Македонскиот фриленс пазар доживува бум –се повеќе луѓе наоѓаат работа онлајн! 
Објавено на од во Економија

FreelanceСе повеќе млади луѓе во земјава наоѓаат работа онлајн преку посебни платформи за фриленсери. Според некои проценки, Македонија е меѓу земјите со најмногу фриленсери по глава на жител. Придобивките од фриленсот се тоа што можете попродуктивно да си го организирате времето, а притоа да не трошите пари и време при патување до работното место, како што е случајот со работењето во компанија. Но, во земјава се уште не постои закон за фриленсери кој ќе го регулира нивното работење, а откако нивните приходи, според последните законски измени се даночат прогресивно, многу од нив бараат разни начини приходите да не им се исплаќаат преку македонските банки.

Човекот и машината во светот на трудот не е задолжително да биде двете страни на барикадата. Ако компаниите и вработените ги искористуваат можностите, заедничкото работење на автономни системи и луѓе може да го објави почетокот на нова ера во светот на трудот.
За работниците претстојната дигитална промена носи и добри и лоши новости. Како и при претходните технолошки промени, како резултат на навлегувањето на роботите и на другите автономни системи никнуваат нови работни места со интересни профили, зашто од гледна точка на креативноста и взаемното дејство со луѓето, машините ќе заостануваат во долгорочна перспектива.Со овие промени е поврзан и растот на создавање додадена вредност, што ќе доведе не само до повеќе макроекономски добивки, но и до повисоки плати поради зголемените побарувања за работна рака.
Ќе се бараат, пред сѐ, добри способности за комуникација и кооперација, професионално и соодветно за компанијата „ноу-хау“, технички/трговски капацитет, ИТ специјализирани знаења и онлајн компетенции. Европската комисија посочува дека во блиска иднина за 90% од работните места ќе биде неопходен извесен степен на ИТ компетенции.
Капитал се обиде да загребе по површината на состојбите на дигиталниот пазар на труд во земјава.
За таа цел, најпрво разговаравме со неколкумина фриленсери кои остваруваат приходи од ангажмани точно преку он лајн платформи како што е upwork. На нивно барање идентитетите ќе им бидат одбележани само со иницијали.
UJP -Popovski F03

Согласно Законот за личен доход, не постои вид или подвид на приход којшто се однесува на oстварени приходи преку дигиталните платформи за фриленс услуги. Во согласност од видот/типот на договорената услуга помеѓу договорните страни, приходот соодветно се класифицира согласно видовите на приход дефинирани во Законот за данок на личен доход.

Фриленсерите како дигитални пионери
Г.Р. е еден од нив. Според неговото објаснување, работи во областа на дигитален маркетинг, оптимизирање и скалирање на Facebook реклами и градење системи за автоматизирани Messenger пораки.Моментално е активен на главните платформи каде наоѓа нови клиенти преку LinkedIn и Facebook Groups.
Како изгледа едно вообичаено договарање на ангажман, го запрашавме, и го замоливме да ни ја опише целата процедура: од првичниот контакт, па до утврдувањето фиксна цена или преку број на работни часови и од што зависи ова последново?
„Доколку клиентот ме контактира мене, комуникацијата е на друго ниво, веќе е донекаде запознаен со тоа што го работам и може полесно да постигнеме договор. Најпрво разговараме за потребите на клиентот, какви резултати очекува и кој е буџетот. Најчесто се договараме по услуга, не по час.Цената зависи од тежината на работата и за колку време сакаат да се заврши истата. Секогаш е тешко одредување на цена, особено ако потенцијалниот клиент дознае дека не живеам во некоја од развиените земји, па очекува услугата да биде со многу ниска цена“.
Најчесто, вели, рабодотавци се помали компании, но исто и поединци кои имаат потреба од аутсорсинг на дел од услугите. Клиентите, додава тој, се најчесто од САД, Канада, Австралија, Англија.
Запрашан дали заработката е оданочена во земјава или во странство, тој вели дека заработката ја оданочува во земјава“.
Но, освен тоа, Г.Р работи и за “регуларен“ работодавец, затоа што, според него, еден од недостатоците на фриленс работата е периодичниот ангажман и, како што додава,недоволната сигурност.
„Предноста е можност за работа со луѓе од цел свет и квалитетни клиенти“.
Но, доколку се се оданочува легално и нема законска пречка да се работат повеќе работи, особено во зоната на интернетот, зошто тогаш толкава мистична магла околу целиот процес на „фриленсање“? Г.Р вели дека е многу тешко да се процени колку луѓе брои заедницата на фриленсери од најразлични области во земјава, затоа што „ многу од фриленсерите се таинствени и не сакаат да споделуват информации“.
В.З. чии најчести ангажмани се изработка на целосна SaaS (Software as a Service) платформа, вели „во зависност од големината на проектот балансира помеѓу програмирање, менаџирање на тимот и комуникација со клиентот. Ангажмани наоѓа на Upwork, но, како што вели, активен е најчесто месец до два годишно“.

За договарањето на ангажманите, опишува,„најпрво избирам проекти на кои би се аплицирало, но не повеќе од 5 дневно. Првиот контакт е аплицирањето за тој проект (освен ако потенцијалниот клиент претходно не испратил покана). Апликацијата треба да биде концизна, една реченица за претставување, параграф до два со анализа и решение за проблемот на клиентот, завршување со портфолио кое е поврзано со проектот за кој се аплицира. Со ваква апликација верувам дека би се издвоил во најдобри 10%, доволно за потенцијалниот клиент да се заинтересира. Неколку пати се случило клиентот да избери друг фриленсер, па по неколку недели да ме исконтактира поради тоа што не е задоволен од неговиот избор, најчесто фриленсер од Азија кои нудат многу ниски цени и низок квалитет.

Вкупната цена и работните часови зависат најмногу од тоа колку добро е дефиниран проектот. На пример, вели тој, ако може да се пресмета точно колку време е потребно за изработка, понудата ќе биде фиксна цена, во спротивно е по час. И во двата случаи цената за час е иста, објаснува В.З.

Платформата UpWork, каде што вели дека е најактивен во потрагата по работа, му зема, како што објаснува тој, oд 5% до 20% од тоа што го исплатил клиентот.

„Платформата нуди сигурност, затоа е добро некој период да се остане таму и да се изгуби мал дел од заработката за поголем рејтинг понатаму. Но, ако е поголем ангажманот, се завршува проектот на Upwork по два-три месеци, а понатаму клиентот продолжува со исплата на трансакциска сметка директно во македонска банка. Во мојот случај, на сметка на правно лице, а оттука оданочувањето е како и кај секое друго правно лице“, појаснува В.З.

Пред повеќе од пет години дал отказ од „вообичаеното“ работното место и започнал freelance со полно работно време.

„Работа од дома некој го гледа како предност, некој не. Некој сака да му кажат што да работи, некој сака сам да си избере. Стресот е проблем и во двата случаи. Генерално, имаш многу поголема слобода и се зависи како ќе гледаш на тоа“, додава тој.

Запрашан за проценка на маштабот на дигиталните фриленсери во земјава вели не може да се утврди точна бројка, „но со сигурност драстично се зголемува“.

„Ако пред 10 години во банка не гледаа како криминалци кога разменувавме чек од Гугл, денес тоа е најнормално“, со иронија и чувство на мала победа зборува В.З.
Screenshot_36А.Т , најчесто е ангажиран во доменот на графичкиот дизајн, а поретко и во UX/UI. Фриленсот не го работи исклучително на платформи, како што објаснува,„по препорака сум често повикан за да решам некоја проблематика. А во однос на платформите ја користам www.upwork.com“.
Договарањето, вели тој, е чисто формално, „да се продискутира тежината на проектот и колку и како јас би се ангажирал, кога веќе се тоа ќе се договори, зависно од проектот се пристапува кон одредување цена фиксна или по час. За графичкиот дизајн најчесто одам со фиксна цена и лимитиран број на ревизии, додека, пак, со UX/UI наплаќам од час, во ретки случаи на фиксна цена (ова важи најчесто за ситни модификации на веќе постоечки проекти)“.
Најчесто соработува со поединци, вели тој, подеднакво регионални и од светот, а поретко со компании.
„Иако можеби може да се каже дека претежно соработувам со компании бидејќи сите тие поединци со кои соработувам на еден или друг начин проектите им се компаниски врзани“.
Нему, пак, хонорарите, како што сведочи,„ми се исплаќаат на сметка во странство, која се оданочува таму, а според нашите закони немаме двојно оданочување“.
„Доколку некој проект ми се исплаќа тука на наша сметка, тогаш зависно од проектот како сме договорени, или клиентот го плаќа данокот или сам си го плаќам“, појаснува тој.
И тој, како и претходните соговорници, работел „класична работа“ и како што вели сам, „ и од време на време излегува по некоја пристојна понуда, па се ангажирам работно во некоја компанија“.
„Придобивките од фриленсот се тоа што можете попродуктивно да си го организирате времето, а притоа да не трошите пари и време при патување од – до работното место како што е случајот со работење во компанија. Недостатоците се тоа што законски не ни е дозволено да си платиме пензиско и здравствено и не ни се брои стаж. Закон за фриленсери нема, освен тоа што сме форсирани фриленсот да го преточиме во компанија, па на тој начин се ова претходно што го набројав да биде подмирено. А најголемиот недостаток во тој случај е што оданочување и исплата на примања ќе мора да си подмируваме на месечно ниво. Реално на нас фриленсерите не ни е проблем оданочувањето и нашата желба за плаќање на истиот, проблемот е во тоа што нам ни е потребно да имаме компанија преку која ќе можеме да испраќаме фактури, но доколку во месецот немаме никаков прилив на пари, да не бидеме форсирани да плаќаме данок и да си исплаќаме примања. Тоа во другите земји е решено со закон за фриленсери, кој им го дозволува сето ова. Кај нас за жал сеуште го немаме, но се надевам дека ќе се покрене иницијатива за да се смени“, објаснува А.Т.
Запрашан за проценките за бројот на фриленсери, тој, со прилична убедливост вели: „Според статистики на интернет, нашата држава е втора во светот со фриленсери по глава на жител (на 1.000 жители имаме по 3,41 фриленсер), веднаш после Србија (3,52 на 1001 жители)“.
Каков третман има УЈП?
По однос на ставот на државата за даночната регулатива за приходи остварени од дигиталниот пазар на труд, одговор побаравме од првиот „арачлија“ во државата, Управата за јавни приходи.
Од таму ни го дадоа следниов одговор: „По однос на Вашите прашања Ве известуваме дека согласно Законот за личен доход, не постои вид или подвид на приход којшто се однесува на стварени приходи преку дигиталните платформи за фриленс услуги. Во согласност од видот/типот на договорената услуга помеѓу договорните страни, приходот соодветно се класифицира согласно видовите на приход дефинирани во Законот за данок на личен доход“.
Овие приходи, како што стои во одговорот на Управата, се оданочуваат преку поднесување и плаќање на пресметки во системот Е-персонален данок , а УЈП ги превзема сите мерки за минимизирање на даночната евазија при овие трансакции (измена на Закон за банки и Закон за УЈП, предлог измена на Закон за брз трансфер на пари како и постапување по дојава од трети страни).
За став по ова прашање го прашавме претседателот на Здружението на даночни советници, ПавлеГацов, кој вели дека македонски граѓани што програмираат за странски компании (истото важи и за реализираното рекламирање на фајсбук, гугл, јутуб и сл.) и добиваат приливи по тој основ, не стануваат ДДВ обврзници и не плаќаат ДДВ, вели и додава дека, за овие услуги наменети за странски корисници, без оглед на висината на остварениот промет (над 1 милион денари).
Но, од 2019-та година, појаснува Гацов, остварените приливи од „дигитални услуги“ се оданочуваат со даночна прогресија, приливот до 90.000 денари по стапка од 10%, разликата над тоа по стапка од 18%.
Овој доход влегува и во збирот на годишниот доход кој исто така се оданочува прогресивно над износот од 1.080 илјади денари со минусирање на аконтативно платениот данок и евентуална доплата на разликата“.
Токму заради даночната прогресија и зголемениот дночен товар, ставот на Гацов е дека овие главно млади луѓе бараат начини приливите да не ги примаат преку македонски банки, кои пак, како што појаснува тој, имаат обврска да ја известуваат Управата за јавни приходи за оданочивите приливи.
„Дел од нив, од време на време, ги подигаат приливите во банки или платежни институции во соседни држави и физички ги пренесуваат кај нас, без да платат ниту денар данок во корист на македонскиот буџет. За илустрација, за приливи во соседна Бугарија се плаќа рамен данок од 10%“, коментира Гацов.
Оваа 2019 година ќе покаже дали државата ќе успее да го наплати предвидениот данок на доход по основ на тнр. онлајн услуги. Ако остварените приходи се помали од предвидените постојат две опции, првата е активирање на механизми со соседите заради проверка на доходите на нашите граѓани кај соседите, што е посебна правна, но и политичка постапка, втората е омекнување на даночниот режим за овие лица и третата, што не е вистинска опција – непостапување.
Освен даноците, приливите од овие лица имаат исклучително важна улога во формирањето на девизната позиција на државата во делот на тековен девизен прилив.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×