Македонските директори се двојно поголеми оптимисти од нивните светски колеги
Објавено на од во Компании
Додека само 22% од глобално анкетираните директори веруваат дека светскиот економски раст ќе се подобри, речиси 40% од нивните македонски колеги го сметаат истото, покажува, меѓу другото, истражувањето на PwC спроведено во 83 земји, меѓу кои и Македонија. 

Glavna fotka cГолемо истражување на PwC за ставовите на извршните директори во земјава, регионот и светот

Македонските менаџери се пооптимистични околу растот од своите светски колеги, клучни пазари им се соседните, сметаат дека имаат јасна визија за креирање вредност за своите купувачи и не се грижат многу околу својата лична дигитална безбедност, покажува 23-то по ред Глобално истражување на извршните директори на ревизорско – консултантската куќа PricewaterhouseCoopers (PwC) и неговите заклучоци за Северна Македонија.

 

 

Новата декада, извршните директори ја започнуваат со изразен песимизам за глобалната економија, при што 53% од нив во 2020 година предвидуваат пад на стапката на економски раст.
Ова е највисокото ниво на песимизам откако се започнати анализите околу ова прашање во 2012 година. За разлика од тоа, бројот на извршни директори што предвидуваа пораст на стапката на економски раст се намали од 42% во 2019 година на само 22% во 2020 година.
Ова се некои од клучните наоди од 23-тото по ред Истражување на консултантско – ревизорската компанија PwC, во која беа вклучени скоро 1.600 извршни директори од 83 земји од целиот свет, меѓу кои и од Македонија, а кои пред неколку денови беа презентирани и во Стопанската комора на Македонија.
Истражувањето за Македонија покажува некои интересни согледувања уште од самиот почеток. Се чини дека македонските директори имаат поинаков став во однос на верувањето за глобален раст. Додека само 22% од глобално анкетираните директори веруваат дека светскиот економски раст ќе се подобри, речиси 40% од нивните македонски колеги го сметаат истото.
Позитивниот став на македонските директори се гледа и понатаму во резултатите, при што само 26% од нив мислат дека глобалниот економски раст ќе забави, за разлика од 53% со ист став од редовите на директорите на глобално ниво.
Понатаму, истражувањето покажува дека директорите во земјава се повеќе убедени во позитивен економски тренд на кус рок, односно кусиот рок им овозможува поконцизни предвидувања. Така на пример, 81% од нив веруваат дека нивната компанија во период од една година има јасни индикатори за раст на приходот, за разлика од 73% од директорите на глобално ниво.
Ова, повторно, е интересен контраст во однос на предвидувањата за подолгиот, тригодишен период, што може да се должи на стравот од политичка нестабилност. Во овој случај. 73% од директорите во Македонија се уверени во можностите за раст на приходите, за разлика од 85% од директорите на глобално ниво.
10pcОперативна ефикасност и лансирање на нови производи се во фокус на македонските директори
Позитивизмот продолжува да биде изразен понатаму во истражувањето, каде што 60% од директорите во земјава сметаат дека моменталните финансиски перформанси на нивните компании се подобри одошто на конкурентите на пазарот, што е во линија со глобалниот индикатор од 61%, и трендот во регионот од 57%. За разлика од фактот што само 7% од анкетираните менаџери во земјава сметаат дека финансиските перформанси на нивната компанија се полоши од оние на конкурентите, што е речиси половина од резултатот покажан на глобално ниво.
Стратегиите и плановите за обезбедување раст на приходите во голема мера се во линија со она што го навеле директорите од регионов и од светот. Компаниите во Македонија, во најголема мера ќе се фокусираат на оперативната ефикасност (72%), лансирање на нов производ и/или услуга (67%) и органски раст (49%). Од друга страна, ставовите варираат во делот на соработката со претприемачи и стартапи, каде што директорите во земјава не истакнале баш дека планираат такви активности (само 9%, споредено со колегите на глобално ниво коишто се изјасниле 28% дека веруваат во вредноста на ваквите соработки.)
13pcДиректорите во земјава имаат јасен стратешки поглед за нивните потенцијали и што е тоа што ги прави уникатни на пазарот. Од седум понудени одговори на прашањето „која од наведените изјави сметате дека најдобро ги прикажува вашите стратешки цели?“, најмногу, или 30% се согласиле дека имаат „јасна визија околу тоа како креираат вредност за нивните потрошувачи“, што е поголем процент од нивните колеги директори во регионот и на светско ниво. Дека имаат “сет на клучни вештини коишто ги разликуваат од нивните конкуренти“ одговориле 26% од директорите во земјава, во споредба со 18% во регионот, и истиот процент на светско ниво. Поголема изедначеност во одговорите на македонските директори со оние во регионот и светот се покажува кај констатацијата дека стратешкото алоцирање на ресурсите најдобро ја отсликува нивната стратегија и цели. Носењето на уникатност за своите клиенти е карактеристика која ја посочиле идентичен процент во сите три географски категории (12% во Македонија, 12% во регионот и 11% во светот), додека помал процент кај македонските директори се забележува кај констатацијата дека агилноста и следењето на новите можности е клучната работа што ги одвојува на пазарот – тука само 7% македонски директори дале ваков одговор, за разлика од 9% во регионот и 12% во светот. Кај привлекувањето, задржувањето и развивањето на талентирана работна сила, македонските директори се изјасниле дека е нивна најсилна страна во скромни 5%, за разлика од 7% во регионот и 9% во светот.
12pcКлучни пазари за растот на компаниите
Што се однесува до очекувањата за бројот на вработени, кај македонските директори ставот е посличен со оној на глобалните директори, одошто со регионалните. Сепак, очекувањата се позитивни со оглед на тоа што компаниските шефови во земјата во 49% очекуваат зголемување на бројот на вработени, 40% сметаат дека бројката ќе остане иста, додека 12% сметаат дека ќе има намалување. Повеќе песимисти се регионалните и глобалните директори од коишто 21% и 22% респективно, сметаат дека ќе има намалувања во бројот на вработените. Но, треба да се земе предвид дека намалувањата не мора неминовно да значат отпуштања заради економска криза и сл., туку некои компании ќе ја заменуваат човечката работна сила со роботи, вештачка интелигенција, итн., како последица на автоматизацијата и дигитализацијата што навлегуваат во нашите животи секојдневно.
Како што и се очекува со оглед на дадените геополитички околности, економиите на соседните држави се сметаат за клучни пазари за растот на компаниите, според мислењето на македонските директори. Една третина од нив за таков го сметаат српскиот пазар, 30% сметаат дека тоа е Косово, 21% Бугарија, 19% Албанија, а интересно, следни во низата се САД за коишто 16% од анкетираните директори се изјасниле дека е клучна за идниот раст на приходот, пред Германија со 14% и Хрватска со 12%.
За директорите пак на компаниите од регионов, клучни пазари за нивниот раст следните 12 месеци се Кина, за којашто се изјасниле 20%, Германија со 19%, САД со 17%, Русија со 11%, Романија со 8%, Србија со 8% и Австрија со 7%.
14pc1Најголеми закани за растот
Заканите по растот се заеднички аспект за директорите на сите нивоа што се испитани во анкетата на PwC. Па затоа, не е ни чудно што во повеќе категории постои согласување помеѓу локално, регионално и глобално испитаните директори.
На пример, идентичен процент (81%, 82% и 81%) од македонските, регионалните и директорите на глобално ниво сметаат дека несигурниот економски раст е закана за растот на нивните компании. Потоа, 81%, 79% и 77% сметаат дека несигурните политики се голема закана, по што следи достапноста на клучните вештини како предизвик, зголемените даночни обврски, сајбер заканите, геополитичката несигурност и даночната несигурност, којашто е закана за бизнисот кај 81% од анкетираните директори во Македонија, за разлика од 64% од директорите во централна и источна Европа, и 57% од директорите на светско ниво.
Сајбербезбедноста е област што станува сe’ позначаен аспект во работењето на компаниите во сите делови од светот, а тука компаниите во Македонија се поблиски со гледиштата со компаниите од регионот, одошто со оние од светот.
Интересно сепак, главниот предизвик за македонските и регионалните компании се чини дека е ефектот на регулативите за заштита на личните податоци, за што се изјасниле 63% од македонските директори, 74% во регионот, и пониски, 59% на светско ниво. Зголемената комплексност на сајбер заканите е помалку загрижувачка за компаниите од регионов и во земјава, само 58% од нив се изјасниле така, за разлика од 75% од директорите во светот.
Голема изедначеност постои во гледањето на растечката загриженост на јавноста околу приватноста на податоците како закана за бизнисот, поточно 47%, 46% и 48% респективно за Македонија, регионот и светот. Како клучни фактори за обликување на стратегијата за сајбербезбедност анкетираните директори од PwC на локално, регионално и светско ниво ги наведуваат и недостатокот на работна сила во сајбербезбедноста; ранливоста на синџирите за набавка; прифаќањето на IoT (Internet of Things), хардвер и софтвер; растечките геополитички тензии, како и воведувањето на 5G мрежите.
14pcЛично дигитално однесување на директорите
Се вели дека лидерите најдобро раководат преку личен пример, а ова е особено точно во време на дигитализација. PwC ги праша директорите за нивното лично дигитално однесување, со цел да одреди колку тоа е во линија со стратегијата на нивната компанија во тој поглед. Резултатите покажуваат дека не се обрнува доволно внимание на оваа проблематика, како во Македонија, така и на глобално ниво.
Само 33% од директорите во земјава изјавиле дека ги избришале сите или некои од содржините на нивните социјални мрежи, додека тој процент е уште понизок во регионот на ЦИЕ, 22%, и на светско ниво 26%. Само 21% од македонските директори рекле дека престанале да користат дигитални асистенти од типот на Amazon Alexa, Siri, итн., а 18% во регионот и 23% во светот. Минимални 2% од македонските директори побарале да се отстранат сите податоци собрани од некоја компанија за нив, како што се банки, социјални мрежи и сл. Вакво барање упатиле 8% од директорите во регионот, и 13% од директорите ширум светот. Меѓутоа, треба да се истакне дека 56% од директорите во Македонија, 61% во регионот, и 55% во светот не направиле ниту едно од претходно споменатите дејства.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×