ТАТЈАНА ПРОСКУРЈАКОВА, директорка на канцеларијата на Светска банка во Македонија
Објавено на од во Интервју

Македонија мора да ја зголеми конкурентноста

Конкурентноста не може да се постигне само со носење закони. Мора да се гради постепено. Следниот чекор што треба да се направи е поврзан со знаењето и иновациите, бидејќи гледаме дека степенот на софистицираност и иновативност на домашните компании треба да се подобри за да можат да ги искористат сите придобивки од странските инвестиции.

Новиот налет на економската криза во Европа и опасноста што ја носи за македонската економија, владините политики вис-а-ви состојбите и проблемите на бизнисот, перспективите на економијата се прашањата за кои разговаравме со директорката на канцеларијата на Светската банка во Македонија, Татјана Проскурјакова. Таа веќе една и пол година е во Скопје, полна е со импресии од земјава и подготвена секогаш да ги охрабри граѓаните дека треба да бидат оптимисти и да веруваат во иднината.

Економиите во Европа се соочуваат со нов налет на долгогодишната криза, токму кога се помисли дека таа е веќе завршена. Кои се опасностите кои им се закануваат на економиите и во која насока сега треба да се сврти курсот на политиките? Веќе постои остра поделеност во мислењата на европските лидери во однос на тоа дали да се продолжи со политика на кастрење на трошоците или со полабава политика да се поттикнат растот и вработувањата.

-Помеѓу земјите во светот постои голема разновидност. Иако гледаме економско забавување во Европа, сепак во САД, Јапонија, Кина и во други земји има економски раст. И меѓу самите земји во Европа постои разноликост. Сепак повеќето европски земји ќе мора да ја следат патеката на фискална консолидација поради новиот бран на кризни случувања. Тие, пак, што бележат економски раст ќе можат да донесат стимулативен пакет со цел поттикнување на вработувањата и конкурентноста. Во услови на толку голема разновидност, секоја земја ќе мора за себе да одлучи како ќе се справи со новата ситуација, односно како ќе одговори со своите политики на новите предизвици. Не постои единствен рецепт што ќе им одговара на сите.

Од што треба да се плаши Македонија при новиот бран на кризата и каква политика треба да водат Владата и компаниите?

-Извозот е главниот канал за трансмисија на ризикот од забавениот раст во Европа кон Македонија. Македонија е мала и отворена економија и со оглед на тоа многу зависи од земјите каде што извезува. За среќа Македонија со години спроведува мерки за да се заштити од ефектите на кризата преку промовирање на извозот и негова диверзификација. Со тоа што извезува во повеќе земји таа го намалува влијанието на кризата. Благодарение на контрацикличните политики спроведени од Владата, Македонија помина добро при последната криза, споредено со повеќето земји од регионот. Уште еден фактор што сакам да го спомнам е дека дестинацијата за извозот од Македонија е Германија, а Германија се носи многу добро со кризата. Второ, фабриките во слободните индустриски зони имаат долгогодишни договори и тоа исто така го одржува извозот. Значи има неколку фактори кои Македонија може да ги мобилизира, а кои ќе помогнат за подобрување на ситуацијата.

Еден од најголемите проблеми на македонската економија во овој момент е неликвидноста, која ако продолжи кризата, ќе се влоши уште повеќе. Плаќањето помеѓу фирмите се одложува веќе на 128 дена, а кај малите фирми и до 10 месеци. Тука се и заостанатите обврски на државата, кои не се регулирани со Законот за финансиска дисциплина. Како Светска банка гледа на овој проблем?

-Оваа ситуација е проблем за економијата. Кога вие не ми плаќате мене, јас не му плаќам на друг, тој на друг и на тој начин се создава еден домино ефект. Ова не е проблем само во Македонија, туку го гледаме и во други земји. Во Светска банка, едно од прашањата на кои се фокусираме е плаќањето на државата. Во 2012 година имавме активности во однос на владината политика за плаќање, со цел утврдување и подмирување на обврските на државата кон приватниот сектор. Оваа операција беше успешна. Секако вистинскиот предизвик е да се обезбеди таа да не се повтори. Дел од оваа активност беше воспоставување систем за контрола во Владата за да се види како парите се трошат, како се буџетирани во однос на договорите за кои се наменети. Со Владата особено гледавме да го зајакнеме системот за контрола на трезорот и од тоа има позитивни ефекти, но ќе продлжиме да работиме на тоа. Во моментот сме ангажирани на анализа на управувањето со јавните финансии. Се согласувам со Вас дека ова е проблем кој треба да се контролира континуирано. Многу е важно да се знае која е причината за овој проблем. Не е до крај јасно зошто овој проблем егзистира и што го причинува. За да се најде брзо решение мора да имаме повеќе информации за него и за тоа што го предизвикува. Од она што го гледаме се изгледа добро. Не треба да се бара вината во системот на владината контрола. Ако има контрола и ликвидност, тогаш каде е проблемот?

Неликвидноста директно го загрозува работењето и опстанокот на компаниите и ја влошува деловната клима. Колку тоа може да ја наруши позицијата на Македонија во рангирањето на Дуинг бизнис?

-Всушност не може. Извештајот на Дуниг бизнис зема само ограничен број на параметри и ги зема предвид донесените закони, и донекаде нивната имплементација. Исто така, не ја мери финансиската одржливост на компаниите. Но, Дуинг Бизнис не е единствениот инструмент што во Светска банка го користиме за да ја испитаме бизнис климата. Заедно со Европската банка за обнова и развој го спроведуваме истражувањето за бизнисите (Business Environment and Enterprise Performance Survey – BEEPS) за 2013 година, чии резултати се објавени неодамна. Истражувањето открива дека пристапот на компаниите до финансии е детектиран како проблем. Ние работиме заедно со властите и приватниот сектор во решавање на овие проблеми и подобрување на бизнис климата и конкурентноста во земјата.

Влошената состојба во стопанството може да го загрози проектираниот раст годинава од 3%. Како Владата сега треба да управува со буџетот и каква политика да води во однос на задолжувањето?

-Во моментот сите се интересираат за јавниот долг. Тој треба да се гледа во поширок контекст. Кога Македонија ќе се спореди со другите земји, овој долг не е проблем. Во овој момент, нивото на јавниот долг во Македонија е одржливо. Но, она што може да загрижува е што јавниот долг на Македонија за пет години се искачи од околу 20% на околу 40% од БДП. Ако застане тука, нема проблем. Македонија може да го издржи овој долг. Ако продолжи да расте, ќе станува помалку одржлив и ќе врши се поголем притисок врз економијата. Каде треба да се повлече линијата не можам да ви кажам. Тоа зависи од здравјето на економијата. Во овој момент не треба да бидеме сериозно загрижени. Владата има програма за фискална консолидација за да го врати фискалниот дефицит на 3% или под тоа и да го одржи нивото на долгот. Секако, треба да се има предвид и дека Владата има многу амбициозна програма за јавни инвестиции. Прашањето за висината на јавниот долг зависи и од тоа за што се трошат парите. Ако Владата е фокусирана на инвестиции во продуктивни проекти, кои ја зголемуваат конкурентноста на земјата и создаваат одржлива вработеност, тоа е добра идеја дури и кога долгот расте. Затоа нема едноставен одговор за да се каже дали е лоша програмата за зголемување на јавниот долг. Ако погледнете во минатото, во последните пет години, владината програма за поттикнување на економскиот раст ја заштити Македонија од економската криза. Но, како што расте долгот се повеќе, мора да бидете внимателни и многу поголемо внимание треба да се посвети на внимателна селекција на инвестициите кои ќе се финансираат од буџетот.

Странските инвестиции се уште не го дале целиот бенефит

Бизнис сликата на Македонија во последниве години ја менуваат странските инвестиции што ги носи Владата во зоните, а кои се поттикнати со субвенциите што ги добиваат од државата. Како ја коментирате оваа политика?

-Програмата што ја спроведува Владата за привлекување странски инвестиции е успешна и донесе големи странски компании. Исто така треба да знаете дека како мала земја Македонија треба да привлекува странски директни инвестиции за да расте. Во овој бизнис постои многу голема конкуренција и фактот дека Македонија успеа да привлече реномирани компании е успех сам по себе. Но, во овој момент ние го гледаме само првичниот ефект од странските инвестиции. Главниот ефект е зголемување на бројот на вработени. За оваа програма да даде целосен ефект, овие компании треба да навлезат подлабоко во македонската економија. Овие инвестиции треба да предизвикаат и секундарни и терцијарни ефекти. Не само да вработуваат луѓе во нивното производство, туку да се поврзат со локалните компании кои би станале нивни добавувачи. На тој начин домашните компании ќе имат корист и од трансферот на технологија од меѓународните компании и од пристапот на странските пазари. Ова се следните цели. Затоа со Владата работиме на програма за поврзување и охрабрување на локалните компании за да станат добавувачи на странските инвеститори. Ако ова се случи и странските инвеститори целосно се вклучат во македонската економија, тогаш ќе го дадат целиот бенефит.

Домашните бизнисмени реагираат дека со оваа политика Владата спроведува двојни аршини и неоправдано ги става во подредена позиција домашните компании и инвеститори. Дали е оправдано да се води ваква политика и да се делат инвеститорите на странски и домашни, посебно ако домашните се тие што ја полнат државната каса и ја носат економијата?

-И ова мора да се види во поширок контекст. Технолошко-индустриските зони или таканаречени слободни зони не се нешто што функционира само во Македонија. А, постојат, како што реков, затоа што во привлекувањето странски инвестиции постои многу голема конкуренција. И понекогаш мора да дадете некои привилегии за да ги донесете овие компании. Но, Владата истовремено мора да продолжи со реформите за подобрување на климата за инвестиции на домашните компании за да го направи бизнисот полесен. Не е прашање дали е фер оваа ситуација, туку што можеме допонително да направиме за локалните компании да ги искористат предностите што ги носат странските инвеститори. Македонија мора да ја промени сегашната ситуација, односно да премине од јавни во приватни инвестиции, домашни и странски. За тоа треба да се направат многу промени, да се зголеми капацитетот на институциите, особено на локално ниво, да се подобри имплементацијата на регулативата, а ние би биле среќни да помогнеме во тоа.

За да се намали миграцијата треба да се создаваат добри работни места

Еден од главните проблеми на македонската економија е нејзината (не)конкурентност, посебно на меѓународниот пазар. Светска банка преку неколку проекти обезбеди пари за развојни политики за конкурентност, па кои се ефектите од нив? Што треба да направи Македонија за да ја зголеми својата конкурентност, затоа што тоа е клучниот услов за да го зголеми извозот?

-Конкурентноста не е еден проект за нас. Ние имаме многу активности кои се во функција на различни аспекти на конкурентност. Речиси се што правиме во Македонија ја поддржува агендата за подобрување на растот и конкурентноста на Македонија. Тоа е континуирана агенда. Во нашата нова стратегија за земјата, има два столба и првиот се нарекува „Раст и конкурентност“. Што направивме досега во оваа насока? Ако гледате конкретно на серијата активности поврзани со конкуретноста, тие беа насочени кон подобро управување со зоните за да се привлечат повеќе инвестиции, да се стимулира извозот и да се забрза прекуграничната трговија и да се зајакне управувањето со земјиштето. Некои проекти на Светска банка веќе придонесоа за подобрување на деловната клима и ефикасноста во управувањето со земјиштето, како што беше проектот во Катастарот, каде се дигитализираа мапите и се намали бројот на денови од 60 на еден ден за извршување трансакции. Конкурентноста не може да се постигне само со носење закони. Мора да се гради постепено. Следниот чекор што треба да се направи е поврзан со вештините и иновациите базирани на знаење, бидејќи гледаме дека степенот на софистицираност и иновативност на домашните компании треба да се подобри за да можат да ги искористат сите бенефити од странските инвестиции. Ова ќе се постигне преку новиот проект на Банката за развој на вештините и поддршка на иновациите во обид да го подобриме процесот во средното и универзитетското образование за да излегуваат кадри со вештини кои ги бара современата економија. Тоа е многу важно прашање за конкурентноста, но и за можноста за вработување. Проектот е поддржан и од новоформираниот Фонд за иновации и технолошки развој да развие капацитети и промовира инвестиции во иновации во македонските компании. Подобрувањето на конкурентноста е многу комплексен предизвик. Тоа е постојан напор да се оди напред.

Високата невработеност веќе стана мит во Македонија, а сега е и релативно колку е висока затоа што голем дел од невработените млади се отселуваат од државата. Кои можат да бидат последиците од оваа состојба?

-Кога зборуваме за проблемот, не само во Македонија, туку и од други земји во регионот младите си заминуваат. Кој е проблемот за земјата ако си одат младите? Најбрзиот ефект е стареење на населението. Тоа значи дека недостасува продуктивниот дел од населението, кој ги издржува старите и децата. Ваквата демографска пирамида нема да биде одржлива на долг рок. Но, кога се зборува за миграција треба да се има предвид и дека протокот на луѓе е добра работа и не треба да се запира. Фактот дека луѓето заминуваат од една земја значи и дека тие може да се вратат и да донесат нови знаења и погледи на светот. Од друга страна, тие ги поддржуваат своите фамилии и тоа дава економска корист за земјата. За да се намали миграцијата, решението е да се создаваат добри работни места. Локалните компании мора да се вклучат во глобалните промени и да промовираат знаење. Ако земјата стане поконкурентна и се отворат повеќе работни места, повеќе млади ќе имаат причина да останат овде. Македонија мора да расте побрзо за да може да се интегрира во Европската унија. За да се случи тоа мора да се зголемат економскиот раст и благосостојбата во земјата.

За две децении, колку што е присутна во Македонија, Светска банка помогна проекти во вредност од 1,7 милијарди долари. Кои се бенефитите за Македонија и колку Светска банка е задоволна од постигнатите резултати? Со кои проекти ќе бидете активни во иднина?

-Оваа година Светска банка обележува 20 години успешна соработка со Македонија и ние сме горди на поддршката за земјата на нејзиниот пат низ транзицијата и развојот. Првиот проект, Заемот за економско закрепнување, вреден 80 милиони долари, беше во 1994 година и беше дел од првата стратегија за Македонија за поддршка на макроекономската стабилизација, градење институции за пазарна економија и одржување на главните социјални програми за време на транзицискиот период. Како што споменавте, во изминатите две децении, Светска банка обезбеди околу 1,7 милијарди долари финансиска поддршка преку над 40 операции, вклучително и инвестиции во енергетскиот сектор, патишта, земјоделство, здравство, социјална политика, вештини, иновации. Македонија оствари значителни постигнувања, но се уште остануваат предизвици, особено во однос на ефективна имплементација на реформите и изградба на капацитети кои ќе донесат поголеми инвестиции и повеќе и подобри работни места за граѓаните. Во поглед на идната програма, Светска банка е во финална фаза на подготовка на новата Стратегија за партнерство со Македонија за периодот 2014-2018 година, која ќе се фокусира на две главни теми: промовирање на растот и конкуретноста и зајакнување на вештините и инклузијата. Двете теми се од клучно значење за намалување на крајната сиромаштија и поттикнување на заедничкот просперитет во земјата и се основни за подобрување на благосостојбата на граѓаните. Економскиот раст ќе обезбеди можности за подобрување на примањата, а фокусирањето на вештините и инклузијата ќе обезбеди поголем дел од населението да имаат корист од овие можности. Стратегијата вклучува и поддршка во пристап кон ЕУ бидејќи долгорочната иднина на Македонија е поврзана со интеграцијата во ЕУ. Банката ќе продолжи со цел опсег на финансиски, едукативни и советодавни услуги во поддршка на овие цели, обезбедувајќи помош во неколку сектори, како што се транспортот, енергетска ефикасност, управување со јавни финансии, социјална заштита и друго.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×