Мега преземања ја одбележаа 2016 во централна и источна Европа
Објавено на од во БАЛКАН-БИЗНИС И ПОЛИТИКА

 

businessman-with-sharks WEBНајголемото преземање е во Русија – продажбата на 19,5% од Роснефт за 10,2 милијарди евра

Минатата година вредноста на зделките за преземања и спојувања во централна, источна и југоисточна Европа порасна на највисоко ниво од 2013-та наваму, пред сè благодарение на неколку огромни зделки што се склучија кон крајот на годината во Полска, Чешка и Русија. Бројот пак, на M&A зделките бележи пад, заради политичката нестабилност во повеќе земји од регионот, како и глобалната несигурност, стагнација на економскиот раст, неколку клучни избори и референдуми, итн.

 

Компаниските спојувања и преземања (mergers and acquisitions  – M&A) во Централна и Источна Европа (ЦИЕ) во 2016 година достигнале највисоко ниво од 2013 година наваму, со тоа што неколку мега – зделки се направија на самиот крај од годината. Во изминативе 12 месеци во регионот се склучени зделки за 86,7 милијарди евра, или за 62% повеќе во однос на 2015 година, покажуваат анализите на меѓународната адвокатска фирма CMS Cameron McKenna  и аналитичката компанија EMIS.  Анализата опфаќа 15 пазари од ЦИЕ и Турција, а Македонија е само спомената на неколку места, додека посебно не е обработена како пазар.

Русија и Полска се на челните две позиции според вредноста на зделките (види табели), а Чешка и Романија се истакнаа како “ѕвезди“ во 2016-та, со најголем пораст на вредноста на спојувањата и преземањата.

Бројот на зделките е помал, односно континуирано паѓа пет години по ред, и е двојно помал од нивото во 2011 кога беа забележани 4.175 трансакции на М&А во регионот. Инвеститорите беа претпазливи со оглед дека светскиот економски раст беше слаб, а несигурноста голема околу резултатите на неколку битни избори и референдуми во Европа. Но, кон крајот на годината се појавија знаци на оптимизам, кога и се случија неколку големи зделки, кои што придонесоа вкупната вредност на М&A во 2016 да биде на највисоко ниво последниве 4 години.
Швајцарскиот трговец со метали Glencore заедно со катарскиот државен инвестициски фонд купија 19,5% удел во најголемиот руски производител на нафта Rosneft за 10,2 милијарди евра, а јапонската пиварска групација  Asahi плати 7,3 милијарди евра за удел во повеќе пиварници во ЦИЕ  што беа во сопственост на светскиот пиварски гигант AB InBev.

Гледано по сектори, рударството и енергетиката водат според вредноста на зделките, благодарение и на споменатата зделка на Glencore  и Катарците, што доведе до пораст на вредноста на зделките во овој сектор за дури 454% на годишно ниво, додека зделката со пиварниците придонесе во вкупниот пораст на секторот храна и пијалаци за 154%, во поглед на вкупната вредност на М&A.

Градежништвото и прометот со недвижности пак, го презеде приматот на телеком и ИТ секторот кога станува збор за вкупниот број на М&A зделки, покажува извештајот.

34-37 region biznis Brojki 02Јапонските инвеститори со највредни зделки

Русија, како најголем пазар воопшто меѓу анализираните земји, остана на првото место според М&A зделките и покрај остриот пад во нивниот број, затоа што вредноста на самите зделки ја заврши работата. Полска исто така има пад во бројот на зделките, речиси двојно повеќе од пред 5-6 години, но вредноста се врати на високите нивоа од 2013, заради напливот од големи зделки. Турција забележа значителен раст на бројот и вредноста на M&A, пред сè заради политичката нестабилност  и конфликтот во Сирија, но сепак генерално останува еден од најголемите пазари за M&A во регионот.  Романија забележа силен пораст во бројот на M&A, највисок од 2013 наваму, иако нивната вредност е помала во однос на 2015-та.

Што се однесува на тоа од каде доаѓаат најмногу инвеститори во регионот, лани се забележал растечки тренд на прилив на азиски капитал. Вкупната вредност на аквизициите направени од јапонски компании пораснала за речиси 30 пати, првенствено заради зделката на Asahi – InBev  пиварниците. Инвестициите од Сингапур достигнаа 2,4 милијарди евра, највисоко ниво од 2012-та наваму. Кина е на шестото место на земји инвеститори, со број на зделки поголем за 22%, а скокна на третото место според вредноста. Најмногу зделки се склучени од страна на американски инвеститори, додека според вредноста води Јапонија. Вредноста пак, на британските инвестиции порасната е за 107%.

Полскаи Чешка  предничат во мега – зделките

Една од најголемите зделки на спојување/преземање досега во централна и источна Европа беше таа на јапонската пиварска групација Asahi која купи неколку пиварници во Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и Романија, што беа во сопственост на SABMiller, но компанијата мораше да се ослободи од нив, откако беше преземена од ривалот AB InBev. Asahi плати 7,3 милијарди евра за ова портфолио на пиварници, а оваа трансакција ја заокружи годината на мега – зделки, од кои што добар дел се случија во Полска. Таму државата откупи назад капитал во фирми што претходно ги беше приватизирала, а што оцени дека се стратешки важни  – во секторите енергетика, финансии, итн.  Овој тренд доведе до раст на М&A активностите на краток рок, но постои ризик да се загрози репутацијата на Полска како сигурно место за инвестирање, сметаат аналитичарите на CMS, изготвувачи на извештајот.

Големи трансакции во Полска беа продажбата на Allegro, компанија ривал на eBay, на приватен инвестициски конзорциум за 2,9 милијарди евра и договорената зделка за продажба на кабелскиот оператор Multimedia Polska на британската медиска групација  Liberty Global за 6901 милион евра. Други значајни зделки во регионот на ЦИЕ беа продажбата на еден од најголемите романски трговски синџири, Profi на Mid Europa Partners за 533 милиони евра.

Се забележа и значителен прогрес во гринфилд инвестициите, вклучително и почетокот на изградбата на новата фабрика на Jaguar Land Rover во Словачка, додека Mercedes ќе гради фабрика за мотори во Полска, Amazon ќе отвора логистички центри во Чешка и Полска, итн.

34-37 region biznis Tabela 02

Каков беше M&A пазарот на Балканот
34-37 region biznis Tabela malaБр.1 по вредност – продажбата на United Bulgarian Bank

Релативно тивка година во поглед на M&A активностите на балканските земји опфатени во анализата на CMS  и ЕМIS, велат аналитичарите, но сепак, крајот на 2016-та ја одбележа значаен потег на Bank of China, петтата најголема банкарска институција во светот, која што отвори своја канцеларија во Србија, прва нејзино претставништво на Балканот. Таа доби лиценца од надлежните власти во земјата и ќе почне со операции годинава. Откако претходно финансираше некои кинески инвестиции во Србија, се очекува Bank of China да биде главниот терминал за ширење на кинеските инвестиции и во останатите балкански земји.

Генерално, бројот на М&A зделки во анализираните балкански земји беа на исто ниво како и во 2015-та, но вредностите беа пониски. Ситуацијата значително варира од земја до земја и затоа е тешко да се донесе генерален заклучок за сите. Најголема е зделката на преземање на бугарската United Bulgarian Bank на белгиската KBC за 610 милиони евра.

Имаше помалку големи зделки и се забележува премин кон зделки од помал обем, што значи повеќе активности меѓу домашните играчи одошто инвеститори од типот на фондовите KKR и Blackstone, кои што беа повеќе активни во регионов претходните години.

Србија ја продаде челичарницата во Смедерево на кинеската He Steel Group, а познат е и интересот за продажба на белградскиот аеродром “Никола Тесла“, како и Комерцијална банка – Белград.

Годината беше подинамична за инвеститорите во Хрватска, каде што порасна волуменот на трансакциите, додека во Босна и Херцеговина процесот на приватизација на државните фирми стагнираше, заради политички проблеми. Словенија регистрираше повеќе големи М&A зделки лани. Политичката несигурност во Бугарија го закочи растот на нејзината економија, иако бројот на M&A зделки порасна во 2016 и очекувањата се дека ќе се зголеми динамиката годинава, додека во Македонија инвеститорите беа воздржани, исто така заради политичката криза и изборите што се одржаа кон крајот на годината.

34-37 region biznis Tabela 03

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

коментари и анализи
...Сите ние живееме во време, кога само идејата е капитал, сè друго е пари...
Најава
Регистрација

На вашата e-mail адреса ќе добиете лозинка за логирање на КАПИТАЛ.

Заборавена лозинка?

Внесете e-mail адреса или корисничко име со кое сте регистрирани на КАПИТАЛ.

×