Марио Драги: Државите мора да го зголемат својот јавен долг во борба против корона – кризата
Објавено на од во Економија
Марио Драги, поранешниот претседател на Европската централна банка, во колумна за Financial Times вели дека борбата против економските последици од корона – кризата мора да подразбира и значително зголемување на јавниот долг на државите.
Mario Dragi
„Предизвикот со којшто се соочуваме сега е како да се делува со доволна сила и брзина со цел да се спречи рецесијата да премине во пролонгирана економска депресија, којашто уште повеќе ќе се продлабочи со мноштво од банкроти на држави, оставајќи непоправлива штета.
Веќе ни станува јасно дека одговорот мора да вклучи значително зголемување на јавниот долг. Загубата на приходите во приватниот сектор – и секој друг долг направен за да се пополни јазот – мора на крајот да биде апсорбирана, целосно или делумно, од страна на државниот платен биланс. Значително повисоки нивоа на јавен долг ќе станат перманентна карактеристика на нашите економии и ќе бидат придружени со отпишување на долговите на приватниот сектор.“,  вели Драги во колумната за FT.
Според него, задача на државите е да ги заштитат граѓаните и економијата од шокови за коишто приватниот сектор не е одговорен и не може да ги амортизира.
„Државите секогаш го правеле тоа во случај на национални вонредни состојби. Војните – најрелевантен преседан – беа финансирани преку зголемување на јавниот долг. За време на Првата светска војна, во Италија и Германија помеѓу 6 и 15 проценти од воените трошоци во реални услови се финансираа од даноци. Во Австро – Унгарија, Русија и Франција, ниту еден од постојаните трошоци на војната не бил исплатен од даноци. Насекаде, даночната база беше еродирана од воени штети и ангажирање на луѓето во војските. Денес, таа е еродирана од  стравот на луѓето среде пандемијата и тоталното запирање на економиите.
Клучното прашање не е дали, туку како државата треба да ја употреби својата каса најдобро што може. Приоритет не само што треба да биде обезбедувањето основен приход за оние кои губат работа, туку првин ние мора да ги заштитиме луѓето од губење на работните места. Ако не го сториме тоа, ќе излеземе од оваа криза со трајно пониска вработеност и капацитет, бидејќи семејствата и компаниите ќе се мачат  да ги поправат своите биланси и да ги обноват нето средствата.
Субвенциите за вработени и невработени и одложување на даноците се важни чекори што веќе ги воведоа многу влади. Но, заштитата на вработеноста и продуктивниот капацитет во време на драматична загуба на приходите бара итна поддршка со ликвидност. Ова е од суштинско значење за сите бизниси да ги покријат своите оперативни трошоци за време на кризата, без оглед дали се големи корпорации или уште повеќе мали и средни претпријатија и самовработени претприемачи. Неколку влади веќе воведоа мерки за поддршка на  ликвидноста на погодените бизниси. Но, потребен е посеопфатен пристап.
Со оглед дека  различни европски земји имаат различни финансиски и индустриски структури, единствениот ефективен начин веднаш да се дојде до секој агол на економијата е целосно да се мобилизираат целокупните  финансиски системи: пазари на обврзници, претежно за големи корпорации, банкарски системи и во некои земји дури и поштенските системи за сите граѓани. И тоа треба да се направи веднаш, избегнувајќи бирократски одложувања. Особено банките, коишто го имаат своето влијание врз целата економија и можат да создадат пари веднаш со тоа што ќе дозволат пречекорување на кредитните картички или креирање поволни кредитни продукти.
Банките мораат брзо да позајмуваат средства со нула трошоци  на компаниите подготвени да сочуваат работни места. Бидејќи на овој начин тие стануваат средства на јавните политики, капиталот што им е потребен за извршување на оваа задача, владите мора да го обезбедат во форма на државни гаранции за сите дополнителни пречекорувања или заеми. Ниту регулативата, ниту правилата за обезбедување не треба да стојат на патот на создавање на целиот простор потребен во билансите на банките за оваа цел. Понатаму, цената на овие гаранции не треба да се заснова на кредитниот ризик на компанијата што ги прима, туку треба да биде нула без оглед на трошоците за финансирање на владата што ги издава.
Компаниите, меѓутоа, не треба да ја користат оваа ликвидносна поддршка само  затоа што кредитот е евтин. Во некои случаи, на пример бизниси со заостанати нарачки и сл., нивните загуби може да се надоместат и потоа тие ќе го вратат долгот. Во други сектори, ова веројатно нема да биде случај.
Овие компании ќе може да ја издржат кризата на краток рок и ќе го зголемат својот долг притоа задржувајќи ги своите вработени. Но, нивните акумулирани загуби може  да ја нарушат нивната способност да инвестираат потоа. И, таму каде што епидемијата и карантините ќе траат подолго,  тие реално може да останат деловно активни  само доколку на крајот им се отпише  долгот што го направиле со цел да ги задржат вработените.
Нивото на јавниот долг ќе се зголеми. Но, алтернативата – трајно уништување на продуктивниот капацитет, а со тоа и на фискалната основа – ќе биде многу поштетно за економијата, а на крајот и на кредитниот рејтинг на државите. Исто така, мора да запомниме дека со оглед на сегашното и веројатното идно ниво на каматни стапки, таквото зголемување на државниот долг нема да ги зголеми трошоците за сервисирање.
Од некои аспекти, Европа е добро опремена да се справи со овој вонреден шок. Има грануларна финансиска структура способна да канализира средства во секој дел од економијата кому е потребно. Има силен јавен сектор способен да координира брз одговор на политиките. Брзината е апсолутно неопходна за ефективност.
Соочени со непредвидливи околности, потребна ни е промена на начинот на размислување во оваа криза, како што би било во време на војна. Шокот со кој се соочуваме не е цикличен. Загубата на приходот не е вина на ниту еден од оние кои страдаат од тоа. Штетата од колебањето може да биде огромна и ненадоместлива. Споменот за страдањата на Европејците во 20-тите години е доволен за да не’ предупреди.
Брзината на влошување на билансите на приватниот сектор – предизвикана од карантинот којшто е неизбежен и неопходен – мора да се пресретне  со еднаква брзина на искористување на билансите на државите, мобилизирање на банките и како Европејци, меѓусебно да се поддржуваме во она што сега е очигледно заедничка неволја.“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×