Марика Караџова: Силно инвестираме во производство и маркетинг – догодина потрошувачите ќе го видат новото лице на „Европа“!
Објавено на од во Компании

Марика Караџова - главна фоткаМарика Караџова
генерален директор на кондиторската фабрика “Европа“

Она што денес е фабрика со 400 вработени, почнало како мала работилница за локуми и бонбони пред 136 години. Денес производителот на кондиторија „Европа“ од Скопје има три погони: за чоколади, десерти и локуми; за бонбони; и погон за вафли, прави промет од преку 12 милиони евра годишно и извезува 64% од своето производство. Марика Караџова е директор на „Европа“ од Скопје година и половина, откако во летото 2017-та дојде на местото на долгогодишниот прв човек на компанијата, Савка Димитрова. 
Караџова во „Европа“ дојде од најголемиот акционер во фабриката, холдингот „Фершпед“, со претходно долгогодишно искуство во областа на комерција каде ги помина сите скалила до позицијата комерцијален директор. 
“Производството во кондиторската индустрија е сложен процес и запознавањето со производните капацитети, билансите и потенцијалите беше првиот предизвик со којшто се соочив. Од она што го увидов, тврдам дека фабриката може многу повеќе да постигне, но задолжително треба да се направат промени во стратегијата“, вели Караџова. Со неа разговаравме околу најважните чекори што ги презема компанијата и плановите за раст и развој што треба да се реализираат од 2019 натаму.

 

Полугодишниот финансиски извештај на „Европа“ за 2018 покажа голем раст на добивката во однос на истиот период лани. Какви чекори презедовте откако станавте директор на фабриката пред година и половина?

Во суштина, за да се зголеми добивката, или треба да ја зголемите продажбата, или да ги скратите расходите, или и двете истовремено, секако. Ние го направивме ова третото – ги ревидиравме сите договори со нашите дистрибутери и трговски партнери, затоа што од приложеното сфатив дека постои простор за раст на обемот на продажба, и изработивме комплетно нова стратегија за продажба. Со најслабиот дистрибутер во РМ го раскинавме договорот, со останатите ги зголемивме таргетите за продажба, а направивме и рационализација на трошоците во самата компанија. На пример, ги продадовме нашите возила и ја аутсорсиравме дистрибуцијата. Ги оптимизиравме нерационалните трошоци и изработивме нова стратегија за набавка на суровини на база на што можеме да ја планираме продажбата. Во „Европа“ има уште простор за унапредување на продажбата и производството. Видовме каде имаме тесни грла кај најдобро продаваните производи, т.н. „топ селери“ и веднаш пристапивме кон модернизација и зголемување на капацитетите.

 

Кои се „топ селери“ на „Европа“ и што конкретно инвестиравте во нивното производство?

Наши најпродавани производи се крем бананите, вафлите, односно наполитанките и дел од програмата на бонбони, поточно белите и зелените ментол бонбони. За истите купивме опрема што ни ги скратува трошоците а ни го зголемува производството. Само оваа година инвестиравме два милиони евра во опрема и нема да застанеме тука. „Европа“ се буди, се трансформира, а тоа не е можно без инвестиции.

 

Дали крем бананите, бонбоните и вафлите ќе останат стратешки производи на фабриката и во иднина? Имате ли планови за некои иновативни производи, со поголема додадена вредност и сл.?

Видете, фабриката има 400 вработени, значи 400 семејства живеат од неа. Ние имаме и премиум темни чоколади во производната програма, но во моментов од нив не може да очекуваме да бидат носители на профитот на оваа компанија. Моментално на пазарот конкуренцијата е многу силна и се состои од светски премиум брендови па затоа многу е потешко да се пробивате допрва во сегмент каде што сте нови. Но, „Европа“ оваа година бележи раст во премиум сегментот што не охрабрува и понатаму да работиме на оваа категорија на производи, да инвестираме во нејзиниот развој и да најдеме начин соодветно да ја презентираме на купувачите. Според квалитетот на нашите носечки производи ние сме лидери на пазарот дома и во регионот, само мораме тоа и добро да го комуницираме со јавноста, а секако да пробиеме и нови пазари во Европа и пошироко.

 

2KK_7903Зошто сте најдобри, објаснете ми поконкретно ве молам. 

„Европа“ со години, со децении наназад не прави компромис со квалитетот на производите. Еве само еден пример, со крем бананите. Ретко кој од потрошувачите знае дека тие во полнењето ја содржат алгата агар – агар, а не обичен желатин. За добивање на препознатливата жолта боја додаваме куркумин наместо вештачки бои и на крај бананите ги преливаме со темно чоколадо наместо со какао прелив. Потоа, нашите наполитанки се произведуваат со густ фил којшто се прави во големи котли наречени меланжерии и заедно со препознатливата крцкавост на корите им го дава извонредниот вкус. Па, не случајно нашите наполитанки повеќе пати досега добивале меѓународни награди за квалитет. Да ги споменам исто така и рум штанглите и чоко – локумот, коишто се прелиени со чоколаден, а не обичен какао прелив, исто како и крем бананите. Знаете колку разлика има помеѓу чоколаден и какао прелив? За производство на чоколаден прелив се користи какао путер и какао маса – со сите бенефити на какао зрното. За производство на какао прелив се користи билна маст (најчесто палмина) и какао во прав. Практично многу масти а многу малку делови на какао. Но, како што реков, ние немаме намера да намалуваме на квалитетот, за да добиеме на профитната маржа на крајот. Пред нас сега е предизвикот како најдобро да го споделиме со јавноста сиот овој квалитет и традиција и да го претставиме новиот имиџ на компанијата.

 

Што подразбира оваа стратегија на компанијата, што да очекува допрва пазарот?

Минатата година потпишавме договор со Европската банка за обнова и развој – ЕБОР за експертски услуги околу стратегиите за маркетинг и зголемување на извозот и со нивна консултантка сега работиме на нив. Според спроведените анализи за да успееме да го дигнеме брендот „Европа“ мораме да се трансформираме од производно во маркетинг и продажно ориентирана компанија. За таа цел треба да направиме редизајн на визуелниот идентитет на производите, на логото, на амбалажите, да изработиме комплетно нова веб страна и генерално да го подобриме начинот на кој Европа комуницира со купувачите. Само така потрошувачите може да ја сменат перцепцијата за нашата компанија. Исто така, заклучивме дека нам ни требаат сопствени брендови, ние практично немаме брендови на нашите производи, туку сe’ оди под корпоративниот бренд. Ја ревидиравме и адаптиравме мисијата и визијата за развој на брендот и се одлучивме да се фокусираме кон инспирирање на насмевки и задоволства кај нашите купувачи, константно одржување на квалитетот во кој веруваат и постојано откривање на нови вкусови.

 

Кога ќе бидат видливи првите резултати од промените што ги правите на производите?

Некои промени веќе почнаа, како на пример конзистентноста во амбалажата кај топ селерите со цел формирање на блокови на рафт во маркетите каде „Европа“ ќе биде препознатлив бренд. Потоа, на амбалажата јасно ги назначуваме бенефитите на производот што досега не сме ги комуницирале, како фактот дека нема желатин, нема глутен, има природни бои и сл. Кога веќе ние толку внимаваме на овие работи, редно е тоа и потрошувачите да го знаат. Ќе бидат редизајнирани амбалажите и на многу други производи, од следната година ќе почне и кампања за премиум чоколадите полнети со лешници, ореви, бадеми, брусница, а наскоро и со други вкусови. Направивме истражување на пазарот и сфативме дека имаме простор за растење во делот на чоколадите и бонбониерите кои се одлично прифатени од купувачите и каде очекуваме уште поголем пазарен удел. Годинава поднесовме и барање за овластен економски оператор или според ЕУ терминологијата Authorized Economic Operator – AEO, сертификат што го издава Царинската управа на РМ.

 

Што значи тој сертификат? Каква предност ќе ѝ донесе на компанијата?

За нас коишто се јавуваме во улогата и на увозник, и на производител и на извозник, сертификатот за овластен економски оператор што наскоро треба да го добиеме од Царинската управа на РМ, меѓународно признат и сe’ повеќе користен во земјите на ЕУ и ЦЕФТА, е гаранција дека нашите производи се безбедни и сигурни и дека ние во целокупниот процес на производство строго се придржуваме кон бараните стандарди и процедури. Според мене тоа ќе биде своевиден “џокер во ракавот“ за освојување на нови купувачи. Имателот на АЕО-С е меѓународно признат економски оператор кој ги има превземено сите потребни мерки за заштита на своето работење и со тоа е сигурен учесник во меѓународниот трговски синџир на снабдување како од државните така и од деловните партнери. Статусот АЕО-С е една од најголемите сигурносни иницијативи во целиот свет и привлекува огромно внимание. „Европа“ е пионер во овој процес, прва македонска производна компанија која го препозна значењето на овој сертификат кој со себе носи многу строги правила и процедури но и големи бенефити кои ние планираме да ги искористиме во целост.

 

Со оглед дека здравата храна станува се’ поголема навика на потрошувачите денес, а прехранбената индустрија се прилагодува на овој тренд, кој е вашиот план како кондиторска фабрика со производи базирани на шеќер да се вклопите во сето ова?

Ние размислуваме за здравата храна, имаме и опрема за производство на интегрални бисквити и истата планираме повторно да ја активираме многу наскоро и таа група на производи да ја презентираме на купувачите многу внимателно со цел да си го добијат заслуженото место на пазарот. Планираме и набавка на опрема за производство на нови здрави производи но и иновации во досегашните производи кои имаме намера да ги збогатиме со одредени суплементи со цел добивање на поздрави варијанти. Но, за сето ова прво ќе направиме опсежна анализа на пазарот, нема да влегуваме во некој сегмент само колку да не’ има на пазарот.

Во нашите специјализирани продавници продаваме и бонбони со стевиа, здравата замена за шеќер, и имаме во план да ја доразвиеме и соодветно промовираме оваа линија. И покрај генералниот тренд на здраво хранење, луѓето не се откажуваат од слатките десерти кои предизвикуваат емоција кај консументите. Нашите производи се синоним за задоволство и ние се трудиме секогаш на нашите купувачи да им измамиме насмевка со нашите производи. Наша задача е да им ги објасниме бенефитите и квалитетот на нашите производи, да им понудиме да откријат нови вкусови и да им дозволиме да го видат новото лице на нивните омилени производи од „Европа“. Во наредната година сериозно ќе работиме на подобрување на имиџот на компанијата и ќе се обидеме да ја подобриме перцепцијата за брендот. Сакаме да бидеме дел од приказната за будење и модернизирање на „Европа“ која е единствената македонска фабрика за чоколадо која датира уште од 1882 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×