Македонските претприемачи ги споделија своите искуства
Објавено на од во Start-up

light bulb head draws the big idea with red penКако до првата инвестиција во стартапот и што со неа?

Паметен штекер, паметно капаче за резервоар за гориво, паметен дигитален асистент…Паметни идеи од паметни момци и девојки од Македонија успеваат да добијат пари од инвеститори кои што го препознаваат потенцијалот на нивните бизнис идеи.  Како успеваат во тоа и за што ги трошат вложените пари – овој пат своите стории ги раскажаа  стартапите што имаат добиено инвестиции од приватни фондови и акцелератори од регионот, Европа и САД.

Слушajќи ја пред извесно време сторијата за патот до успехот на Алан Шаф, основачот на Imgur, една од најпопуларните онлајн платформи за споделување на слики, една работа падна во очи веднаш на почетокот од неговото сведоштво. Тој пред присутните млади претприемачи од Македонија, во Сеавус инкубаторот откри  дека после неколку години мачење и развој на платформата со сопствени сили и нешто ситно спечалени пари, добил силна финансиска инјекција од 40 милиони долари, од познат американски инвестициски фонд што вложува во технолошки стартапи. Кај присутните во салата  веднаш се појавија иронични насмевки на лицата и одмавнување со раката во стилот “А, бе ај…

startup 892 01

“Сепак, не е баш така едноставно. Четириесет  милиони не би ви дал никој доколку немате навистина производ што ветува. И одличен тим и визија, како што објасни потоа Шаф.

Македонските претприемачи што го сонуваат успехот на Imgur и сличните нему приказни од богатиот Запад, барем тука во Македонија и регионот не може да се надеваат на вака “калорична“ финансиска порција, но има веќе десетина претприемачи од земјава што успеале да добијат поддршка во рангот од 100-150 илјади евра од регионални, европски, па и американски акцелератори и фондови. Милионските инвестиции остануваат цел што допрва треба да се освои.

Разговаравме со некои од овие дечки.

Митко Цабевски е добро познат лик во стартап заедницата во Македонија. Човекот стои зад проектот  u:Plug ,“паметниот штекер“ односно полнач за мобилни уреди и “гаџети“, кој што ја полни батеријата побрзо и поефикасно, преку два УСБ портови. Цабевски го развиваше производот во партнерство со хрватски стартап, заради, како што има објаснето во повеќе прилики, предностите што ги нуди тамошниот пазар како дел од ЕУ. Тој вели дека засега продажбата оди мошне солидно.

“Производот е достапен на нашата веб страна и може да се купи во секое време. Од скоро успеавме да договориме и со Хрватски Телеком да се продава и во нивните продавници ширум Хрватска. Плановите се и во иднина да продолжиме со развој на продажната мрежа, конкретно со познати дистрибутивни синџири во Европа кои ќе до пласираат u:Plug во нивните продавници.“, вели Цабевски.

Start up 892 ramka
Од скица до готов производ со помош на акцелератор

u:Plug има добиено инвестиција од бугарскиот акцелератор и “venture capital” фонд (инвестициски фонд што вложува во стартапи или мали и средни фирми со висок потенцијал за раст, н.з.) Eleven, од 150 илјади евра.

“Парите ги добивме во три фази кои беа поврзани со нашиот развој и планови“, објаснува Цабевски. “Секоја од траншите ја добивавме врз основа на претходните успешно завршени задачи, односно цели што ги исполнувавме. Инвестицијата ја употребиме за доведување на u:Plug практично од скица до готов производ. Најголем дел од парите ги употребивме за развој на штекерот, производство и маркетинг“, додава тој.

Eleven бил нивниот прв, а досега и единствен избор за надворешна инвестиција. Соработката со овој акцелератор/фонд, а во принцип така оди процедурата и за останатите организации од овој вид во регионот и во Европа, почнува со апликација на некој од нивните редовни повици за инвестирање.

“Апликацијата е доста детална и содржи низа прашања кои треба навистина сериозно да се одговорат за да се помине првичниот филтер. Почнувајќи од идеја, пазар, реализација, бизнис план, маркетинг план, детали за продуктот, планови за скалабилност (можноста за значителен раст и експанзија што не мора да значи и пропорционално зголемување на трошоците, н.з.) и секако референците на тимот кој стои зад целата приказна. Од оваа дистанца мислам дека нашата храброст да создадеме физички производ практично од ништо беше пресудно Eleven да ја препознае нашата определба и упорност.”, вели Цабевски за искуството на неговиот стартап со првата инвестиција од надвор.

“Паметното“ капаче паметно се пресели во САД

Во еден од минатите броеви пишувавме за Игор Христов, основач на стартапот 4virtus  и проектот Fueloyal, кој што во моментов е во САД, во њујоршкиот огранок на Techstars, една од најголемите мрежи на акцелератори во светот. Во програмата се до средината на јануари следната година, кога ќе имаат демонстрација на својот продукт, а потоа ќе се подготвуваат за првата поголема инвестиција.

Случајно, и Fueloyal всушност е македонско – хрватски проект, се работи за “паметно“ капаче за резервоарите за гориво, наменето за транспортните компании, преку кое што ќе може да ја контролираат внесената количина на гориво во возилата, и да спречат злоупотреба, односно кражби на истото. Капачето iCap 1000 веќе беше пласирано  на пазарите во САД и Канада, со него се намалуваат трошоците, се врши контрола во реално време, а до системот може да се пристапи од компјутер или мобилен телефон.

Христов за Капитал објасни дека Продажбата на Fueloyal e затворена со првата количина од првата верзија, но сега многу работи менуваат во компанијата, и почнуваат цела една нова приказна.

“Придобивките од учеството во акцелераторот TechStars е непроценливо за нас, мрежата од инвеститори – приватни и институционални – брои преку 1.500, ментори кои што само на сон може да ги најдеме“, вели Христов.

МН: Инвестиција од 120 илјади долари

Тој вели дека TechStars има вложено 120 илјади долари во нивниот проект, со цел да ги подготви за што подобра презентација пред поголемите инвеститори што треба да се случи на почетокот од следната година. Како се случи Fueloyal да биде дел од овој акцелератор?

“Добивме покана за учество уште кога го отворија TechStars Berlin, минатата година. Ние испративме официјална апликација, меѓутоа тие бараа да бидеме присутни три месеци внатре во акцелераторот. Во тој момент бевме во фаза на развивање на нашиот производ и не беше возможно да заминеме на три месеци. Освен тоа, пазарот кој го таргетираме не е европскиот, туку американскиот, поради што заминувањето во Берлин не ни беше приоритет“, вели Христов

Во меѓувреме добиле уште една покана, овојпат за програма во просториите на TechStars  во Њујорк. Бидејќи колега од тимот веќе бил во САД, остварил средба со нив, по која што ги  известиле  дека се вклопуваат  во две од нивните програми: за мобилност и за IoT односно Internet of things (Интернет на нештата). Официјалната програма почна сега во октомври 2016 и ќе трае до јануари 2017.

“Акцелераторот добива удел во вашата компанија, а од нивниот инвестициски фонд вие добивате одредени средства. Оние пари  што  ги добивате се доволни колку вие да го преживеете почетокот од лансирањето на вашата компанија, но многу позначајно е искуството кое го стекнувате преку активностите таму и мрежата во која ве вклучуваат.Акцелераторите, како и сите други бизниси, се ориентирани кон една единствена цел  – а тоа е од вас да направат успешна приказна и истата да ја продадат.“, објаснува Христов.

Зборувачи и правачи

Теди Пејовски, е уште еден интересен лик од македонската стартап сцена. Млад претприемач, кој за себе вели дека e постојано во потрага по нови предизвици и креативни решенија.

Основач е на стартапот за мобилни и веб софтверски решенија G6, кој што во 2012 година доби прва награда вредна 100 илјади долари од Samsung на натпреварот за мобилни апликации,  за апликацијата Crack Your Screen, која што досега има над 18 милиони симнувања од интернет и Пејоски верува дека е најпопуларниот производ од овој тип што излегол од софтверска фирма од регионов.

“Симнувањата на апликацијата  се бесплатни, но ние заработуваме на наједноставниот начин  – преку вметнување на реклами при користењето на самата апликација“, вели Пејоски.

Тој вели дека со еден од продуктите на G6 аплицирале во Државниот фонд за иновации, но не биле избрани за финансиска поддршка.

“Веројатно не беше доволно иновативен“, со  насмевка вели Пејоски.

“Освен оваа апликација не сме пробале на друго место, но засега и немаме голема потреба. Но, од друга страна, инвестиравме во Vozime.mk, нов македонски стартап основан од Анастас Петровски и Димитар Фуна од Битола, онлајн платформа што има за цел да им помогне на луѓето да споделуваат заеднички превоз со возило и така да ги намалат своите трошоци. Vozime.mk е во последната фаза на тестирање пред да биде пуштена во употреба“, додава Пејоски.

Пејоски смета дека работите на македонската стартап сцена одат напред, но искрено, очекувал сето тоа да се одвива побрзо, со оглед дека имаме регионални примери на глобално успешни стартапи кои што може да се следат и да се учи од нивните грешки.

“Она што јас го гледам кај нас би го опишал како ‘луѓе што само зборуваат – talkers’ и оние што навистина прават нешто – ‘doers’, и за жал с$ уште овие првите некако преовладуваат. Затоа што, нели, стартап, инвестиција, акцелератор, претприемач, итн… се популарни зборови денес. “, вели Пејоски.

Нашиот соговорник вели дека овие вторите може да направат разлика во моментот кога некој од нив ќе забележи позначителен успех, односно, дека ни требаат повеќе “doers“ кои што го изоделе најтешкиот дел од патот и сега нивното знаење го инвестираат во заедницата.

“Настаните за вмрежување се генерално во ред, но кога луѓето што присуствуваат на нив нема што да споделат, работите се сведуваат на празни муабети и ‘што би било кога би било’“.


Letz 592Откако SCV отвори канцеларија во земјава

Letz е првиот домашен стартап што доби пари од странски фонд во Македонија

Останатите примери што ги наведовме во овој текст се стартапи кои што досега добиле финансиска поддршка надвор од Македонија, односно аплицирале во акцелератори или фондови што физички се наоѓаат во странство. South Ventures Capital е првиот странски венчр фонд за стартапи кој што отвори канцеларија во земјава во октомври минатата година, и досега има шест инвестиции во регионов, а една во Македонија. Поддршката од 100 илјади евра  е за решението на стартапот Letz, т.н.“четбот“ (chatbot – компјутерска програма што симулира конверзација со луѓе) поддржан од вештачка интелигенција кој што им помага на корисниците полесно да си го организираат денот и да заштедат време.
Зад Letz стојат Нино Карас и Мартин Анчевски, млади претприемачи кои што развиваат свои продукти и стартапи од 2011 година. Тие го основаа и Codewell, софтверски стартап познат по апликацијата MarkO, а во 2015 беа дел од акцелераторот Rockstart од Амстердам, кој што исто така ќе обезбеди поддршка за развој на Letz. Од Letz велат дека нивниот четбот им создава чувство на корисниците како да зборуваат со пријател, кој што е со нив во текот на денот да ги потсети за нивните задачи и обврски или дури и да ги развесели кажувајќи им виц. Целна група се млади професионалци, но и луѓе што не се поврзани со бизнис.

Од SCV истакнаа дека веднаш им се допаднала идејата на Letz за конверзациски интерфејс кој што треба да ја зголеми продуктивноста на корисниците, што е предизвик за сите, не само во бизнисот, туку и во секојдневниот живот.

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×