Македонскиот сон
Објавено на од во Колумни

Еден од кандидатите кој ќе се трка на следните претседателски избори во САД Рон Пол неодамна изјави дека главната визија на која ќе работи е Америка да стане земја во која секоја кој сака да работи ќе може да најде работа. Ова е американскиот сон. И во Македонија политичарите имаат визија. Секој кој сака да работи да го вработат во државна администрација. И ако може главен критериум за да ја добие работата да биде да го извлечат на томбола. Е за тоа сонуваат најголем дел од македонските граѓани и политичарите кои ги гласаат.

Демек тоа било социјално држава. Која ќе се грижи за сиромашните граѓани, ќе им ја зголемува социјалната помош, ќе ги праќа “бесплатно” на бања и на одмор, ќе им ги отпишува долговите за струја, вода и за кредити кои не си ги платиле…
Еве да претпоставиме дека сите ќе се социјализираме со социјалните случаи во земјава и ќе се согласиме да им се отпишат долговите што ги имаат. Што тоа ќе смени ако тоа семејство и понатаму продолжи да живее со приходи од 100 евра месечно? Веројатно ништо. Оти и понатаму нема да може да си ги плаќа сметките, колку и да има добра волја, и пак ќе натрупа долгови за неплатени сметки. Па некоја следна власт ќе треба повторно да ги отпишува натрупаните долгови за да покаже колку е социјална одговорна и за да може да добие гласови на некој следни избори. И тоа ќе си трае, како што веќе трае со години, а ние ќе си продолжиме да глумиме дека сме богата социјална држава, која што може на грб да носи се поголема социјала. Вистината е дека Македонија е сиромашна држава во која има се повеќе социјални случаи.

Но, поентата, која очигледно намерно не сака да се види, е дека најдобрата и најефикасната социјална политика е отворањето на нови работни места. Поентата е дека сите политички елити, годиниве наназад, во немоќ да создадат просперитетна економија која ќе отвора нови работни места и која ќе го подобрува животниот стандард на граѓаните, свесно прибегнуваат кон квази економско- социјални мерки кои многу скапо ја чинат економијата и кои стануваат се поголем товар за компаниите. Па наместо компаниите и приватниот сектор да отвораат места, државата се наметнува како најголем вработувач. Таа немоќ се одразува и во програмите на најголемите политички партии кои наместо со нови идеи за поголем економски раст се натпреваруваат кој најмногу ќе им угоди на социјалците и на другите ранливи категории. Кои на тој начин ја губат слободата и стануваат зависни од државата или од власта. Стануваат уценети или притиснати да гласаат за оној кој ќе им вети дека повеќе ќе се грижи за нив.

И така доаѓаме до ситуација во која се повеќе луѓе ја губат слободата, а се помал е бројот на оние на кои тоа им смета. Дали се  луѓето несвесни за ова? Не, напротив многу се свесни.

Бидејќи слободата не може да се одземе или даде. Секој сам одлучува колку ќе биде слободен.
Кој би бил резултатот ако на народот му се даде свесно да избира дали сака да има повеќе или помалку слобода? Ако слободата во еден најтесен опис се сфати како имање избор, односно можност секој сам да избира, но и сам да ја сноси одговорноста за својот избор, тогаш сигурна сум дека многу луѓе свесно би прифатиле да имаат помала слобода, односно да имаат помал избор или друг да го прави изборот наместо нив, ама тие да немаат никаква одговорност за изборот.

Да се биде слободен човек значи да се биде одговорен човек. Во Македонија се уште е многу голем бројот на луѓе кои би биле најсреќни некој друг се да им испланира, да им заповеда што и како треба да работат, тоа без поговор ќе го сработат, но за резултатите и за евентуалниот неуспех да обвинат некој друг.

 

Секој избира толкаво ниво на одговорност која ќе му овозможи и соодветно ниво на слобода.
Замислете каква би била реакцијата на социјалците, невработените или на оние кои имаат мали приходи, ако некој политичар во Македонија им каже дека самите се виновни и одговорни оти се невработени. Дека не можат да најдат работа заради тоа што тие немаат ниту знаење, ниту вештини заради кои некој би сакал да ги вработи. Дека сами се виновни и одговорни што работат работа која е толку малку платена. Дека во исто време во земјава има луѓе кои легално заработуваат и се платени повеќе од десет пати од нив и дека имаат право и слобода како сакаат да ги трошат своите заработени пари?

Веројатно би реагирале многу бурно. Оти тоа ќе им звучи сурово капиталистички. Веројатно ќе ги обвинуваат политичарите и директорите дека ја украле државата и ги уништиле фирмите.
Тоа е таа социјална хипокризија која го кочи напредокот на ова општество во секоја смисла. Општество во кое не се прифаќа дека некој може самиот да се вработи, добро да заработува, да биде богат, да биде независен од државата и да биде слободен и одговорен човек.
Да, политичарите и државата се виновни оти не успеале во сите овие години да создадат подобри економски услови за компаниите да отвораат нови работни места. Но, дел од вината ја носат и самите граѓани. Оти свесно се откажуваат од слободата и од одговорноста самите да направаат избор и да ја сносат одговорноста за тој избор. Што тие самите направиле за да им биде подобро и да бидат слободни и независни луѓе? Слободата има цена. Таа цена е иста за сите луѓе, за сите економии, за сите држави…Така е денес, така било отсекогаш.
Многу мислители и филозофи уште од најраните антички времиња зборувале и пишувале за слободата. Според Аристотел слободен е само оној човек кој ќе ги надмине своите стравови. Дека само добар човек може да биде добар граѓанин, бидејќи тој, почитувајќи ја својата слобода ќе ја почитува и слободата на другите и нема да ја узурпира власта. Слободниот човек за Аристотел бил освестен човек, кој и кога е на власт се однесува исто кон другите, како и кога е под власт на другите, бидејќи слободата е таа што ги прави еднакви, без разлика на  функцијата. Ваквата слобода, за која зборувал Аристотел, подразбира одговорност, бидејќи слободата е избор или можност која е во наша моќ и ние самите одлучуваме какви и колку слободни луѓе ќе бидеме. Толку точно и денес после толку многу време.

 

Колку слободни можат да бидат оние кои се вработиле во јавна администрација само заради тоа што се партиски подобни и заради тоа се нашле на некое партиско списоче? Кои прифаќаат да бидат вработени било каде, да земаат плата и да не одат на работа, само за да бидат во секое3 време на располагање на оној кој ги вработил?

Очигледено најголемата реформа која и претстои на Македонија е промена на менталната матрица на луѓето. Во некои нормални и развиени држави чувството на лична одговорност, волјата коректно и професионално да се сработи обврската која произлегува од работното место е дел од личната култура или обичаи. Кај нас дел од личната култура е да не го работиш ништо, а да земаш плата. А чудно истите тие луѓе неработници кога ќе отидат да работат во странство се едни од највредните и најодговорни работници. Очигледно не е до луѓето. До оние кои го управуваат системот ќе да е. Тие ќе треба да се натераат да сфатат дека се избрани на тоа место за да им го олеснат живото и работењето на граѓаните и за фирмите, а не на партијата, дека не смее главен приоритет да им бидат партиските цели, кога земаат плата од парите кои ги плаќаат граѓаните и фирмите…Е тоа е клучната реформа која во Македонија не ја спроведува ниту една власт. Од чисто прагматични причини, оти на сите главна цел им е да ја јавнат државата и буџетот. И да цицаат како најголеми паразити. Е на тоа се сведува македонскиот сон и визија.

 

 

One thought on “Македонскиот сон

  1. … на сите главна цел им е да ја јавнат државата и буџетот. И да цицаат како најголеми паразити. Е на тоа се сведува македонскиот сон и визија… ПРОМЕНА – само преку младите, без партиска обоеност да им се предочува дека ТИЕ се пролетта на оваа држава!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×