Марина Тунева, СЕММ: Ѝ даваме можност на јавноста „да одговори“ на новинарското известување
Објавено на од во Интервју
Етиката и професионалноста одамна им се најмала грижа на голем дел од медиумите во Македонија, а ваквата состојба дното го достигнува во екот на аферата „Прислушување”. Советот за етика на медиумите во Македонија е саморегулаторно тело, со кое во функција на враќање на професионалноста и на квалитетот на медиумите, граѓаните добија механизам преку кој можат да реагираат на новинарското известување. Извршниот директор на Советот, Марина Тунева, смета дека ако во неблагодарните услови во државата се валоризира работењето на ова тело, тоа може да биде фактор на промена во медиумската сфера

Капитал: Помина повеќе од година од основачкото собрание на Советот за етика на медиумите на Македонија. Сметате ли дека успеавте да се изборите за општествена позиција од која што ќе можете да ги реализирате вашите високо поставени цели, со оглед на ситуацијата во медиумската сфера во земјата?

Тунева: Целите, би рекла, ни се поставени реалистично. Да ја вратиме професионалноста во медиумите, да им овозможиме на граѓаните да добијат механизам преку кој ќе реагираат на содржините во медиумите, да го подигнеме квалитетот во новинарството, да ја заштитиме слободата на медиумите…. Развивањето механизам за саморегулација во медиумите е комплексно прашање и нешто што е предизвик во секое општествено опкружување, не само во нашето. Не постои идеален модел, ниту, пак, идеални околности на функционирање. Ситуацијата е предизвик, но токму поради тоа е потребно разбирањето дека постојат фундаментални принципи и стандарди во информирањето што треба да се почитуваат без разлика каде се наоѓаме. Мислам дека полека, но сигурно се движиме кон тоа. Ако во вакви услови се валоризира нашето работење, ќе бидеме фактор на промена во медиумската сфера во државата. Ваквите саморегулаторни тела веќе подолго време функционираат во регионот на Балканот, а ние се обидуваме таквото тело успешно да функционира и кај нас.

Нашето досегашно искуство ни покажа дека е најдобро што создаваме модел на Совет за етика во медиумите што најдобро соодветствува на политичкиот, културниот и економскиот контекст во кој функционираат новинарите. Но и општеството во целина. Забележуваме дека тој пристап покажува резултати, а јавноста полека, но сигурно почна да верува во саморегулацијата. Очигледно е дека дојде моментот за пресврт во новинарството. Општо е сознанието, но и признанието дека кршењето на нормите на професионалност и етичност во известувањето на медиумите е неприфатливо.

Капитал: Впечаток е дека во јавноста, па, дури и во самите медиуми, свесноста за саморегулацијата, односно за Советот како нејзин орган, е недоволна. Зошто сè уште правдата против непочитувањето на етичките и на професионалните стандарди од страна на медиумите повеќе се бара од судот, отколку од Советот за етика на медиумите? 

Тунева: Не би рекла дека не ни се обраќаат во обидот да се „изборат“ за правдата. Околностите се доволно созреани за конечно да се научи и прифати дека саморегулацијата може многу да помогне во избегнувањето на судските ходници.  Се шири кругот на тие кои се уверени во тоа. Веќе нема потреба однадвор да ни укажуваат дека саморегулацијата во медиумите ни е потребна како „лек“ за да се спречи соочувањето на суд.

Од друга страна, свесни сме дека работите не можат да се променат преку ноќ. Затоа, би сакале уште еднаш да апелираме дека тоа што го нуди Советот за етика во медиумите е далеку поедноставно решение. Би сакале што помалку случаи да завршуваат на суд, прифаќајќи ја најдобрата алтернатива, односно саморегулацијата. На тој начин ќе се намалат трошоците за водење постапки во судовите, нивната сложеност, времето што се губи… Работата на медиумите во едно демократско општество треба што помалку да е предмет на судско и политичко вмешување и влијание. Подготвени сме да помогнеме во тоа. И медијацијата игра важна улога во саморегулацијата. Страните во спорот се соочуваат на „заедничка маса“ и со помош на медијација се решаваат случаите преку извинувања, повлекување, давање простор за корегирање на грешките … Тоа многу потешко може да биде резултат од судските постапки.

Капитал: Задоволни ли сте од поддршката што ја добивате од медиумите?

Тунева: Медиумите ни се исклучително важни во создавањето култура во која саморегулацијата ќе функционира ефикасно. Во основа, задоволни сме од начинот на кој се перципира улогата на ова саморегулаторно тело, иако мораме и понатаму да работиме на убедувањето дека функционираме за да ја заштитиме новинарската професија.  Да им се укаже на новинарите дека треба да бидат одговорни и професионални во тоа што го работат, а и на медиумите воопшто да сносат одговорност за своето известување, но и да го подигнат квалитетот и професионализмот во својата работа.  Тие мора да бидат простор во кој ќе се артикулираат темите и прашањата од интерес на јавноста. Медиумите мора да бидат форум за јавна критика, лојалност и одѕив кон граѓаните. Ние сакаме да го помогнеме тој процес. Да бидеме точка каде што ќе се вкрстуваат и остваруваат интересите и на медиумите и на граѓаните.  Одлуките што ги носи Комисијата за жалби засега ретко се објавуваат од медиумите. Иако наскоро планираме воведување нови механизми околу подигнување на одговорноста во тој дел, сепак најдобро е да се повикаме на свеста и совеста на уредниците, новинарите и сопствениците на медиумите. Доблесно е да се признае грешката и да се прифати одговорноста. Тоа е дел од ангажманот кон градењето професионално новинарство.

Капитал: Етиката и професионалноста, се чини, одамна им се најмала грижа на голем дел од медиумите во Македонија, а ваквата состојба дното го достигнува во екот на аферата „Прислушување”. Зголемен ли е бројот на жалби до соодветната Комисија на Советот поради начинот на кој медиумите деновиве известуваат/учествуваат во политичката битка?

Тунева: Постојат реакции, а понекогаш и само најави кои не завршуваат со поднесување претставки до Комисијата за жалби. Изненадувачки е што забележуваме и тенденции да се „прескокнат“ темите што ја презаситиле јавноста и биле една од причините за доближување на новинарската професија до нејзиното дно. Како еден вид кошмар од кој сите сакаме да се разбудиме. Различни се причините и основите за поднесување претставки до Советот. Судејќи според досегашното искуство, не би рекла дека доминираат претставките кои се однесуваат на учеството на медиумите во политичките пресметки. Можеби токму поради таа презаситеност и потребата вниманието да се сврти и кон други проблеми во секојдневието.

Политичките битки, афери и недоследности не се единствената причина за да се реагира. Спектарот е многу поширок. Комисијата за жалби има „полни раце работа“, но имајќи го предвид искуството и ентузијазмот на колегите, а и професионалноста во нивната работа, сигурна сум дека сѐ повеќе ќе се прифаќа и признава нашата улога во општеството.

Капитал: Прашањето – како ја оценувате ситуацијата со медиумите во Македонија, одамна е станато само реторичко. Што може да се направи за да се врати довербата во медиумите и угледот на новинарската професија?

Тунева: Да се дејствува координирано, посветено и со уверување дека е можно да се поместиме од точката на стагнација или уназадување. Овде важна улога има јавноста, новинарите, уредниците, медиумската индустрија, политичарите, институциите… Мораме да признаеме дека конечно сме во стадиум во кој не смееме да се враќаме назад. Давањето можност на јавноста „да одговори“ на новинарското известување, нејзиното вклучување во „демистификацијата“ на новинарските практики, инвестициите во подобрување на професионализмот во работата во медиумите се дел од начините на враќање на довербата во професијата. Се наоѓаме во фаза на конфузија околу новинарските практики, а на јавноста и треба клуч за да се вклучи во разбирањето и враќањето на новинарските вредности. А и новинарите треба да учествуваат во тоа. Или во духот на Џон Пилгер кој вели дека „не е доволно новинарите да се гледаат само како „трансмитери“ без да ги разберат скриените агенди на пораката и митовите околу неа“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×