Макрон денеска ќе претстави план за реформирање на еврозоната и на ЕУ
Објавено на од во СВЕТ-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

Францускиот претседател Емануел Макрон откако ги исчека резултатите од германските парламентарни избори, денеска ќе ги претстави плановите за реформирање на Европската унија и на еврозоната.

Но, гласањето на Германците ја постави под прашање согласноста што во принцип му ја даде канцеларката Ангела Меркел. Причините се што амбициите на Париз се судираат со политиките на дел од партиите со кои Меркел ќе треба да постигне компромис за составување на владејачка коалиција за нејзиниот четврт мандат по ред како премиер на најголемата економија во Европа.

Пробизнис настроените либерални „Слободни демократи“, кои ќе бидат еден од клучните сојузници, се шпекулира дека може да го побараат Министерството за финансии во Берлин, а тие се против идеите на Макрон за единствен буџет и финансиски министер на еврозоната.

Извори од Елисејската палата велат дека предлогот за заеднички буџет на државите со една валута „ќе биде неопходен во еден момент“, и поради тоа претседателот ќе го покрене прашањето во своето обраќање на Сорбона.

Уште за време на изборната кампања, Макрон реформирањето на ЕУ и на институциите го претвори во главна тема. Друга од неговите идеи, што Берлин досега во принцип ја поддржуваше, е создавањето фонд за превентивно помагање на држави за кои постои опасност да западнат во криза. Идејата вклучува измени во Европскиот механизам за стабилност во Европскиот монетарен фонд.

„Слободните демократи“ настојуваат овој механизам да биде затворен, и наместо да им се помага на државите да не западнат во криза поради неразумна фискална политика, да се променат договорите на ЕУ така што овие земји да можат да го напуштаат еврото. За време на кампањата, либералите ја прозваа Грција да се врати на драхмата, наместо бескрајно да ѝ се помага со милијарди евра од германските и од европските даночни обврзници. am

Во комбинација со присуството во новиот Парламент на евроскептичната опозициска партија „Алтернатива за Германија“, задачата на Меркел да продолжи да ја бутка досегашната политика преку Бундестагот станува доста сложена. Нејзините баварски партнери од Христијанско социјалната унија (ЦСУ), исто така се очекува да свртат надесно, откако на сопствен терен загубија речиси 12% од поддршката.

Колку ќе биде ограничен маневарскиот простор на канцеларката ќе зависи од преговорите за коалицијата, зашто поради можноста да влезат во новата германска влада, и „Зелените“ почнаа да го омекнуваат тонот.

Либералите ја потврдија својата поддршка за ЕУ и за силни врски со Франција, и се очекува Макрон денеска да го истакне овој факт. Лидерот на Либералите, Кристиан Линднер, вчера рече дека „Германија нема да стане посилна ако Франција ослаби, а за Европа, во целина, ќе биде добро ако сите нејзини држави се вратат на патот на економскиот успех, поради што му посакуваме сѐ најдобро на Макрон“. Час подоцна, практично истото го кажа и еден од лидерите на „Зелените“, Џем Оздемир: „Очигледно е дека имаме животно важен интерес Франција да успее“.

„Зелените“ се за продлабочување на евроинтеграцијата, но Линднер вели дека нема да учествува во влада што не предвидува промени во курсот на Германија. И покрај тоа говорот на Макрон ќе биде примен во Германија како обид да се оформи дебатата за новата коалиција уште пред истата да почне.

Меѓу другите очекувани иницијативи на францускиот претседател е и таа ЕУ да се движи во целина напред, но кој не сака да учествува во интеграцијата да не им пречи на другите. Германските „Зелени“ се против поделби во ЕУ, додека „Слободните демократи“ се за „Европа со различни брзини“, во која северното јадро од фискално дисциплинирани и богати држави се разликува од другите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×