Масакрот во Париз ќе ја одреди политичката иднина на Европа
Објавено на од во Политика

Терористичкиот напад во Париз ќе има големи политички реперкусии, тоа на многумина им стана јасно веднаш штом слушнаа за масакрот во редакцијата на сатиричниот весник Шарли Ебдо.

 

И додека во моментов француската полиција го стеснува обрачот околу осомничените за убиството на новинари и полицајци, регионалните и светските аналитичари се обидуваат да предвидат како овој злостор може да ја обликува политичката иднина на Европа.

Екстремизмот ги потепа француските новинари сега, друг екстремизам пак дофрла дека истите тоа и “го заслужиле“. Но, како што обично и бива, кога акцијата создава реакција, сега веќе се јавува и уште еден облик – нема да го наречеме баш екстремен, затоа што терористите и помалку промислените граѓани сепак не смее да ги ставаме во иста категорија – но, да го наречеме “конфронтациски“ став, вели хрватскиот портал Advance.hr. Имено, многумина по масакрот во Париз почнаа на своите профили по социјалните мрежи да ги објавуваат спорните карикатури на пророкот Мухамед.

Пркосот има свое место и тој е адекватна реакција на силните емоции, особено на тагата што сите денес ја чувствуваме за колегите новинари, без оглед дали се согласуваме со нивната работа или не. Но, тој пркос треба да се насочи таму каде што е и местото, затоа што постои голема опасност, особено денес кога тензиите по тоа прашање се ионака многу високи, Европа навистина да потоне во бездната на радикалната исламо-фобија.

Знаеме што се случува на германските улици, какви се’ радикални националисти овие денови шират мачна атмосфера идентификувајќи ги муслиманите како “ново жртвено јагне“. Како што вели лондонски The Economist, масакрот во Париз се случува во најлош можен момент, токму кога почна да се буди европската рационална опозиција, која е веќе на улиците и која одлучно ги отфрла сите облици на дискриминација, па така и исламо-фобијата.

Европската политика се радикализира

Изгледа како некој да смислил дијаболичен план како Европа да се турне чекор понапред кон немирот во знакот на “судирот на културите“, токму денес, токму во Париз, токму кога тензиите ионака се зголемуваат.

За Блискиот исток велат дека “не е здрав“ заради нео-колонијализмот што го разори и се’ уште го разорува, но да бидеме реални, и Европа е далеку од тоа дека “пука од здравје“. Континентот влегува во седма година на економска криза, неизвесност, страв и очај. Европјаните, кои што наводно треба да бидат светилник на толеранцијата, сега веќе и тоа како се спремни да го свртат грбот на претпоставките и очекувањата, барајќи спас или бегство во нешто порадикално.

Европската политика се радикализира, вели Guardian. Некаде тоа ќе заврши позитивно, некаде можеби страшно негативно, но трендот е пред нас.

На Европа до вчера и требаше евтина работна сила, и сега кога таа е тука, кога веќе “пуштила корени“ кога подига свои семејства, сега не може туку така да се испрати “таму од кај што дошла“, но такви, па и покриминални, мисли сепак се моткаат низ главите на поедини “нездрави“ Европјани.

Омразата кон емигрантите станува се’ поизразена, станува “меинстрим“, опасно лесно се прифаќа и медиумски се игнорира. Некои се прашуваа каде е “точката на вриење“, кога таа натрупана омраза ќе се претвори во нешто конкретно?

“Умерено толерантните“ може да се свртат кон мрачната страна на омразата

Да се надеваме дека такво нешто нема да се случи, но масакрот во Париз може да биде токму тоа – чкрапец кои што и оние “умерено толерантните“ ќе ги сврти кон мрачната страна на омразата.

Ширум Европа веќе се случуваат собири, и допрва ќе има уште масовни изблици на гнев, револт, разочарување – да се надеваме дека повеќето ќе бидат посветени на споменот на животите на убиените новинари – со чија што работа не мора да се согласуваме, но мора да им се признае дека имаа голема храброст кога свесно се беа пуштиле  во толку деликатна тематика, па дури и во сатирично издание. Да се надеваме дека овие собири нема да се претворат во некаква нова верзија на “кристалната ноќ“.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×