растот на глобалната економија, остануваат многу нерешени проблеми. Кои се тие ризици? Светот долго беше во фаза на најслабо закрепнување до сега по рецесијата, растот на продуктивноста изостануваше заедно со растот на платите и инфлацијата, додека во исто време имаше инфлација на цените на финансиските средства. Високите нивоа на задолженост на нефинансискиот сектор (домаќинствата, нефинансиските фирми и државите) сè уште постојат, и во одредени економии уште повеќе се зголемија во посткризниот период. Отпорноста на финансискиот систем е подобрена, но голем фокус беше ставен само на обновувањето на банкарскиот систем, откако тој речиси колабира во 2008 година. Технолошкиот развој, како што се технологијата на дистрибуирани записи и алгоритамското тргување, наметнуваат нови предизвици за финансиските пазари и регулатори. Ваквите предизвици, на светско ниво, се надополнети со она за што долго се дискутира пред кризата, а тоа е проширувањето на глобалните нерамнотежи, претставени преку салдата во билансите на плаќања на земјите, коишто ги отсликуваат одлуките за штедење и инвестиции во националните економии. Глобалните, прекумерни нерамнотежи го достигнаа врвот пред големата финансиска криза, а по неа забележаа намалување коешто не произлезе од фундаментални промени, туку од намалувањето на домашната побарувачка и падот на цената на нафтата кај земјите извознички на нафта. Тие суштествено не се променија во периодот по кризата. Остана фактот дека одредени влијателни економии, како САД, и понатаму остваруваат дефицит со остатокот од светот кај сите сектори на економијата (домаќинствата, бизнисите, државата и трговската размена), додека други, како Германија, имаат суфицит. Или, поконкретно, само во рамки на развиените економии, суфицитите опстојуваат подолг временски период во Германија, Јапонија, Јужна Кореја, Холандија, Сингапур, Швајцарија, Шведска, а дефицитите во САД и Велика Британија. Кина, како земја во развој, има растечки суфицит од 2000 година наваму, со исклучок на годините по кризата.

Kadievska kolumna-2Доколку се анализира само трговската размена, билатералниот трговски дефицит на САД со Кина забележа посилен раст од 2002 година наваму, така што во последните години достигна 1,9% од БДП на САД. Но, и покрај тоа што САД имаат дефицит во трговијата и во тековната сметка на билансот на плаќања, нивоата на извоз и увоз како учества во БДП се ниски (во 2017 година, околу 8% и 12% од БДП, соодветно), поради што тие се помалку изложени на тековите во глобалната трговија. Спротивно на ова, ЕУ и покрај тоа што остварува суфицити во трговијата со остатокот од светот, таа е поизложена на глобалните трговски текови (Според Еуростат, учество на извозот од ЕУ во светскиот извоз е 17,9% во 2016 година и на увозот на ЕУ во светскиот увоз е 16,2%), а воедно и понатаму постојат нерамнотежите во рамки на самата унија.

49Дали решението за овие нерамнотежи се новите царини за челик од 25% и за алуминиум од 10% воведени од американската администрација во 2018 година коишто ризикуваат да ги влошат трговските тензии? Директното влијание врз вкупниот годишен увоз на САД се оценува како скромно ‒ стоките погодени од мерките сочинуваат само 2,7% од вкупниот годишен увоз на САД. Сите статистички категории на челик учествуваат со околу 2% во вкупниот годишен увоз на САД, додека уделот на алуминиумот изнесува 0,7%. Уделот на Кина во увозот на челик во САД изнесува само околу 2%. Кина одговори со ветување за зголемување на царините за американски увоз вреден 3 милијарди САД-долари. Вкупниот увоз на Кина од САД изнесуваше 130 милијарди САД-долари во 2017 година, додека кинескиот извоз во обратна насока изнесува околу 506 милијарди САД-долари. Според ова, зголемените увозни давачки на американски производи во износ од 3 милијарди американски долари би претставувале околу 2% од вкупниот увоз на Кина од САД. Од друга страна, Европската Унија и Канада одговорија на протекционистичките мерки на САД, започнувајќи правна постапка во Светската трговска организација против одлуката на САД за воведување давачки за увезениот алуминиум и челик. Европската Комисија на 6. јуни објави дека планира, а на 20. јуни донесе одлука за воведување царина од 25% на производи од САД во вредност од 2,8 милијарди евра, коишто стапија во сила на 22. јуни 2018 година. Планот дополнително вклучува и царински давачки помеѓу 10 и 50% на дополнителен увоз од САД во вредност од 3,6 милијарди евра од март 2021 година или поскоро, зависно од одлуката на СТО. Американските производи коишто се предмет на давачките вклучуваат сок од портокал, бурбон, џинс, мотоцикли и различни производи од челик. Според податоци од Европската комисија, увозните давачки на САД погодуваат извоз на ЕУ вреден 6,4 милијарди евра во 2017 година. Околу 15% од вкупниот извоз на челични производи од ЕУ завршуваат во САД, односно околу 3% од вкупното производство на челик во ЕУ. Асоцијацијата на производители на челик во ЕУ (EUРОFER) проценува дека воведените трговски давачки ќе го преполоват извозот на ЕУ во САД. Според статистички податоци на Германија, вредноста на вкупниот извоз на челик изнесува околу 6,2 милијарди САД-долари, којашто сочинува околу 20% од вкупниот увоз на челик во САД. Извозот на алуминиум изнесува околу 1,1 милијарди САД-долари. Што се однесува до Канада, беше објавено дека ќе воведе царини на увозни производи од САД во вредност од 12,9 милијарди САД-долари од 1. јули, а кон контрамерките на погодените држави се приклучи и Мексико, при што на 5. јуни беше објавено дека се утврдени царински давачки на американски производи како челик, свинско месо, бурбон, и тн. Како одговор на воведените царини за челик и алуминиум од САД, и Индија на 21.6 најави зголемување на увозните давачки на одредени земјоделски производи и производи од челик (вкупно 30 производи во вредност од 240 милиони САД-долари) што се увезуваат од САД, коешто ќе стапи во сила на 4 август. Министерството за економија на Турција исто така реагираше со воведување на увозни давачки во вредност од 266,5 милиони САД долари со коишто се опфаќа увоз на американски традиционални производи вреден 1,8 милијарди САД долари, таргетирајќи стоки како што се јаглен, хартија, ореви, тутун, ориз, виски и автомобили. Со овие царини ќе биде погоден 19% од извозот на САД кон Турција. Турција смета дека нема друга опција, освен да реагира за својот најдобар интерес, и дека е отворена за дијалог со САД, така што чека соодветен одговор од САД за да ги повлече царините.

Воедно, податоците од Европската комисија покажуваат дека ЕУ и Кина се едни од најголемите трговски региони во светот. Кина сега е втор најголем трговски партнер на ЕУ по САД, додека ЕУ е најголем трговски партнер на Кина. Кина е најголем извор на увозни добра за ЕУ, а е нејзин втор најголем извозен пазар, односно Кина и ЕУ разменуваат просечно преку 1 милијарда евра дневно. Главни увозни добра за ЕУ од Кина се индустриски и потрошувачки стоки, машини и опрема, како и обувки и облека, додека извозот се состои од машини и опрема, моторни возила, авиони и хемиски производи. ЕУ е посветена на отворени трговски односи со Кина, но под овие околности, беше истакнато дека сака Кина да тргува фер, да ги почитува правата на интелектуална сопственост и да ги исполнува обврските како членка на СТО. Во однос на вкупните трговски односи со САД, според информациите од Европската комисија, ЕУ и САД имаат најголема билатерална трговска и инвестициска поврзаност и уживаат највисока економска интегрираност во светски рамки. Вкупните американски инвестиции во ЕУ се трипати поголеми од сите инвестиции во Азија, додека европските инвестиции во САД се осумпати поголеми од сите европски инвестиции во Кина и Индија заедно. Европската и американската економија заедно чинат една половина од вкупниот светски БДП и околу една третина од светските трговски текови.

Сепак, се чини дека се разгорува борбата за интелектуална сопственост, имајќи го предвид значењето на технолошките иновации како движечка сила на развојот на современото општество. САД и ЕУ подолг период изразуваат несогласувања кон пристапот на Кина во доменот на интелектуалната сопственост, при што Кина е постојан предмет на обвинувања за непочитување и недоволна заштита на интелектуалната сопственост, како и за непазарен пристап во доменот на размената на технологии и знаења. Несогласувањата кулминираа на почетокот на месецов, кога Европската комисија донесе одлука за започнување правна постапка во Светската трговска организација против кинеското законодавство, коешто ги нарушува правата на интелектуална сопственост на европските компании. На тоа веднаш изреагира кинеската влада којашто изрази жалење за случајот и подготвеност за соодветно решавање на спорот согласно со процедурите на СТО. Претходно, во март годинава, САД покренаа слична правна постапка против Кина, по што следуваа серија преговори помеѓу двете земји за да се избегне трговска војна. На средината на јуни, администрацијата на претседателот Трамп објави дека ќе наметне увозни давачки од 25% за над 800 стратешки производи на Кина во износ од 34 милијарди САД-долари, од 6 јули и дополнителни давачки во износ од 16 милијарди долари по јавни консултации, претежно насочени кон индустриски производи, заради заштита на интелектуалната сопственост (утврден нефер третман според американскиот трговски закон, Intellectual Property case, член 301) и врамнотежување на трговските односи. Аналитичарите сметаат дека макроекономските ефекти од овие давачки ќе бидат ограничени, односно би го намалиле БДП на САД и на Кина за помалку од 0,05 п.п.[1], соодветно. Кина веднаш одговори дека ќе воведе контрамерки во ист обем и опфат („едно за едно“), коишто предвидуваат царинска стапка од 25% и главно ќе се однесуваат на земјоделски производи на САД, како и возила (вкупно 659 производи). На ова реагираше претседателот Трамп којшто ја задолжи администрацијата да подготви листа на кинески производи вредни 200 милијарди САД долари коишто би станале предмет на дополнителни увозни давачки од 10% доколку Кина не ги повлече давачките за американските стоки. И покрај тоа што ставот на претседателот Трамп е дека тој е сè уште отворен за преговори, меѓународните финансиски пазари ги оценуваат ваквите мерки како чекор кон поголеми конфронтации во меѓународната трговија. Дополнителни негативни ефекти и зголемен ризик од конфронтација се забележува и помеѓу САД и ЕУ, имајќи предвид дека еден ден по стапување на сила на воведените европски царини за одредени американски производи, на 22 јуни американскиот претседател посочи дека ако не се повлечат овие царини САД ќе воведе царина од 20% на увезените европски автомобили во САД. ЕУ во текот на викендот 23-24 јуни посочи дека соодветно ќе одговори доколку САД воведат царини за автомобилите произведени во ЕУ.

Иако се оценува дека директните ефекти од протекционистичките мерки на САД врз глобалната трговија засега се ограничени, сепак она што е загрижувачко се потенцијалните индиректни ефекти, коишто би можеле да имаат подалекусежни последици, доколку провоцираат нови трговски спорови и раст на протекционизмот во глобални рамки.Засилената реторика на протекционизам помеѓу САД и Кина и ЕУ од друга страна се оценува како прв ризик фактор за можно забавување на економскиот раст во наредниот период според анализите на Банката за меѓународните порамнување во нивниот годишен извештај, објавен на 24 јуни. Ваквите случувања би можеле сериозно да ги нарушат глобалните трговски односи, доведувајќи ја во прашање одржливоста на глобалниот економски раст, па и на севкупниот глобален поредок како што го знаеме денеска. Зголемената употреба на протекционистичките мерки во трговската политика и неизвесноста што ја креираат за претпријатијата и потрошувачите би можело да услови циклуси на воздржаност, што би се одразило врз глобалната трговија и производство. Воедно, побрзото монетарно затегнување од страна на централните банки би можело да предизвика флуктуации во девизните курсеви и тековите на капитал, што, пак, би можело подеднакво да го наруши трговскиот проток. Влошувањето на геополитичките тензии исто така има потенцијал да ги наруши трговските текови, иако големината на нивното влијание е непредвидлива. И во услови на засилен технолошки развој, конфликтите би можеле да преминат во форма на кибер-напади, што, пак, потенцијално би влијаело врз трговијата со услуги, којашто во последните години е во постојан пораст.

На крајот, во една ваква глобална констелација на односи, многу меѓународни институции и експерти повикуваат на глобален дијалог, соработка и координација, а не дезинтеграција. На глобално ниво, решението за прекумерните нерамнотежи лежи во ребалансирањето на постојните политики кај земјите со прекумерни дефицити и суфицити, како и во посветувањето поголемо внимание на спроведувањето на структурните реформи.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×