Македонските информатичари – евтина лон база за големите играчи
Објавено на од во hi-tech & business

Домашната побарувачка за информатичко-комуникациски услуги драстично опаѓа. Се помалку компании имаат потреба од нов софтвер или друго информатичко решение, поради што работата на домашните информатичари се сведува само на банкарскиот систем. Во отсуство на пазар дома, тие работата си ја обезбедуваат претежно во други земји поради што овој сектор се повеќе добива димензии на аутсорсинг оаза за странски клиенти!

Од вкупно 445 милиони евра колку што тежел вкупниот ИКТ пазар во Македонија во 2013 година, најголем процент, дури 78,6% отпаѓаат на телекомуникацискиот пазар, додека убедливо најмал процент, само 4,2% или 19 милиони евра се генерирале од продажба на софтвер.

Најновите податоци за вредноста на информатичко-комуникациската индустрија добиени од МАСИТ (Комора на ИКТ компании) потврдуваат дека истата е во стагнација. Порастот во 2013 година во однос на 2012 година е незначителен, само 0,9%, а за оваа година исто така се проектира раст од минимални 0,2%. Иако дел од компаните од овој сектор имаат умерено оптимистички проекции за иднината, најголемото здружение на компаниии од оваа индустрија и за 2015 година очекува благ пораст на бизнисот од 1,6%, што значи дека поголеми стапки на раст во индустријата, какви што бележат други земји од регионот, во Македонија не можат да се очекуваат ниту на среден рок.
“Моменталната состојба во ИКТ индустријата е одраз на економската состојба во земјата која, за жал, е потешка отколку изминатите години. Потешко се доаѓа до нови работи и нови проекти. Индустријата, поради лошата финансиска состојба, нема можности да бара нови поквалитетни ИТ решенија и услуги. За жал, нашиот пазар многу малку бара, поради што и самата индустрија малку произведува нови модерни мобилни и таблет апликации, а особено cloud решенија. Бидејќи ИКТ компаниите не успеваат да направат доволно добри продукти за домашниот пазар, истите не можат да ги пласираат надвор како готови решенија, се повеќе се ориентирани кон надвор за продажба на outsourcing услуги“,објаснува Герасим Ванчев, директор на компанијата Семос, која своите готови софтверски решенија веќе неколку години ги пласира во регионот. Ванчев прецизира дека освен во Албанија и Косово многу им е тешко готовите продукти да ги продадат и во останатиот дел од Европа или подалеку, бидејќи тие се многу понапред од нас. Една од причините зошто домашните компании не можат да се пробијат на поголеми пазари со готови продукти е фактот дека немаат домашен пазар каде што прво би ги извежбале и усовршиле тие продукти.

Колку е стеснет пазарот во земјава потврдуват скоро сите компании со кои разговаравме. Побарувачката на домашен терен доаѓа доминантно од финансискиот сектор кој има потреба продукти и проекти за мобилно плаќање, буџетирање, како и “менаџерски информационен систем“ за банкарски сектор и осигурителни компании.
Ако се погледне структурата на ИТ бизнисот во Македонија и како тој се менува, ќе се види дека телеком пазарот и телекомуникациската опрема драстично паѓаат што е одраз на презаситениот телеком пазар, додека софтверот е во нагорна линија, што е резултатат на бизнис активноста на странски пазари.
Промените во побарувачката на информатичко-комуникациски услуги предизвикуваат и промени во профилот на самите компании. Така, во малопродажбата потполно се загуби стриктната ИКТ дистинкција бидејќи ИТ опремата се продава и во супермаркети и со другата бела техника, додека софтверската индустрија бележи подем при што бројот на мали и средни извозно ориентирани софтверски компании се мултиплицира.

“Македонскиот пазар и неговата апсорпциона моќ се толку мали што еден или два поголеми државни тендери можат евидентно да влијаат на годишните статистики. Од друга страна, цената на опремата постојано опаѓа т.е. се намалува нивото на мерлив ИКТ промет. Дополнително, компаниите во Македонија сеуште не инвестираат доволно во софтверски алатки и решенија кои на поразвиените пазари го компензираат падот на прометот од хардвер“, вели Коча Бошку од компанијата Сеавус која на македонскиот пазар е присутна пред се преку Сеавус едукативниот и развоен центар, а над 95% од прометот го остварува со пласман на софтверски решенија и услуги во Западна Европа и САД. Главниот фокус на оваа компанија е во индустријата на игри и развојот на вградливи решенија во соработка со глобални производители.

Со оглед на богатото искуство кое Сеавус го има во работа со странски клиенти, го прашавме Бошку зошто македонските ИТ компании се повеќе се свртуваат кон аутсорсинг?
“До аутсорсинг проекти е релативно поедноставно да се пристапи. Аутсоурсинг-от на прв поглед можеби има доза на вулгарност или “помала вредност”, но во секој случај е одличен почеток за развивање на интерна технолошка експертиза. На почетокот се работи за потребите на други компании, но со тек на време се стекнува непроценливи искуства кое придонесува за креирање сопствени производи и услуги“, прецизира Бошку.
Исто така, аутсорсингот за македонските компании, но и за останатите во регионот, е клучниот начин за да постигнат извоз на своите услуги или производи.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×