Македонските бизнисмени тешко се договараат за заеднички бизнис
Објавено на од во МКД-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Светската пракса на здружено основање фирма и водење бизнис на компаниите во Македонија е многу малку застапена. И покрај низата општо познати и докажани предности, македонските бизнисмени како воопшто да не се заинтересирани за оваа проблематика. Според експертите и бизнисмените менталитетот кој преовладува во бизнис заедницата, како и малку присутното долгорочно планирање на компаниите се двата клучни фактори за тоа.

Joint-Venture-Equity-Photo

Иако заедничкото вложување Joint Venture има голем број на предности за компаниите, во Македонија оваа практика не е премногу развиена.

Капитал направи истражување за да ги најде малкуте позитивни примери на ваквиот начин на работа. Со нив разговаравме за тоа дали и како може успешно да се води заеднички бизнис и добивме навистина интересни мислења и одговори.

„Нема  заедничко вложување бидејќи нема доволно добри партнери. Ако нешто сме научиле од нашето искуство тоа е дека добриот партнер во оваа работа е неопходен“, вели Арбен Абдурахмани сопственик на Везе Шари компанија која по принципот јoint venture заеднички со германската компанија Лехер инвестира во фабрика за месни преработки. Тој додава дека нивното искуство од сето ова повеќегодишно партнерство е крајно позитивно и затоа сопственикот го препорачува и на останатите компании.

„Заедно со германските партнери увидовме дека од месото што останува од нашите несилки може да се направат квалитетни месни преработки по највисоки светски стандарди. Така и бидна. Ние го дадовме објектот и суровината, а германските партнери ни го пренесоа нивното искуство технологија и долгорочно гледано пазар“, раскажува Абдурахмани.

Уште еден ваков позитивен пример е и кумановската компанија Стилкон која повеќе години работеше како јoint venture со холандската компанија Герлико која подоцна задоволна од соработката одлучи да го откупи целиот бизнис. Поранешниот сопственик на Стилкон, Бобан Тодоровски ни ја објасни целата ситуација и начинот на функционирање подетално.

„Герлико груп е присутна во Стилкон од 2010 година, откако откупија удел од 50% од фирмата. Оттогаш целата инвестиција е во вредност од 3,5 милиони евра. Што се однесува на партнерството, тоа беше многу полезно и тоа резултираше со отворањето на нови пазари, нови искуства, ново know-how. Делумно заедничко го сменавме и асортиманото на производство. Основна дејност на фирмата беше производство на челични конструкции, а од влегувањето на странскиот партнер паралелно отпочнавме со конфекционирање на арматурата односно изработка на арматурни детали според проектната документација како и вградување на арматурата на објектите. Генерално пораката е дека заедничкото инвестирање секогаш се исплатува“, вели Тодоровски.

Еден од најпознатите примери на успешно заедничко вложување е партнерството на градежната компанија Гранит и конзорциумот Фероинвест во врска со заедничките хидроцентрали.

Сопственикот на Фероинвест Кочо Анѓушев вели дека не се сложува со констатацијата дека во Македонија нема и не може да има успешни партнерства.

„ Пола од електраните ни се заеднички со Гранит, бидејќи тој едноставно е најискусен градител во државата. Ние бевме свесни дека мора да имаме партнер градител ако сакаме тоа брзо и добро да го направиме. Во моментот работат 19 електрани, во изградба се 5, што значи декание на крај ќе имаме 24 електрани. Со други зборови, Феро Инвест ќе има 24 сопствени и некаде околу 20 електрани за други инвеститори, а за кои ќе има одговорност да ги управува и одржува. Значи ако има обостран интерес во Македонија може да функционираат партнерствата“,

вели Анѓушев.

Тој и подетално ни ја објасни постапката околу тоа како функционираат сите овие партнерства со други компании.

„ Ние бевме пионери во оваа работа. Кога никој не сакаше да влезе во овие проекти, ние влеговме. Но, сега неколку години подоцна работата е поинкава. Сега има многу поголем интерес за нашиот бизнис и влегуваме во партнерство со компании кои не се од оваа област, туку сакаат да инвестираат. Ние покрај изградбата и пуштањето во употреба им нудиме и целосно одржување на централата во која тие инвестирале“, објаснува Анѓушев.

Како заеднички да се води бизнис?

Според универзитетскиот професор по менаџмент Стојан  Дебарлиев не треба да се направи некоја подлабока анализа за да се заклучи дека ниту македонските компании, ниту пак странските компании не ги користат заедничките вложувања за привлекување и настап на ваков вид на делување на македонскиот пазар.

Бидејќи и од теоријата и од праксата веќе ни е јасно дека при заеднички вложувања македонските компании би имале многу повеќе можност да ги користат своите ресурси, способности, знаења и конкурентски предности, го прашавме професорот Дебарлиев што треба да се направи за подобрување на состојбите во оваа насока. Тој точно и конкретно предлага што може да направи државата за да го поттикне ваквиот начин на претприемништво.

„Секако дека поединечни случи на заеднички вложувања можат да се најдат и во Македонија, но големата слика на оваа тема води кон размислување дека преку осмислувањето јасна концепција и стратегија за поттикнување на користењето на заедничките вложувања како кај домашните компании, така и кај потенцијални странски партнери, државата би можела да извлече огромна корист не само за својот економски раст, туку и за подолгорочниот развој на стопанството“вели Дебарлиев.

 Како тоа се прави во светот?

Постојат голем број на примери на светски познати компании кои ги користат заедничките вложувања како форма на колаборативна стратегија. Тие на тој начин заеднички работат на развој на нови технологии, но она што е поважно за растечките економии и земјите во развој е можностите кои се создаваат за економски расти развој, преку настапот и заедничкото делување на развиените мултинационални компании со локални компании во овие земји. Особено успешни во овој домен се брзо растечките економии како што се Кина и Индија, како и земјите од Централна и Источна Европа.

Според професорот Дебарлиев ваквата пракса има предности од секој можен аспект.

„Прво, странската компанија го користи знаењето и искуството на домашната компанија во однос на условите на работење, културата, јазикот, политичкиот систем и секако специфичното знаење во одредена дејност. Второ, кога трошоците и ризикот за настап на странски пазар се високи, странската компанија го дели ризикот заедно со домашната компанија. Трето, во одредени земји, политичките услови и регулативи ги прават заедничките вложувања дури и како единствен начин за настап на странски компании на нивните пазари“, објаснува тој и додава дека и за домашните компании, заедничките вложувања претставуваат можност за раст и развој на нивното работење.

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×